Радувајте се во надежта
„[Ја имаме] надежта во вечен живот, кој го вети Бог, кој не може да лаже, уште во дамнешно време“ (ТИТ 1:2)
ЗА ПОВТОРУВАЊЕ
Од каде знаеме дека има голема радост на небото кога некој од помазаниците ќе остане верен до смрт?
Каква врска има исполнувањето на надежта на другите овци со надежта на помазаниците?
За да го дочекаме исполнувањето на нашата надеж, со кои свети дела треба да покажеме дека сме му оддадени на Бог?
1. Како надежта што ни ја дава Јехова може да ни помогне да истраеме?
ЈЕХОВА е „Бог, кој дава надеж“, рекол апостол Павле. А потоа додал дека Тој може ‚да нѐ исполни со секоја радост и мир затоа што веруваме, за да обилуваме со надеж преку силата на светиот дух‘ (Рим. 15:13). Ако обилуваме со надеж, ќе можеме да ја поднесеме секоја ситуација со која ќе се соочиме и да ги сочуваме радоста и мирот. Исто како на помазаниците, таквата надеж ќе им биде „сигурна и цврста котва за душата“ и на другите христијани (Евр. 6:18, 19). Доколку цврсто се држиме за нашата надеж кога минуваме низ бурни времиња во животот, нема да бидеме одвлечени од верата и нема да им подлегнеме на сомнежите. (Прочитај Евреите 2:1; 6:11.)
2. На кои две награди се надеваат христијаните денес? Зошто и на ‚другите овци‘ им е важна надежта што ја имаат помазаниците?
2 Сите христијани што живеат денес, во ова време на крајот, се надеваат на награда од Бог. Преостанатите членови на ‚малото стадо‘ од помазани христијани се надеваат дека ќе добијат бесмртен живот на небото, каде што ќе владеат како цареви и свештеници со Христос во неговото Царство (Лука 12:32; Отк. 5:9, 10). ‚Другите овци‘, чиј број е многу поголем, имаат надеж дека ќе живеат засекогаш во рај на Земјата како поданици на месијанското Царство (Отк. 7:9, 10; Јован 10:16). Тие никогаш не треба да заборават дека нивното спасение зависи од тоа дали им помагаат на Христовите помазани „браќа“ кои сѐ уште се на Земјата (Мат. 25:34-40). Помазаниците ќе ја добијат својата награда, а и другите овци сигурно ќе го добијат она на што се надеваат. (Прочитај Евреите 11:39, 40.) Да позборуваме најпрво за надежта што ја имаат помазаниците.
‚ЖИВАТА НАДЕЖ‘ НА ПОМАЗАНИЦИТЕ
3, 4. Во која смисла помазаните христијани ‚повторно се раѓаат за жива надеж‘, и каква е таа надеж?
3 Апостол Петар им напишал две писма на помазаните христијани, на кои им се обратил со изразот „избрани“ (1. Пет. 1:1). Тој навел детали во врска со прекрасната надеж што ја има малото стадо. Во своето прво послание, Петар напишал: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие повторно нѐ роди за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за наследството што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее. Тоа е зачувано на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве чува за спасение, кое е подготвено да се објави во последното време. На тоа многу радувајте се“ (1. Пет. 1:3-6).
4 Еден мал број христијани кои Јехова ги избрал да владеат со Христос на небото ‚повторно се раѓаат‘ како помазани Божји синови. Тие се помазани со свет дух за да служат како цареви и свештеници со Христос (Отк. 20:6). Благодарение на тоа ‚повторно раѓање‘, добиваат „жива надеж“. Каква е таа надеж? Петар ја опишал како ‚наследство што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее‘ и е зачувано за нив „на небесата“. Ништо чудно што помазаниците ‚многу се радуваат‘ поради својата жива надеж! Но, таа ќе се исполни само ако останат верни.
5, 6. Зошто помазаните христијани мора да дадат сѐ од себе за да останат верни?
5 Во своето второ писмо, Петар ги поттикнал помазаните христијани ‚да дадат сѐ од себе за да ги потврдат својот позив и избор‘ (2. Пет. 1:10). Тие мораат и понатаму да ги покажуваат христијанските особини како што се верата, оддаденоста на Бог, братската љубов и љубовта кон сите. Петар изјавил: „Ако сето тоа го имате во себе и во него напредувате, нема да бидете без работа, ниту ќе бидете бесплодни“. (Прочитај 2. Петрово 1:5-8.)
6 Во пораката што во првиот век им ја упатил на помазаните старешини во собранието во Филаделфија (Мала Азија), воскреснатиот Христос го кажал следново: „Затоа што ти се држеше за она што го зборував во својата истрајност, и јас ќе те зачувам тебе во часот на искушувањето што ќе дојде на целиот свет, за да се искушаат оние што живеат на земјата. Доаѓам брзо. Држи се цврсто за она што го имаш, за никој да не ти ја земе наградата“ (Отк. 3:10, 11). Јехова ветил дека на избраните што ќе останат верни до смрт ќе им го даде „венецот на славата што не венее“. Но, ако некој помазан христијанин не му остане верен, нема да ја добие таа награда (1. Пет. 5:4; Отк. 2:10).
КАКО ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО ЦАРСТВОТО
7. Која прекрасна надеж ја спомнал Јуда во своето писмо?
7 Околу 65 год. од н.е., Јуда, еден од полубраќата на Исус, им напишал послание на другите помазани христијани, кои ги нарекол „повиканите“ (Јуда 1; спореди со Евреите 3:1). Тој имал намера да им пишува за надежта за спасение која ја имале сите христијани што биле повикани во Божјето небесно Царство (Јуда 3). Иако морал да им даде совети во врска со други важни работи, во заклучокот на своето кратко писмо, Јуда ја спомнал прекрасната надеж која им била заедничка на помазаните христијани. Тој напишал: „А на оној што може да ве зачува да не паднете и да ве постави неизвалкани пред својата слава со голема радост, на единствениот Бог, нашиот Спасител преку Исус Христос, нашиот Господар, му припаѓаат славата, величеството, моќта и власта отсекогаш и сега и засекогаш“ (Јуда 24, 25).
8. Во склад со Јуда 24, од каде знаеме дека на небото има голема радост кога некој помазаник ќе му остане верен на Бог до смрт?
8 Се разбира, секој верен помазан христијанин сака Бог да му помогне да не падне во духовна смисла и да не биде уништен. Помазаниците имаат надеж дека Исус Христос ќе ги воскресне од мртвите како совршени духовни суштества. Благодарение на тоа, ќе можат со голема радост да се појават пред Бог. Кога некој помазаник ќе му остане верен на Јехова до смрт, нема никакво сомнение дека ќе ‚воскресне во духовно тело‘ во ‚нераспадливост, и во слава‘ (1. Кор. 15:42-44). Ако на небото има голема „радост поради еден грешник кој ќе се покае“, замисли колкава е радоста кога некој Христов помазан брат ќе му остане верен на Бог до смрт! (Лука 15:7). Јехова и верните духовни суштества се радуваат кога некој помазаник ќе воскресне и со „голема радост“ ќе ја прими својата награда. (Прочитај 1. Јованово 3:2.)
9. Во која смисла на верните помазаници ‚великодушно ќе им биде овозможено‘ да влезат во Царството? Како оваа надеж влијае врз помазаните христијани кои сѐ уште се на Земјата?
9 Слично на Јуда, и Петар им пишувал на помазаните христијани за наградата што ќе ја добијат ако му останат верни на Јехова. Тој им рекол: „Ќе ви биде великодушно овозможено да влезете во вечното царство на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 1:10, 11). Со ова можеби сакал да каже дека тие ќе пристигнат на небесата со голема слава. Овие зборови би можеле да се однесуваат и на многуте благослови што ќе ги добијат таму. Помазаниците ќе чувствуваат огромна радост и благодарност кога ќе размислуваат за верноста што ја покажале. Нивната надеж ги поттикнува да ‚го подготват умот за напорна работа‘ и ги зајакнува да останат верни додека сѐ уште се на Земјата (1. Пет. 1:13).
НАДЕЖТА НА ‚ДРУГИТЕ ОВЦИ‘
10, 11. а) Каква надеж имаат другите овци? б) Каква врска има оваа надеж со Христос и со „објавувањето на Божјите синови“?
10 Апостол Павле пишувал за величествената надеж што ја имаат помазаните „синови Божји“, како „сонаследници“ на Христос. Потоа ја спомнал прекрасната надеж што Јехова им ја дава на неограничен број други овци: „Созданието [човештвото] желно го исчекува објавувањето на Божјите синови [помазаниците]. Созданието е подложено на ништожност — не по своја волја, туку преку оној што го подложи — но притоа е дадена и надеж дека и самото создание ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и дека ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:14-21).
11 Јехова дал надеж за човештвото кога ветил дека, преку ветеното „потомство“, луѓето ќе бидат избавени од „празмијата“, Сатана Ѓаволот (Отк. 12:9; 1. Мој. 3:15). Главниот дел од тоа „потомство“ е Исус Христос (Гал. 3:16). Со својата смрт и воскресение, Исус овозможил луѓето да имаат надеж дека ќе бидат ослободени од ропството на гревот и на смртта. Нивната надеж е поврзана со „објавувањето на Божјите синови“. Прославените помазаници се спореден дел од ‚потомството‘. Тие ќе бидат ‚објавени‘, односно откриени кога заедно со Христос ќе го уништат Сатановиот злобен свет (Отк. 2:26, 27). Тогаш ќе бидат спасени другите овци кои доаѓаат од големата неволја (Отк. 7:9, 10, 14).
12. Кои прекрасни благослови ќе бидат излеани врз луѓето кога ќе бидат откриени помазаниците?
12 Замисли колкаво олеснување ќе му донесе Христовото илјадагодишно Царство на човештвото! Во тоа време, прославените „синови Божји“ ќе бидат откриени на уште еден начин. Тие ќе служат како свештеници со Христос и ќе им помогнат на луѓето да извлечат корист од неговата откупна жртва. Поданиците на тоа небесно Царство постепено ќе ‚бидат ослободени од робувањето на распадливоста‘, односно од последиците на гревот и смртта. Ако му останат верни на Јехова во текот на тие илјада години и за време на последниот испит кој ќе дојде на крајот, нивните имиња ќе бидат запишани засекогаш во „свитокот на животот“ и ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Отк. 20:7, 8, 11, 12). Ова е навистина прекрасна надеж!
ЗАДРЖИ ЈА СВОЈАТА НАДЕЖ ЦВРСТО ВО МИСЛИТЕ
13. На што се должи нашата надеж, и кога „ќе се појави“ Христос?
13 Во своите две посланија, Петар напишал многу работи што можат да им помогнат на помазаниците и на другите овци цврсто да ја задржат својата надеж во мислите. Тој објаснил дека таа не се должи на нивните дела, туку на Јеховината незаслужена доброта. Петар напишал: „Бидете трезвени во сѐ. Надевајте се на незаслужената доброта што ќе ви биде покажана кога ќе се појави Исус Христос“ (1. Пет. 1:13). Христос „ќе се појави“ кога ќе дојде да ги награди своите верни следбеници и да ги изврши Јеховините судови над безбожниците. (Прочитај 2. Солуњаните 1:6-10.)
14, 15. а) Што треба да правиме за да ја задржиме нашата надеж цврсто во мислите? б) Каков совет дал Петар?
14 За да ја задржиме нашата надеж цврсто во мислите, не смееме да заборавиме дека „Јеховиниот ден“ е многу близу. Ова треба да влијае врз сѐ што правиме во животот. Во тој ден ќе бидат уништени денешните ‚небеса‘, односно човечките влади, како и „земјата“, односно злобното човечко општество и неговата ‚основа‘. Петар напишал: ‚Очекувајте го и имајте го на ум Јеховиниот ден, кога небесата, запалени, ќе се распаднат и основата, вжарена, ќе се растопи‘ (2. Пет. 3:10-12).
15 Сегашните „небеса“ и „земја“ ќе бидат заменети со „нови небеса [Христовата царска влада] и нова земја [ново праведно општество]“ (2. Пет. 3:13). Петар ни дава јасен совет што треба да правиме додека го очекуваме и цврсто го држиме во мислите исполнувањето на нашата надеж. Тој вели: „Затоа, сакани, бидејќи го очекувате тоа, дајте сѐ од себе за [Јехова] да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Пет. 3:14).
ДА ЖИВЕЕМЕ ВО СКЛАД СО НАШАТА НАДЕЖ
16, 17. а) Со кои свети дела ќе покажеме дека сме му оддадени на Бог? б) Како ќе се исполни нашата надеж?
16 Освен што ќе ја задржиме нашата надеж цврсто во мислите, треба и да живееме во склад со неа. Треба да се трудиме да бидеме такви какви што сака Јехова. Нашите дела ќе „бидат свети“ ако ‚живееме примерно меѓу луѓето во светот‘, односно ако се држиме за Божјите морални мерила (2. Пет. 3:11; 1. Пет. 2:12). Мора и ‚да се сакаме еден со друг‘. Иако треба да го сакаме целото братство, неопходно е да правиме и сѐ што можеме за да го зачуваме единството во нашето собрание (Јован 13:35). ‚По нашите дела треба да се види дека сме му оддадени на Бог‘ и дека сме блиски со него. Во нив спаѓаат сесрдните молитви, секојдневното читање на Библијата, длабокото лично проучување, Семејната вечер и редовното проповедање на ‚добрата вест за царството‘ (Мат. 24:14).
17 Сите ние сакаме да имаме особини и дела кои му се допаѓаат на Јехова, и сакаме Тој да нѐ спаси кога ќе го уништи овој зол свет. Тогаш ќе се исполни нашата надеж — „надежта во вечен живот, кој го вети Бог, кој не може да лаже, уште во дамнешно време“ (Тит 1:2).
[Слика на страница 22]
Помазаните христијани ‚повторно се раѓаат за жива надеж‘
[Слика на страница 24]
Помогни му на семејството да ја задржи својата надеж цврсто во мислите