СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 5
ПЕСНА 27 Објавувањето на Божјите синови
„Никогаш нема да те напуштам“!
Бог рекол: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (ЕВР. 13:5б)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ги увери Божјите слуги на Земјата дека Бог нема да ги напушти кога преостанатите помазани христијани ќе бидат земени на небото.
1. Кога ќе бидат на небото сите помазаници?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги порано се прашувале: „Кога ќе биде земен на небото последниот помазан христијанин?“ Едно време мислевме дека, откако ќе заврши војната Армагедон, во рајот на Земјата можеби сѐ уште ќе има некои од помазаниците. Но, од Стражарска кула од 15 јули 2013 год., дознавме дека сите помазаници кои ќе бидат на Земјата ќе бидат земени на небото пред да започне Армагедон (Мат. 24:31).
2. Што можеби се прашуваат некои од нас, и што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Сепак, некои од нас можеби се прашуваат: „Што ќе се случи со Христовите ’други овци‘ кои верно ќе му служат на Јехова на Земјата за време на ’големата неволја‘?“ (Јован 10:16; Мат. 24:21). Некои можеби се загрижени дека нема да има кој да им помага и да ги води откако нивните драги помазани браќа и сестри ќе бидат земени на небото. Да разгледаме два извештаи од Библијата поради кои можеби размислуваат на овој начин. Потоа ќе разгледаме некои причини зошто нема потреба да бидеме загрижени.
ШТО НЕМА ДА СЕ СЛУЧИ?
3-4. Што можеби се прашуваат некои, и зошто?
3 Некои можеби се прашуваат дали другите овци ќе застранат од вистината кога со нив повеќе нема да бидат помазаните браќа од Водечкото тело за да ги водат. Тие можеби се плашат дека ќе се случи тоа поради некои извештаи од Библијата. Да разгледаме два примера. Првиот е извештајот за првосвештеникот Јодај, кој бил верен Божји слуга. Тој и неговата сопруга Јосавета го заштитиле малиот Јоас и му помогнале да стане добар и верен цар. Сѐ додека Јодај бил жив, Јоас му служел на Јехова и го правел она што е исправно. Но, набрзо откако Јодај умрел, Јоас почнал да постапува неисправно. Тој ги слушал злобните кнезови и престанал да му служи на Јехова (2. Лет. 24:2, 15-19).
4 Следниот пример е извештајот за христијаните од вториот век. Последен од апостолите умрел Јован. Сѐ додека бил жив, тој им помагал на многу христијани да му останат верни на Јехова (3. Јов. 4). Исто како и другите верни апостоли на Исус, Јован давал сѐ од себе за да ги заштити собранијата од отпадништвото кое се ширело (1. Јов. 2:18; 2. Сол. 2:7). Но, по неговата смрт, многумина од собранијата станале отпадници. За само неколку децении, христијанското собрание потполно се расипало во духовен поглед.
5. Што не треба да заклучиме на темел на двата библиски извештаи?
5 Дали овие два извештаи од Библијата покажуваат дека нешто слично ќе се случи со Христовите други овци кога помазаниците ќе бидат земени на небото? Дали во тоа време верните христијани на Земјата ќе почнат да постапуваат неисправно како Јоас или ќе станат отпадници како што било случај со многу христијани во вториот век од нашата ера? Во никој случај! Можеме да бидеме сигурни дека, кога помазаниците ќе бидат земени на небото, другите овци ќе продолжат да му служат на Јехова на исправен начин и дека тој ќе продолжи да се грижи за нив. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа?
ОБОЖАВАЊЕТО НА ВИСТИНСКИОТ БОГ НЕМА ДА СЕ ИЗВАЛКА
6. Кои три временски периоди ќе ги разгледаме накратко?
6 Зошто можеме да бидеме сигурни дека обожавањето на вистинскиот Бог нема да се извалка дури и за време на тешките времиња што ни претстојат? Бидејќи од Библијата дознаваме дека, времето во кое живееме денес, многу се разликува од времето во кое живееле древните Израелци и од времето во кое живееле христијаните од вториот век. Затоа, подетално ќе ги разгледаме следниве три временски периоди: 1) времето на древниот Израел, 2) времето по смртта на апостолите и 3) нашето време, односно времето кога ќе се обнови сѐ (Дела 3:21).
7. Зошто верните Израелци не се обесхрабриле кога царевите и многумина други почнале да го прават она што е неисправно?
7 Времето на древниот Израел. Кратко пред да почине, Мојсеј им кажал на Израелците: „Знам дека по мојата смрт ќе се расипете и ќе скршнете од патот што ви го одредив“ (5. Мој. 31:29). Исто така, Мојсеј ги предупредил Израелците дека, ако се бунтуваат, ќе бидат одведени во изгнанство (5. Мој. 28:35, 36). Дали овие зборови се исполниле? Да. Низ вековите, многу цареви го правеле она што е погрешно во Јеховини очи и придонеле Божјиот народ да застрани од обожавањето на вистинскиот Бог. Поради тоа, Јехова го казнил својот злобен народ и го прекинал владеењето на израелските цареви (Езек. 21:25-27). Но, кога верните Израелци виделе дека се исполнило она што Бог го кажал, тоа им дало храброст да продолжат да му служат (Иса. 55:10, 11).
8. Дали треба да нѐ изненади тоа што христијанското собрание од вториот век се расипало во духовен поглед? Објасни.
8 Времето по смртта на апостолите. Дали треба да нѐ изненади тоа што христијанското собрание од вториот век се расипало во духовен поглед? Воопшто не. Исус прорекол дека ќе се појави големо отпадништво (Мат. 7:21-23; 13:24-30, 36-43). Апостолите Павле, Петар и Јован потврдиле дека пророштвото на Исус почнало да се исполнува во првиот век од нашата ера (2. Сол. 2:3, 7; 2. Пет. 2:1-3, 17-19; 1. Јов. 2:18). Во вториот век од нашата ера, кратко по смртта на последниот апостол, отпадничките христијани станале дел од Големиот Вавилон, односно лажната религија. Она што Исус го прорекол се исполнило.
9. По што се разликува времето во кое живееме ние денес од времето на древниот Израел и од времето на христијанското собрание во вториот век?
9 Времето кога ќе се обнови сѐ. Нашето време се разликува од времето на древниот Израел и од времето кога се појавило големо отпадништво во вториот век од нашата ера. Како е наречен временскиот период во кој живееме ние? Обично го нарекуваме „последните денови“ на овој злобен свет (2. Тим. 3:1). Но, Библијата покажува дека во исто време започнал еден позначаен и подолг временски период. Тој ќе трае сѐ додека месијанското Царство не го доведе човештвото до совршенство и не ја претвори Земјата во рај. Овој период, всушност, е времето кога ќе се обнови сѐ (Дела 3:21). Тој започнал во 1914 год. Што било тогаш обновено? Исус бил поставен за Цар на небото. Значи, Јехова повторно поставил владетел кој го претставува него и кој е наследник на верниот цар Давид. Но, тоа не било единственото нешто што било обновено. Кратко потоа, конечно почнало да се обновува обожавањето на вистинскиот Бог (Иса. 2:2-4; Езек. 11:17-20). Но, дали тоа некогаш повторно ќе се извалка?
10. а) Што е проречено во Библијата за обожавањето на вистинскиот Бог во нашево време? (Исаија 54:17). б) Зошто ваквите пророштва нѐ охрабруваат?
10 Прочитај Исаија 54:17. Размисли за ова пророштво: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“! Овие пророчки зборови се исполнуваат денес. Следниве утешни зборови исто така се исполнуваат во наше време: „Сите твои синови ќе бидат поучени од Јехова, и голем мир ќе имаат твоите синови. Ќе бидеш втемелена на правдата... Нема да се плашиш од никого, а [ќе бидеш] и далеку од стравотиите, зашто нема да ти се приближат“ (Иса. 54:13, 14). Дури ни „богот на овој свет“, самиот Сатана, не може да го спречи делото на поучување што го врши Јеховиниот народ (2. Кор. 4:4). Обожавањето на вистинскиот Бог е обновено и никогаш повеќе нема да биде извалкано. Тоа ќе постои во сета вечност. Никакво оружје направено против нас нема да успее!
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ?
11. Што нѐ уверува дека големото мноштво нема да биде препуштено само на себе кога помазаниците ќе отидат на небото?
11 Што ќе се случи кога помазаниците ќе бидат земени на небото? Имај на ум дека Исус е нашиот Пастир. Тој е главата на христијанското собрание. Исус јасно кажал: „Еден е вашиот Водач — Христос“ (Мат. 23:10). Како наш Цар на небото, Исус секогаш ќе се грижи за своите вистински следбеници. Бидејќи тој ги води своите следбеници тука на Земјата, тие немаат причина да се плашат. Се разбира, ние не го знаеме секој детаљ во врска со тоа како Христос ќе го води Јеховиниот народ во тоа време. Затоа, ајде да разгледаме некои библиски примери кои можат да нѐ охрабрат.
12. а) Како Јехова се грижел за својот народ по смртта на Мојсеј? б) Како Јехова се грижел за својот народ откако Илија добил нова задача? (Види ја и сликата.)
12 Кратко пред Израелците да влезат во Ветената земја, Мојсеј умрел. Што се случило со Божјиот народ? Дали Јехова престанал да им помага на своите слуги откако тој верен човек умрел? Не. Сѐ додека му биле верни, Јехова се грижел за нив. Пред Мојсеј да умре, Јехова му рекол да го постави Исус Навин за водач на неговиот народ. Мојсеј го обучувал Исус Навин со децении (2. Мој. 33:11; 5. Мој. 34:9). Освен тоа, имало и многу други способни мажи кои предводеле — илјаданачалници, стотници, педесетници, па дури и десетници (5. Мој. 1:15). Божјиот народ бил многу добро згрижен. Слично нешто било и во времето на Илија. Тој со години вложувал голем труд за да им помага на Израелците да го обожаваат Јехова на исправен начин. Но подоцна, Јехова му дал друга задача — да служи во јужниот дел на Јуда (2. Цар. 2:1; 2. Лет. 21:12). Дали верните слуги од десетплеменското царство Израел биле препуштени сами на себе? Не. Илија со години го обучувал Елисеј. Исто така, тука биле и „пророчките синови“ кои по сѐ изгледа биле организирани во еден вид школи (2. Цар. 2:7). Значи, имало многу верни мажи кои помагале Божјиот народ да го добие потребното водство. Јехова продолжил да ја исполнува својата намера и да се грижи за своите верни слуги.
13. Во што нѐ уверува Евреите 13:5б? (Види ја и сликата.)
13 Имајќи ги овие примери на ум, што мислиш, што ќе се случи кога последниот од помазаниците ќе биде земен на небото? Веќе нема потреба да се прашуваме за тоа. Библијата открива една едноставна, охрабрувачка вистина: Јехова нема никогаш да го напушти својот народ на Земјата. (Прочитај Евреите 13:5б.) Исто како Мојсеј и Илија, малата група помазани христијани која предводи денес сфаќа колку е важно да ги обучува другите. Веќе со децении, браќата од Водечкото тело обучуваат мажи од „другите овци“ да преземат водство. На пример, тие организираат многу школи за да обучуваат старешини, патувачки надгледници, членови на одбори на подружниците, надгледници во Бетел и други. Членовите на Водечкото тело лично ги обучуваат помошниците на различните одбори при Водечкото тело. Овие помошници во моментов верно извршуваат многу одговорности во организацијата. Тие се добро подготвени за да продолжат да се грижат за Христовите овци.
14. Која е главната мисла од оваа статија?
14 Главната мисла од оваа статија е дека, кога и последниот помазаник ќе биде земен на небото при крајот на големата неволја, Јеховиниот народ тука на Земјата ќе продолжи под водство на Исус Христос верно да му служи на Јехова. Знаеме дека во тоа време ќе бидеме нападнати од Гог од Магог — непријателска коалиција од сите народи (Езек. 38:18-20). Но, тој напад ќе трае кратко и ќе биде неуспешен — нема да го спречи Божјиот народ да му служи на Јехова. Бог сигурно ќе го спаси својот народ! Во едно видение, апостол Јован видел „големо мноштво“ од Христовите други овци. На Јован му било кажано дека тоа „големо мноштво“ ќе дојде „од големата неволја“ (Отк. 7:9, 14). Значи, сигурни сме дека Јехова ќе ги спаси своите слуги!
15-16. Според Откровение 17:14, што ќе прават Христовите помазаници за време на војната Армагедон, и зошто тоа е охрабрувачки за нас?
15 Но, што ќе се случи со помазаниците откако ќе отидат на небото? Библијата дава директен одговор на ова прашање. Таа ни открива дека владите од овој свет „ќе се борат против Јагнето“. И, се разбира, тие ќе изгубат. Понатаму читаме: „Јагнето ќе ги победи“. А кој ќе му помогне? Во Библијата пишува дека тоа ќе бидат оние што се „повикани“, „избрани“ и „верни“. (Прочитај Откровение 17:14.) Кои се тие? Помазаниците. Значи, кога и последниот од нив ќе биде земен на небото кон крајот на големата неволја, една од нивните први задачи ќе биде да се борат. Колку необична задача! Некои помазани христијани се бореле со други луѓе пред да станат Јеховини сведоци. Некои дури биле и војници. Но, потоа станале вистински христијани и научиле да бидат во мир со другите (Гал. 5:22; 2. Сол. 3:16). Тие повеќе не ги поддржуваат војните. Но, откако ќе бидат воскреснати за живот на небото, тие ќе се борат заедно со Христос и со неговите свети ангели во последната војна против Божјите непријатели.
16 Размисли што значи ова. Некои од помазаните христијани кои се на Земјата се стари, па дури и изнемоштени. Но, откако ќе воскреснат за живот на небото, тие ќе бидат моќни и бесмртни духовни суштества и ќе имаат задача да се борат заедно со нивниот Цар и Воин, Исус Христос. Откако ќе заврши војната Армагедон, тие ќе соработуваат со Исус за да им помогнат на луѓето да станат совршени. Без сомнение, од небото тие ќе можат да направат многу повеќе за своите сакани браќа и сестри на Земјата отколку што можеле како обични и несовршени луѓе!
17. Од каде знаеме дека сите Божји слуги ќе бидат безбедни за време на војната Армагедон?
17 Доколку си дел од „другите овци“, што ќе треба да правиш ти кога ќе започне војната Армагедон? Едноставно кажано, ќе треба да имаш доверба во Јехова и да го следиш неговото водство. Што може да биде вклучено во тоа? Во Библијата ги читаме следниве утешни зборови: „Влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Сите верни Божји слуги, и на небото и на Земјата, ќе бидат безбедни во тоа време. Исто како апостол Павле, уверени сме дека „ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде... не може да нѐ одвои од Божјата љубов“ (Рим. 8:38, 39). Не заборавај дека Јехова те сака и дека тој никогаш нема да те напушти!
КОГА ПОСЛЕДНИОТ ОД ПОМАЗАНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ЌЕ БИДЕ ЗЕМЕН НА НЕБОТО,
што нема да се случи?
зошто можеме да бидеме сигурни дека обожавањето на вистинскиот Бог нема да се извалка?
зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе се грижи за својот народ?
ПЕСНА 8 Јехова ни е заклон