Верата нѐ прави стрпливи и молитвени
„Практикувајте стрпливост; утврдете ги своите срца, зашто се приближи присутноста на Господ“ (ЈАКОВ 5:8, НС).
1. Зошто треба да размислуваме за Јаков 5:7, 8?
ДОЛГООЧЕКУВАНАТА „присутност“ на Исус Христос сега е факт (Матеј 24:3—14, НС). Повеќе од кога и да е порано, сите кои се исповедуваат дека имаат вера во Бог и во Христос, имаат причина да размислуваат за овие зборови на ученикот Јаков: „Практикувајте стрпливост, браќа, до присутноста на Господ. Гледајте! Земјоделецот продолжува да го чека скапоцениот плод од земјата, практикувајќи стрпливост поради него, сѐ додека не го добие раниот дожд и доцниот дожд. И вие практикувајте стрпливост; утврдете ги своите срца, зашто се приближи присутноста на Господ“ (Јаков 5:7, 8, НС).
2. Кои биле некои од проблемите со кои се соочувале оние на кои им пишал Јаков?
2 Оние на кои Јаков им го напишал своето инспирирано писмо, требало да практикуваат стрпливост и да решат различни проблеми. Мнозина постапувале спротивно на она што се очекувало од оние кои се исповедувале дека имаат вера во Бога. На пример, требало да се стори нешто во врска со извесни желби што се развиле во некои срца. Меѓу тие рани христијани требало да биде вратено спокојството. Исто така, им требало совет да бидат стрпливи и молитвени. Додека разгледуваме што им рекол Јаков, да видиме како можеме да ги примениме неговите зборови во нашиот живот.
Неисправните желби погубни
3. Кои биле причините за собранискиот спор, и што можеме да научиме од ова?
3 Меѓу некои кои се исповедувале како христијани недостигал мирот, а неисправните желби биле коренската причина за оваа ситуација (Јаков 4:1—3). Кавгаџиството предизвикувало раскол, а некои без љубов ги осудувале своите браќа. Ова се случувало затоа што копнежите по сетилно задоволство биле во конфликт во нивните телесни членови. Можеби и самите ние треба да се молиме за помош за да се спротивставуваме на телесните копнежи за престиж, моќ и имот за да не правиме ништо што би го нарушило мирот на собранието (Римјаните 7:21—25; 1. Петрово 2:11). Меѓу некои христијани од првиот век, алчноста се развила до точка на омразен, убиствен дух. Поради тоа што Бог не ги исполнувал нивните неисправни желби, тие продолжувале да се борат, во обидот да ги постигнат своите цели. Ако имаме слични неисправни желби, можеме да бараме, но нема да добиеме, бидејќи нашиот свет Бог не одговара на такви молитви (Плач 3:44; 3. Јованово 9, 10).
4. Зошто Јаков некои ги наречува „прељубодејци и прељубодејки“, и како треба неговата изјава да влијае врз нас?
4 Меѓу извесни рани христијани постоеле световност, завист и горделивост (Јаков 4:4—6). Јаков некои ги наречува „прељубодејци и прељубодејки“, затоа што биле пријатели на светот и на тој начин виновни за духовна прељуба (Језекиил 16:15—19, 25—45). Секако, ние не сакаме да станеме световни во ставот, говорот и постапките, бидејќи тоа би нѐ направило Божји непријатели. Неговата Реч ни покажува дека ‚ревноста [склоноста кон завист, НС]‘ е дел од лошата наклоност, односно ‚дух‘, во грешните луѓе (1. Мојсеева 8:21; 4. Мојсеева 16:1—3; Псалм 105:16, 17; Проповедник 4:4). Затоа, ако сфатиме дека треба да се бориме против зависта, горделивоста или некоја друга лоша наклоност, да бараме Божја помош преку светиот дух. Таа сила, обезбедена преку Божјата незаслужена љубезност, е поголема од ‚склоноста кон завист‘. И додека Јехова се спротивставува на горделивите, тој ќе ни даде незаслужена љубезност доколку се бориме против грешните склоности.
5. За да уживаме Божја незаслужена љубезност, кои барања мораме да ги исполниме?
5 Како можеме да добиеме Божја незаслужена љубезност? (Јаков 4:7—10). За да се радуваме на незаслужена љубезност од Јехова, мораме да го слушаме, да ги прифаќаме неговите подготовки и да се подложиме на сѐ што сака тој (Римјаните 8:28). Исто така, мораме да му се ‚противиме‘, односно ‚да застанеме против‘ Ѓаволот. Тој ќе ‚побегне од нас‘ ако останеме цврсти како поддржувачи на Јеховината универзална сувереност. Ја имаме помошта од Исус, кој ги задржува злите застапништва од светот, така што ништо не може да ни нанесе трајна штета. И никогаш не заборави го ова: Преку молитва, послушност и вера ние му се приближуваме на Бог, а тој докажува дека е близу нас (2. Летописи 15:2).
6. Зошто Јаков некои христијани ги нарекува „грешници“?
6 Зошто Јаков го применува терминот „грешници“ на некои кои исповедувале вера во Бог? Затоа што биле виновни за ‚војни‘ и убиствена омраза — ставови кои се неприфатливи за христијаните (Тит 3:3). Нивните ‚раце‘, исполнети со лоши дела, изискувале чистење. Исто така, требало да ги исчистат своите ‚срца‘ — седиштето на мотивацијата (Матеј 15:18, 19). Тие ‚непостојани [неодлучни, НС]‘ се колебале помеѓу пријателството со Бог и пријателството со светот. Предупредени од нивниот лош пример, да практикуваме непрестајна будност за таквите работи да не ни ја разбијат верата (Римјаните 7:18—20).
7. Зошто Јаков на некои им вели да ‚плачат и да ридаат‘?
7 Јаков им кажува на своите читатели да ‚бидат нажалени и да плачат и да ридаат‘. Ако покажувале побожна жалост, тоа би било доказ за покајание (2. Коринтјаните 7:10, 11). Денес, некои кои велат дека имаат вера, бараат пријателство со светот. Ако некои од нас се стремат по таков пат, зарем не треба да тажиме поради нашата слаба духовна состојба и да преземеме непосредни чекори за да ги исправиме работите? Правењето потребни преиначувања и добивањето Божје простување ќе произведе чувство на воскликнување поради чистата совест и радосниот изглед за вечен живот (Псалм 50:10—17; 1. Јованово 2:15—17).
Не судете се едни со други
8, 9. Зошто не треба да зборуваме против или да се осудуваме едни со други?
8 Грешно е да се зборува против некој соверник (Јаков 4:11, 12). Сепак, некои се критизерски настроени спрема сохристијаните, можеби како последица на нивниот самоправеден став или, пак, затоа што сакаат да се воздигнуваат себеси со тоа што ги омаловажуваат другите (Псалм 49:20; Изреки 3:29). Грчкиот термин ‚да напаѓа [да зборува против, НС]‘ означува непријателство и подразбира да се дава некакво претерано или лажно обвинение. Ова е еднакво на неповолно судење на некој брат. На кој начин ова претставува ‚напаѓање [зборување против, НС] и судење на Законот‘? Па, книжниците и фарисеите ‚[вешто, НС] ја отфрлале Божјата заповед‘ и суделе според свои сопствени мерила (Марко 7:1—13). На сличен начин, ако сме осудиле некој брат кого Јехова не би го осудил, зарем не би го ‚осудувале Божјиот Закон‘ и зарем не би имплицирале грешно дека тој е неадекватен? И, со неправедно критизирање на нашиот брат не би го исполниле законот на љубовта (Римјаните 13:8—10).
9 Да го запомниме ова: „Еден е Законодавецот и Судијата“ — Јехова. Неговиот ‚закон е непорочен [совршен, НС]‘, а не недостаточен (Псалм 18:7; Исаија 33:22). Само Бог го има правото да поставува мерила и правила за спасение (Лука 12:5). Затоа Јаков прашува: „А ти, кој си, што осудуваш друг?“ Не е наше исклучително право да им судиме и да ги осудуваме другите (Матеј 7:1—5; Римјаните 14:4, 10). Размислувањето за Божјата сувереност и непристрасност, како и за нашата сопствена грешност, треба да ни помогне да се воздржуваме од самоправедно судење на другите.
Избегнувај фалбаџиска самоувереност
10. Зошто треба да го земаме Јехова во обѕир во нашиот секојдневен живот?
10 Треба секогаш да ги земаме во обѕир Јехова и неговиот закон (Јаков 4:13—17). Занемарувајќи го Бог, самоуверените велат: ‚Денес или утре ќе отидеме во некој град, ќе водиме бизнис и ќе печалиме‘. Ако ‚собираме добра за себе, а не се богатиме во Бога‘, нашиот живот може да заврши утре и да немаме прилика да му служиме на Јехова (Лука 12:16—21). Како што вели Јаков, ние сме како утринска пара „која се појавува за кратко време, па исчезнува“ (1. Летописи 29:15). Само со практикување вера во Јехова можеме да се надеваме на трајна радост и вечен живот.
11. Што значи да се рече: „Ако сака Господ“?
11 Наместо фалбаџиски да го игнорираме Бог, треба да го заземеме овој став: „Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа“. Да се рече „ако сака Господ“ покажува дека се трудиме да постапуваме во склад со неговата волја. Може да е неопходно да водиме бизнис за да го издржуваме своето семејство, да патуваме во делото на Царството и така натаму. Но, да не се фалиме. „Секоја таква фалба е лукава [зла, НС]“, затоа што таа ја игнорира зависноста од Бог (Псалм 36:5; Изреки 21:4; Јеремија 9:23, 24).
12. Што е мислено со зборовите од Јаков 4:17?
12 Очигледно за да ги заклучи своите изјави во врска со самонадеаноста и фалењето, Јаков вели: „Грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави“. Секој христијанин треба понизно да ја признае својата зависност од Бог. Ако не прави така, ‚тоа му е грев‘. Се разбира, истото начело важи и за кој и да е пропуст да се прави она што верата во Бог го бара од нас (Лука 12:47, 48).
Предупредување во врска со богатите
13. Што вели Јаков во врска со оние кои го злоупотребуваат своето богатство?
13 Поради тоа што некои рани христијани станале материјалистички настроени или, пак, им се восхитувале на имашливите, Јаков дава силни изјави во врска со извесни богати мажи (Јаков 5:1—6). Световните луѓе кои на погрешен начин го користат своето богатство, ќе ‚плачат и ќе ридаат за страшните маки што ќе дојдат на нив‘ кога Бог ќе им отплати според нивните дела. Во тие денови, богатството на многу луѓе се состоело главно од такви работи како облеки, жито и вино (Јоил 2:19; Матеј 11:8). Некои од овие работи може да скапат или да ‚ги изгризаат молци‘, но Јаков ја нагласува безвредноста на богатството, а не неговата расипливост. Иако златото и среброто не ’рѓосуваат, ако би ги трупале, тие би биле безвредни како работи кои ’рѓосале. ’Рѓата покажува дека материјалното богатство не било добро употребено. Затоа, сите ние треба да запомниме дека она што го ‚натрупале во последните денови‘ (НС) оние кои имаат доверба во своите материјални имоти, ќе биде нешто „како оган“ кога врз нив ќе дојде Божјиот гнев. Со оглед на тоа дека живееме во „последното време“, таквите зборови имаат посебно значење за нас (Даниил 12:4; Римјаните 2:5).
14. Како честопати постапуваат богатите, и што треба да правиме во врска со тоа?
14 Имашливите честопати ги измамуваат своите жетвари, чии задржани плати ‚викаат‘ за одмазда. (Спореди 1. Мојсеева 4:9, 10.) Световните богаташи ‚се веселеле [живееле во луксуз, НС]‘. Претерано оддавајќи се на сетилно задоволство, тие изградиле згоени, неприемчиви срца и уште ќе го прават тоа на ‚денот‘ што е одреден за нивно колење. Тие го ‚осудуваат и убиваат праведникот‘. Јаков прашува: „Зарем тој не ви се спротивставува?“ (НС). Но, еден друг превод е: „Праведникот; тој не ви се спротивставува“. Како и да е, не треба да бидеме пристрасни спрема богатите. Мораме да ги чуваме духовните интереси на прво место во животот (Матеј 6:25—33).
Верата ни помага да практикуваме стрпливост
15, 16. Зошто е толку важно да се практикува стрпливост?
15 Откако коментирал за угнетувачките богаташи од светот, Јаков потоа ги охрабрува угнетените христијани да практикуваат стрпливост (Јаков 5:7, 8). Ако верниците стрпливо ги поднесуваат своите тешкотии, во текот на Христовата присутност тие би биле наградени за верноста, кога врз нивните угнетувачи ќе дојде осуда (Матеј 24:37—41). Тие рани христијани требало да бидат како земјоделецот кој стрпливо го чека раниот дожд во есен кога може да сади, и доцниот дожд во пролет, кој резултира со плод (Јоил 2:23). И ние треба да практикуваме стрпливост и да ги зацврстиме своите срца, особено со оглед на тоа што „доаѓањето [присутноста, НС] на Господа“ Исуса Христа е тука!
16 Зошто треба да бидеме стрпливи? (Јаков 5:9—12). Стрпливоста ни помага да не офкаме или воздивнуваме кога соверниците ќе нѐ вознемират. Ако ‚се оплакуваме еден на друг‘ со лош дух, ќе бидеме осудени од Судијата Исус Христос (Јован 5:22). Сега кога неговата присутност почнала и тој „стои пред вратата“, да унапредуваме мир со тоа што ќе бидеме стрпливи со нашите браќа кои се соочуваат со многу испити на верата. Нашата сопствена вера е зајакната кога ќе се сетиме дека Бог го наградил Јов, бидејќи тој стрпливо ги поднел своите искушенија (Јов 42:10—17). Ако практикуваме вера и стрпливост, ќе видиме дека „Господ е многумилостив и се смилува“ (Михеј 7:18, 19).
17. Зошто Јаков вели: „Не колнете се“?
17 Ако не сме стрпливи, може да го злоупотребиме јазикот кога сме под стрес. На пример, можеме избрзано да дадеме заклетви. „Не колнете се“ — вели Јаков, предупредувајќи на лекомисленото давање заклетва. Постојаното потврдување на изјавите со заклетви исто така изгледа лицемерно. Затоа, едноставно треба да ја зборуваме вистината, дозволувајќи нашето да да значи да, а нашето не — не (Матеј 5:33—37). Се разбира, Јаков не вели дека е погрешно да се даде заклетва за да се каже вистината на суд.
Верата и нашите молитви
18. Под кои околности треба да ‚се молиме‘ и ‚да пееме псалми‘?
18 Молитвата мора да игра главна улога во нашиот живот за да го контролираме својот говор, да практикуваме стрпливост и да задржиме здрава вера во Бог (Јаков 5:13—20). Особено кога сме под испит треба да ‚Му се молиме на Бога‘. Ако сме весели, да ‚Го фалиме Господа [пееме псалми, НС]‘, како што направиле Исус и неговите апостоли кога тој го вовел Меморијалот на својата смрт (Марко 14:26, НС, фуснота). Повремено, можеме да бидеме исполнети со толкава благодарност спрема Бог што пееме псалми дури и во срцето (1. Коринтјаните 14:15; Ефесјаните 5:19). А колкава само радост е да се велича Јехова во песна на христијанските состаноци!
19. Што треба да правиме ако станеме духовно болни, и зошто да преземеме таков чекор?
19 Може да не ни се пее ако боледуваме во духовен поглед, можеби поради неисправно однесување или поради пропуст да се храниме редовно од Јеховината трпеза. Ако сме во таква состојба, понизно да ги повикаме старешините за да можат ‚да се помолат над нас‘ (Изреки 15:29). Исто така, тие ќе нѐ „помажат со елеј во името Господово“. Како ублажувачко масло на рана, нивните утешни зборови и библискиот совет ќе ни помогнат да се ублажат депресијата, сомнежот, стравот. ‚Молитвата со вера ќе нѐ исцели‘ доколку е поткрепена со нашата сопствена вера. Ако старешините заклучат дека нашата духовна болест била предизвикана од некој сериозен грев, тие љубезно ќе ја објаснат нашата грешка и ќе се обидат да ни помогнат (Псалм 140:5). И ако се каеме, можеме да имаме вера дека Бог ќе ги чуе нивните молитви и ќе ни прости.
20. Зошто треба да ги исповедаме своите гревови и да се молиме едни за други?
20 ,Исповедањето на гревовите еден на друг‘ треба да послужи како спречување на натамошно грешење. Тоа треба да охрабри на взаемно сочувствување — особина која ќе нѐ поттикне да ‚се молиме еден за друг‘. Можеме да имаме вера дека тоа ќе биде корисно, бидејќи молитвата од ‚праведник‘ — оној кој практикува вера и кој од Бог е сметан за исправен — постигнува многу кај Јехова (1. Петрово 3:12). Пророкот Илија имал слабости како нашите, но неговите молитви биле делотворни. Тој се помолил и не заврнало три и пол години. Кога повторно се помолил, заврнало (3. Царства 17:1; 18:1, 42—45; Лука 4:25).
21. Што можеме да бидеме во состојба да правиме ако некој сохристијанин ‚се отклони од вистината‘?
21 Што ако некој член на собранието ‚се отклони од вистината‘, отстапувајќи од исправната поука и однесување? Можеби сме во состојба да го одвратиме од неговата грешка преку библиски совет, молитва и друга помош. Ако успееме, тоа го чува под Христовата откупнина и го спасува од духовна смрт и осуда за уништување. Со тоа што му помагаме на оној кој греши, ние покриваме мноштво негови гревови. Кога покараниот грешник ќе се сврти од својот погрешен пат, се покае и бара простување, ние ќе се радуваме што сме работеле кон покривање на неговите гревови (Псалм 31:1, 2; Јуда 22, 23).
Нешто за сите нас
22, 23. Како треба врз нас да влијаат зборовите од Јаков?
22 Јасно е дека писмото на Јаков содржи нешто корисно за сите нас. Тоа покажува како да се соочуваме со испитите, нѐ советува против фаворитизам и нѐ поттикнува да се ангажираме во исправни дела. Јаков нѐ поттикнува да го контролираме јазикот, да се спротивставуваме на световното влијание и да унапредуваме мир. Неговите зборови треба исто така да нѐ направат стрпливи и молитвени.
23 Вистина, писмото на Јаков првобитно било испратено до раните помазани христијани. Сепак, сите ние треба да дозволиме неговиот совет да ни помогне да се држиме цврсто за нашата вера. Јакововите зборови можат да охрабрат на вера која нѐ поттикнува на одлучна акција во Божјата служба. И ова божествено инспирирано писмо изградува трпелива вера која нѐ прави стрпливи, молитвени Сведоци на Јехова денес, за време на „присутноста на Господ“ (НС) Исус Христос.
Како би одговорил?
◻ Зошто некои рани христијани требало да го променат својот став и однесување?
◻ Кое предупредување им го дава Јаков на богатите?
◻ Зошто треба да практикуваме стрпливост?
◻ Зошто треба редовно да се молиме?
[Извор на слика на страница 19]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 23]
Некои рани христијани требало да бидат пострпливи со соверниците
[Слика на страница 24]
Христијаните треба да бидат стрпливи, полни со љубов и молитвени