СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 1
ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне
Имај доверба во Јехова и победи го стравот
ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2024: Кога ќе се исплашам, во тебе ќе имам доверба (ПС. 56:3)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Дознај како можеме да си ја зајакнеме довербата во Јехова и да ги надминеме нашите стравови.
1. Зошто можеби понекогаш чувствуваме страв?
СЕКОЈ од нас понекогаш чувствува страв. Се разбира, тоа што сме ја проучувале Библијата ни помогнало да се ослободиме од стравот од мртвите, стравот од натприродното и стравот од иднината. Но, сѐ уште живееме во време во кое има разни стравотии, како на пример војни, криминал и болести (Лука 21:11). Исто така, можеби се плашиме од луѓето, на пример од властите кои нѐ прогонуваат, па дури и од некои членови од семејството кои ни се противат поради вистината. Некои се плашат дека нема да можат да се справат со некој проблем со кој се соочуваат сега или со некој проблем со кој можеби ќе се соочат во иднина.
2. Опиши во каква ситуација се нашол Давид додека бил во Гат.
2 Понекогаш и Давид чувствувал страв. На пример, кога цар Саул го прогонувал со цел да го убие, Давид одлучил да побегне во филистејскиот град Гат. Ахис, царот на Гат, набрзо дознал дека Давид е моќен воин кој во една песна бил фален поради тоа што погубил „десетици илјади“ Филистејци. Поради тоа, Давид многу се исплашил (1. Сам. 21:10-12). Бил загрижен за тоа што би можел да му направи Ахис. Како Давид ги победил своите стравови?
3. Според Псалм 56:1-3, 11, како Давид ги победил своите стравови?
3 Во Псалм 56, Давид напишал како се чувствувал додека бил во Гат. Тој псалм ни ги открива стравовите на Давид, но исто така ни открива и како ги победил тие стравови. Кога чувствувал страв, Давид имал доверба во Јехова. (Прочитај Псалм 56:1-3, 11.) Неговата доверба не била залудна. Со помош од Јехова, смислил еден необичен план — се преправал дека е луд! И таквиот план навистина успеал. Ахис повеќе не гледал на Давид како на закана, туку како на обичен лудак од кој сакал да се ослободи. И така, Давид имал можност да побегне (1. Сам. 21:13 — 22:1).
4. Како можеме да си ја зајакнеме довербата во Јехова? Наведи пример.
4 И ние можеме да го победиме стравот така што ќе имаме доверба во Јехова. Но, како можеме да си ја зајакнеме довербата во Јехова, особено кога сме исплашени? Размисли за следниов пример. Ако дознаеш дека имаш некоја болест, можеби на почеток ќе бидеш исплашен. Но, ако имаш доверба во твојот лекар, тоа може да ти го намали стравот. Тој можеби веќе им помогнал на многу пациенти кои имале слична болест. Освен тоа, внимателно те слуша додека му ги објаснуваш твоите стравови и чувствуваш дека те разбира и се грижи за тебе. Исто така, можеби ти предлага некоја терапија што им помогнала на многумина. Слично на тоа, ние си ја зајакнуваме довербата во Јехова така што размислуваме за она што тој веќе го направил за нас, за она што го прави сега и за она што ќе го направи во иднина. Токму тоа го правел и Давид. Додека разгледуваме некои од зборовите што се запишани во Псалм 56, размислувај за тоа како можеш и ти да си ја зајакнеш довербата во Јехова и да ги победиш своите стравови.
ШТО ВЕЌЕ НАПРАВИЛ ЈЕХОВА?
5. За што размислувал Давид кога бил исплашен? (Псалм 56:12, 13).
5 Додека животот сѐ уште му бил во опасност, Давид продолжил да размислува за она што Јехова веќе го направил. (Прочитај Псалм 56:12, 13.) Давид размислувал на тој начин во текот на целиот свој живот. На пример, понекогаш размислувал за работите што Јехова ги создал. Тоа го потсетувало колкава моќ има Јехова и колкава љубов има кон луѓето (Пс. 65:6-9). Исто така, Давид размислувал за она што Јехова го направил за другите (Пс. 31:19; 37:25, 26). А пред сѐ, размислувал за она што Јехова веќе го направил за него лично. Јехова му помагал и го штител Давид уште од неговото раѓање (Пс. 22:9, 10). Нема сомнение дека тоа што размислувал за овие работи многу му помогнало на Давид да си ја зајакне довербата во Јехова!
6. Што ќе ни помогне да имаме доверба во Јехова кога чувствуваме страв?
6 Кога чувствуваш страв, прашај се: „Што веќе направил Јехова?“ Размислувај за она што го создал. На пример, кога внимателно набљудуваме на кој начин Јехова се грижи за птиците и за цвеќињата — кои не се создадени според неговиот лик и немаат способност да го обожаваат — ќе си ја зајакнеме довербата дека тој ќе се грижи и за нас (Мат. 6:25-32). Исто така, размислувај што направил Јехова за своите слуги. Би можел да проучуваш за некоја личност од Библијата која покажала извонредна вера или би можел да читаш некое искуство на некој Божји слуга од наше време.a Освен тоа, размислувај како Јехова веќе се грижел за тебе. Како те привлекол кон вистината? (Јован 6:44). Како одговорил на твоите молитви? (1. Јов. 5:14). Каква корист извлекуваш секој ден од жртвата на неговиот сакан Син? (Еф. 1:7; Евр. 4:14-16).
7. Како она што го доживеал пророкот Даниел ѝ помогнало на Ванеса да го победи стравот?
7 Ванеса,b една сестра на Хаити, се соочила со опасна ситуација. Еден човек од нејзиното место ѝ се јавувал и ѝ праќал пораки секој ден, вршејќи ѝ притисок да има сексуални односи со него. Ванеса јасно му кажала дека не сака да го прави тоа. Но човекот станал уште поагресивен, па дури и ѝ се заканувал. Таа вели: „Бев преплашена“. Како успеала Ванеса да го победи стравот? Таа презела практични чекори за да се заштити. Еден старешина ја поттикнал да се јави во полиција. Исто така, Ванеса размислувала за тоа како Јехова ги штител своите слуги во минатото. Таа вели: „Првата личност за која размислував беше пророкот Даниел. Иако не бил виновен, тој бил фрлен во јама со гладни лавови. Сепак, Јехова се грижел за него. Го молев Јехова да преземе контрола над целата ситуација. Потоа, не бев повеќе исплашена“ (Дан. 6:12-22).
ШТО ПРАВИ ЈЕХОВА СЕГА?
8. Во што бил уверен Давид? (Псалм 56:8).
8 Иако животот му бил во опасност додека бил во Гат, Давид не дозволил стравот да го парализира. Наместо тоа, одлучил да размислува за она што Јехова го правел за него во тоа време. Давид можел да почувствува дека Јехова го води и го штити и дека ги разбира неговите чувства. (Прочитај Псалм 56:8.) Исто така, Давид имал пријатели, како на пример Јонатан и првосвештеникот Ахимелех, кои го охрабрувале и му помагале (1. Сам. 20:41, 42; 21:6, 8, 9). И, иако цар Саул сакал да го убие, Давид успеал да си го спаси животот. Тој бил уверен дека Јехова многу добро знае низ каква неволја минува и како се чувствува поради тоа.
9. Што забележува Јехова кај секого од нас?
9 Кога минуваш низ некоја неволја поради која си исплашен, не заборавај дека Јехова ја гледа твојата неволја и знае како се чувствуваш поради неа. На пример, освен што бил свесен за малтретирањето што го трпеле Израелците во Египет, Јехова бил свесен и за „нивните болки“ (2. Мој. 3:7). Давид во песна рекол дека Јехова ги видел маките на неговата душа и неговата неволја (Пс. 31:7). А кога Божјите слуги страдале — дури и како резултат на нивните лоши одлуки — Јехова чувствувал болка (Иса. 63:9). Кога си исплашен поради нешто, Јехова разбира како се чувствуваш и сака да ти помогне да ги победиш твоите стравови.
10. Зошто си уверен дека Јехова се грижи за тебе и дека ќе ти помага да се справиш со која и да било неволја?
10 Сепак, додека минуваш низ некоја застрашувачка ситуација, можеби се прашуваш на кој начин Јехова те поддржува. Затоа, моли го да ти помогне да согледаш на кој начин го прави тоа (2. Цар. 6:15-17). Потоа, размисли за следниве прашања: Дали си бил зајакнат од некој говор или коментар што си го чул на некој собраниски состанок? Дали си бил охрабрен од некоја публикација, од некој видеоклип или од некоја од нашите песни? Дали некој споделил со тебе охрабрувачка мисла или библиски стих? Лесно може да се случи да ги земеме здраво за готово нашето братство и духовната храна што ја добиваме. Но, да не заборавиме дека тие се извонредни подароци од Јехова (Иса. 65:13; Мар. 10:29, 30). Тие се доказ дека тој се грижи за тебе (Иса. 49:14-16). Исто така, тие се доказ дека тој ја заслужува твојата доверба.
11. Што ѝ помогнало на Аида да ги победи своите стравови?
11 Аида, која живее во Сенегал, забележала како Јехова ѝ помага додека минувала низ една тешка ситуација. Бидејќи е најстара од децата, нејзините родители очекувале дека таа ќе заработува доволно пари за да се грижи и за себе и за нив. Но, откако си го поедноставила животот за да може да служи како пионер, Аида немала многу пари. Членовите на нејзиното семејство ѝ се налутиле и ја критикувале. Таа вели: „Се плашев дека нема да можам да им помогнам на моите родители и дека сите ќе ме отфрлат. Дури и го обвинував Јехова што дозволи работите толку да се влошат“. Потоа, за време на еден собраниски состанок, слушнала еден говор. „Говорникот нѐ потсети дека, што и да го измачува нашето срце, Јехова го знае тоа. Малку по малку, со помош на советите од старешините и од другите, повторно се уверив дека Јехова ме сака. Почнав да му се молам со поголема доверба дека ќе ми помогне и чувствував длабок мир додека гледав како одговара на моите молитви.“ Со текот на времето, Аида нашла работа што ѝ помогнала не само да се издржува себеси во пионерската служба туку и да им помага финансиски на своите родители. Таа вели: „Научив да имам потполна доверба во Јехова. Сега, откако се молам, моите стравови честопати исчезнуваат“.
ШТО ЌЕ НАПРАВИ ЈЕХОВА ВО ИДНИНА?
12. Според Псалм 56:9, во што бил уверен Давид?
12 Прочитај Псалм 56:9. Овој стих открива што друго му помогнало на Давид да ги победи своите стравови. Иако неговиот живот сѐ уште бил во опасност, тој размислувал за она што Јехова допрва ќе го направи за него. Давид знаел дека Јехова ќе го избави во вистинското време. Всушност, Јехова веќе го прогласил за следен цар на Израел (1. Сам. 16:1, 13). На секое ветување од Јехова, Давид гледал како да е веќе исполнето.
13. Каква доверба можеме да имаме во Јехова?
13 Што ветил Јехова дека ќе направи за тебе? Ние не очекуваме тој да нѐ заштити од сите проблеми.c Но не заборавај дека, без разлика со какви неволји можеби се соочуваш во овој свет, Јехова ќе ги отстрани во новиот свет што доаѓа (Иса. 25:7-9). Нашиот Творец е толку моќен што може да ги воскресне мртвите, да нѐ излекува и да ги отстрани сите противници (1. Јов. 4:4).
14. За што би можеле да размислуваме?
14 Кога чувствуваш страв, размислувај што ќе направи Јехова во иднина. Мисли на тоа како ќе се чувствуваш кога Сатана повеќе нема да постои, кога злобните луѓе ќе бидат уништени, кога на Земјата ќе живеат само праведни луѓе и кога со секој изминат ден нашата несовршеност сѐ повеќе ќе исчезнува. На регионалниот конгрес во 2014 год. беше прикажано како можеме да размислуваме за нашата надеж. Еден татко разговараше со своето семејство за тоа како би можеле да гласат стиховите од 2. Тимотеј 3:1-5 доколку со нив е проречено како ќе биде во рајот. Тој кажа: „Во новиот свет ќе настанат особено прекрасни времиња. Зашто, луѓето ќе се сакаат едни со други, ќе ги ценат духовните работи, ќе бидат скромни, нема да имаат превисоко мислење за себе, ќе го слават Бог, ќе бидат послушни на родителите, благодарни, лојални, обѕирни кон другите, спремни за каков и да било договор, секогаш ќе зборуваат добро за другите, ќе имаат самосовладување, ќе бидат благи, ќе ја сакаат добротата, ќе бидат доверливи, спремни да попуштат, понизни, повеќе ќе го сакаат Бог отколку уживањата, ќе имаат вистинска стравопочит кон Јехова. Со таквите биди близок“. Дали разговараш со своето семејство или со своите соверници за тоа каков ќе биде животот во новиот свет?
15. Иако Тања чувствувала страв, што ѝ помогнало да ги победи своите стравови?
15 Една сестра во Северна Македонија, која се вика Тања, ги победила своите стравови така што размислувала за идните благослови. Нејзините родители многу ѝ се противеле затоа што почнала да ја проучува Библијата. Таа вели: „Многу од работите за кои се плашев дека ќе се случат навистина се случија. Мајка ми ме тепаше после секој состанок. Моите родители ми рекоа дека, ако треба и ќе ме убијат, но нема да дозволат да станам Јеховин сведок“. На крајот, родителите ја избркале Тања од дома. Како реагирала? Таа вели: „Се трудев да мислам на тоа колку ќе бидам среќна во сета вечност доколку му останам верна на Јехова. Исто така, размислував за тоа дека во новиот свет Јехова ќе ја надомести сета штета што ми била нанесена во овој свет, и дека сите лоши работи ќе бидат заборавени“. Тања му останала верна на Јехова. Со негова помош, таа нашла место за живеење. Денес, Тања и нејзиниот сопруг радосно му служат на Јехова во полновремена служба.
ЗАЈАКНУВАЈ СИ ЈА ДОВЕРБАТА ВО ЈЕХОВА УШТЕ ДЕНЕС
16. Што ќе ни помогне да останеме храбри кога ќе ги видиме настаните што се проречени во Лука 21:26-28?
16 За време на големата неволја, луѓето општо земено „ќе губат свест од страв“. Но, Божјите слуги ќе останат цврсти и храбри. (Прочитај Лука 21:26-28.) Зошто ние нема да му подлегнеме на стравот? Бидејќи веќе ќе имаме научено да имаме доверба во Јехова. Тања, која беше цитирана претходно, вели дека она што го доживеала во минатото ѝ помага да се справи со други тешки ситуации. Таа вели: „Сфатив дека Јехова може да ни помогне во која и да било ситуација и, така да се каже, да ја сврти во наша корист. Понекогаш може да ни изгледа дека другите имаат контрола над работите, но всушност, тие имаат контрола само онолку колку што Јехова им дозволува. И колку и да е тешка некоја неволја, таа сепак ќе заврши“.
17. Како ќе ни помогне годишниот стих за 2024? (Види ја сликата на насловната страница.)
17 Денес има многу работи поради кои чувствуваме страв. Но, исто како Давид, не мора да дозволиме стравот да нѐ контролира. Нашиот годишен стих за 2024 год. е дел од една молитва што Давид му ја упатил на Јехова: „Кога ќе се исплашам, во тебе ќе имам доверба“ (Пс. 56:3). Во врска со овој стих, еден библиски изучувач рекол дека Давид „ниту го потхранувал својот страв, ниту пак постојано размислувал за своите проблеми, туку се потпирал на својот Откупител, кој можел да го избави“. Во следните месеци размислувај за нашиот годишен стих, особено кога ќе се соочиш со застрашувачки ситуации. Одвојувај си време да размислуваш за она што Јехова го направил во минатото, за она што го прави сега и за она што ќе го направи во иднина. Тогаш, исто како Давид, ќе можеш да кажеш: „На Бог се надевам, нема да се плашам“ (Пс. 56:4).
КАКО МОЖЕШ ДА ГИ ПОБЕДИШ СВОИТЕ СТРАВОВИ СО ТОА ШТО ЌЕ РАЗМИСЛУВАШ...
за она што Јехова веќе го направил?
за она што Јехова го прави сега?
за она што Јехова допрва ќе го направи?
ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!
a Охрабрувачки информации кои ќе ти ја зајакнат верата можеш да најдеш на jw.org така што во полето за пребарување ќе напишеш „угледајте се на нивната вера“ или „искуства“. Во апликацијата JW Library®, во делот рубрики избери „Угледајте се на нивната вера“.
b Некои имиња се сменети.
c Види во книгата Приближи му се на Јехова, погл. 7, пас. 13-22.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Давид размислувал за тоа како Јехова му дал сила да убие една мечка, како му помогнал преку Ахимелех и за тоа дека во иднина ќе биде поставен за цар.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат, кој е во затвор поради својата вера, размислува за тоа како Јехова му помогнал да престане со пушењето, како го охрабрува преку писмата од неговите најблиски и за тоа дека во иднина ќе му даде вечен живот во рајот.