Книга за сите луѓе
„Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (ДЕЛА 10:34, 35).
1. Како реагирал еден професор кога бил запрашан што мисли за Библијата, и што одлучил да направи?
ЕДНА недела попладне, професорот бил дома не очекувајќи никакви посетители. Но, кога една од нашите христијански сестри тропнала на неговата врата, тој слушал. Таа му зборувала за загаденоста и за иднината на Земјата — теми кои му биле привлечни. Меѓутоа, кога ја вовела Библијата во дискусијата, тој изгледал скептичен. Затоа, го прашала што мисли за Библијата.
„Таа е добра книга што била напишана од некои интелигентни мажи“, одговорил тој, „но Библијата не треба да се сфати сериозно.“
„Дали некогаш сте ја прочитале Библијата?“ прашала таа.
Непријатно изненаден, професорот морал да признае дека не ја прочитал.
Потоа, таа прашала: „Како можете тогаш да изразите толку силно уверување за некоја книга која никогаш не сте ја прочитале?“
Нашата сестра имала право. Професорот одлучил да ја испита Библијата и после тоа да создаде мислење за неа.
2, 3. Зошто за многу луѓе Библијата е затворена книга, и каков предизвик ни претставува тоа?
2 Професорот не е единствен. Многу луѓе имаат категорични мислења за Библијата иако никогаш не ја прочитале лично. Можеби тие поседуваат Библија. Па дури можеби ја признаваат нејзината литературна или историска вредност. Но, за многумина таа е затворена книга. ‚Јас немам време да ја читам Библијата‘, велат некои. Други прашуваат: ‚Како би можела една древна книга да биде значајна во мојот живот?‘ Таквите гледишта ни создаваат вистински предизвик. Јеховините сведоци цврсто веруваат дека Библијата е ‚вдахновена од Бога и полезна за поука‘ (2. Тимотеј 3:16, 17). Но, како можеме да ги увериме луѓето дека без оглед на нивната расна, национална или етничка заднина, треба да ја испитаат Библијата?
3 Да подискутираме за некои причини зошто Библијата е достојна за испитување. Таква една дискусија може да нѐ опреми да резонираме со оние кои ги среќаваме во нашата служба, можеби уверувајќи ги дека треба да го разгледаат она што го вели Библијата. Истовремено, ова повторување треба да ја зајакне нашата сопствена вера дека Библијата навистина е она што го тврди — „словото Божјо“ (Евреите 4:12).
Најдистрибуираната книга на светот
4. Зошто може да се рече дека Библијата е најдистрибуираната книга во светот?
4 Прво, Библијата заслужува да ја разгледаме бидејќи таа е далеку најраспространетата и најпреведуваната книга во сета човечка историја. Првото издание печатено со подвижни печатарски букви излегло пред повеќе од 500 години од печатарската преса на Јоханес Гутенберг. Се проценува дека оттогаш се отпечатени четири милијарди Библии, во целост или делумно. До 1996, комплетната Библија или делови од неа се преведени на 2.167 јазици и дијалекти.a На повеќе од 90 проценти од човечката фамилија им е достапен барем дел од Библијата на нивниот јазик. Ниту една друга книга — религиозна или поинаква — дури не ѝ се ни приближува!
5. Зошто треба да очекуваме Библијата да им биде достапна на луѓето ширум светот?
5 Самите статистики не докажуваат дека Библијата е Божја Реч. Меѓутоа, сигурно треба да очекуваме еден пишан запис кој е инспириран од Бог да им биде достапен на луѓето ширум светот. Најпосле, самата Библија ни кажува дека „Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). Како ниедна друга книга, Библијата ги преминала националните граници и ги надминала расните и етничките бариери. Навистина, Библијата е книга за сите луѓе!
Уникатен запис за зачувување
6, 7. Зошто не изненадува тоа што не се знае дали постои барем еден од оригиналните библиски записи, и кое прашање го покренува тоа?
6 Постои една друга причина зошто Библијата заслужува да ја испитаме. Таа преживеала како природни така и човечки препреки. Записот за тоа како била зачувана и покрај огромните предизвици е навистина уникатен меѓу древните списи.
7 Очигледно е дека библиските писатели ги запишале своите зборови со мастило на папирус (направен од истоименото египетско растение) и на пергамент (направен од кожите на животни)b (Јов 8:11). Меѓутоа, таквите материјали за пишување имале природни непријатели. Научникот Оскар Парет објаснува: „Обете средини за пишување се наоѓаат во подеднакво голема опасност од влага, мувла и различни ларви. Од секојдневното искуство знаеме колку лесно хартијата, па дури и цврстата кожа, се расипува на отворено или во влажна просторија“. Затоа, не изненадува тоа што не е познато дека постои барем еден од оригиналите; веројатно одамна се распаднале. Но, ако оригиналите подлегнале на природните непријатели, тогаш како преживеала Библијата?
8. Како биле зачувани библиските записи низ вековите?
8 Кратко време откако биле напишани оригиналите, почнале да се прават рачно напишани преписи. Всушност, препишувањето на Законот и на другите делови од Светото писмо станало професија во древниот Израел. Свештеникот Ездра, на пример, е опишан како „вешт препишувач на законот Мојсеев“ (Ездра 7:6, 11; спореди Псалм 45:1, сите NW). Но, и направените преписи биле трошливи; на крајот морало да бидат заменети со други рачно напишани преписи. Овој процес на препишување на преписите продолжил со векови. Со оглед на тоа што луѓето не се совршени, дали грешките на препишувачите значително го промениле библискиот текст? Огромниот доказ вели не!
9. Како примерот на Масоретите ја илустрира екстремната грижа и точност на библиските препишувачи?
9 Препишувачите не само што биле многу вешти туку имале и длабоко почитување кон зборовите што ги препишувале. Хебрејскиот збор за „препишувач“ укажува на броење и запишување. За да ја илустрираме екстремната грижа и точност на препишувачите, да ги земеме предвид Масоретите, препишувачи на Хебрејските списи кои живееле меѓу шестиот и десеттиот век н. е. Според научникот Томас Хартвел Хорн, тие пресметувале „колку пати секоја буква од [хебрејската] азбука се појавува во сите Хебрејски списи“. Размисли што значи тоа! За да избегнат да испуштат макар и една буква, овие оддадени препишувачи не ги броеле само зборовите што ги препишале туку и буквите. Па, според пресметката на еден научник, се вели дека воделе евиденција за 815.140 поединечни букви во Хебрејските списи! Таквиот трудољубив напор осигурал висок степен на точност.
10. Кој принуден доказ постои дека хебрејските и грчките текстови на кои се темелат модерните преводи точно ги прикажуваат зборовите на оригиналните писатели?
10 Всушност, постои принуден доказ дека хебрејските и грчките текстови на кои се темелат модерните преводи, со забележителна лојалност ги прикажуваат зборовите на оригиналните писатели. Доказот се состои од илјадници рачно напишани преписи од библиски манускрипти — се проценува дека има 6.000 од сите или делови од Хебрејските списи и околу 5.000 од Христијанските списи на грчки — кои преживеале до наше време. Една внимателна, компаративна анализа на многуте постоечки манускрипти им овозможила на текстуалните научници да откријат некои грешки на препишувачите и да го одредат оригиналното разбирање. Така, коментирајќи за текстот од Хебрејските списи, научникот Вилијам Х. Грин можел да наведе: „Може со сигурност да се каже дека ниту едно друго дело на антиквитет не било толку точно пренесено“. Слична доверба може да се положи за текстот од Христијанските грчки списи.
11. Во светло на 1. Петрово 1:24, 25, зошто Библијата преживеала до наше време?
11 Колку само лесно Библијата можела да изумре да не биле рачно напишаните преписи кои ги замениле оригиналите, со нивната скапоцена порака! Постои само една причина за нејзиното преживување — Јехова е Одржувачот и Заштитникот на својата Реч. Како што вели самата Библија во 1. Петрово 1:24, 25, „телото е како трева, и секоја човечка слава — како цвет од трева: се исушува тревата, и цветот нејзин паѓа; но словото Господово останува засекогаш“.
На живите јазици на човештвото
12. И покрај препишувањето со векови, со која друга препрека се соочила Библијата?
12 Преживувањето и покрај векови повторно препишување било доволно предизвикувачко, но Библијата се соочила со друга препрека — преведување на современите јазици. Библијата мора да зборува на јазикот на луѓето за да им зборува на нивните срца. Меѓутоа, преведувањето на Библијата — со нејзините повеќе од 1.100 поглавја и 31.000 стихови — не е лесна задача. Сепак, низ вековите, оддадени преведувачи радо се зафатиле со тој предизвик, соочувајќи се понекогаш со навидум несовладливи препреки.
13, 14. а) Со кој предизвик се соочил библискиот преведувач Роберт Мофат во Африка, во раниот 19 век? б) Како реагирал народот кој зборувал Цвана кога евангелието по Лука станало достапно на неговиот јазик?
13 На пример, разгледај како дошло до тоа Библијата да биде преведена на јазиците во Африка. Во 1800-тата година, постоеле само десетина пишани јазици во цела Африка. Стотици други говорни јазици немале систем на пишување. Тоа бил предизвикот со кој се соочувал библискиот преведувач Роберт Мофат. Во 1821, на возраст од 25, Мофат поставил мисија меѓу луѓето од Јужна Африка кои го зборувале јазикот цвана. За да го научи нивниот јазик кој немал писмо, тој се мешал со луѓето. Мофат истрајал и, без помош од буквари или речници, на крајот го совладал јазикот, создал пишан облик од него и научил некои од народот Цвана да го читаат тој ракопис. Во 1829, откако осум години работел меѓу народот Цвана, завршил со преведувањето на евангелието по Лука. Подоцна тој рекол: „Познавав поединци кои патуваа стотици милји за да добијат примероци од Св. Лука . . . Гледав како добиваат делови од Св. Лука и плачат поради нив и како ги стегаат на своите гради и ронат солзи на благодарност, сѐ додека не им реков на повеќемина: ‚Со своите солзи ќе ги упропастите книгите‘“. Исто така, Мофат кажал за еден Африканец кој видел како извесен број луѓе го читаат Евангелието по Лука и ги прашал што е тоа што го поседуваат. „Тоа е речта Божја“, одговориле тие. „Зборува ли таа?“ прашал човекот. „Да“, рекле тие, „таа му зборува на срцето.“
14 Оддадени преведувачи како Мофат им ја дале на многу Африканци нивната прва можност да комуницираат по писмен пат. Но, преведувачите му дале на африканскиот народ еден уште повреден подарок — Библијата на нивниот мајчин јазик. Уште повеќе, Мофат го вовел божественото име меѓу народот Цвана и го користел тоа име низ целиот свој превод.c На тој начин, народот Цвана укажувал на Библијата како на „устата Јеховина“ (Псалм 83:18, NW).
15. Зошто Библијата навистина е жива денес?
15 Други преведувачи во различни делови од светот се соочиле со слични препреки. Некои дури и го ризикувале својот живот за да ја преведат Библијата. Размисли за ова: Доколку Библијата останела само на древен хебрејски и грчки, можеби уште одамна ќе „умрела“, бидејќи тие јазици со текот на времето биле скоро заборавени од масите и во многу делови од Земјата никогаш не биле познати. Сепак, Библијата навистина е жива бидејќи, за разлика од која и да е друга книга, таа може да им „зборува“ на луѓето ширум светот на нивниот мајчин јазик. Како резултат на тоа, нејзината порака останува ‚да дејствува во оние, кои веруваат [во неа]‘ (1. Солунјаните 2:13). The Jerusalem Bible овие зборови ги преведува вака: „Таа сѐ уште е жива моќ меѓу вас кои верувате во неа“.
Достојна за доверба
16, 17. а) За да биде Библијата веродостојна, кој доказ треба да постои? б) Дај еден пример кој ја илустрира отвореноста на библискиот писател Мојсеј.
16 ,Може ли да се има доверба во Библијата?‘ можеби прашуваат некои. ‚Дали таа се осврнува на луѓе кои непобитно живееле, места кои всушност постоеле и настани кои навистина се случиле?‘ Доколку треба да имаме доверба во неа, би требало да постои доказ дека неа ја напишале грижливи, чесни писатели. Тоа нѐ доведува до друга причина за испитување на Библијата: Постои цврст доказ дека таа е точна и веродостојна.
17 Чесните писатели би ги запишале не само успесите туку и неуспесите, не само јаките страни туку и слабостите. Библиските писатели покажувале таква освежувачка отвореност. На пример, разгледај ја директноста на Мојсеј. Меѓу работите за кои тој отворено известил биле: неговиот сопствен недостиг на речитост, која според негово мислење го направила неподобен да биде израелски водач (2. Мојсеева 4:10); сериозната грешка што ја направил која го спречила неговото влегување во Ветената земја (4. Мојсеева 20:9—12; 27:12—14); скршнувањето на неговиот брат Арон, кој соработувал со бунтовните Израелци при правењето статуа на златно теле (2. Мојсеева 32:1—6); побуната на неговата сестра Мирјам и нејзината понижувачка казна (4. Мојсеева 12:1—3, 10); осквернувањето на неговите внуци Надав и Авиуд (3. Мојсеева 10:1, 2) и повторливото жалење и мрморење на Божјиот сопствен народ (2. Мојсеева 14:11, 12; 4. Мојсеева 14:1—10). Зарем таквото директно, отворено известување не покажува искрена загриженост за вистината? Бидејќи библиските писатели биле спремни да известат неповолни информации за своите љубени, за својот народ, па дури и за себеси, зарем не постои добра причина да имаме доверба во нивните записи?
18. Што ги карактеризира како веродостојни записите на библиските писари?
18 Доследноста на библиските писари исто така ги карактеризира нивните записи како веродостојни. Навистина е извонредно тоа што 40 мажи кои пишуваат во временски период од околу 1.600 години се во согласност, па дури и кога станува збор за најситни детали. Меѓутоа, оваа хармонија не е така грижливо местена за да покрене сомневања во заговор. Напротив, постои очигледен недостиг на умисла во сложувањето во различни детали; честопати хармонијата е јасно коинцидентна.
19. Како извештаите од евангелијата за Исусовото апсење откриваат согласност која е јасно ненамерна?
19 За да илустрираме, разгледај го инцидентот што се случил ноќта кога Исус бил уапсен. Сите четири писатели на евангелијата известуваат дека еден од учениците извлекол меч и погодил еден роб на првосвештеникот, отсечувајќи му го увото на човекот. Меѓутоа, само Лука ни кажува дека Исус ‚се допрел до увото негово, го излекувал‘ (Лука 22:51). Но, зарем тоа не е она што би го очекувале од писателот кој бил познат како „возљубениот лекар“? (Колосјаните 4:14). Јовановиот извештај ни кажува дека од сите присутни ученици, оној кој ракувал со мечот бил Петар — факт кој не е изненадувачки со оглед на Петровата склоност да биде брз и непромислен (Јован 18:10; спореди Матеј 16:22, 23 и Јован 21:7, 8). Јован известува за друг навидум непотребен детаљ: „Името на слугата му беше Малх“. Зошто само Јован го дава името на човекот? Објаснувањето е дадено преку еден ситен факт наведен патем само во Јовановиот извештај — Јован „му беше познат на првосвештеникот“. Исто така, тој му бил познат и на домаќинството на првосвештеникот; слугите се знаеле со него и тој со нивd (Јован 18:10, 15, 16). Тогаш, сосема било природно што Јован требало да го спомне името на повредениот човек, додека другите писатели на евангелијата, за кои човекот очигледно бил непознат, не. Согласноста меѓу сите овие детали е извонредна, но сепак јасно ненамерна. Постојат многу слични примери низ Библијата.
20. Што треба да знаат луѓето со чесни срца во врска со Библијата?
20 Значи, можеме ли да имаме доверба во Библијата? Апсолутно! Отвореноста на библиските писатели и библиската внатрешна доследност ѝ го даваат јасниот призвук на вистината. Луѓето со чесно срце треба да знаат дека можат да имаат доверба во Библијата, зашто таа е инспирирана Реч на ‚Господ [Јехова, NW] Богот на вистината‘ (Псалм 30:5). Постојат додатни причини зошто Библијата е книга за сите луѓе, како што ќе дискутира следната статија.
[Фусноти]
a Темелено на бројки објавени од United Bible Societies.
b За време на своето второ затворање во Рим, Павле го замолил Тимотеј да му ги донесе „книгите [свитоците, NW], а особено пергаментните“ (2. Тимотеј 4:13). Можно е Павле да замолил за делови од Хебрејските списи за да може да ги проучува додека бил в затвор. Фразата „особено пергаментните“ можеби укажува дека биле вклучени и свитоци на папирус и други на пергамент.
c Во 1838, Мофат го комплетирал преводот на Христијанските грчки списи. Со помош на еден колега, преведувањето на Хебрејските списи го завршил во 1857.
d Тоа дека Јован се знаел со првосвештеникот и со неговото домаќинство повеќе е наведено подоцна во извештајот. Кога еден друг од робовите на првосвештеникот го обвинува Петар дека е еден од Исусовите ученици, Јован објаснува дека тој роб му бил „роднина на оној, кому Петар му го беше отсекол увото“ (Јован 18:26).
Како би одговорил?
◻ Зошто би требало да очекуваме Библијата да биде најдостапната книга во светот?
◻ Кој доказ постои дека Библијата била точно зачувана?
◻ Со кои препреки се соочиле оние кои ја преведувале Библијата?
◻ Што ги карактеризира библиските записи како веродостојни?