ДВАЕСЕТ И ПРВО ПОГЛАВЈЕ
Јас сум „чист од крвта на сите“
Павле е ревносен во службата и им дава совети на старешините
Се темели на Дела 20:1-38
1-3. а) Опиши во какви околности загинал Ефтих. б) Што направил Павле, и што покажува оваа случка за него?
ПАВЛЕ се наоѓа во една преполна горна соба во Троада. Тој им зборува долго на браќата бидејќи ова им е последна вечер заедно. Веќе е полноќ. Во собата светат многу светилки кои го загреваат воздухот, и затоа е задушливо. На прозорецот седи едно момче по име Ефтих. Додека Павле зборува, Ефтих заспива и паѓа од вториот кат!
2 Како лекар, Лука веројатно истрчува меѓу првите за да го прегледа момчето. Сите се плашат од најлошото. И со право — кога го подигаат, Ефтих е мртов (Дела 20:9). Но, тогаш се случува чудо. Павле се наведнува над момчето и им вели на насобраните луѓе: „Не викајте, зашто е жив!“ Всушност, тој го воскреснал Ефтих! (Дела 20:10).
3 Овој настан покажува колку е моќен Божјиот свет дух. Павле во никој случај не бил виновен за смртта на Ефтих. Сепак, не сакал тој немил настан да го расипе впечатокот од овој важен собир, или пак да спрепне некого. Со тоа што го воскреснал Ефтих, Павле го утешил собранието, и тоа било уште помотивирано да ја врши својата служба. Без сомнение, тој чувствувал голема одговорност кон животот на другите. Ова нѐ потсетува на неговите зборови: „Чист [сум] од крвта на сите“ (Дела 20:26). Да видиме што може да научиме од Павле во врска со ова.
„Тргна на пат за Македонија“ (Дела 20:1, 2)
4. Низ која тешка ситуација минал Павле?
4 Како што видовме во претходното поглавје, Павле минал низ една многу тешка ситуација. Неговата служба во Ефес предизвикала големи немири. Всушност, сребрарите, чија издршка зависела од обожавањето на Артемида, кренале бунт! Во Дела 20:1 се вели: „А кога стивна вревата, Павле испрати по учениците. Ги охрабри и се поздрави со нив, а потоа тргна на пат за Македонија“.
5, 6. а) Колку долго можеби Павле бил во Македонија, и како им помогнал на тамошните браќа? б) Каков став имал Павле кон своите соверници?
5 На пат кон Македонија, Павле запрел во пристанишниот град Троада и таму останал некое време. Тој се надевал дека Тит, кој бил испратен за Коринт, ќе му се придружи во Троада (2. Кор. 2:12, 13). Но, кога станало јасно дека Тит нема да дојде, Павле тргнал за Македонија, каде што останал помалку од една година, храбрејќи ги браќата со многу зборовиa (Дела 20:2). Тит конечно му се придружил на Павле во Македонија и го израдувал со веста дека Коринќаните реагирале позитивно на неговото прво писмо (2. Кор. 7:5-7). Ова го навело Павле да им напише уште едно писмо, кое сега ни е познато како 2. Коринќаните.
6 Интересно е да се забележи дека Лука двапати го користи изразот „ги охрабри“ за да опише како влијаеле посетите на Павле врз браќата во Ефес и во Македонија. Тоа е многу добар опис на ставот што го имал Павле кон соверниците. За разлика од фарисеите, кои ги презирале луѓето, Павле гледал на членовите на собранието како на свои соработници (Јован 7:47-49; 1. Кор. 3:9). Тој го задржал ваквиот став дури и кога морал да им даде строг совет (2. Кор. 2:4).
7. Како денешните христијански надгледници го следат примерот на Павле?
7 Денес, собраниските старешини и покраинските надгледници се трудат да го следат примерот на Павле. Дури и кога даваат укор, нивна цел е да ги зајакнат оние на кои им треба помош. Полни со сочувство, надгледниците се трудат да ги охрабрат, а не да ги осудат. Еден долгогодишен покраински надгледник го изразил тоа со следниве зборови: „Повеќето браќа и сестри навистина сакаат да постапат како што треба, но честопати се борат со фрустрации и стравови, и чувствуваат дека не можат сами да се справат со проблемите“. Надгледниците можат многу да ги зајакнат таквите соверници (Евр. 12:12, 13).
„Евреите сковаа заговор против него“ (Дела 20:3, 4)
8, 9. а) Што го сменило планот на Павле да се качи на брод за Сирија? б) Зошто Евреите го мразеле Павле?
8 Од Македонија, Павле заминал за Коринт.b По три месеци, бил спремен да појде во Кенхреја, од каде што имал намера да се качи на брод за Сирија. Оттаму ќе можел да отиде во Ерусалим и да им ги предаде прилозите на сиромашните браќаc (Дела 24:17; Рим. 15:25, 26). Меѓутоа, нешто неочекувано го сменило планот на Павле. Во Дела 20:3 се вели: „Евреите сковаа заговор против него“.
9 Не е чудно што Евреите го мразеле апостолот, бидејќи го сметале за отпадник. Неколку години пред тоа, поради проповедањето на Павле, Крисп, кој бил важна личност во синагогата во Коринт, станал христијанин (Дела 18:7, 8; 1. Кор. 1:14). Во една друга прилика, Евреите во Коринт изнеле обвиненија против Павле пред Галион, проконзулот на Ахаја. Но, Галион ги отфрлил тие обвиненија како неосновани — одлука што ги разбеснила непријателите на Павле (Дела 18:12-17). Можеби Евреите во Коринт знаеле или претпоставувале дека Павле наскоро ќе исплови од блиската Кенхреја, па затоа сковале заговор да го фатат таму. Што сторил Павле?
10. Дали Павле решил да не оди во Кенхреја затоа што бил плашливец? Објасни.
10 Заради лична безбедност — а и за да ги заштити прилозите што му биле доверени — Павле решил да не оди во Кенхреја, туку да се врати преку Македонија. Точно, и патувањето по копно било доста опасно. Во старо време, луѓето што патувале по копно честопати биле напаѓани од разбојници. Дури и ноќевалиштата не биле безбедни места. Сепак, Павле бил поспремен да се соочи со такви опасности отколку да ризикува да оди преку Кенхреја. За среќа, не патувал сам. Во овој дел од неговото мисионерско патување го придружувале Аристарх, Гај, Секунд, Сопатер, Тимотеј, Тихик и Трофим (Дела 20:3, 4).
11. Како христијаните денес преземаат разумни мерки за да се заштитат, и каков пример дал Исус во овој поглед?
11 Исто како Павле, христијаните денес преземаат мерки да се заштитат додека се во служба. На некои подрачја тие не сведочат сами, туку во групи — или барем во парови. А што ако дојде до прогонство? Христијаните се свесни дека тоа е неизбежно (Јован 15:20; 2. Тим. 3:12). Сепак, не се изложуваат непотребно на опасности. Размисли за Исус. Во една прилика, кога противниците во Ерусалим зеле камења за да ги фрлат на него, Исус се скрил и излегол од храмот (Јован 8:59). Подоцна, кога Евреите сковале заговор да го убијат, Исус повеќе не се движел јавно меѓу Евреите, туку заминал оттаму во крајот близу до пустината (Јован 11:54). Значи, тој преземал разумни мерки да се заштити кога тоа не било во спротивност со Божјата волја за него. И христијаните денес постапуваат на ист начин (Мат. 10:16).
„Неизмерно утешени“ (Дела 20:5-12)
12, 13. а) Како влијаело воскресението на Ефтих врз собранието? б) Која библиска надеж ги теши денес оние на кои им умрел некој од најмилите?
12 Павле и неговите соработници патувале заедно низ Македонија, а потоа, по сѐ изгледа, се разделиле. Очигледно, повторно се сретнале во Троада.d Извештајот вели: „За пет дена дојдовме кај нив во Троада“e (Дела 20:6). Токму таму бил воскреснат младиот Ефтих, како што видовме во почетокот на ова поглавје. Замисли си како се чувствувале браќата кога нивниот пријател бил вратен во живот! Според она што го напишал Лука, тие биле „неизмерно утешени“ (Дела 20:12).
13 Се разбира, денес нема такви чуда. Сепак, оние на кои им умрел некој од најмилите се „неизмерно утешени“ од библиската надеж за воскресението (Јован 5:28, 29). Размисли: Затоа што бил несовршен, на крајот Ефтих повторно умрел (Рим. 6:23). Но, оние што ќе бидат воскреснати во Божјиот нов свет ќе можат да живеат вечно! Освен тоа, тие што се воскреснати за да владеат со Исус на небото ќе се облечат во бесмртност (1. Кор. 15:51-53). Христијаните денес — сеедно дали се помазаници или „други овци“ — навистина имаат силни причини да бидат „неизмерно утешени“ (Јован 10:16).
„Јавно и одејќи од куќа до куќа“ (Дела 20:13-24)
14. Што им рекол Павле на старешините од Ефес кога се сретнал со нив во Милет?
14 Павле и неговите придружници патувале од Троада до Асос, а потоа до Митилена, Хиос, Самос и до Милет. Павле сакал да стигне во Ерусалим пред празникот Педесетница, и тоа објаснува зошто решил да се врати со брод кој не застанувал во Ефес. Сепак, сакал да зборува со старешините од Ефес, и затоа ги замолил да дојдат кај него во Милет (Дела 20:13-17). Кога пристигнале, Павле им рекол: „Вие знаете како се однесував меѓу вас за сето време, од првиот ден кога стапнав во Азија. Му робував на Господарот со сета понизност, со солзи и со искушенија, кои ме снајдоа поради заговорите на Евреите. И не пропуштив да ви кажам сѐ што е корисно и да ве поучувам јавно и одејќи од куќа до куќа. Туку темелно им сведочев и на Евреите и на Грците за покајанието пред Бог и за верата во нашиот Господар Исус“ (Дела 20:18-21).
15. Кои се предностите на сведочењето од куќа до куќа?
15 Денес ја пренесуваме добрата вест на разни начини. Исто како Павле, се трудиме да одиме секаде кај што има луѓе — на автобуски постојки, на прометни улици или на пазари. Сепак, службата од куќа до куќа останува главната метода што ја користат Јеховините сведоци. Зошто? Една причина е тоа што, кога проповедаме од куќа до куќа, сите добиваат можност да ја слушаат пораката за Царството на редовна основа, и на тој начин се гледа дека Бог е непристрасен. Освен тоа, искрените лица можат да добијат помош во склад со своите лични потреби. Исто така, службата од куќа до куќа им ја гради верата и истрајноста на оние што учествуваат во неа. Всушност, ревносното сведочење јавно и од куќа до куќа е знак за препознавање на вистинските христијани денес.
16, 17. Како покажал Павле дека е бестрашен, и како христијаните денес го следат неговиот пример?
16 Павле им кажал на старешините од Ефес дека не знае какви опасности го чекаат кога ќе се врати во Ерусалим. „Но, ни најмалку не се грижам за својот живот“, им рекол тој, „само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус: темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“ (Дела 20:24). Бестрашно, Павле не дозволил никакви околности — ниту слабото здравје ниту немилосрдното противење — да го спречат да ја доврши својата задача.
17 И христијаните денес се соочуваат со најразлични тешки околности. Некои служат под забрана или под прогонство. Други храбро се борат со физички или душевни болести. Младите христијани се соочуваат со притисок од врсниците на училиште. Но, сеедно во какви околности се наоѓаат, Јеховините сведоци се истрајни, исто како што бил и Павле. Тие се решени темелно да сведочат за добрата вест.
„Внимавајте на себе и на целото стадо“ (Дела 20:25-38)
18. Зошто Павле бил чист од крвта на сите, и како можеле старешините од Ефес да го следат неговиот пример?
18 Потоа Павле им дал директен совет на старешините од Ефес, земајќи се себеси за пример. Прво им кажал дека ова е веројатно последен пат што го гледаат. А потоа рекол: „Чист [сум] од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја објавам во потполност Божјата намера“. Како можеле старешините од Ефес да го следат примерот на Павле, и на тој начин да бидат чисти од вина за крв? Тој им рекол: „Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве постави за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот Син“ (Дела 20:26-28). Потоа ги предупредил дека во стадото ќе влезат „свирепи волци... кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“. Што требало тогаш да прават старешините? Павле ги советувал: „Затоа, бдејте, имајќи на ум дека три години, ден и ноќ, не престанав да го опоменувам со солзи секого од вас“ (Дела 20:29-31).
19. Какво отпадништво се развило кон крајот на првиот век, и до што водело ова во следните векови?
19 Такви „свирепи волци“ се појавиле кон крајот на првиот век. Околу 98 год. од н.е., апостол Јован напишал: „Се појавија многу антихристи... Излегоа од нас, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас“ (1. Јов. 2:18, 19). До третиот век, од ваквите отпадници од верата се создало свештенството на христијанскиот свет, а во четвртиот век, императорот Константин му дал законско признание на овој расипан облик на „христијанство“. Со тоа што ги прифатиле паганските обреди и обичаи залепувајќи им „христијанска“ етикета, верските водачи навистина изнесувале „искривени учења“. Последиците од тоа отпадништво сѐ уште се гледаат во учењата и обичаите на христијанскиот свет.
20, 21. Како покажал Павле дека е самопожртвуван, и како христијанските старешини денес постапуваат на ист начин?
20 Каква јасна разлика постои меѓу Павле и оние што подоцна почнале да го искористуваат стадото! Тој работел за да се издржува и да не му биде товар на собранието, и не им служел на соверниците за да стекне некаква лична корист. Павле ги поттикнал старешините од Ефес да бидат самопожртвувани кога им рекол: „Морате да им помагате на слабите и да ги имате на ум зборовите на Господарот Исус, кој рече: ’Повеќе усреќува давањето отколку примањето‘“ (Дела 20:35).
21 Исто како Павле, денешните христијански старешини се самопожртвувани. За разлика од свештенството на христијанскиот свет, кое ги стриже и ги дере своите стада, оние што имаат одговорност да го пасат „Божјето собрание“ несебично ги исполнуваат своите должности. Во христијанското собрание нема место за гордост и амбиција, бидејќи оние што бараат „чест за себе“ кога-тогаш ќе сносат лоши последици (Изр. 25:27). Вообразеноста секогаш носи срам (Изр. 11:2).
22. Зошто Павле им бил мил на старешините од Ефес?
22 Павле им бил мил на своите браќа затоа што искрено ги сакал. Како се разделиле кога дошло време да си замине? Во извештајот стои: „Сите силно заплакаа, па го изгушкаа Павле и од срце го избакнаа“ (Дела 20:37, 38). Христијаните навистина ги ценат и ги сакаат оние што, исто како Павле, несебично се трошат за стадото. Откако го разгледавме одличниот пример на овој апостол, зарем не се согласуваш дека тој ниту се фалел ниту претерувал кога рекол дека е „чист од крвта на сите“? (Дела 20:26).
a Види ја рамката „Писмата на Павле од Македонија“.
b Веројатно во текот на оваа посета на Коринт, Павле го напишал своето писмо до Римјаните.
c Види ја рамката „Павле ги доставува собраните прилози“.
d Во Дела 20:5, 6, Лука ја користи заменката „ние“, што, по сѐ изгледа, покажува дека тој му се придружил на Павле во Филипи откако апостолот го оставил таму некое време пред тоа (Дела 16:10-17, 40).
e Патувањето од Филипи до Троада траело пет дена. Можеби морале да пловат спроти ветрот, бидејќи истото патување претходно траело само два дена (Дела 16:11).