Верата нѐ поттикнува на акција!
„Гледаш ли дека верата [Авраамова] им помогна на делата негови, и дека преку делата верата стана совршена?“ (ЈАКОВ 2:22).
1, 2. Како ќе постапуваме ако имаме вера?
МНОЗИНА велат дека имаат вера во Бог. Сепак, само исповедувана вера е исто толку безживотна како и еден леш. „Верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ — напишал ученикот Јаков. Тој исто така рекол дека богобојазливиот Авраам имал вера која ‚им помогнала на неговите дела‘ (Јаков 2:17, 22). Какво значење имаат таквите зборови за нас?
2 Ако имаме вистинска вера, нема само да веруваме во она што го слушаме на христијанските состаноци. Ние ќе дадеме доказ за вера, бидејќи сме активни Сведоци на Јехова. Да, верата ќе нѐ наведе да ја применуваме Божјата Реч во животот и ќе нѐ поттикне на акција.
Фаворитизмот не е во склад со верата
3, 4. Како треба верата да влијае врз начинот на кој постапуваме со другите?
3 Ако имаме вистинска вера во Бог и во Христос, нема да покажуваме фаворитизам (Јаков 2:1—4). Некои на кои Јаков им пишал, не ја покажувале непристрасноста што се барала од вистинските христијани (Римјаните 2:11). Затоа, Јаков вели: „Држете ја верата во Исуса Христа, нашиот Господ на славата, и не гледајте кој е што“. Ако на состанок дојдел некој богат неверник со златно прстење и сјајни алишта, како и некој неверник „сиромав со проста облека“, обајцата требало да бидат добро примени, но посебно внимание им се укажувало на имашливите. Ним им биле давани ‚убави седишта‘, додека на сиромашните неверници им било кажувано да стојат или да седнат на подот крај нечии нозе.
4 Јехова ја обезбедил откупната жртва на Исус Христос подеднакво и за богатите и за сиромасите (2. Коринтјаните 5:14). Затоа, ако сакаме да им удоволуваме на богатите, би се оддалечувале од верата во Христа, кој ‚осиромашил за ние да се збогатиме преку неговото сиромаштво‘ (2. Коринтјаните 8:9). Никогаш да не им судиме на луѓето на таков начин — со неисправниот мотив да им оддаваме чест на луѓе. Бог не е пристрасен, но ако ние би покажувале пристрасност, би ‚имале лоши помисли [би донесувале зли одлуки, НС]‘ (Јов 34:19). Со желба да му угодиме на Бог, секако дека нема да подлегнеме на искушението да покажуваме фаворитизам или, пак, ‚за корист да стануваме ласкатели‘ (Јуда 4, 16).
5. Кого Бог го избрал да биде ‚богат во верата‘, и како честопати реагираат материјално богатите?
5 Јаков ги идентификува оние кои навистина се богати и поттикнува непристрасно да се покажува љубов кон сите (Јаков 2:5—9). ‚Бог ги избрал сиромасите да бидат богати во верата и наследници на царството.‘ Тоа е така затоа што сиромасите честопати се поприемчиви за добрата вест (1. Коринтјаните 1:26—29). Како класа, материјално богатите ги угнетуваат другите во поглед на долговите, платите и законските постапки. Тие зборуваат злобно за Христа и нѐ прогонуваат бидејќи го носиме неговото име. Но, нека биде наша решеност да го слушаме „царскиот Закон“, кој бара љубов кон ближниот — да се биде подеднакво полн со љубов кон богатите и кон сиромасите (3. Мојсеева 19:18; Матеј 22:37—40). Поради тоа што ова го бара Бог, покажувањето фаворитизам е ‚правење грев‘.
‚Милоста воскликнува над судот‘
6. На кој начин би биле прекршувачи на законот ако не би постапувале милосрдно со другите?
6 Ако немилосрдно покажуваме фаворитизам, ние сме прекршувачи на законот (Јаков 2:10—13). Со тоа што преземаме погрешен чекор во овој поглед, стануваме престапници на сите Божји закони. Израелците кои не направиле прељуба, но биле крадци, станувале престапници на Мојсеевиот Закон. Како христијани, ние сме судени според „Законот на слободата [Законот на еден слободен народ, НС]“ — духовниот Израел во новиот сојуз, кој го има неговиот закон во своето срце (Јеремија 31:31—33).
7. Зошто оние кои продолжуваат да покажуваат фаворитизам не можат да очекуваат милост од Бог?
7 Ако тврдиме дека имаме вера, но сме упорни во покажувањето фаворитизам, ние сме во опасност. Оние кои се без љубов и се немилосрдни ќе имаат осуда без милост (Матеј 7:1, 2). Јаков вели: „Милоста во судот се пофалува [Милоста воскликнува триумфално над судот, НС]“. Ако го прифаќаме водството на Јеховиниот свет дух со тоа што ќе покажуваме милост во сите свои постапки, нема да бидеме осудени кога ќе ни се суди. Наместо тоа, ќе доживееме милост и, на тој начин, триумф над строгата правда или неповолната осуда.
Верата произведува добри дела
8. Каква е ситуацијата на едно лице кое вели дека има вера, но му недостигаат дела?
8 Освен што нѐ прави полни со љубов и милосрдни, верата произведува и други добри дела (Јаков 2:14—26). Се разбира, исповедуваната вера на која ѝ недостигаат дела, нема да нѐ спаси. Вистина, ние не можеме да заработиме праведна положба кај Бог преку дела на Законот (Римјаните 4:2—5). Јаков зборува за дела мотивирани не од некој законски зборник, туку од вера и љубов. Ако сме поттикнати од такви особини, нема само да му изразуваме љубезни желби на некој сообожавател во нужда. Ќе му дадеме материјална помош на некој необлечен или гладен брат или сестра. Јаков прашува: ‚Ако на некој брат во нужда му речеш: „Оди си со мир, греј се и насити се“, а не му дадеш што му е потребно, каква полза?‘ Никаква (Јов 31:16—22). Таквата „вера“ е безживотна!
9. Што покажува дека имаме вера?
9 Можеби се дружиме со Божјиот народ до некоја мерка, но само сесрдните дела можат да го поткрепат нашето тврдење дека имаме вера. Добро е ако сме ја отфрлиле доктрината за тројство и ако веруваме дека има само еден вистинит Бог. Сепак, самото верување не е вера. „И бесовите веруваат“ и „треперат“ од страв поради уништувањето што ги очекува. Ако навистина имаме вера, таа ќе нѐ поттикне да произведеме такви дела како што се проповедање на добрата вест, како и обезбедување храна и облека за соверниците во нужда. Јаков прашува: „Не сакаш ли да разбереш, о суетни [празен, НС] човеку [кој не е исполнет со точно спознание за Бог], дека верата без дела е мртва?“ Да, верата бара акција.
10. Зошто Авраам е наречен ‚татко на сите што веруваат‘?
10 Верата на побожниот патријарх Авраам го поттикнала на акција. Како ‚татко на сите што веруваат‘, тој ‚се оправдал со дела откако врз жртвеникот го положил синот свој Исака‘ (Римјаните 4:11, 12; 1. Мојсеева 22:1—14). Што ако на Авраам му недостигала вера дека Бог може да го воскресне Исака и да го исполни Своето ветување за семе преку него? Тогаш Авраам никогаш не би се обидел да го принесе својот син (Евреите 11:19). Токму преку Авраамовите послушни дела ‚неговата вера станала совршена‘, односно направена потполна. Со тоа ‚се извршило Писмото [1. Мојсеева 15:6], кое вели: „Му поверува Аврам на Бога, и тоа му се прими како оправдание [праведност, НС]“ ‘. Авраамовите дела кога се обидувал да го принесе Исак, ја потврдиле Божјата поранешна изјава дека Авраам бил праведен. Со дела на верата, тој ја покажал својата љубов кон Бог и бил наречен „пријател Божји“.
11. Каков доказ за вера имаме во случајот со Раав?
11 Авраам докажал дека „човекот се оправдува со дела, а не само со вера“. Тоа било случај и со Раав, една блудница од Јерихон. Таа била ‚оправдана со дела, откако ги примила [израелските] извидувачи и ги извела по друг пат‘, така што тие ги избегнале своите хананејски непријатели. Пред да се сретне со израелските шпиони, таа го признала Јехова како вистинит Бог, а нејзините последователни зборови и отфрлањето на проституцијата дале доказ за нејзината вера (Исус Навин 2:9—11; Евреите 11:31). После овој втор пример за вера покажан преку дела, Јаков вели: „Оти, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва“. Кога човек е мртов, во него нема оживувачка сила, односно „дух“, и тој не постигнува ништо. Само исповедувана вера е исто толку безживотна и бескорисна како и едно мртво тело. Но, ако имаме вистинска вера, таа ќе нѐ поттикнува на побожна акција.
Контролирај го својот јазик!
12. Што треба да прават старешините во собранието?
12 Зборувањето и поучувањето можат исто така да дадат доказ за вера, но постои потреба од ограничување (Јаков 3:1—4). Како учители во собранието, старешините имаат тешка обврска, како и голема одговорност пред Бог. Затоа, тие треба понизно да ги испитуваат своите мотиви и квалификации. Освен спознание и способност, овие мажи мораат да имаат и длабока љубов кон Бог и кон соверниците (Римјаните 12:3, 16; 1. Коринтјаните 13:3, 4). Старешините мораат својот совет да го темелат на Писмото. Ако еден старешина би згрешил во своето поучување и ова доведе до проблеми за другите, тој би бил неповолно осуден од Бог преку Христос. Затоа, старешините треба да бидат понизни и студиозни, верно придржувајќи се кон Божјата Реч.
13. Зошто се спрепнуваме на зборови?
13 Дури и добрите учители — всушност, сите ние — „многу грешиме [се спрепнуваме, НС]“ поради несовршеност. Спрепнувањето во збор е еден од најчестите и потенцијално штетни недостатоци. Јаков вели: „Оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело“. За разлика од Исус Христос, ние немаме совршена контрола над јазикот. Ако би имале, би можеле да ги контролираме и другите членови на нашето тело. Најпосле, уздите и алките прават коњите да одат таму каде што ние ги насочуваме, и со помош на една мала крма дури и еден голем брод, теран од силни ветрови, може да биде управуван онака како што сака крмарот.
14. На кој начин Јаков ја нагласува потребата од напор за да се контролира јазикот?
14 Сите ние мораме чесно да признаеме дека е потребен вистински напор за да се контролира јазикот (Јаков 3:5—12). Во споредба со еден коњ, уздата е мала; таква е и една крма во споредба со бродот. А кога ќе се спореди со човечкото тело, јазикот е мал, „но големи работи зборува [многу се фали, НС]“. Со оглед на тоа дека Писмото објаснува оти фалењето не му се допаѓа на Јехова, да ја бараме Неговата помош за да се воздржуваме од тоа (Псалм 11:3, 4; 1. Коринтјаните 4:7). Да го задржуваме нашиот јазик и кога сме провоцирани, сеќавајќи се дека е потребна само една искра за да се запали една шума. Како што покажува Јаков, „јазикот е оган“ со способност да предизвика голема штета (Изреки 18:22). Па, еден непокорен јазик е „свет полн со неправда“! Секоја злобна трага од овој безбожен свет е поврзана со неконтролираниот јазик. Тој е одговорен за таквите штетни работи како што е клевета и лажно учење (3. Мојсеева 19:16; 2. Петрово 2:1). Што мислиш ти? Зарем не треба нашата вера да нѐ поттикне да работиме напорно на контролирање на нашиот јазик?
15. Каква штета може да стори незаузданиот јазик?
15 Еден незауздан јазик ‚нѐ осквернува‘ потполно. На пример, ако сме фатени како лажеме секогаш одново, можеме да станеме познати како лажговци. Но, како еден непокорен јазик „го пали времето [тркалото, НС] на нашиот живот“? Така што го прави животот еден злобен круг. Од еден неконтролиран јазик може да биде вознемирено цело собрание. Јаков го споменува „пеколот [гехената, НС]“, долината Хином. Некогаш користена за жртвување на деца, таа станала ѓубриште за отстранување на ерусалимското ѓубре преку оган (Јеремија 7:31). Според тоа, гехена е симбол за уништување. Во извесна смисла, уништувачката сила на гехената се применува на непокорниот јазик. Ако не го зауздаме својот јазик, самите можеме да станеме жртви на пламенот што сме го започнале (Матеј 5:22). Можеме да бидеме дури и истерани од собранието поради тоа што клеветиме некого (1. Коринтјаните 5:11—13).
16. Со оглед на штетата која може да ја нанесе еден непокорен јазик, што треба да правиме?
16 Како што можеби знаеш од читањето на Божјата Реч, Јехова одредил човекот да ја држи во подложност животинската творба (1. Мојсеева 1:28). И секакви видови суштества биле скротени. На пример, тренирани соколи биле користени за лов. ‚Лазачите‘ што ги споменува Јаков може да вклучуваат змии што се контролирани од скротители на змии (Псалм 57:4, 5). Човекот може да контролира дури и китови, но како грешни луѓе, јазикот не можеме потполно да го скротиме. Меѓутоа, треба да избегнуваме да даваме навредливи, зајадливи или клеветнички забелешки. Еден непокорен јазик може да биде опасно средство исполнето со смртоносен отров (Римјаните 3:13). За жал, јазиците на лажните учители одвратиле некои рани христијани од Бог. Затоа, никогаш да не си дозволиме да бидеме совладани од отровни отпаднички изрази, сеедно дали изговорени или напишани (1. Тимотеј 1:18—20; 2. Петрово 2:1—3).
17, 18. Каква недоследност е истакната во Јаков 3:9—12, и што треба да правиме во овој поглед?
17 Верата во Бог, како и желбата да му угодиме, можат да нѐ заштитат од отпадништво и да нѐ спречат јазикот да го користиме на недоследен начин. Укажувајќи на недоследноста на некои, Јаков вели дека ‚со јазикот Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо‘ (1. Мојсеева 1:26). Јехова е нашиот Татко во тој поглед што ‚на сите им дава живот, дишење и сѐ‘ (Дела 17:24, 25). Тој е и Татко на помазаните христијани во духовна смисла. Сите ние сме „според подобието Божјо“ во поглед на умствените и моралните особини, вклучувајќи ја ѝ љубовта, правдата и мудроста кои нѐ разликуваат од животните. Според тоа, како треба да постапуваме ако имаме вера во Јехова?
18 Ако ги колнеме луѓето, тоа би значело дека привикуваме, односно повикуваме зло врз нив. Поради тоа што ние не сме божествено инспирирани пророци овластени да повикуваме зло врз кој и да е, таквиот говор би бил доказ за омраза, која би го направила залудно нашето благословување на Бог. Не е исправно од иста уста да излегува и ‚благослов и клетва‘ (Лука 6:27, 28; Римјаните 12:14, 17—21; Јуда 9). Колку само би било грешно на состаноците да му се пеат фалби на Бог, а подоцна да се зборува лошо за соверниците! Не може од истиот извор да извира и слатка и горчлива вода. Како што една ‚смоква не може да роди маслинки, или лозата смокви‘, така солена вода не може да произведе слатка вода. Нешто не е в ред во духовен поглед ако ние, кои треба да го зборуваме она што е добро, упорно изговараме горчливи зборови. Ако сме западнале во тој обичај, да се молиме за Јеховина помош за да престанеме да зборуваме на таков начин (Псалм 38:1).
Постапувај со мудрост одозгора
19. Ако сме водени од небесната мудрост, како можеме да влијаеме врз другите?
19 На сите нам ни треба мудрост за да кажуваме и правиме работи кои им доликуваат на оние кои имаат вера (Јаков 3:13—18). Ако имаме страв од Бога што е полн со стравопочитување, тој ни дава небесна мудрост — способност исправно да го користиме спознанието (Изреки 9:10; Евреите 5:14, НС). Неговата Реч нѐ поучува како да покажуваме „кротост и мудрост [благост која ѝ припаѓа на мудроста, НС]“. И бидејќи сме благи, го унапредуваме собранискиот мир (1. Коринтјаните 8:1, 2). Сите кои се фалат дека се големи учители на соверниците, ‚лажат против христијанската вистина‘, која го осудува нивниот егоизам (Галатјаните 5:26). Нивната „мудрост“ е „земска“ — карактеристична за грешните луѓе отуѓени од Бог. Таа е „животинска“ (НС), бидејќи е производ на телесните склоности. Па, таа е дури и „бесовска“, бидејќи злите духови се горделиви! (1. Тимотеј 3:6). Затоа, да постапуваме со мудрост и понизност за да не правиме ништо што би создало атмосфера во која може да цути такво „лошо [зли работи, НС]“, како што е клеветење и фаворитизам.
20. Како би ја опишал небесната мудрост?
20 „Мудроста, што иде одозгора, е најнапред чиста“, правејќи нѐ чисти морално и духовно (2. Коринтјаните 7:11). Таа е „мирна [мирољубива, НС]“, поттикнувајќи нѐ да се стремиме кон мир (Евреите 12:14). Небесната мудрост нѐ прави ‚кротки [разумни, НС]‘, а не догматични со кои тешко се излегува на крај (Филипјаните 4:5, НС). Мудроста одозгора е „покорна [спремна да послуша, НС]“, унапредувајќи послушност спрема божествената поука и соработка со Јеховината организација (Римјаните 6:17). Мудроста одозгора исто така нѐ прави милосрдни, сочувствителни (Јуда 22, 23, НС). Поради тоа што е полна со „добри плодови“, таа потстрекнува грижа за другите, како и постапки во склад со добротата, праведноста и вистината (Ефесјаните 5:9). Како миротворци, го уживаме „плодот на правдата“, кој цути под мирољубиви услови.
21. Според Јаков 2:1—3:18, на какви постапки треба да нѐ поттикне нашата вера во Бог?
21 Според тоа, јасно е дека верата нѐ поттикнува на акција. Таа нѐ прави непристрасни, милосрдни и активни во добри дела. Верата ни помага да го контролираме јазикот и да постапуваме со небесна мудрост. Но, тоа не е сѐ што можеме да научиме од ова писмо. Јаков има натамошен совет што може да ни помогне да се однесуваме на начин што им доликува на оние кои имаат вера во Јехова.
Како би одговорил?
◻ Што е неисправно во покажувањето фаворитизам?
◻ Како се поврзани верата и делата?
◻ Зошто е толку важно да се контролира јазикот?
◻ Каква е небесната мудрост?