Потпри се на силата од Бог
Врвни точки од Второто писмо до Тимотеј
ЈЕХОВА им дава на своите слуги сила да издржат искушенија и прогонства. А колку само им била потребна таа сила од Бог на Тимотеј и другите христијани! Во 64. година од н. е. Рим бил опустошен од оган, а се ширел глас дека одговорен за тоа бил императорот Нерон. За да се заштити себеси, тој ги обвинил христијаните, кое очигледно поттикнало бран на прогонства. Тоа било веројатно околу 65. година н. е. и апостол Павле повторно бил затворен во Рим. Иако соочен со смртта, го напишал своето второ писмо до Тимотеј.
Павловото писмо го подготвило Тимотеј да се спротивставува на отпадот и цврсто да се соочи со прогонствата. Тоа го охрабрило духовно да напредува и да дознае за околностите на Павле во затворот. Писмото исто така им помага на читателите да се потпрат на силата од Бог.
Трпи го злото и поучувај со благост
Бог ни дава сила како објавители на добрата вест да го издржиме прогонството (2Ти 1:1-18). Павле никогаш не го заборавил Тимотеј во своите молитви и се сеќавал на неговата нелицемерна вера. Бог му дал на Тимотеј ”не дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и здрав разум“. Му порачал да не се срами да сведочи и да го трпи злото поради добрата вест. Исто така бил советуван и понатаму да го ”држи образецот на здрави зборови“ што го чул од Павле, како што треба и ние точно да се држиме за христијанската вистина, иако некои се одвраќаат од неа.
Работите што ги поучувал Павле требало да им се доверат на верни мажи кои ќе поучуваат други (2:1-26). Тимотеј бил опоменат да биде добар Христов војник, верен кога трпи зло. Павле поднел затворски окови заради проповедањето на добрата вест. Тој го охрабрил Тимотеј да стори сѐ што може за да се покаже себеси како одобрен Божји соработник, да ги избегнува празните разговори кои го обесветуваат она што е свето. Рекол дека робот Господов мора да ги поучува другите со благост.
Проповедај ја Речта!
Силата од Бог е потребна за да можеме да се соочиме со последните денови и да ја задржиме библиската вистина (3:1-17). Од небогобојазливите луѓе требало да се појават такви кои ’секогаш ќе се учат, но никогаш не ќе можат да дојдат до точно спознание на вистината‘. Таквите ”зли луѓе и измамници ќе напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи други и заведувајќи се себеси“. Меѓутоа, Тимотеј требало да ”остане во она што го научил“. Исто така би требало да правиме и ние, бидејќи знаеме дека ”сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно за учење, за карање, за поправање на работите и воспитување во праведност, за да биде човекот Божји потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“,
Тимотеј требало да им се спротивстави на отпадниците и потполно да ја изврши својата служба (4:1-22). Тоа би го сторил ако ја ”проповеда речта“ и ако остане во неа. Ова било важно, бидејќи собранието се соочувало со ”тешки времиња“, затоа што некои научувале лажни науки. Јеховините сведоци исто така ја држат Божјата реч, итно проповедајќи ја и во собранието и на луѓето надвор од него, дури и во непогодни ситуации. Павле ја ”задржал верата“ иако некои го напуштиле. Но, ”Господ му влеал сила, за да преку него потполно се изврши проповедањето“. Нека и ние се потпреме на силата од Бог и да продолжиме со проповедањето на добрата вест.
[Рамка/слика на страница 31]
Добар војник: Павле го повикал Тимотеј: ”Како добар војник на Исус Христос земи го својот дел во трпењето на злото. Ниеден човек кој служи како војник не се вплеткува во трговските работи на животот, за да ја добие наклоноста на оној кој го најмил како војник“ (2. Тимотеј 2:3, 4). Еден римски пешадиец ”трпел зло“ кога носел тешко оружје, секира, кошница, храна за три дена и други работи (Јосиф Флавиј, Еврејските војни, книга 3, глава 5). Тој не тежнеел по комерцијални интереси, бидејќи тоа не би му се допаднало на неговиот претпоставен (неговите трошоци и онака биле покриени). Слично на тоа, и денес христијанинот трпи тешкотии со кои се соочува како ”добар Христов војник“. Иако мора да работи светска работа за да ги исполни библиските обврски, тој не смее да дозволи прекумерно да се вплеткува во материјалните работи кои би го кочеле во водењето на духовна борба (1. Солунјаните 2:9). Сведочејќи од куќа до куќа, тој вешто ракува со ”духовниот меч, кој е Божјата реч“, и им помага на луѓето да се ослободат од религиозните заблуди (Ефесјаните 6:11-17; Јован 8:31, 32). Бидејќи животот им е на коцка, нека сите христијански војници продолжат на тој начин да ја исполнуваат обврската спрема Исус Христос и Јехова Бог.