СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44
Зачувај ја цврста својата надеж
Надевај се на Јехова (ПС. 27:14)
ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Каква надеж ни дал Јехова?
ЈЕХОВА ни дал прекрасна надеж за вечен живот. Некои имаат надеж дека ќе живеат на небото како бесмртни духовни суштества (1. Кор. 15:50, 53). Сепак, повеќето имаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата, дека ќе имаат совршено здравје и дека ќе бидат среќни (Отк. 21:3, 4). Без разлика дали очекуваме да живееме вечно на небото или на Земјата, нашата надеж многу ни значи.
2. На што се темели нашата надеж, и зошто може да го кажеме тоа?
2 Зборот „надеж“ што се користи во Библијата може да се дефинира како „очекување дека ќе се случат добри работи“. Можеме да бидеме сигурни дека нашата надеж ќе се исполни бидејќи Јехова е тој што ни ја дава (Рим. 15:13). Знаеме што ни ветил тој и знаеме дека секогаш си стои на зборот (4. Мој. 23:19). Уверени сме дека Јехова има и желба и моќ да го исполни сето она што го ветил. Според тоа, нашата надеж не е само фантазија или пуста желба. Таа се темели на докази и на она што знаеме дека навистина постои.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија? (Псалм 27:14).
3 Нашиот небесен Татко има голема љубов кон нас и сака да имаме доверба во него. (Прочитај Псалм 27:14.) Ако нашата надеж во Јехова е силна, ќе можеме храбро да истраеме во неволјите и да ја зачуваме радоста без разлика со што ќе се соочиме во иднина. Во оваа статија ќе видиме како нѐ штити надежта. Прво ќе видиме во која смисла надежта е како котва и како шлем. Потоа ќе видиме како можеме да си ја зајакнеме надежта.
НАШАТА НАДЕЖ Е КАКО КОТВА
4. Зошто надежта може да се спореди со котва? (Евреите 6:19).
4 Во своето писмо до Евреите, апостол Павле ја споредил нашата надеж со котва. (Прочитај Евреите 6:19.) Бидејќи често патувал по море, Павле знаел дека котвата го спречува бродот да отплови. Во една прилика, додека патувал на еден брод, почнала силна бура. Додека траела бурата, тој видел како морнарите ги фрлаат котвите во вода за да спречат бродот да биде одвлечен кон опасните карпи (Дела 27:29, 39-41). Слично како што една котва го спречува бродот да отплови, нашата надеж ќе ни помогне да не се оддалечиме од Јехова кога минуваме низ бурни времиња. Нашата цврста надеж ни помага да ги пребродиме бурите со кои се соочуваме во животот бидејќи имаме доверба дека ќе дојдат помирни времиња. Имај на ум дека Исус нѐ предупредил дека ќе бидеме прогонувани (Јован 15:20). Затоа, тоа што ќе размислуваме за иднината која ни е ветена ќе ни помогне да продолжиме верно да му служиме на Јехова.
5. Како надежта му помогнала на Исус кога се соочил со смртта?
5 Да видиме како надежта му помогнала на Исус да остане верен и покрај тоа што знаел дека го очекува сурова смрт. На Педесетница 33 год. од н.е., апостол Петар цитирал пророштво од Псалмите кое на убав начин покажува колку Исус бил смирен и колкава доверба имал во Јехова: „Моето тело ќе почива во надеж, зашто нема да ја оставиш мојата душа во гробот, ниту ќе дозволиш твојот лојален слуга да види распаѓање... твоето лице ќе ме исполни со веселба“ (Дела 2:25-28; Пс. 16:8-11). Иако знаел дека ќе умре, Исус имал цврста надеж дека Бог ќе го воскресне и се радувал затоа што знаел дека ќе биде повторно со својот Татко на небото (Евр. 12:2, 3).
6. Што кажал еден брат во врска со надежта?
6 Нашата христијанска надеж им помогнала на многу наши браќа и сестри да истраат. Да го разгледаме примерот на Леонард Чин, еден верен брат кој живеел во Англија. За време на Првата светска војна, тој бил затворен бидејќи одбил да оди во војска. Два месеци бил држен во самица, а потоа бил принуден на тешка физичка работа. Тој подоцна напишал: „Она што го доживеав ми помогна да сфатам колку многу ни е потребна надежта за да истраеме. Ги имаме примерите на Исус, апостолите и пророците, како и скапоцените ветувања во Библијата. Сето ова ни помага да имаме цврста надеж за иднината и нѐ зајакнува да истраеме“. Надежта била котва за Леонард, а може да биде и за нас.
7. Како неволјите ја зацврстуваат нашата надеж? (Римјаните 5:3-5; Јаков 1:12).
7 Кога истрајуваме во неволјите и гледаме како Јехова ни помага, сфаќаме дека тој е задоволен со нас. (Прочитај Римјаните 5:3-5; Јаков 1:12.) На тој начин нашата надеж станува поцврста. Затоа, сега нашата надеж е поцврста од моментот кога сме ја дознале вистината. Сатана сака неволјите да нѐ скршат, но со помошта од Јехова можеме успешно да се справиме со секоја од нив.
НАШАТА НАДЕЖ Е КАКО ШЛЕМ
8. Зошто може надежта да се спореди со шлем? (1. Солуњаните 5:8).
8 Библијата исто така ја споредува нашата надеж со шлем. (Прочитај 1. Солуњаните 5:8.) Војникот носи шлем за да ја заштити главата од ударите на непријателот. Во нашата духовна војна, ние треба да си го заштитиме нашиот ум од нападите на Сатана. Тој нѐ бомбардира со разни искушенија и ставови чија цел е да ни го расипат размислувањето. Исто како што шлемот ја штити главата на еден војник, така и нашата надеж го штити нашето размислување за да можеме да му останеме верни на Јехова.
9. Како влијае врз луѓето тоа што немаат надеж?
9 Нашата надеж за вечен живот ќе ни помогне да носиме мудри одлуки. Од друга страна, ако нашата надеж ослабне и почнеме да размислуваме само за тоа како да ги задоволиме нашите желби, би можеле да ја изгубиме од вид надежта за вечен живот. Да го разгледаме примерот на некои христијани кои живееле во древниот Коринт. Тие ја изгубиле верата во едно важно ветување од Бог — дека ќе има воскресение (1. Кор. 15:12). Павле напишал дека оние кои не веруваат во воскресение живеат само за да ги задоволат своите желби (1. Кор. 15:32). Денес, многу луѓе кои немаат надеж во ветувањата што ги дава Бог живеат само за своите моментални задоволства и сакаат да искористат сѐ што им нуди животот. За разлика од нив, ние имаме доверба дека она што Бог го ветил за иднината ќе се исполни. Нашата надеж е како шлем кој ги штити нашите мисли. Таа ни помага да не мислиме само на себеси бидејќи тоа би можело да ни го наруши односот со Јехова (1. Кор. 15:33, 34).
10. Како надежта може да нѐ заштити од погрешно размислување?
10 Нашата надеж може да нѐ заштити и од гледиштето дека никогаш нема да можеме да му угодиме на Јехова. На пример, некои можеби си мислат: „Нема шанси јас да бидам меѓу тие што ќе живеат вечно. Едноставно не сум доволно добар. Јас никогаш нема да успеам да живеам според Божјите мерила“. Сети се дека Елифаз, еден од лажните тешители на Јов, му рекол нешто слично на Јов: „Што е смртниот човек за да биде чист?“ Потоа за Бог тој рекол: „Гледај, тој не им верува на своите свети слуги, дури ни небесата не ги смета за чисти“ (Јов 15:14, 15). Какви лаги! Не заборавај дека Сатана е тој што стои зад нив. Сатана знае дека, ако продолжиш да размислуваш на тој начин, твојата надеж ќе ослабне. Затоа отфрли ги таквите лаги и мисли на Јеховините ветувања. Никогаш не се сомневај дека тој сака да живееш засекогаш и дека ќе ти помогне да ја оствариш таа цел (1. Тим. 2:3, 4).
НЕ ДОЗВОЛУВАЈ ДА ТИ ОСЛАБНЕ НАДЕЖТА
11. Зошто треба да бидеме стрпливи додека чекаме да се исполни нашата надеж?
11 Не е секогаш лесно да ја зачуваме цврста нашата надеж. Може да станеме нестрпливи додека чекаме Бог да ги исполни своите ветувања. Сепак, Јехова е вечен и затоа неговото гледиште за времето се разликува од нашето (2. Пет. 3:8, 9). Тој ќе ја изврши својата намера на најдобар можен начин, но можеби не во време кога ние очекуваме. Што ќе ни помогне да ја зачуваме цврста нашата надеж додека стрпливо чекаме Јехова да ги исполни своите ветувања? (Јак. 5:7, 8).
12. Според Евреите 11:1, 6, како надежта е поврзана со верата?
12 Ќе ја зачуваме цврста нашата надеж ако останеме блиски со Јехова, оној кој ќе направи да се оствари таа надеж. Библијата кажува дека, за да имаме надеж, мора да имаме вера дека Јехова постои и „дека ги наградува оние што ревносно го бараат“. (Прочитај Евреите 11:1, 6.) Колку Јехова ни е пореален толку поголема доверба ќе имаме дека тој ќе го исполни сето она што го ветил. Да разгледаме неколку практични начини на кои можеме да станеме поблиски со Јехова, и така да ја зачуваме нашата надеж цврста.
13. Како може да се зближиме со Бог?
13 Моли му се на Јехова и читај ја неговата Реч. Иако не можеме да го видиме Јехова, можеме да бидеме блиски со него. Ние можеме да му зборуваме така што ќе му се молиме, уверени дека тој нѐ слуша (Ерем. 29:11, 12). А кога ја читаме неговата Реч и длабоко размислуваме за неа, го слушаме Јехова како ни зборува нам. Кога читаме за тоа како Јехова се грижел за своите верни слуги во минатото, нашата надеж станува поцврста. Сѐ што е напишано во Божјата Реч „напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15:4).
14. Зошто е добро да размислуваме за она што Јехова го направил за другите?
14 Размислувај за тоа како Јехова ги исполнил своите ветувања. Да видиме што направил Бог за Авраам и Сара. Тие дошле на возраст кога веќе не можеле да имаат деца. Сепак, Бог им ветил дека ќе имаат дете (1. Мој. 18:10). Како реагирал Авраам на ова ветување? Библијата вели: „Поверува дека ќе стане татко на многу народи“ (Рим. 4:18). Иако од човечка гледна точка ситуацијата изгледала безнадежна, Авраам бил уверен дека Јехова ќе го исполни своето ветување. Овој верен Божји слуга не бил разочаран (Рим. 4:19-21). Од ваквите извештаи учиме дека секогаш можеме да имаме доверба дека ќе се исполнат Јеховините ветувања без разлика колку тоа ни изгледа невозможно.
15. Зошто треба да размислуваме за она што Бог го направил за нас?
15 Размислувај за она што Јехова го направил за тебе. Размисли како тебе лично ти користело тоа што се исполниле некои ветувања што се наоѓаат во Божјата Реч. На пример, Исус ветил дека неговиот Татко ќе се погрижи да го имаш она што ти е потребно за живот (Мат. 6:32, 33). Исто така, тој ветил дека Јехова ќе ти дава свет дух кога го молиш за тоа (Лука 11:13). Јехова ги исполнува овие ветувања. Веројатно можеш да се сетиш и на други ветувања кои Бог ги исполнил и во твојот случај. На пример, тој ветил дека ќе ти простува, ќе те теши и ќе те храни во духовен поглед (Мат. 6:14; 24:45; 2. Кор. 1:3). Ако размислуваш за сето она што Јехова досега го направил за тебе, ќе ти се зајакне надежта за она што тој ќе го направи за тебе и во иднина.
РАДУВАЈ СЕ ВО НАДЕЖТА
16. Зошто надежта е скапоцен дар?
16 Нашата надеж за вечен живот е скапоцен дар од Бог. Очекуваме прекрасна иднина за која сме сигурни дека ќе стане реалност. Слично како котва, нашата надеж може да ни даде стабилност ако се соочиме со тешкотии, доживееме прогонство, па дури и ако се соочиме со смрт. Слично како шлем, надежта го штити нашето размислување за да можеме да го отфрлиме она што е погрешно и да го правиме она што е исправно. Нашата надеж, која се темели на Библијата, нѐ зближува со Бог и ни открива колку многу тој нѐ сака. Навистина, многу ќе ни користи ако даваме сѐ од себе за да ја зачуваме цврста нашата надеж.
17. Зошто нашата надеж ни дава причина за радост?
17 Апостол Павле ги поттикнал христијаните во Рим: „Радувајте се во надежта“ (Рим. 12:12). Павле можел да се радува бидејќи бил сигурен дека, ако остане верен, ќе добие вечен живот на небото. И ние може да се радуваме во нашата надеж бидејќи сме сигурни дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања. Како што напишал псалмистот: „Среќен е човекот... кој се надева на Јехова, својот Бог... кој секогаш се држи за вистината“ (Пс. 146:5, 6).
ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?
a Јехова ни дал прекрасна надеж за иднината. Надежта нѐ охрабрува и ни помага да не се концентрираме на проблемите што ги имаме денес. Таа ни дава сила да му останеме верни на Јехова, без разлика со какви тешкотии се соочуваме. Исто така, може да нѐ заштити од световни гледишта кои би можеле да го расипат нашето размислување. Како што ќе видиме во оваа статија, ова се добри причини да ја зачуваме цврста нашата христијанска надеж.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Исто како што шлемот ја штити главата на еден војник и како што котвата не дозволува бродот да биде однесен од брановите, така надежта го штити нашето размислување и ни дава стабилност кога минуваме низ тешкотии. Една сестра му се моли на Јехова со доверба дека тој ја слуша. Еден брат размислува како Јехова го одржал своето ветување што му го дал на Авраам. Друг брат размислува за благословите што ги добил од Јехова.