Не обѕрнувај се „на она што е одзади“
„Никој, кој ќе ја стави раката на плугот, па се обѕрнува на она што е одзади, не е погоден за царството Божје“ (ЛУКА 9:62)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Зошто треба ‚да се сеќаваме на Лотовата жена‘?
Со кои три работи не смееме да се преокупираме?
Како држиме чекор со Јеховината организација?
1. Кое предупредување го дал Исус, и кое прашање се поставува?
„СЕТЕТЕ СЕ на Лотовата жена“ (Лука 17:32). Ова предупредување, кое го дал Исус Христос пред речиси 2.000 години, сега е поважно од кога и да било порано. Но, што сакал да каже тој кога ја дал оваа сериозна опомена? На Евреите на кои им се обратил не им требало додатно објаснување. Тие добро знаеле што се случило со жената на Лот. Кога бегала од Содом заедно со своето семејство, таа непослушно се свртела назад и се претворила во столб од сол. (Прочитај 1. Мојсеева 19:17, 26.)
2. Зошто Лотовата жена можеби се свртела назад, и со што платила за својата непослушност?
2 Но, зошто Лотовата жена се свртела назад? Од љубопитност? Затоа што немала доволно вера? Или, пак, жалела по она што го оставила во Содом? (Лука 17:31). Сеедно од која причина се обѕрнала назад, за непослушноста платила со својот живот. Замисли си! Загинала истиот ден кога биле уништени изопачените жители на Содом и Гомор. Ништо чудно што Исус рекол: „Сетете се на Лотовата жена“!
3. Како Исус нагласил дека не треба да се обѕрнуваме на она што сме го оставиле во светот?
3 И ние живееме во време кога е многу важно да не се вртиме по она што сме го оставиле во светот. Исус го нагласил ова кога зборувал со еден човек кој сакал најпрво да се врати дома за да се збогува со семејството, а потоа да стане негов ученик. Но, Исус му рекол: „Никој, кој ќе ја стави раката на плугот, па се обѕрнува на она што е одзади, не е погоден за царството Божје“ (Лука 9:62). Дали овој совет бил премногу строг и неразумен? Не. Исус знаел дека човекот само си барал изговор. Христос рекол дека оној што одолговлекува, односно ја избегнува одговорноста да му служи на Бог, всушност, „се обѕрнува на она што е одзади“. Без разлика дали орачот само ќе се сврти или ќе го спушти плугот за да погледне назад, тоа ќе му го одвлече вниманието и лошо ќе се одрази врз неговата работа.
4. Во што мора да го впериме погледот?
4 Наместо да мислиме на минатото, мора да го впериме погледот во она што е пред нас. Во Изреки 4:25, Библијата јасно вели: „Твоите очи нека гледаат право напред, и погледот насочи го пред себе“.
5. Од која причина не треба да гледаме на она што е зад нас?
5 Имаме добра причина да не се обѕрнуваме на она што е зад нас. Која е таа? Живееме во „последните денови“ (2. Тим. 3:1). Наскоро Бог ќе уништи не само два злобни града, туку целиот овој расипан свет. Што ќе ни помогне да не завршиме исто како жената на Лот? Најпрво мора да знаеме со кои работи од минатото е опасно да се преокупираме (2. Кор. 2:11). Да разгледаме некои од нив, и да видиме што ќе ни помогне да не ни го одвлечат вниманието.
„СТАРИТЕ ДОБРИ ВРЕМИЊА“
6. Зошто не треба секогаш да се потпираме на своето сеќавање?
6 Опасно е да мислиме дека порано сме живееле многу подобро од сега. Понекогаш сеќавањето може да нѐ излаже. Несвесно би можеле да почнеме да мислиме дека тогаш не сме имале толку големи проблеми и дека сме биле посреќни. Со други зборови, би можеле да го гледаме минатото низ розови очила. Таквата извртена слика може да нѐ натера да жалиме по „старите добри времиња“. Но, Библијата нѐ предупредува: „Не вели: ‚Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?‘ — бидејќи не е мудро да го прашуваш тоа“ (Проп. 7:10). Зошто ваквото размислување е опасно?
7-9. а) Што се случило со израелскиот народ во Египет? б) Од кои причини Израелците требало да се радуваат? в) Зошто Израелците почнале да негодуваат и да мрморат?
7 Размисли што им се случило на Израелците во времето на Мојсеј. Иако во почетокот биле прифатени како гости во Египет, по смртта на Јосиф, Египќаните ‚поставиле над нив надгледници да ги угнетуваат и да ги тераат да работат‘ (2. Мој. 1:11). На крајот, фараонот се обидел да изврши еден вид геноцид врз нив за да спречи да се намножат (2. Мој. 1:15, 16, 22). Затоа не е чудно што Јехова му рекол на Мојсеј: „Ја видов неволјата на мојот народ во Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки“ (2. Мој. 3:7).
8 Можеш ли да си замислиш колку биле среќни Израелците додека излегувале како слободен народ од земјата на своето ропство? Тие со свои очи ја виделе Јеховината огромна моќ кога им ги нанел десетте неволји на горделивиот фараон и на неговиот народ. (Прочитај 2. Мојсеева 6:1, 6, 7.) Всушност, на крајот Египќаните не само што им дозволиле на Израелците да си заминат туку ги терале да си одат, и им дале толку многу злато и сребро што изгледало како Божјиот народ да ‚ги ограбил Египќаните‘ (2. Мој. 12:33-36). Подоцна Израелците се радувале кога Јехова ги уништил фараонот и неговата војска во Црвеното Море (2. Мој. 14:30, 31). Сите овие настани сигурно требало многу да ја зајакнат нивната вера!
9 Колку и да изгледа неверојатно, по кратко време откако бил избавен на ваков чудесен начин, истиот овој народ почнал да негодува и да мрмори. Зошто? Тие се жалеле на храната! Не биле задоволни од она што им го дал Јехова и приговарале: „Добро се сеќаваме на рибите што ги јадевме без пари во Египет, и на краставиците, на лубениците, на празот, на кромидот и на лукот! А сега душата ни се исуши. Пред нашите очи нема ништо друго освен мана“ (4. Мој. 11:5, 6). Тие заборавиле како навистина живееле во Египет. Дури и побарале да се вратат во земјата каде што биле робови! (4. Мој. 14:2-4). Израелците мислеле на она што го оставиле зад себе, и ја изгубиле Јеховината милост (4. Мој. 11:10).
10. Што учиме од примерот на Израелците?
10 Која е поуката за нас денес? Кога ќе се соочиме со тешкотии и проблеми, не треба да мислиме постојано на она што ни се чини дека било подобро во минатото, можеби дури и пред да ја запознаеме вистината. Иако не е погрешно да размислуваме за поуките што сме ги научиле и да се потсетуваме на убавите моменти, мора да имаме урамнотежено и реалистично гледиште за минатото. Во спротивно, би можеле да станеме уште понезадоволни од своите сегашни околности и да посакаме да се вратиме на поранешниот живот. (Прочитај 2. Петрово 2:20-22.)
ЖРТВИ ВО МИНАТОТО
11. Како некои гледаат на жртвите што ги направиле во минатото?
11 За жал, некои се каат за жртвите што ги правеле во минатото. Можеби и ти си имал прилика да стекнеш високо образование, углед или материјално да се обезбедиш, но си решил да не го сториш тоа. Всушност, многу наши браќа и сестри оставиле успешна кариера во светот на бизнисот, забавата, образованието или спортот. Оттогаш поминало многу време, а крајот уште не дошол. Дали си замислуваш што сѐ си можел да постигнеш во светот да не си ги направел тие жртви?
12. Што мислел Павле за она што го оставил зад себе?
12 Апостол Павле се откажал од многу работи за да стане Христов следбеник (Фил. 3:4-6). Што мислел за она што го оставил зад себе? Тој вели: „Она што ми беше добивка, поради Христос го сметам за загуба“. Зошто? Понатаму пишува: „Сметам дека сѐ е загуба во споредба со ненадминливата вредност на познавањето на Христос Исус, мојот Господар. Поради него јас се согласив да изгубам сѐ и сето тоа го сметам за смет, само да го добијам Христос“a (Фил. 3:7, 8). Исто како што некој не жали по ѓубрето кое го фрлил, и Павле не жалел што ја отфрлил секоја можност да биде некој и нешто во тогашниот свет. Бил уверен дека тоа воопшто не е важно.
13, 14. Како може да го следиме примерот на Павле?
13 Што ќе ти помогне ако и ти постојано мислиш дека, поради вистината, си пропуштил да направиш нешто во минатото? Следи го примерот на Павле. Како? Размислувај колку е вредно она што го имаш сега. Си изградил скапоцен однос со Јехова и си стекнал добро име кај него (Евр. 6:10). Ниту една работа што може да ни ја понуди светот не може ни оддалеку да се спореди со духовните благослови што ги имаме сега и што ќе ги добиеме во иднина! (Прочитај Марко 10:28-30.)
14 Потоа Павле спомнал нешто што ќе ни помогне да продолжиме верно да му служиме на Бог. Тој рекол: „Го заборавам она што е зад мене и се трудам да го дофатам она што е пред мене“ (Фил. 3:13). Забележи дека Павле нагласува два неопходни чекора. Прво, мора да заборавиме на работите што сме ги оставиле, и да не го трошиме нашето скапоцено време и сила така што ќе се преокупираме со нив. И второ, како тркач што веќе е пред самиот крај на трката, мора да продолжиме напред кон целта и да не го тргаме погледот од она што лежи пред нас.
15. Зошто е добро длабоко да размислуваме за верните Божји слуги?
15 Ако длабоко размислуваме за верните Божји слуги од минатото и денес, нивниот пример ќе нѐ поттикне да одиме напред и да не се обѕрнуваме на она што е зад нас. На пример, ако Авраам и Сара постојано размислувале за Ур, ќе „имале можност да се вратат“ таму (Евр. 11:13-15). Но, не се вратиле. Кога првиот пат го напуштил Египет, Мојсеј оставил зад себе многу повеќе од она што подоцна го оставил кој и да било Израелец. Сепак, никаде не пишува дека жалел по нешто. Наместо тоа, Библијата вели дека ‚срамот што го трпел како помазаник го сметал за поголемо богатство од египетските ризници, зашто го насочил погледот кон наградата што требало да ја добие‘ (Евр. 11:26).
ЛОШИ ИСКУСТВА ОД МИНАТОТО
16. Како можат лошите искуства да влијаат врз нас?
16 Некои од нас имале лоши искуства во минатото. На пример, можеби се измачуваме поради некои гревови или грешки што сме ги направиле (Пс. 51:3). Можеби уште нѐ боли некој строг совет што сме го добиле (Евр. 12:11). Или, пак, не можеме да престанеме да мислиме на некоја неправда што сме ја доживеале или што ни се чини дека ни била нанесена (Пс. 55:2). Што ќе ни помогне да не се преокупираме со таквите искуства? Да разгледаме три примери.
17. а) Зошто Павле рекол за себе дека е „најмалиот од сите свети“? б) Што му помогнало на Павле да се избори со негативните мисли?
17 Грешки што сме ги направиле порано. Апостол Павле рекол за себе дека е „најмалиот од сите свети“ (Еф. 3:8). Зошто мислел така? „Бидејќи го прогонував Божјето собрание“, рекол тој (1. Кор. 15:9). Можеш ли да си замислиш како се чувствувал кога се сретнал со некои од христијаните што пред тоа ги прогонувал? Сепак, наместо да им дозволи на овие негативни мисли да го обесхрабрат, тој го насочил своето внимание на незаслужената доброта што му била покажана (1. Тим. 1:12-16). Благодарноста што ја чувствувал поради тоа го поттикнала со ревност да ја врши службата. Во работите кои бил решен да ги заборави спаѓале и грешките што ги направил порано. Ако и ние размислуваме за милоста што ни ја покажал Јехова, нема да се измачуваме поради некои грешки од минатото кои не можеме да ги поправиме. Тоа само ќе ни ја одземе силата што ни е потребна за да му служиме на Бог.
18. а) Што може да се случи ако сѐ уште имаме лоши чувства поради некој строг совет што сме го добиле? б) Како може да ја послушаме опомената од Соломон во врска со прифаќањето совет?
18 Строг совет. Што ако сме огорчени поради некој совет што сме го добиле и постојано во мислите се навраќаме на него? Ова може да биде многу болно и толку да нѐ обесхрабри што ќе ја ‚изгубиме силата‘ (Евр. 12:5). Сеедно дали ќе го отфрлиме советот или ќе дозволиме тој да нѐ обесхрабри, последиците се исти — нема да извлечеме корист од него. Многу подобро е да ги послушаме следниве зборови на Соломон: „Прифати ги опомените, не пуштај ги. Чувај ги, зашто тие ти се живот“ (Изр. 4:13). Исто како што еден возач ги следи сообраќајните знаци, да го прифатиме советот, да го примениме и да продолжиме да му служиме на Јехова (Изр. 4:26, 27; прочитај Евреите 12:12, 13).
19. Како можеме да покажеме слична вера како Авакум и Еремија?
19 Вистински или замислени неправди. Можеби понекогаш се чувствуваме како пророкот Авакум, кој викал кон Јехова барајќи правда бидејќи не можел да сфати зошто Бог дозволува да се случуваат некои неправди (Авак. 1:2, 3). Многу е важно и ние да имаме вера како овој пророк, кој рекол: „Јас сепак ќе му се радувам на Јехова, ќе се веселам поради Богот на моето спасение“ (Авак. 3:18). Ако и ние, слично на пророкот Еремија, ‚спремно чекаме‘ на Јехова, Богот на правдата, можеме да бидеме уверени дека во свое време Тој ќе ја исправи секоја неправда (Плач 3:19-24).
20. Како ќе покажеме дека ‚се сеќаваме на Лотовата жена‘?
20 Живееме во многу значајни времиња. Веќе сега се случуваат прекрасни работи, а наскоро ќе се случат уште многу други. Затоа, секој од нас нека продолжи да држи чекор со Јеховината организација. Да го послушаме библискиот совет да гледаме напред и да не се обѕрнуваме на она што е зад нас. Така ќе покажеме дека навистина ‚се сеќаваме на Лотовата жена‘!
[Фуснота]
a Зборот што од изворниот јазик е преведен со „смет“ исто така означува „нешто што им се фрла на кучињата“, „лепешка“, „измет“. Според еден библиски изучувач, Павле го користел овој збор за да покаже дека „решително му свртел грб на нешто што е безвредно и одвратно, и на кое повеќе не сака ни да помисли“.