Зошто чудата сами по себе не градат вера
ВЕРУВАМ во она што го гледам. Такво е гледиштето на мнозина. Некои велат дека би верувале во Бог доколку тој би се открил на некој чудесен начин. Можеби е така, но дали таквото верување би водело до искрена вера?
Размисли за Израелците Кореј, Датан и Авирон. Библијата покажува дека тие биле очевидци на следниве Божји чуда кои влеваат стравопочитување: десетте неволји врз Египет, бегството на израелската нација преку Црвеното Море и уништувањето на египетскиот фараон со неговата воена сила (2. Мојсеева 7:19—11:10; 12:29—32; Псалм 135:15). Кореј, Датан и Авирон исто така го чуле Јехова како зборува од небото на планината Синај (5. Мојсеева 4:11, 12). Сепак, недолго откако се случиле овие чуда, тројцата мажи поттикнале бунт против Јехова и против неговите поставени слуги (4. Мојсеева 16:1—35; Псалм 105:16—18).
После 40-тина години, еден пророк по име Валаам исто така бил очевидец на едно чудо. Дури и ангелската интервенција не го спречила да застане на страната на Божјите непријатели, Моавците. И покрај тоа чудо, Валаам останал на своето и зазел став против Јехова Бог и против Неговиот народ (4. Мојсеева 22:1—35; 2. Петрово 2:15, 16). Меѓутоа, Валаамовиот недостиг на вера избледнува во споредба со оној на Јуда Искариотски. И покрај тоа што бил близок придружник на Исус и очевидец на извонредна низа чуда, Јуда го издал Христа за триесет сребреници (Матеј 26:14—16, 47—50; 27:3—5).
Еврејските верски водачи исто така биле свесни за многуте Исусови чуда. Откако го воскреснал Лазар, тие дури и признале: „Овој Човек прави многу чудеса“. Но, дали глетката на сега оживеаниот Лазар им ги омекнала срцата и им дала вера? Никако не. Наместо тоа, тие сковале план да ги убијат и Исус и Лазар! (Јован 11:47—53; 12:10).
Дури и директната интервенција од Бог не успеала да вроди вера во тие злобни луѓе. Во една прилика, додека Исус бил во подрачјето на храмот, тој гласно се молел: „Оче, прослави го името Свое!“ Со глас од небото Јехова одговорил: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам“. Сепак, овој чудесен настан не вродил вера во срцата на тие што биле присутни. Библијата вели: „Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него“ (Јован 12:28—30, 37; спореди Ефесјаните 3:17).
Зошто чудата не изградиле вера
Како можело да постои еден толкав недостиг на вера и покрај чудата? Отфрлањето на Исус од страна на еврејските верски водачи изгледа особено збунувачко кога ќе размислиш дека, токму во тоа време кога тој почнал со својата служба, Евреите, општо земено, го ‚чекале Христос‘, односно Месијата (Лука 3:15). Меѓутоа, проблемот лежел во тоа какви биле тие очекувања. Лексикографот В. Е. Вајн цитира еден добро познат библиски научник кој рекол дека Евреите биле опседнати со идејата за Месија кој би им дал „привремен триумф“ и „материјална моќ“. Затоа, тие не биле подготвени за понизниот, неполитички Исус од Назарет, кој во 29 година н. е. се појавил во нивната средина како вистинскиот Месија. Верските водачи исто така се плашеле дека Исусовите поуки ќе ја нарушат постојната состојба на работите и дека ќе ги загрози нивните угледни положаи (Јован 11:48). Нивните однапред создадени идеи и себичност ги заслепиле во поглед на значењето на Исусовите чуда.
Еврејските верски водачи и другите подоцна го отфрлиле чудесниот доказ дека Исусовите следбеници уживаат божествена наклоност. На пример, кога неговите апостоли излечиле еден човек што бил сакат од раѓање, разгневените членови на еврејскиот висок суд прашале: „Што да правиме со овие луѓе? Оти големото чудо што стана преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме. Но, за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не му зборуваат веќе за тоа име на ниеден човек“ (Дела 3:1—8; 4:13—17). Очигледно, ова прекрасно чудо не изградило или не вродило вера во срцата на тие мажи.
Амбицијата, гордоста и алчноста се фактори што поттикнале мнозина да ги затворат вратите на своите срца. Се чини дека ова било случај со Кореј, Датан и Авирон, споменати на почетокот. Други биле спречени од љубомора, страв и мноштво други штетни ставови. Исто така, потсетени сме и на непослушните ангели, демоните, кои некогаш ја имале предноста да го гледаат самото лице на Бог (Матеј 18:10). Тие не се сомневаат во постоењето на Бог. Всушност, „бесовите веруваат, а треперат“ (Јаков 2:19). Па сепак, тие немаат вера во Бог.
Значењето на вистинската вера
Верата е повеќе од само верување. Исто така, таа е повеќе од моментална емоционална реакција на некое чудо. Стихот од Евреите 11:1 (НС) вели: „Верата е загарантирано очекување на работи на кои се надеваме, очигледен доказ за стварности, иако не се гледаат“. Еден поединец кој има вера, убеден е во своето срце дека сѐ што ветува Јехова Бог е исто како да е исполнето. Освен тоа, непобитниот доказ за невидливите реалности е толку силен што за самата вера се вели дека е еднаква на тој доказ. Да, верата се темели на доказ. А во минатото, чудата одиграле улога во развојот на верата или во градењето на истата. Знаците што ги правел Исус, послужиле да ги уверат другите дека тој е ветениот Месија (Матеј 8:16, 17; Евреите 2:2—4). На сличен начин, таквите дарови на Божјиот свет дух, односно делотворна сила, како што се чудесното лекување и зборување на јазици, докажале дека Евреите повеќе ја немале Јеховината наклоност, туку дека неговото одобрување сега почивало врз христијанското собрание што го воспоставил неговиот Син, Исус Христос (1. Коринтјаните 12:7—11).
Меѓу чудесните дарови на духот била и способноста да се пророкува. Кога неверници го посматрале ова чудо, некои биле поттикнати да го обожаваат Јехова, изјавувајќи: „Навистина, со вас е Бог“ (1. Коринтјаните 14:22—25). Меѓутоа, Јехова Бог немал намера чудата да бидат трајно обележје на христијанското обожавање. Според тоа, апостол Павле напишал: „Ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици — ќе замолкнат“ (1. Коринтјаните 13:8). Со смртта на апостолите и на оние кои ги добиле таквите дарови преку нив, овие дарови очигледно престанале.
Дали тогаш луѓето биле оставени без темел за вера? Не, бидејќи Павле рекол: „[Бог] не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост“ (Дела 14:17). Навистина, за лицата со чесни срца кои се спремни да ги отворат своите умови и срца пред доказите кои нѐ опкружуваат, Јеховините ‚невидливи особини јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се забележуваат по она што е создадено, дури и неговата вечна моќ и божественост, така што тие [оние кои го негираат Бог] се без оправдание‘ (Римјаните 1:20, НС).
Потребно е повеќе отколку само да се верува во Божјето постоење. Павле поттикнал: „Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Тоа може да се стори преку марливо проучување на Писмото со помош на христијанските публикации, како што е ова списание. Верата што се темели на точно спознание за Божјата Реч, Библијата, не е слаба ниту, пак, површна. Оние кои просудиле која е Божјата волја и кои ја вршат со вера, му принесуваат света служба на Бог (Римјаните 12:1).
Да веруваш, иако не гледаш
На апостол Тома му било тешко да практикува вера во Исусовото воскресение од мртвите. „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“ — изјавил Тома. Кога Исус подоцна материјализирал едно тело на кое се покажале раните од неговото приковување, Тома поволно одреагирал на ова чудо. Меѓутоа, Исус рекол: „Блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“ (Јован 20:25—29).
Денес, милиони Јеховини сведоци ‚живеат според вера, а не според гледање‘ (2. Коринтјаните 5:7). Иако не ги виделе чудата што се запишани во Библијата, тие цврсто веруваат дека тие чуда се случиле. Сведоците практикуваат вера во Бог и во неговата Реч. Со помошта на неговиот свет дух, тие се во состојба да ги разберат поуките од Библијата и нејзината најистакната тема — оправдувањето на сувереноста на Јехова Бог со посредство на неговото небесно Царство (Матеј 6:9, 10; 2. Тимотеј 3:16, 17). Извлекувајќи голема корист за нив самите, овие искрени христијани го применуваат мудриот библиски совет во животот (Псалм 118:105; Исаија 48:17, 18). Го прифаќаат непобитниот доказ дека библиските пророштва го обележуваат нашево време како ‚последни денови‘ и имаат вера дека Божјиот ветен нов свет е близу (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј 24:3—14; 2. Петрово 3:13). Ним им причинува радост да го споделуваат со други спознанието за Бог (Изреки 2:1—5). Тие знаат дека оние кои го бараат Бог, можат навистина да го најдат само преку проучување на Писмото (Дела 17:26, 27).
Дали се сеќаваш на Алберт, кој беше споменат во претходната статија? По неколку дена откако неговата молитва да види чудо останала неодговорена, го посетил еден Јеховин сведок, една постара жена која му оставила литература што се темели на Библијата. Алберт потоа прифатил бесплатна домашна библиска студија. Како што се запознавал со библиската порака, неговото разочарување се претворило во одушевување. Почнал да увидува дека најпосле го нашол Бог.
Писмото поттикнува: „Барајте Го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу“ (Исаија 55:6). Ти можеш да го сториш тоа, не со тоа што ќе очекуваш некакво современо чудо од Бог, туку преку стекнување точно спознание од неговата Реч. Тоа е неопходно, бидејќи чудата сами по себе не градат вера.
[Слика на страница 5]
Дури и чудесното воскресение на Лазар не ги поттикнало Исусовите непријатели да практикуваат вера
[Слики на страница 7]
Верата мора да се темели на точното спознание за Библијата