Поглавје 38
Славете го Јах за неговите судови!
1. Кои зборови ги слуша Јован како да ги кажува „глас на големо мноштво на небото“?
ГОЛЕМИОТ ВАВИЛОН го нема! Ова е навистина радосна вест. Ништо чудно што Јован сега слуша радосни извици на фалба на небото! „Потоа чув силен глас како глас на големо мноштво на небото, кој велеше: ‚Фалете го Јах!a Спасението и славата и моќта му припаѓаат на нашиот Бог, зашто неговите пресуди се вистинити и праведни. Зашто, тој изврши суд над големата блудница, која ја расипа земјата со својот блуд, и ѝ се одмазди за крвта на своите робови‘. И по вторпат рекоа: ‚Фалете го Јах!b Чадот од нејзиниот пепел ќе се издига во сета вечност‘“ (Откровение 19:1-3).
2. а) Што значи тоа што Јован сега двапати го слуша изразот „Фалете го Јах“? б) Кому му припаѓа славата за уништувањето на Големиот Вавилон? Објасни.
2 Да, навистина: Алилуја! Фалете го Јах! „Јах“ е скратен облик на Божјето име, Јехова. Ова нѐ потсетува на поттикот на псалмистот: „Сѐ што дише нека го фали Јах! Фалете го Јах!“ (Псалм 150:6). А тоа што Јован и сега го слуша небесниот хор како со восхит двапати извикува „Фалете го Јах!“, покажува дека Бог продолжил и понатаму да ја открива вистината. И во Христијанските грчки списи и во Хебрејските списи се зборува за истиот Бог, а неговото име е Јехова. Истиот Бог што го предизвикал падот на древниот Вавилон, сега му судел и го уништил Големиот Вавилон. Нему му припаѓа сета слава за ова дело! Тој е оној што со својата сила ги водел настаните кои довеле до падот на Големиот Вавилон, а не народите што ги искористил да го опустошат. Само на Јехова му го должиме спасението (Исаија 12:2; Откровение 4:11; 7:10, 12).
3. Зошто големата блудница навистина си ја заслужила осудата?
3 Зошто големата блудница навистина си ја заслужила оваа осуда? Според законот што Јехова му го дал на Ное — а преку Ное и на сите други луѓе — неправедното пролевање на крв мора да се казни со смрт. Оваа заповед била повторена и во законот што Бог му го дал на Израел (1. Мојсеева 9:6; 4. Мојсеева 35:20, 21). Освен тоа, според Мојсеевиот закон, и за дословен и за духовен блуд следела смртна казна (3. Мојсеева 20:10; 5. Мојсеева 13:1-5). Неколку илјади години Големиот Вавилон пролевал невина крв и блудствувал во голема мера. На пример, Римокатоличката црква им забранува на своите свештеници да се женат, и како резултат на тоа многумина од нив вршат тежок неморал, а не е мал бројот ни на оние што поради таквиот неморал се заразиле со СИДА (1. Коринќаните 6:9, 10; 1. Тимотеј 4:1-3). Но, неговите најголеми гревови, кои ‚се натрупале до небото‘, се поврзани со неговиот невиден духовен блуд кој го врши поучувајќи ги луѓето за лаги и здружувајќи се со расипаните политичари (Откровение 18:5). Бидејќи казната конечно го стигнала, небесните мноштва по вторпат извикуваат: „Фалете го Јах!“
4. Што значи тоа што чадот од Големиот Вавилон „се издига во сета вечност“?
4 Големиот Вавилон е запален како освоен град, а чадот од него „се издига во сета вечност“. Кога еден вистински град е запален од своите освојувачи, чадот се издига сѐ додека пепелот од него е жежок. Секој што ќе се обиде повторно да го изгради додека урнатините сѐ уште тлеат, едноставно ќе се изгори од нив. Бидејќи чадот од Големиот Вавилон ќе се издига „во сета вечност“, како знак на непроменливоста на неговата казна, никој никогаш нема да може да го обнови овој бесрамен град. Лажната религија е отстранета засекогаш. Навистина, фалете го Јах! (Спореди Исаија 34:5, 9, 10.)
5. а) Што прават и што велат 24-те старешини и четирите суштества? б) Зошто рефренот „Алилуја!“, кој се пее на небото, е многу помилозвучен од истиов овој рефрен кој се пее во црквите на христијанскиот свет?
5 Во едно претходно видение, Јован ги виде околу престолот четирите суштества заедно со 24-те старешини, кои ги претставуваат наследниците на Царството на нивните почесни небесни места (Откровение 4:8-11). Сега, откако е уништен Големиот Вавилон, тој повторно ги гледа како по третпат громогласно извикуваат „Фалете го Јах“: „И дваесет и четирите старешини и четирите суштества паднаа ничкум и му се поклонија на Бог, кој седи на престолот, и рекоа: ‚Амин! Фалете го Јах!‘“ (Откровение 19:4). Значи, тие го пеат овој величествен рефрен „Фалете го Јах!“ или „Алилуја!“ заедно со ‚новата песна‘ што ја пеат на слава на Јагнето (Откровение 5:8, 9). Сега го пеат овој величествен победнички припев и му ја припишуваат сета слава на Севишниот Господар Јехова поради неговата конечна победа над големата блудница, Големиот Вавилон. Зборовите од овој рефрен одекнуваат многу помилозвучно од која и да било друга црковна песна во христијанскиот свет во кој се пее ‚Алилуја‘, но, всушност, се срамоти и се презира Јехова, или Јах. Таквото лицемерно пеење со кое му се нанесува срам на Јеховиното име сега е замолкнато засекогаш!
6. Чиј „глас“ се слуша, што вели тој, и кој се одѕива на повикот?
6 Во 1918 година Јехова започна да им ја дава наградата на ‚оние што се плашат од неговото име, на малите и на големите‘, а први од нив биле помазаните христијани кои умреле верни и кои тој ги воскреснал и ги поставил во небесната класа претставена со 24-те старешини (Откровение 11:18). Но, и други пеат ‚Алилуја!‘ заедно со нив, бидејќи Јован понатаму вели: „И излезе глас од престолот и рече: ‚Фалете го нашиот Бог, сите вие негови робови кои се боите од него, мали и големи!‘“ (Откровение 19:5). Ова е ‚гласот‘ на Јеховиниот Гласноговорник, неговиот сопствен Син, Исус Христос, кој стои „покрај престолот“ (Откровение 5:6). Не само на небото туку и овде на Земјата, сите негови робови пеат заедно со помазаната класа на Јован што предводи на Земјата. Тие со огромен восхит ѝ се послушни на заповедта: „Фалете го нашиот Бог!“
7. Кој ќе го фали Јехова откако ќе биде уништен Големиот Вавилон?
7 Да, и оние од големото мноштво спаѓаат во овие робови. Од 1935 година наваму тие излегуваат од Големиот Вавилон и го доживуваат исполнувањето на Божјето ветување: „Ќе ги благослови оние што се бојат од Јехова, и малите и големите“ (Псалм 115:13). Кога блудницата Вавилон ќе биде уништена, милиони од нив ќе го ‚фалат нашиот Бог‘ заедно со класата на Јован и со сите небесни мноштва. Подоцна, и оние што ќе бидат воскреснати на Земјата, сеедно дали пред тоа биле угледни лица или не, без сомнение ќе продолжат да му пеат фалби на Јехова кога ќе чујат дека Големиот Вавилон е отстранет засекогаш (Откровение 20:12, 15). Јехова навистина ја заслужува сета наша фалба за неговата голема победа над старата блудница!
8. Каков поттик треба да ни даде небесниот рефрен на фалба што го слуша Јован сега, пред да биде уништен Големиот Вавилон?
8 Колку голем поттик ни дава сето ова за да учествуваме уште повеќе во Божјето дело денес! Уште сега, пред Големиот Вавилон да биде отстранет и уништен, сите слуги на Јах нека се посветат со срце и со душа на објавувањето на Божјите судови, но и на прекрасната надеж за Царството! (Исаија 61:1-3; 1. Коринќаните 15:58).
,Фалете го Јах — Јехова е Цар!‘
9. Зошто последниот припев ‚Фалете го Јах!‘ одекнува со таков совршен, хармоничен звук?
9 Но, има и други причини за радост, и сега Јован ни ги кажува: „И чув нешто што звучеше како глас на големо мноштво и како шум од многу води и како татнеж на силни громови, како вели: ‚Фалете го Јах, зашто Јехова, нашиот Бог, Семоќниот, почна да царува!‘“ (Откровение 19:6). Со овој последен припев ‚Фалете го Јах‘, оваа објава одекнува со совршен, хармоничен звук. Се разлева гласот на еден силен небесен хор, повеличествен од кој и да било човечки хор, погромогласен од кој и да било водопад на Земјата, и пострашен од која и да било бура. Небесните мноштва пеат радосно „зашто Јехова, нашиот Бог, Семоќниот, почна да царува!“
10. Во која смисла може да се каже дека Јехова почнал да царува по уништувањето на Големиот Вавилон?
10 Но, зошто се вели дека Јехова почнал да царува? Зарем не поминале неколку илјади години откако псалмистот рекол: „Бог е мојот Цар од дамнина“? (Псалм 74:12). Ако Јехова уште тогаш бил Цар од дамнина, зошто небесниот хор пее дека ‚Јехова почнал да царува‘? Затоа што кога Големиот Вавилон ќе биде уништен, Јехова повеќе нема да има дрзок противник што ќе ги спречува другите да му бидат послушни нему како на Севишен Владетел. Лажната религија повеќе нема да ги наведува светските владетели да му се противат. Кога древниот Вавилон паднал од својата положба на светски владетел, Сион ја слушнал победничката објава: „Твојот Бог се зацари!“ (Исаија 52:7). Кога во 1914 година било родено Царството, 24-те старешини објавиле: „Ти благодариме Јехова Боже... зашто ја зеде в раце својата голема моќ и почна да царуваш“ (Откровение 11:17). Сега, по уништувањето на Големиот Вавилон, пак се слуша извикот: ‚Јехова почна да царува!‘ Повеќе не постои ниту еден бог измислен од човек што би оспорувал дека вистинскиот Бог, Јехова, има неприкосновено право да владее!
Близу е свадбата на Јагнето!
11, 12. а) Како му се обратил древниот Ерусалим на древниот Вавилон, и како Новиот Ерусалим има слични чувства кон Големиот Вавилон? б) Што пеат и што објавуваат небесните мноштва по падот на Големиот Вавилон?
11 „Непријателко моја!“ Со овие зборови Ерусалим, каде што се наоѓал храмот во кој бил обожаван Јехова, му се обратил на идолопоклоничкиот Вавилон (Михеј 7:8). Слично на ова, и „светиот град, Новиот Ерусалим“, односно невестата од 144.000 членови, има право да го смета Големиот Вавилон за свој непријател (Откровение 21:2). Но, на крајот, големата блудница ја снашле неволја, несреќа и пропаст. Нејзините астролози и спиритизмот не успеале да ја спасат. (Спореди Исаија 47:1, 11-13.) Навистина голема победа за чистото обожавање!
12 Бидејќи одвратната блудница, Големиот Вавилон, сега засекогаш е отстранета, вниманието може целосно да се насочи кон невестата на Јагнето, која е чиста како девица! Затоа небесните мноштва радосно го фалат Јехова, пеејќи: „Да се радуваме и да се веселиме и да му оддадеме слава, зашто дојде свадбата на Јагнето, и неговата жена е подготвена. И дадено ѝ беше да се облече во фин лен, сјаен и чист, зашто финиот лен ги претставува праведните дела на светите“ (Откровение 19:7, 8).
13. Какви подготовки се правеле низ вековите за свадбата на Јагнето?
13 Низ вековите, Исус со љубов правел подготовки за оваа небесна свадба (Матеј 28:20; 2. Коринќаните 11:2). Тој ги чистел 144.000-те духовни Израелци „за да го доведе пред себе собранието во неговиот сјај, без дамка или брчка или нешто слично — свето и неизвалкано“ (Ефешаните 5:25-27). Со цел да ја добие „наградата на небесниот позив Божји“, секој помазан христијанин морал да ја соблече старата личност и нејзините дела, да ја облече новата христијанска личност и да врши праведни дела „со сета душа како за Јехова“ (Филипјаните 3:8, 13, 14; Колошаните 3:9, 10, 23).
14. Како Сатана се обидел да ги извалка идните членови на жената на Јагнето?
14 Од Педесетница 33 год. од н.е. наваму, Сатана го користел Големиот Вавилон како средство со кое се обидел да ги извалка идните членови на жената на Јагнето. До крајот на првиот век, тој веќе го посеал семето на вавилонската религија во собранието (1. Коринќаните 15:12; 2. Тимотеј 2:18; Откровение 2:6, 14, 20). Во врска со оние што ја поткопувале верата на другите, апостол Павле го напишал следново: „Зашто, таквите луѓе се лажни апостоли, кои ги мамат другите и се преправаат дека се Христови апостоли. А не е ни чудо, зашто и самиот Сатана се преправа дека е ангел на светлината“ (2. Коринќаните 11:13, 14). Во вековите што следеле, отпадничкиот христијански свет, како и останатиот дел од Големиот Вавилон, се облекувал во богата и царска облека, „пурпурна и црвена“ и се украсувал „со злато, скапоцени камења и бисери“ (Откровение 17:4). Неговите свештеници и папи биле пријатели со крвожедни цареви, како Константин и Карло Велики. Тој никогаш не бил облечен во „праведните дела на светите“. Како лажна невеста, навистина бил ремек-дело на сатанската измама. Најпосле, го снемало засекогаш!
Жената на Јагнето е подготвена
15. Како секој помазан христијанин е обележан со печат, и што се бара од него?
15 Сега, по скоро 2.000 години, сите 144.000 од класата на невестата се подготвени. Но, кога точно ‚жената на Јагнето е подготвена‘? Од Педесетница 33 год. од н.е. наваму, верните помазаници постепено ‚биле запечатувани со ветениот свет дух‘ за ‚денот кога ќе ги ослободи откупнината‘. Како што рекол апостол Павле, Бог ‚го ставил својот печат на нив и во срцата им дал дух како гаранција за она што ќе дојде‘ (Ефешаните 1:13; 4:30; 2. Коринќаните 1:22). Секој помазан христијанин е ‚повикан и избран‘, и докажал дека е верен (Откровение 17:14).
16. а) Кога бил запечатен апостол Павле, и од каде знаеме? б) Кога жената на Јагнето ќе биде целосно „подготвена“?
16 Откако Павле со децении бил испитуван и искушуван, самиот можел да каже: „Добро се борев, трката ја истрчав до крај, верата ја зачував. Отсега за мене се чува венецот на праведноста, со кој Господарот, праведниот судија, ќе ме награди во оној ден — и не само мене туку и сите што желно го чекаат да се појави“ (2. Тимотеј 4:7, 8). Овие зборови укажуваат дека апостолот бил трајно запечатен, иако сѐ уште бил човек на Земјата и требало да се соочи со маченичка смрт. Слично на ова, сигурно ќе дојде време кога секој преостанат член од 144.000-те на Земјата ќе биде запечатен како лице што му припаѓа на Јехова (2. Тимотеј 2:19). Во тој момент жената на Јагнето ќе биде потполно подготвена — поголемиот дел од 144.000-те веќе ќе ја имаат добиено својата награда на небото, а оние што сѐ уште се на Земјата ќе бидат конечно признати и запечатени како верни.
17. Кога ќе може да се одржи свадбата на Јагнето?
17 Во тој момент од Јеховиниот временски распоред, кога сите 144.000 ќе бидат запечатени, ангелите ќе ги пуштат четирите ветрови на големата неволја (Откровение 7:1-3). Најпрво ќе биде извршена осудата над симболичната блудница — Големиот Вавилон. Потоа победникот Христос брзо ќе продолжи со уништувањето на преостанатиот дел од Сатановата организација на Земјата во Армагедон, и конечно ќе ги фрли Сатана и неговите демони во бездна (Откровение 19:11 — 20:3). Доколку во тоа време некои од помазаниците сѐ уште се живи на Земјата, нема сомнение дека наскоро, откако Христос ќе ја доврши својата победа, и тие ќе ја добијат својата небесна награда и ќе им се придружат на останатите членови од „невестата“. Тогаш, во време што го одредил Бог, може да се одржи свадбата на Јагнето!
18. Како Псалм 45 потврдува по кој редослед ќе се одвиваат настаните во поврзаност со свадбата на Јагнето?
18 Пророчкиот извештај во Псалм 45 опишува по кој редослед ќе се одвиваат настаните. Најпрво устоличениот Цар ќе јава за да ги покори своите непријатели (стихови 1-7). Потоа ќе се одржи свадбата, во придружба на небесната невеста со нејзините другарки, девици, односно со членовите на големото мноштво на Земјата (стихови 8-15). Потоа во тој брак се раѓаат деца — луѓето што ќе воскреснуваат — кои ќе станат совршени под надзор на ‚кнезовите на целата земја‘ (стихови 16, 17). Какви прекрасни благослови ќе донесе свадбата на Јагнето!
Среќни се поканетите
19. Која е четвртата причина за среќа од вкупно седумте што се наведени во Откровението, и кои ќе бидат посебно среќни?
19 Јован сега ја спомнува четвртата од седумте причини за среќа што се наведени во Откровението: „И ангелот [кој му ги откривал овие работи на Јован] ми рече: ‚Напиши: среќни се оние што се поканети на свадбената вечера на Јагнето‘. Уште ми рече: ‚Ова се вистинити Божји зборови‘“ (Откровение 19:9).c „Оние што се поканети на свадбената вечера на Јагнето“ се членовите на „невестата“. (Спореди Матеј 22:1-14.) Целата група на невестата што се состои од помазаници е среќна затоа што е поканета. Повеќето од поканетите веќе се на небото, местото каде што ќе се одржи свадбената вечера. Оние што сѐ уште се на Земјата исто така се среќни што се поканети. Нивното место на свадбената вечера е сигурно (Јован 14:1-3; 1. Петрово 1:3-9). Кога ќе бидат воскреснати на небото, тогаш целокупната невеста ќе се обедини со Јагнето во еден неверојатно среќен брак.
20. а) Што значи изразот: „Ова се вистинити Божји зборови“? б) Како влијаеле зборовите на ангелот врз Јован, и како реагирал ангелот?
20 Ангелот додава дека „ова се вистинити Божји зборови“. Овде зборот „вистинити“ е превод на грчкиот збор алитини́ кој значи „вистински“ или „достојни за доверба“. Бидејќи овие зборови се, всушност, од Јехова, тие се верни и веродостојни. (Спореди 1. Јованово 4:1-3; Откровение 21:5; 22:6.) Како еден од оние што се поканети на свадбената вечера, Јован мора да бил пресреќен кога го слушнал ова и кога размислувал за благословите што ја очекуваат „невестата“. Тој бил толку трогнат што направил нешто за кое ангелот морал да му даде совет. Самиот Јован ни кажува што било тоа: „Тогаш паднав пред неговите нозе да му се поклонам, но тој ми рече: ‚Не прави го тоа! И јас сум само роб како и ти и твоите браќа, на кои им е доверено да сведочат за Исус. Поклони му се на Бог!‘“ (Откровение 19:10а).
21. а) Што ни кажува Откровението во врска со ангелите? б) Каков став треба да имаат христијаните кон ангелите?
21 Целото Откровение претставува значајно сведоштво за верноста и ревноста на ангелите. Тие се вклучени во пренесувањето на откриената вистина (Откровение 1:1). Соработуваат заедно со луѓето во проповедањето на добрата вест и во излевањето на симболичните неволји (Откровение 14:6, 7; 16:1). Се бореле крај Исус кога Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото, и ќе се борат покрај него во Армагедон (Откровение 12:7; 19:11-14). Дури имаат пристап и пред самиот Јехова (Матеј 18:10; Откровение 15:6). Сепак, тие се само понизни Божји робови. Во чистото обожавање на Бог нема место за обожавање ангели, па дури ни за индиректно обожавање, при што некој „светец“ или ангел би служел како посредник меѓу луѓето и Бог (Колошаните 2:18). Христијаните го обожаваат само Јехова, и му се молат во името на Исус (Јован 14:12, 13).
Улогата на Исус во пророштвата
22. Што му вели ангелот на Јован, и што значат тие зборови?
22 Потоа ангелот вели: „Зашто, целта на пророштвата е да сведочат за Исус“ (Откровение 19:10б). Што значи ова? Ова значи дека сите пророштва се вдахновени и изречени заради Исус и заради неговата улога во Јеховините намери. Во првото пророштво од Библијата било ветено дека ќе дојде едно потомство (1. Мојсеева 3:15). Се покажало дека тоа потомство е Исус. Со откровенијата што следеле било изградено едно прекрасно здание од пророчки вистини на темел на тоа прво ветување. Апостол Петар му кажал на верниот не-Евреин Корнелиј: „За [Исус] сведочат сите пророци“ (Дела 10:43). Дваесетина години подоцна, апостол Павле рекол: „Колку и да има Божји ветувања, преку [Исус] станаа ‚да‘“ (2. Коринќаните 1:20). А 43 години подоцна, самиот Јован нѐ потсетува: ‚Вистината дојде преку Исус Христос‘ (Јован 1:17).
23. Зошто високата положба и власта на Исус не ни го одвлекуваат вниманието од обожавањето на Јехова?
23 Дали ова на некој начин ни го одвлекува вниманието од обожавањето на Јехова? Не. Сети се каков совет даде ангелот: „Поклони му се на Бог“. Исус никогаш не се обидел да се натпреварува со Јехова (Филипјаните 2:6). Точно, на сите ангели им е заповедано да „му се поклонат на [Исус]“, и целото создание мора да ја признае неговата висока положба „за во Исусово име да се свитка секое колено“. Но, забележи дека ова треба да го направат „на слава на Бог, Таткото“, и тоа по негова заповед (Евреите 1:6; Филипјаните 2:9-11). Јехова му ја дал на Исус неговата голема власт, и со тоа што ја признаваме таа власт, му оддаваме чест на Бог. Ако одбиеме да се подложиме на владеењето на Исус, исто како да го отфрламе самиот Јехова Бог (Псалм 2:11, 12).
24. Кои два извонредни настана ги очекуваме, и затоа кои зборови треба да ги повториме?
24 Затоа, сите заедно да ги повториме уводните зборови од Псалмите 146 до 150: „Фалете го Јах!“ Пеењето на овој хор и понатаму нека одекнува додека ја очекуваме Јеховината победа над вавилонското светско царство на лажната религија! И да се радуваме сѐ повеќе додека наближува свадбата на Јагнето!
[Фусноти]
a Види Свето писмо — превод Нов свет, фуснота.
b Види Свето писмо — превод Нов свет, фуснота.
c Види и Откровение 1:3; 14:13; 16:15.
[Рамка на страница 273]
„Послание до Содом и Гомор“
Под овој наслов, лондонскиот весник Daily Telegraph од 12 ноември 1987 година извести за писмената молба која била поднесена до Генералниот синод на Англиската црква. Во неа се барало „христијаните“ кои се хомосексуалци да бидат отстранети од Црквата. Новинарот Годфри Баркер изјави: „Надбискупот од Кантербери вчера зловолно рече: ‚Кога свети Павле би ѝ пишувал послание на Англиската црква, треба да се запрашаме какво писмо би било тоа‘“. Самиот господин Баркер го даде следниов коментар: „Одговорот е: ‚Послание до Содом и Гомор‘“, а потоа додаде: „Д-р Ранси [надбискупот] смета дека во него ќе стои истото она што го пишува во првото поглавје до Римјаните“.
Потоа писателот ги цитира зборовите на Павле од Римјаните 1:26-32: „Бог ги препушти на срамни сексуални страсти... мажи со мажи го прават она што е срамотно... Иако добро ја познаваат Божјата праведна одредба — дека оние што постапуваат така, заслужуваат смрт — тие не само што така постапуваат туку и ги одобруваат таквите постапки на оние што ги прават“. На крајот заклучи: „Св. Павле бил загрижен само за оние што седат на клупите во црквата. Д-р Ранси има проблем со оние што стојат на проповедалниците“.
Зошто надбискупот има таков проблем? Ударните наслови во лондонскиот весник Daily Mail од 22 октомври 1987 година објавија: „,Секој трет свештеник е хомосексуалец‘... Ако се поведе кампања да се исклучат хомосексуалците, ‚Англиската црква ќе се затвори‘“. Во извештајот беше цитиран „пречесниот“ генерален секретар на Христијанското движење на лезбијките и хомосексуалците, кој рекол: „Доколку оваа молба се уважи, Црквата ќе биде уништена, и надбискупот од Кантербери многу добро го знае ова. Се претпоставува дека околу 30 до 40 отсто од свештениците во Англиската црква се хомосексуалци, а тие се најактивни во Црквата“. Нема сомнение, сѐ помалиот број лица што одат во црква се должи на чувството на одбивност што го имаат од таквиот пораст на свештеници кои се хомосексуалци.
Што решил црковниот синод? Огромното мнозинство — 388 членови (95 отсто од свештениците) — гласало за прифаќање на еден разводнет предлог. Во врска со него, весникот The Economist од 14 ноември 1987 година извести: „Англиската црква е против хомосексуалноста, но не премногу. Земајќи ги во обѕир свештениците кои се хомосексуалци, Генералниот синод (црковниот собор) оваа седмица одлучи дека хомосексуалните постапки, за разлика од блудот и прељубата, не се грев: тие едноставно ‚не го достигнуваат идеалот‘ според кој ‚половите односи се чин на целосна преданост која може да постои само во една трајна брачна врска‘“. The Economist го спореди ставот на надбискупот од Кантербери со недвосмисленото објаснување што го дал апостол Павле во Римјаните 1:26, 27, и ги наведе зборовите на Павле над насловот: „Свети Павле добро знаел што сака да каже“.
И Исус Христос добро знаел што сака да каже, и тоа го кажал многу јасно. Тој рекол дека „на содомската земја ќе ѝ биде полесно во Судниот ден“ отколку на верските лица кои со презир ја одбиле неговата порака (Матеј 11:23, 24). Исус овде користел хипербола за да покаже дека тие верски водачи кои го отфрлиле Божјиот син и неговите учења заслужуваат уште поголем прекор од жителите на Содом. Во Јуда 7 се вели дека жителите на Содом „се осудени на вечен оган“, односно на вечно уништување (Матеј 25:41, 46). Колку потешка казна ги чека таканаречените христијански водачи кои слепо ги водат своите слепи стада далеку од високите морални мерила на Божјето Царство и им дозволуваат да живеат како што живее овој попустлив и развратен свет! (Матеј 15:14). Во врска со лажната религија, Големиот Вавилон, гласот од небото итно повикува: „Излезете од неа, народе мој, за да не учествувате и вие во нејзините гревови и за да не ве снајдат нејзините неволји!“ (Откровение 18:2, 4).
[Слики на страница 275]
На небесата, четири пати одекнува повикот „Фалете го Јах!“ со што се слави Јехова за неговата конечна победа над Големиот Вавилон