СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45
ПЕСНА 138 Седата коса е прекрасна
Поуки од прошталните зборови на верни слуги на Јехова
Зарем нема мудрост меѓу старците и зарем не донесува разумност долгиот живот? (ЈОВ 12:12)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да истакне дека послушноста кон Јехова Бог ни носи благослови уште сега и дека ќе ни донесе вечен живот во иднина.
1. Зошто може да учиме од постарите?
НА СЕКОЈ од нас му е потребно водство, односно совети, кога треба да донесе важни одлуки во животот. Такви совети обично може да добиеме од старешините и од други зрели христијани. Ако тие се многу постари од нас, не треба веднаш да заклучиме дека нивните совети се застарени. Јехова сака да учиме од постарите. Низ годините, тие насобрале искуство, знаење и мудрост многу повеќе од нас (Јов 12:12).
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Во библиски времиња, Јехова користел свои верни слуги кои биле постари за да го охрабруваат и за да го водат неговиот народ. На пример, размисли за Мојсеј, Давид и апостол Јован. Тие живееле во различни временски периоди, и нивните околности многу се разликувале. Кога биле пред крајот на својот живот, тие им дале мудри совети на помладите. Секој од овие верни постари мажи истакнал колку е важна послушноста кон Бог. Јехова се погрижил нивните мудри зборови да бидат зачувани за нас денес. Без разлика дали сме помлади или постари, може да извлечеме корист од нивните совети (Рим. 15:4; 2. Тим. 3:16). Во оваа статија ќе ги разгледаме прошталните зборови на овие тројца постари мажи и ќе видиме што може да научиме од нив.
„ТОЈ ТИ ДАВА ДОЛГОВЕЧНОСТ“
3. На кои начини Мојсеј му служел на Бог и на неговиот народ?
3 Мојсеј низ целиот свој живот правел многу за Јехова. Тој бил пророк, судија, заповедник и писател. Мојсеј стекнал големо искуство во животот. Тој го извел израелскиот народ од ропството во Египет и бил сведок на многу од чудата што ги направил Јехова. Бог го користел за да ги напише првите пет книги од Библијата, Псалм 90, а можеби и Псалм 91. Исто така, тој веројатно ја напишал и книгата Јов.
4. Кого Мојсеј го охрабрил, и зошто?
4 Кратко пред да умре, кога имал 120 години, Мојсеј ги собрал сите Израелци за да ги потсети на она што го виделе и доживеале. Кога биле млади, некои од нив со свои очи виделе многу знаци и чуда од Јехова, како и казната што тој им ја нанел на Египќаните (2. Мој. 7:3, 4). Тие поминале низ разделените води на Црвеното Море и го виделе уништувањето на фараоновата војска (2. Мој. 14:29-31). Во пустината, виделе како Јехова ги штити и се грижи за нив (5. Мој. 8:3, 4). Сега, кога Израелците биле на прагот од Ветената земја, Мојсеј ја искористил таа последна можност за да го охрабри народот.a
5. Во што ги увериле Израелците прошталните зборови на Мојсеј запишани во 5. Мојсеева 30:19, 20?
5 Што рекол Мојсеј? (Прочитај 5. Мојсеева 30:19, 20.) На Израелците им претстоела прекрасна иднина. Со благословот од Јехова, тие можеле да живеат долго во земјата што тој им ја ветил. И, таа навистина била убава и родна земја! Мојсеј ја опишал со следниве зборови: „[Земја] во која има големи и убави градови, кои не си ги градел, куќи полни со секакви добра, кои не си ги полнел, ископани бунари, кои не си ги копал, лозја и маслинарници, кои не си ги садел“ (5. Мој. 6:10, 11).
6. Зошто Бог им дозволил на некои други народи да ги победат Израелците?
6 Мојсеј им дал на Израелците и едно предупредување. За да продолжат да живеат во таа плодна земја, тие требало да им бидат послушни на Јеховините заповеди. Мојсеј ги предупредил да изберат живот со тоа што ќе го слушаат Јехова и ќе се држат за него. Сепак, Израелците го отфрлиле Јехова. Затоа, по некое време, Бог им дозволил на Асирците, а подоцна и на Вавилонците, да ги победат Израелците и да ги одведат во ропство (2. Цар. 17:6-8, 13, 14; 2. Лет. 36:15-17, 20).
7. Која поука може да ја извлечеме од зборовите на Мојсеј? (Види ја и сликата.)
7 Која е поуката за нас? Послушноста ќе ни го спаси животот. Исто како Израелците кои биле на прагот од Ветената земја, и ние сме на прагот од новиот свет кој ни го ветува Јехова Бог. Наскоро ќе може да видиме како Земјата ќе биде претворена во рај (Иса. 35:1; Лука 23:43). Ѓаволот и демоните ќе ги нема (Отк. 20:2, 3). Повеќе нема да постои лажната религија која шири лаги за Јехова (Отк. 17:16). Повеќе нема да има човечки влади кои ќе ги угнетуваат своите поданици (Отк. 19:19, 20). Во рајот нема да има место за бунтовници (Пс. 37:10, 11). Луѓето насекаде ќе им бидат послушни на праведните закони од Јехова, кои придонесуваат за единство и мир. Сите луѓе ќе се сакаат и ќе имаат доверба еден во друг (Иса. 11:9). Колку прекрасно време нѐ очекува! Што е уште поважно, ако сме му послушни на Јехова, ќе може да живееме во рајот на Земјата не само стотици години туку и во сета вечност (Пс. 37:29; Јован 3:16).
8. Како ветувањето за вечен живот му помогнало на еден долгогодишен мисионер? (Јуда 20, 21).
8 Ако Божјето ветување за вечен живот ни е цврсто врежано во мислите, ќе сакаме да му бидеме послушни на Јехова, без разлика со какви проблеми ќе се соочиме. (Прочитај Јуда 20, 21.) Исто така, тоа ветување може да ни даде сила за да се бориме со нашите слабости. Еден долгогодишен мисионер во Африка кој со години се борел со една слабост рекол: „Тоа што сфатив дека би можел да ја изгубам можноста да живеам вечно ме направи порешен да се борам со проблемот и сесрдно да го молам Јехова во врска со тоа. Со негова помош, успеав да победам во битката со мојата слабост“.
ЌЕ ПОСТАПУВАШ РАЗБОРИТО
9. Какви неволји доживеал Давид во својот живот?
9 Давид бил цар кој му бил верен на Јехова и кој го сакал народот. Тој бил и музичар, поет, воин и пророк. Давид доживеал многу неволји. Неколку години, тој бегал од едно место на друго поради љубоморниот цар Саул. Откако станал цар, Давид требало повторно да бега за да си го спаси животот кога неговиот син Авесалом се обидел да го преземе престолот. И покрај тоа што доживеал тешкотии и направил сериозни гревови, Давид му останал верен на Бог до крајот на својот живот. За него, Јехова рекол дека е „човек по [неговото] срце“. Затоа, вреди да го послушаме советот што го дал Давид (Дела 13:22; 1. Цар. 15:5).
10. Зошто Давид му дал совет на својот син и престолонаследник, Соломон?
10 Размисли, на пример, за советот што Давид му го дал на својот син и престолонаследник, Соломон. Јехова го избрал овој млад човек да му изгради храм во кој луѓето ќе може да го обожаваат (1. Лет. 22:5). Соломон ќе се соочел со тешкотии. Каков совет му дал Давид? Ајде да видиме.
11. Според 1. Царевите 2:2, 3, во што го уверил Давид својот син Соломон, и како ова се покажало вистинито? (Види ја и сликата.)
11 Што рекол Давид? (Прочитај 1. Царевите 2:2, 3.) Давид му кажал на својот син дека, ако му биде послушен на Јехова, ќе постапува разборито, односно ќе биде добар водач и Јехова ќе го благослови. Со години, Јехова му давал на Соломон многу добри работи и му помагал на разни начини (1. Лет. 29:23-25). Соломон изградил величествен храм и напишал неколку библиски книги. Тој станал познат по својата мудрост и по богатството (1. Цар. 4:34). Но како што објаснил Давид, Соломон ќе постапувал разборито сѐ додека му бил послушен на Јехова Бог. За жал, подоцна во животот, Соломон почнал да обожава други богови. Тој го изгубил пријателството со Јехова, и Бог престанал да му ја дава потребната мудрост за да владее добро и праведно (1. Цар. 11:9, 10; 12:4).
12. Што може да научиме од зборовите на Давид?
12 Која е поуката за нас? Ако сме му послушни на Јехова, тој ќе нѐ благословува и ќе ни помага (Пс. 1:1-3). Се разбира, Јехова не ни ветува дека ќе ни дава богатство и слава какви што имал Соломон. Но, ако сме му послушни на нашиот Бог, тој ќе ни ја дава потребната мудрост за да носиме добри одлуки (Изр. 2:6, 7; Јак. 1:5). Советите од Јехова можат да ни помогнат кога носиме одлуки во врска со работата, училиштето, парите и забавата. Ако постапуваме во склад со мудроста од Бог, ќе го зачуваме нашето пријателство со него и ќе имаме вечен живот (Изр. 2:10, 11). Исто така, ќе имаме цврсти пријателства. И, нашето семејство ќе биде среќно.
13. Што ѝ помогнало на Кармен да донесе мудри одлуки во животот?
13 Кармен, која живее во Мозамбик, мислела дека високото образование е клучот за подобар живот. Таа се запишала на факултет за архитектура. Кармен напишала: „Ми се допаѓаше тоа што го учев. Но, ми одземаше многу време и сила. Бев на факултет од 7:30 часот наутро до 18:00 часот навечер. Ми беше тешко да одам на состаноците и мојата духовност страдаше. Длабоко во себе, сфатив дека се обидувам да им служам на двајца господари“ (Мат. 6:24). Таа се молела и истражувала во нашите публикации за нејзината ситуација. Кармен додала: „Откако добив мудри совети од старешините и од мајка ми, решив да го напуштам факултетот и да му служам на Јехова полновремено. Ова ми помогна да ги донесам најдобрите одлуки во мојот живот, и воопшто не жалам за тоа“.
14. Која била главната порака на Мојсеј и на Давид?
14 Мојсеј и Давид го сакале Јехова и знаеле дека е многу важно да му бидат послушни. Со своите проштални зборови, тие ги поттикнале другите да го следат нивниот пример така што ќе се држат за Јехова, својот Бог. И двајцата дале и предупредување дека оние што нема да му останат верни на Јехова ќе го изгубат пријателството со него, како и благословите што тој им ги ветил. Нивните совети важат и за нас денес. Векови подоцна, и еден друг слуга на Јехова покажал колку е важно да му останеме верни на Бог.
„НЕМА ПОГОЛЕМА РАДОСТ“
15. Што доживеал апостол Јован во текот на својот живот?
15 Јован бил апостолот кого Исус Христос особено го сакал (Мат. 10:2; Јован 19:26). Јован го придружувал Исус во текот на неговата служба, бил сведок на неговите чуда и му останал верен и во тешки времиња. Тој гледал како Исус бил погубен и го видел откако воскреснал. Исто така, Јован бил сведок на ширењето на христијанството во првиот век. Тој живеел доволно долго за да види како добрата вест се проповеда „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23).
16. Кој извлекува корист од писмата на Јован?
16 При крајот на својот долг живот, Јован имал чест да напише некои од библиските книги. Тој го напишал возбудливото „откровение на Исус Христос“ (Отк. 1:1). Го напишал и евангелието кое го носи неговото име. Под водство на светиот дух, Јован напишал и три писма. Своето трето писмо му го напишал на еден верен христијанин по име Гај, кого го сакал како свое духовно дете (3. Јов. 1). Дотогаш, сигурно имало многу христијани кои Јован ги сметал за свои духовни деца. Она што го напишал овој верен постар човек служи како охрабрување за следбениците на Исус до ден-денес.
17. Според 3. Јованово 4, што ни носи радост?
17 Што напишал Јован? (Прочитај 3. Јованово 4.) Јован пишувал за тоа дека послушноста кон Бог ни носи радост. До времето кога Јован го завршил пишувањето на своето трето писмо, некои поединци веќе ширеле лажни учења и предизвикувале поделби. Сепак, други продолжиле да „живеат според вистината“. Тие му биле послушни на Јехова и живееле „според неговите заповеди“ (2. Јов. 4, 6). Овие верни христијани не го радувале само Јован туку и Јехова (Изр. 27:11).
18. Која поука може да ја извлечеме од зборовите на Јован?
18 Која е поуката за нас? Верноста кон Јехова носи радост (1. Јов. 5:3). На пример, радосни сме поради тоа што знаеме дека го радуваме Јехова. Тој се радува кога гледа дека ги отфрламе искушенијата од светот и сме послушни на неговите заповеди (Изр. 23:15). И ангелите на небото се радуваат (Лука 15:10). И ние се радуваме кога гледаме како нашите браќа и сестри остануваат верни дури и ако се прогонувани или ако се на искушение да направат нешто погрешно (2. Сол. 1:4). А кога овој свет ќе биде уништен, ќе бидеме радосни поради тоа што сме му останале верни на Јехова дури и во свет кој бил под власта на Сатана.
19. Што рекла една сестра по име Рејчел во врска со поучувањето на другите за вистината? (Види ја и сликата.)
19 Особено сме радосни кога ја споделуваме добрата вест со другите. Рејчел, која живее во Доминиканската република, смета дека е огромна чест да се поучуваат другите за прекрасниот Бог на кој му служиме. Во врска со нејзините духовни деца, таа вели: „Немам зборови со кои би можела да ја опишам радоста што ја чувствувам кога гледам како оние што ги поучувам развиваат љубов кон Јехова, учат да се потпираат на него и прават промени во својот живот за да го радуваат. Таа радост е поголема од сиот труд и од сите жртви што треба да ги правам за да ги поучувам другите“.
ИЗВЛЕЧИ КОРИСТ ОД ПРОШТАЛНИТЕ ЗБОРОВИ НА НЕКОИ ВЕРНИ МАЖИ
20. Што имаме заедничко со Мојсеј, Давид и Јован?
20 Мојсеј, Давид и Јован живееле во време и околности кои биле различни од нашите. Но имаме многу заеднички работи со нив. Тие му служеле на вистинскиот Бог, а му служиме и ние. Исто како нив, му се молиме на Јехова, се потпираме на него и бараме водство од него. И, исто како овие мажи од минатото, уверени сме дека Јехова богато ги благословува оние што му се послушни.
21. Какви благослови ги очекуваат оние што ќе ги земат при срце советите на верни постари мажи како Мојсеј, Давид и Јован?
21 Со оглед на сето ова, да ги земеме при срце прошталните зборови на овие верни постари мажи така што ќе им бидеме послушни на Јеховините заповеди. Така ќе постапуваме разборито во сѐ. Ќе имаме „живот и долговечност“ — ќе живееме вечно (5. Мој. 30:20). И ќе бидеме радосни затоа што го радуваме нашиот небесен Татко полн со љубов кој ги исполнува сите свои ветувања на далеку подобар начин од што очекуваме, па дури и од што можеме да си замислиме (Еф. 3:20).
ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!
a Поголемиот дел од Израелците кои ги виделе Јеховините чуда кај Црвеното Море не живееле доволно долго за да ја видат Ветената земја (4. Мој. 14:22, 23). Јехова рекол дека оние кои имаат од 20 години нагоре и кои биле попишани ќе умрат во пустината (4. Мој. 14:29). Сепак, Исус Навин, Халев, многумина од помладата генерација, како и многумина од племето Леви останале живи и виделе како Јехова го исполнил своето ветување кога Израелците ја преминале реката Јордан и влегле во Ханаанската земја (5. Мој. 1:24-40).
b ОПИС НА СЛИКАТА: Лево: Со своите проштални зборови, Давид му дава на својот син Соломон мудар совет. Десно: Браќа и сестри кои се на Школата за пионери извлекуваат корист од поуките од Јехова.