Спротивставете му се на Сатана, и тој ќе побегне!
„Подложете му се на Бог; а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (ЈАКОВ 4:7).
1, 2. а) Која особина на Ѓаволот се гледа од она што е запишано во Исаија, 14. поглавје? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
ЃАВОЛОТ е олицетворение на горделивоста. Неговата гордост се гледа од она што го запишал Божјиот пророк Исаија. Повеќе од еден век пред Вавилон да стане главна светска сила, за Јеховиниот народ е речено дека го вели следново против „вавилонскиот цар“: „Зборуваше во своето срце: ‚Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди [царевите од царската лоза на Давид] ќе си издигнам престол за себе . . . ќе бидам еднаков со Севишниот‘“ (Исаија 14:3, 4, 12-15; Броеви 24:17). Гордоста на „вавилонскиот цар“ била слична на ставот на Сатана, „богот на овој систем на работи“ (2. Коринќаните 4:4). Но, горделивоста на Сатана ќе заврши катастрофално, исто како што вавилонската династија доживеала неславен крај.
2 Меѓутоа, сѐ додека постои Ѓаволот, можеби ќе нѐ мачат прашања како што се: Треба ли да се плашиме од Сатана? Зошто ги подбуцнува луѓето да ги прогонуваат христијаните? Што ќе ни помогне да не нѐ надитри Ѓаволот?
Треба ли да се плашиме од Ѓаволот?
3, 4. Зошто помазаните христијани и нивните придружници не се плашат од Ѓаволот?
3 За помазаните христијани, вистинско зајакнување се следниве зборови што ги кажал Исус Христос: „Не плаши се од она што ќе го претрпиш. Гледај! Ѓаволот ќе фрла некои од вас во затвор за да бидете потполно искушани, и ќе имате неволја десет дена. Покажи се верен до самата смрт, и ќе ти ја дадам круната на животот“ (Откровение 2:10). Помазаниците и нивните придружници што имаат надеж да живеат на Земјата не се плашат од Ѓаволот. Тоа што не се плашат не се должи на тоа што по природа се храбри, туку на тоа што имаат страв од Бог и ‚се засолнуваат во сенката на неговите крилја‘ (Псалм 34:9; 36:7).
4 Бестрашните ученици на Исус Христос во првиот век останале верни до смрт и покрај тоа што страдале. Не се уплашиле од она што би можел да им го направи Сатана Ѓаволот, бидејќи знаеле дека Јехова никогаш нема да ги напушти оние што му се лојални. Слично, и покрај жестокото прогонство во денешно време, помазаните христијани и нивните придружници се цврсто решени да не попуштат во својата верност на Бог. Меѓутоа, апостол Павле укажал дека Ѓаволот би можел да предизвика смрт. Зар тоа не треба да нѐ уплаши?
5. Што учиме од Евреите 2:14, 15?
5 Павле рекол дека Исус станал човек од крв и месо за „преку својата смрт да го уништи оној кој го има средството да предизвикува смрт, односно Ѓаволот; и да ги ослободи сите оние кои поради страв од смрт целиот свој живот биле подложени на робување“ (Евреите 2:14, 15). Како оној што го „има средството да предизвикува смрт“, Сатана завладеал со Јуда Искариотски и потоа ги искористил еврејските водачи и Римјаните за да го погубат Исус (Лука 22:3; Јован 13:26, 27). Меѓутоа, со својата жртвена смрт, Исус го ослободил грешното човештво од власта на Сатана и ни овозможил да добиеме вечен живот (Јован 3:16).
6, 7. До кој степен Сатана има моќ да предизвика смрт?
6 До кој степен Ѓаволот има моќ да предизвика смрт? Па, уште кога започнал со своите злобни дела, неговите лаги и водство предизвикале смрт кај луѓето. Ова се случило затоа што Адам згрешил и со тоа им пренел грев и смрт на сите луѓе (Римјаните 5:12). Освен тоа, и Сатановите слуги на Земјата ги прогонуваат обожавателите на Јехова, понекогаш дури до смрт, исто како што било со Исус Христос.
7 Сепак, не треба да мислиме дека Ѓаволот може да ја предизвика смртта на секого што ќе посака да го убие. Бог ги штити оние што Му припаѓаат и никогаш нема да му дозволи на Сатана да ги збрише од Земјата сите вистински обожаватели (Римјаните 14:8). Точно, Јехова дозволува сиот негов народ да биде прогонуван, и дозволува некои од нас да умрат поради нападите на Ѓаволот. Сепак, во Светото писмо е содржана прекрасната надеж дека ќе воскреснат оние што се во „Спомен книгата“ на Бог — а Ѓаволот не може да стори ама баш ништо за да го спречи тоа! (Малахија 3:16; Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
Зошто Сатана нѐ прогонува?
8. Зошто Ѓаволот го подбуцнува прогонството на Божјите слуги?
8 Ако сме верни Божји слуги, има една главна причина зошто Ѓаволот подбуцнува прогонство против нас. Неговата цел е да нѐ натера да попуштиме во верата. Имаме скапоцен близок однос со нашиот небесен Татко, а Сатана сака да ни го уништи. Тоа не треба да нѐ изненади. Во Еден, Јехова претскажал дека ќе има непријателство помеѓу неговата симболична ‚жена‘ и „змијата“ и помеѓу нивните ‚семиња‘ (Битие 3:14, 15). Библијата ни открива дека Ѓаволот е „празмијата“ и дека сега му останува уште малку време и многу е разгневен (Откровение 12:9, 12). Со оглед на тоа што непријателството помеѓу двете ‚семиња‘ и понатаму продолжува, оние што верно му служат на Јехова можат да очекуваат дека ќе бидат прогонувани (2. Тимотеј 3:12). Свесен ли си која е причината за таквото сатанско прогонство?
9, 10. Околу што повел спор Ѓаволот, и каква врска со тоа имаат постапките на луѓето?
9 Ѓаволот повел спор околу тоа кој има право да владее со целиот универзум. Освен овој спор, тој ја ставил под знак прашалник и верноста на луѓето кон нивниот Творец. Сатана му нанел многу маки на праведниот човек Јов. Зошто? За да го натера да не му остане верен на Јехова. Жена му на Јов и неговите тројца „мачни тешители“ послужиле за целта што ја имал Ѓаволот во тоа време. Како што ни покажува книгата Јов, Ѓаволот се спорел со Бог, тврдејќи дека ниеден човек нема да Му остане верен ако на Сатана му се дозволи да го искуша тој човек. Но, Јов останал верен и со тоа докажал дека Сатана е лажливец (Јов 1:8—2:9; 16:2; 27:5; 31:6). Денес Ѓаволот ги прогонува Јеховините сведоци обидувајќи се да ги натера да бидат неверни и со тоа да докаже дека е во право.
10 Тоа што знаеме дека Ѓаволот нѐ прогонува затоа што очајнички се обидува да ја скрши нашата верност на Бог може да ни помогне да бидеме храбри и цврсти (Второзаконие 31:6). Нашиот Бог е Севишен владетел на целиот универзум, и тој ќе ни помогне да останеме верни. Секогаш да настојуваме да го радуваме Јеховиното срце со тоа што ќе ја зачуваме верата, за да има што да му одговори на големиот подбивач, Сатана Ѓаволот (Пословици 27:11).
„Избави нѐ од злобниот“
11. Што се мисли со молбата „не воведувај нѐ во искушение“?
11 Да се остане верен и непорочен не е едноставна работа; потребно е сесрдно да се молиме. Особено ќе ни помогнат зборовите од пример-молитвата. Меѓу другото, Исус рекол: „Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од злобниот“ (Матеј 6:13). Јехова не нѐ става на искушение да направиме грев (Јаков 1:13). Меѓутоа, понекогаш во Библијата се вели дека тој прави или предизвикува некои работи, а всушност само ги дозволува (Рута 1:20, 21). Со тоа што ќе се молиме како што покажал Исус, бараме од Јехова да не дозволи да подлегнеме на искушението. И тој нема да го дозволи тоа, бидејќи во Светото писмо го имаме следново уверување: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:13).
12. Зошто се молиме: „Избави нѐ од злобниот“?
12 Откако во пример-молитвата го спомнал искушението, Исус соодветно додал: „Избави нѐ од злобниот“. Некои библиски преводи гласат: „Избави нѐ од злото“ (King James Version; Revised Standard Version) или „Заштити нѐ од злото“ (Contemporary English Version). Меѓутоа, во Библијата изразот ‚избавува од‘ главно се користи за луѓе, а во евангелието по Матеј е кажано дека „Искушувачот“ е Ѓаволот, кој е личност (Матеј 4:3, 11). Затоа, важно е да се молиме да бидеме избавени од „злобниот“, Сатана Ѓаволот. Тој се обидува да нѐ натера да направиме грев против Бог (1. Солуњаните 3:5). Кога се молиме „Избави нѐ од злобниот“, бараме од нашиот небесен Татко да нѐ води и да ни помогне да не нѐ надитри Ѓаволот.
Нека не те надитри Ѓаволот
13, 14. Зошто коринќаните требало поинаку да постапуваат со еден човек во собранието што направил неморал?
13 Кога Павле ги поттикнал христијаните во Коринт да си простуваат, напишал: „Кому вие нешто љубезно ќе простите, нему му простувам и јас. Всушност, што се однесува до мене, што и да сум простил љубезно, ако нешто љубезно сум простил, тоа било поради вас пред Христовото лице; за да не нѐ надитри Сатана, бидејќи не сме во незнаење за неговите намери“ (2. Коринќаните 2:10, 11). Ѓаволот може да нѐ надитри на најразлични начини, но зошто Павле го спомнал токму она што го кажуваат овие зборови?
14 Павле ги прекорил коринќаните затоа што дозволиле еден неморален човек и понатаму да биде дел од нивното собрание. Сатана сигурно бил задоволен со тоа, бидејќи собранието било прекорено затоа што трпело „таков блуд каков што нема ни меѓу нациите“. По некое време, престапникот бил исклучен од собранието (1. Коринќаните 5:1-5, 11-13). Подоцна, тој човек се покајал. Ако коринќаните не сакале да му простат и да го вратат во собранието, Ѓаволот ќе ги надитрел на еден друг начин. Како? Ќе станеле груби и безмилосни, каков што бил и самиот Сатана. Ако човекот што се каел го ‚проголтала неговата преголема жалост‘ и сосема се откажел, особено старешините ќе сноселе одговорност за тоа пред милостивиот Бог, Јехова (2. Коринќаните 2:7; Јаков 2:13; 3:1). Се разбира, ниеден вистински христијанин не би сакал да биде како Сатана со тоа што ќе биде суров, груб и безмилосен.
Заштитени со воената опрема од Бог
15. Каква војна водиме, и од што зависи дали ќе победиме?
15 За да бидеме избавени од Ѓаволот, мораме да водиме духовна војна против злите духовни сили. Дали ќе победиме во таа војна зависи од тоа дали ја носиме „потполната воена опрема од Бог“ (Ефешаните 6:11-18). Дел од таа опрема е и „градниот оклоп на праведноста“ (Ефешаните 6:14). Цар Саул од древниот Израел му станал непослушен на Бог и затоа го изгубил светиот дух (1. Самоил 15:22, 23). Но, ако постапуваме праведно и ја имаме комплетната духовна воена опрема, ќе го имаме Божјиот свет дух и она што ни треба за да бидеме заштитени од Сатана и од неговите злобни ангели, демоните (Пословици 18:10).
16. Како можеме постојано да бидеме заштитени од злите духовни сили?
16 За да бидеме постојано заштитени од злите духовни сили, меѓу другото треба редовно да ја читаме и да ја проучуваме Божјата реч, добро користејќи ги публикациите што ни ги обезбедува „верниот настојник“ (Лука 12:42). Така ќе си ги полниме мислите со изградувачки духовни работи, во склад со советот на Павле: „Браќа, сѐ што е вистинито, сѐ што заслужува сериозно внимание, сѐ што е праведно, сѐ што е чесно, сѐ што е вредно за сакање, за кое добро се зборува, секоја доблест што постои и сѐ што е вредно за фалба, за тоа размислувајте и понатаму“ (Филипјаните 4:8).
17. Што ќе ни помогне да бидеме делотворни објавители на добрата вест?
17 Јехова се грижи нозете да ни бидат „обуени во опремата на добрата вест на мирот“ (Ефешаните 6:15). Редовното учество на христијанските состаноци нѐ опремува да ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство. Колку сме радосни кога им помагаме на другите да ја дознаат вистината што ја открива Бог и да бидат духовно ослободени! (Јован 8:32). Неопходно е да го имаме „мечот на духот, односно Божјата реч“, за да се заштитиме од лажните учења и „за уривање на силно утврдени нешта“ (Ефешаните 6:17; 2. Коринќаните 10:4, 5). Вештото користење на Божјата пишана реч, Библијата, ни помага да ги учиме другите за вистината и нѐ чува да не им подлегнеме на лукавствата на Ѓаволот.
18. Како можеме ‚да стоиме цврсто против Ѓаволовите сплетки‘?
18 Павле ја започнал својата дискусија за нашата духовна воена опрема со зборовите: „Стекнувајте моќ во Господ и во моќта на неговата сила. Облечете ја потполната воена опрема од Бог за да можете цврсто да стоите против Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:10, 11). Грчкиот збор што е преведен со „цврсто да стоите“ се однесува на исправениот став на еден војник. Ние цврсто стоиме во духовната војна, иако Сатана користи различни лукави средства во своите обиди да го наруши нашето единство, да ги поткопа нашите учења или да ја скрши нашата верност на Бог. Но, нападите на Ѓаволот досега не успеале — и никогаш нема ни да успеат!a
Спротивстави му се на Ѓаволот и тој ќе побегне
19. Кој е еден начин да му се спротивставиме на Ѓаволот?
19 Ние можеме да победиме во нашата духовна војна против Ѓаволот и против злите духовни сили со кои управува тој. Нема причина да му се тресеме од страв на Сатана, бидејќи ученикот Јаков напишал: „Подложете му се на Бог; а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7). Еден начин да им се спротивставиме на Сатана и на злите духовни суштества што соработуваат со него е да немаме ништо заедничко со окултизмот, вражањето и со луѓето што се занимаваат со такви работи. Светото писмо јасно покажува дека Јеховините слуги не смеат да гледаат на знаци ниту да се занимаваат со астрологија, гатање и спиритизам. Ако сме духовно активни и цврсти, не треба да се плашиме дека некој ќе ни фрли клетва (Броеви 23:23; Второзаконие 18:10-12; Исаија 47:12-15; Дела 19:18-20).
20. Како можеме да му се спротивставиме на Ѓаволот?
20 ,Му се спротивставуваме на Ѓаволот‘ со тоа што се држиме за Божјите мерила и вистини и не му подлегнуваме. Светот ја извршува волјата на Сатана затоа што тој е негов бог (2. Коринќаните 4:4). Затоа, ги отфрламе особините на светот, како што се гордоста, себичноста, неморалот, насилството и материјализмот. Знаеме дека Ѓаволот побегнал кога Исус се спротивставил на неговиот напад користејќи го Светото писмо кога бил искушуван во пустината (Матеј 4:4, 7, 10, 11). Слично на тоа, Сатана ќе ‚побегне од нас‘ поразен ако потполно му се подложиме на Јехова и во молитва се потпираме на него (Ефешаните 6:18). Со поддршката што ја имаме од Јехова Бог и од неговиот сакан Син, никој не може да ни нанесе трајна штета — дури ни Ѓаволот! (Псалм 91:9-11).
[Фуснота]
a Додатни информации во врска со духовната воена опрема од Бог побарај во Стражарска кула од 15 мај 1992, страници 21-23.
Како ќе одговориш?
• Треба ли да се плашиме од Сатана Ѓаволот?
• Зошто Сатана подбуцнува прогонство против христијаните?
• Зошто се молиме да бидеме избавени од „злобниот“?
• Како можеме да победиме во духовната војна?
[Слика на страница 26]
Бестрашните следбеници на Христос во првиот век останале верни до смрт
[Слика на страница 27]
Ѓаволот не може да спречи да воскреснат оние што се во Јеховиното сеќавање
[Слика на страница 28]
Се молиш ли да бидеш избавен од „злобниот“?
[Слика на страница 29]
Ја носиш ли „потполната воена опрема од Бог“?