Радосни „извршители на словото“
„Со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши. Бидете извршители на словото, а не само слушатели“ (ЈАКОВ 1:21, 22).
1. Како треба да гледаме на нашиот годишен стих за 1996 година?
„БИДЕТЕ ИЗВРШИТЕЛИ НА СЛОВОТО.“ Оваа едноставна изјава содржи силна порака. Земена е од „Посланието на светиот апостол Јаков“ од Библијата и ќе биде изложена во Салите на Царството како годишен стих на Јеховините сведоци во текот на 1996 година.
2, 3. Зошто било на место што Јаков требало да го напише писмото кое го носи неговото име?
2 Јаков, полубрат на Господ Исус, бил истакнат член на раното христијанско собрание. Во една прилика после Исусовото воскресение, нашиот Господ лично му се јавил на Јаков, а потоа и на сите апостоли (1. Коринтјаните 15:7). Подоцна, кога апостол Петар на чудесен начин бил ослободен од затвор, на една насобрана христијанска група тој ѝ рекол: „Соопштете му за ова на Јакова и на браќата!“ (Дела 12:17). Изгледа дека Јаков, иако не бил апостол, претседавал на состанокот на водечкото тело во Ерусалим кога апостолите и старешините решиле паганските обратеници да не бидат обрежувани. Јаков ги сумирал работите, а одлуката што била потврдена преку светиот дух, била испратена до сите собранија (Дела 15:1-29).
3 Очигледно, Јакововото зрело размислување содржело голема важност. Меѓутоа, понизно признал дека самиот тој е само ‚слуга на Бога и на Господа Исуса Христа‘ (Јаков 1:1). Неговото инспирирано писмо содржи изобилство од здрави совети и охрабрување за денешните христијани. Било завршено околу четири години пред првиот напад на Римјаните врз Ерусалим, под водството на генерал Цестеј Гал, откако добрата вест обемно му била проповедана ‚на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23). Тоа биле критични времиња, а Јеховините слуги биле потполно свесни дека Неговата пресуда наскоро ќе биде извршена над еврејската нација.
4. Што покажува дека раните христијани имале голема доверба во Божјата Реч?
4 Овие христијани веќе ги имале комплетните Хебрејски списи и поголемиот дел од Грчките. Како што покажуваат нивните многубројни осврнувања на поранешните списи, христијанските библиски писатели очигледно имале голема доверба во Божјата Реч. На сличен начин, и ние денес треба сериозно да ја проучуваме Божјата Реч и да ја применуваме во својот живот. За да истраеме, потребни ни се духовната сила и храброста кои ги дава Светото писмо (Псалм 118:97; 1. Тимотеј 4:13).
5. Зошто денес ни е потребно посебно водство и каде ќе го најдеме?
5 Човештвото денес стои на работ од една „мака [голема неволја, НС], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:21). Нашето преживување зависи од тоа дали имаме божествено водство. А како можеме да го најдеме? Ако ги отвориме своите срца за учењата на Божјата Реч инспирирана со дух. Тоа ќе ни овозможи да ‚бидеме извршители на словото‘, како што биле лојалните слуги на Јехова од поранешни времиња. Мораме марливо да ја читаме и проучуваме Божјата Реч и да ја користиме на Јеховина фалба (2. Тимотеј 2:15; 3:16, 17).
Истрајност со радост
6. Зошто треба да најдеме радост кога се соочуваме со искушенија?
6 На почетокот од своето писмо, Јаков ја споменува радоста, вториот плод на Божјиот дух. Тој пишува: „Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни [потполни и здрави, НС], без никаков недостаток“ (Јаков 1:2-4; Галатјаните 5:22, 23). Како може да се рече дека соочувањето со многу искушенија претставува ‚радост‘? Па, дури и Исус во својата Проповед на гората рекол: „Блажени [Среќни, НС] сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно — заради Мене! Радујте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата!“ (Матеј 5:11, 12). Радосно задоволство е да се види дека Јехова ги благословува нашите напори додека се напрегаме кон целта на вечниот живот (Јован 17:3; 2. Тимотеј 4:7, 8; Евреите 11:8-10, 26, 35).
7. а) Што може да ни помогне да истраеме? б) На кој начин можеме да бидеме наградени како Јов?
7 Самиот Исус истрајал „поради Неговата идна радост“ (Евреите 12:1, 2). Ако гледаме задлабочено на Исусовиот храбар пример, и ние можеме да истраеме! Како што споменува Јаков при крајот на своето писмо, Јехова богато ги наградува чуварите на беспрекорноста. „Ете, блажени [среќни, НС] се оние што претрпеа“, вели Јаков. „Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:11). Сети се како била наградена Јововата беспрекорност кога му било вратено доброто здравје и радоста на еден исполнет и среќен живот со најблиските. Истрајноста во беспрекорноста може да ти донесе слично радување во ветениот Рај на Божјиот нов свет, како кулминација на радоста што му служиш на Јехова уште сега.
Да се бара мудрост
8. Како можеме да најдеме вистинска, практична мудрост, и каква улога игра молитвата во тоа?
8 Ако марливо ја проучуваме Божјата Реч и ако практично ја применуваме, тоа ќе ни донесе божествена мудрост и ќе нѐ оспособи да ги поднесеме искушенијата среде расипаноста на Сатановиот свет што е на умирање. Како можеме да бидеме уверени дека ќе ја најдеме таа мудрост? Јаков ни кажува: „Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор — и ќе му се даде. Но да моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура“ (Јаков 1:5, 6). Треба да молиме сериозно, со непоколеблива увереност дека Јехова ќе ги услиши нашите молби и дека ќе одговори на нив во свое одредено време и на свој начин.
9. Како ја опишува Јаков божествената мудрост и нејзината примена?
9 Божествената мудрост е подарок од Јехова. Опишувајќи ги таквите дарови, Јаков вели: „Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена“. Понатаму во своето писмо, Јаков го објаснува резултатот од постигнувањето на вистинската мудрост, кога вели: „Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост . . . Мудроста што иде одозгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна е и нелицемерна“ (Јаков 1:17; 3:13-17).
10. На кој начин лажната религија е во контраст со вистинската?
10 Во светското царство на лажната религија, било во христијанскиот свет или во други земји, честопати е обичај обожавателите да пеат некакви химни, да слушаат едни исти молитви и можеби да слушаат некоја проповед. Не се дава никакво охрабрување за да се објавува некаква порака на надеж, бидејќи повеќето религии немаат светли изгледи за иднината. Славната надеж на Божјето Месијанско Царство или воопшто не се споменува или е потполно погрешно сфатена. За приврзаниците на христијанството, Јехова пророчки вели: „Две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода“ (Јеремија 2:13). Тие немаат води на вистината. Им недостасува небесна мудрост.
11, 12. а) Како би требало да нѐ мотивира божествената мудрост? б) На што нѐ предупредува таа?
11 Колку само е поинаку кај Јеховините сведоци денес! Со динамична енергија добиена од Бог, тие ја преплавуваат Земјата со добрата вест за Неговото претстојно Царство. Мудроста за која зборуваат тие цврсто се темели на Речта Божја. (Спореди Изреки 1:20; Исаија 40:29-31.) Всушност, тие практично го користат вистинското спознание и разбирање при објавувањето на величествените намери на нашиот Бог и Творец. Сите во собранието треба да имаме желба ‚да се исполниме со познавање на [Божјата] волја во секоја мудрост и духовно разбирање‘ (Колосјаните 1:9). Имајќи ваков темел, и младите и старите ќе бидат мотивирани секогаш да ‚бидат извршители на словото‘.
12 ‚Мудроста одозгора‘ нѐ предупредува на гревовите кои би можеле да доведат до божествено неодобрување. „И така, мои возљубени браќа“, вели Јаков, „секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето, и бавен на гнев, бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда.“ Да, мораме да бидеме брзи и желни да го слушаме и да го применуваме божествениот совет. Меѓутоа, мораме да се вардиме и да не го злоупотребуваме тој „мал орган“, јазикот. Преку фалење, немудро озборување или самоуверен говор, јазикот може симболично да запали „голема гора“. Затоа, потребно е да негуваме љубезност и самосовладување во сите наши дружења (Јаков 1:19, 20; 3:5).
13. Зошто е важно да го прифатиме „всадувањето на речта“?
13 „Затоа“, пишува Јаков, „отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со смиреност примете го насаденото слово, кое може да ги спаси душите ваши“ (Јаков 1:21). Овој алчен свет, со својот фалбаџиски, материјалистички, „прво јас“ начин на живот и деградиран морал, наскоро ќе помине. „А оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:15-17). Затоа, колку само е важно да го прифатиме „насаденото слово [всадувањето на речта, НС]“! Мудроста што ја дава Божјата Реч стои во јасна спротивност со злобата на овој свет кој е на умирање. Ние не сакаме да имаме ништо со таа злоба (1. Петрово 2:1, 2). Треба да имаме љубов кон вистината и силна вера всадена во нашите срца. Тогаш ќе бидеме одлучни никогаш да не скршнеме од Јеховините праведни патишта. Но, дали е доволно само да се слуша Божјата Реч?
Да станеме „извршители на словото“
14. Како можеме да станеме и „слушатели“ и „извршители“ на Речта?
14 Во Јаков 1:22 читаме: „Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе“. „Бидете извршители на словото“! Оваа тема несомнено е истакната во Јакововото писмо. Мораме да слушаме и потоа да правиме ‚токму така‘ (1. Мојсеева 6:22, НС). Многу луѓе денес тврдат дека е доволно да се чуе некоја проповед или повремено да се учествува во некое формално обожавање, но тие остануваат само на тоа. Можеби мислат дека сѐ додека водат ‚добар живот‘ според своите мерила, ќе биде доволно. Но, Исус Христос изјавил: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16:24). Од вистинските христијани јасно се бара самопожртвуваност и истрајност во следењето на Исусовиот пример при вршењето на Божјата волја. За нив, Божјата волја денес е истата каква што била и во првиот век кога воскреснатиот Исус заповедал: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28:19). Како е со тебе во овој поглед?
15. а) Каква илустрација дава Јаков, која ни покажува како можеме да станеме среќни како „извршители на словото“? б) Зошто само формалното обожавање не е доволно?
15 Ако продолжиме испитувачки да гледаме на Божјата Реч, таа може да биде како некое огледало кое точно ќе ни рефлектира какви лица сме. Јаков вели: „Кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен [среќен, НС] во своето делување“ (Јаков 1:23-25). Да, тој ќе биде среќен ‚извршител на словото‘. Освен тоа, важно е да се биде ‚извршител‘ во секој детаљ од нашиот христијански живот. Никогаш не треба да се залажуваме со размислувањето дека е доволно да се врши само формално обожавање. Јаков нѐ советува да забележиме некои аспекти на вистинското обожавање кои можат да бидат занемарени дури и од страна на ревносните христијани. Тој пишува: „Чиста и непорочна вера пред Бога и Отецот е оваа: да пригледуваш сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот“ (Јаков 1:27).
16. На кои начини Авраам станал „Јеховин пријател“, и како можеме ние да го стекнеме Неговото пријателство?
16 Не е доволно само да се каже: ‚Јас верувам во Бог‘ и да се остане на тоа. Јаков 2:19 забележува: „Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат“. Јаков нагласува дека „верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ и се осврнува на Авраам, велејќи: „Верата им помогна на делата негови, и дека преку делата верата стана совршена“ (Јаков 2:17, 20-22). Во Авраамовите дела спаѓало помагањето на неговите роднини, покажувањето гостопримство, подготвувањето да го жртвува Исак и ‚јавното изјавување‘ (НС) на непоколеблива вера во Божјето ветување за ‚градот, што има [вистински, НС] основи‘, идното Месијанско Царство (1. Мојсеева 14:16; 18:1-5; 22:1-18; Евреите 11:8-10, 13, 14; 13:2). Соодветно на тоа, Авраам ‚бил наречен „Јеховин пријател“‘ (Јаков 2:23, НС). И ние можеме да бидеме вброени меѓу ‚Јеховините пријатели‘ додека активно ја објавуваме нашата вера и надеж во неговото претстојно Царство на праведноста.
17. а) Зошто Раав била ‚прогласена за праведна‘ и како била наградена? б) Каква долга листа дава Библијата за оние кои ‚станале извршители на словото‘? в) Како бил награден Јов и зошто?
17 Оние кои стануваат „извршители на словото“ навистина се ‚оправдани [прогласени за праведни, НС] со дела, а не само со вера‘ (Јаков 2:24). Раав била една од оние кои додале дела на својата вера во „словото“ што го слушнале во врска со Јеховините моќни дела. Ги сокрила израелските шпиони и им помогнала да побегнат, а потоа го собрала домаќинството на татка си за да биде сочувано. Колку само ќе се радува таа при воскресението кога ќе дознае дека нејзината вера, поткрепена со дела, ѝ овозможила да стане предок на Месијата! (Исус Навин 2:11; 6:24; Матеј 1:5). Евреите, поглавје 11, дава една долга листа од други поединци кои ‚станале извршители‘ со тоа што ја покажале својата вера и кои ќе бидат богато наградени. Не смееме да го заборавиме ни Јов, кој под тешко искушение рекол: „Нека е благословено името Господово!“ Како што веќе забележавме, неговата вера и дела му донеле голема награда (Јов 1:21; 31:6; 42:10; Јаков 5:11). Слично на тоа, и нашата истрајност денес како „извршители на словото“ ќе ни донесе Јеховино признание.
18, 19. На кој начин браќата кои биле долго угнетувани ‚станале извршители на словото‘ и каков благослов им донела нивната активност?
18 Меѓу оние кои поднеле многу низ годините се и нашите браќа од Источна Европа. Сега кога се укинати бројните ограничувања, тие навистина ‚станале извршители на словото‘ во нивната нова околина. Мисионери и пионери од соседните земји се преселиле кај нив за да помогнат во поучувањето и организирањето. Финската подружница како и други соседни подружници на Друштвото Стражарска кула испратиле градежни стручњаци, додека дарежливото братство ширум светот ја финансирало изградбата на нови канцеларии на подружници и Сали на Царството. (Спореди 2. Коринтјаните 8:14, 15.)
19 Колку само ревносно се оѕвале на подрачјето овие браќа кои биле долго угнетувани! Тие ‚работат напорно и се трудат‘, така да се каже, да го одработат она што не било достапно во ‚немирното време‘ (1. Тимотеј 4:10; 2. Тимотеј 4:2, обата НС). На пример, минатиот април во Албанија, каде што забраната беше многу строга, целата залиха од Веста за Царството со наслов „Зошто во животот има толку многу проблеми?“, беше разделена за само три дена. Тоа беше едно прекрасно надоврзување на Споменот на Исусовата смрт, на кој присуствуваа 3.491 лице — многу повеќе од нивните 538 активни објавители.
20. Што покажува присутноста на Споменот во последниве години, и како би можело да им се помогне на мнозина?
20 И други земји дадоа значителен придонес во присутноста на Споменот, која во последниве години порасна на повеќе од 10.000.000 лица. На многу места, новите лица чија вера беше зајакната од присуството и посматрањето на Споменот, ‚стануваат извршители на словото‘. Дали можеме да охрабриме што повеќе новопридружени да ги исполнат условите за таа предност?
21. Кој правец треба да го следиме во склад со нашиот годишен стих, и со каква цел?
21 Исто како тие ревносни христијани од првиот век и многу, многу други поединци оттогаш па наваму, да бидеме одлучни и ние да се напрегаме во ‚трчањето кон целта‘ на вечниот живот, без разлика дали тоа ќе биде во небесното Царство или во неговото земно подрачје (Филипјаните 3:12-14). Вредно е да се вложи секаков напор за да се постигне оваа цел. Сега не е време да се вратиме во состојба на слушатели, туку е време над времињата да ‚се ободриме и да работиме‘ (Агеј 2:4; Евреите 6:11, 12). Откако сме го ‚примиле насаденото слово‘, да бидеме радосни извршители на словото‘ сега и во сета вечност што треба да дојде.
Како би одговорил?
◻ Како можеме да истраеме со радост?
◻ Што претставува „мудроста што иде одозгора“ и како можеме да се стремиме по неа?
◻ Зошто мораме да бидеме „извршители на словото, а не само слушатели“?
◻ Кои извештаи треба да нѐ поттикнат да бидеме „извршители на словото“?
[Слика на страница 17]
Да ги отвориме и ние нашите срца за божествената поука
[Слика на страница 18]
Јововата беспрекорност била наградена со тоа што му бил вратен исполнет и среќен живот со најблиските