Знај како да одговориш
НЕКОИ прашања се како санти мраз. Најсуштинскиот дел лежи скриен под површината. Едно такво скриено спорно прашање честопати е поважно од самото прашање.
Дури и кога оној што прашува е желен да го дознае одговорот, да знаеш како да одговориш може да значи да одмериш колку да кажеш и од кој агол да му пристапиш на предметот (Јован 16:12). Во некои случаи, како што им покажал Исус на своите апостоли, некое лице може да побара информации на кои нема право или кои, всушност, не би му користеле (Дела 1:6, 7).
Писмото нѐ советува: „Вашиот збор секогаш нека биде љубезен, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“ (Кол. 4:6). Затоа, пред да одговориме, треба да размислиме не само што ќе кажеме туку и како да го кажеме тоа.
Проникни во гледиштето на оној што прашува
Садукеите се обиделе да го намамат Исус со прашање за воскресението на некоја жена која неколкупати била мажена. Меѓутоа, Исус знаел дека тие всушност не верувале во воскресение. Затоа, на нивното прашање одговорил на таков начин што се справил со погрешното гледиште кое лежело во основата на тоа прашање. Користејќи мајсторско резонирање и еден познат библиски извештај, Исус истакнал нешто што тие никогаш порано не го зеле предвид — јасниот доказ дека Бог навистина ќе ги воскресне мртвите. Одговорот толку ги зачудил неговите противници што тие се плашеле понатаму да го распрашуваат (Лука 20:27-40).
За да знаеш како да одговориш, мораш исто така да проникнеш во гледиштата и грижите на оние што те прашуваат. На пример, еден соученик или колега на работа можеби ќе те праша зошто не славиш Божиќ. Зошто те прашува? Дали му е навистина важна причината или само прашува дали ти е дозволено да се забавуваш? За да утврдиш, можеби ќе треба да откриеш зошто е поставено прашањето. Потоа, одговори во склад со тоа. Исто така, би можел да ја искористиш таа прилика да покажеш како следењето на упатствата од Библијата нѐ заштитува од оние аспекти на празникот што станале фрустрација и товар за луѓето.
Да претпоставиме дека си поканет да зборуваш за Јеховините сведоци пред група ученици. Можеби по презентацијата ќе ти постават прашања. Ако изгледа дека прашањата се искрени и чесни, можеби најдобри ќе бидат едноставните и директни одговори. Ако прашањата одразуваат предрасуди од средината, поголемо добро ќе постигнеш ако пред твоите одговори дадеш кратки коментари за тоа што може да ги обликува популарните гледишта за тие спорни прашања и зошто Јеховините сведоци избираат да дозволат Библијата да им поставува мерила. Честопати е корисно на таквите прашања да се гледа како на теми од интерес, а не како на провокација — иако можеби се изнесени на провокативен начин. Значи, твојот одговор ти дава прилика да го прошириш гледиштето на твоите слушатели, да им дадеш точни информации и да им го објасниш библискиот темел за нашите верувања.
Како ќе му одговориш на еден работодавец што не сака да ти даде слободни денови од работа за да отидеш на конгрес? Прво, размисли за работите од негова гледна точка. Дали можеби ќе биде од помош ако се понудиш да работиш прекувремено некој друг ден? Дали можеби ќе се сменат работите ако му објасниш дека поуката што се дава на нашите конгреси ни помага да бидеме чесни, доверливи работници? Ако покажеш дека ги земаш предвид неговите интереси, можеби и тој ќе покаже поволен обѕир кон она што гледа дека ти е важно во животот. Но, што ако од тебе бара да сториш нешто нечесно? Едно јасно наведено одбивање споено со некоја мисла од Писмото би го објасниле твојот став. Но, дали можеби ќе постигнеш поголемо добро ако најпрвин резонираш со него дека лице што е спремно да лаже или да краде за него би можело исто така да го лаже него или да краде од него?
Од друга страна, пак, можеби си ученик што не сака да учествува во некоја небиблиска активност на училиште. Имај на ум, наставникот веројатно не ги дели твоите гледишта, а има одговорност да задржи дисциплина во класот. Предизвиците со кои се соочуваш се: 1) да покажеш обѕир кон она што него го загрижува, 2) со почит да му го објасниш својот став и 3) да бидеш цврст во однос на она за кое знаеш дека ќе му биде угодно на Јехова. За да постигнеш најдобри резултати, можеби ќе биде потребно повеќе отколку само да дадеш една едноставна, директна изјава за она во кое веруваш (Посл. 15:28). Ако си млад, несомнено татко ти или мајка ти ќе ти помогнат да се подготвиш што да кажеш.
Можеби понекогаш некој што има авторитет ќе побара да побиеш некои обвиненија изнесени против тебе. Некој полициски чиновник, владин службеник или судија можеби ќе побара да му одговориш на прашања во врска со послушноста кон извесен закон, твојот став за христијанската неутралност или за учеството во патриотските церемонии. Како да одговориш? „Со благ нарав и длабока почит“, советува Библијата (1. Петр. 3:15). Исто така, запрашај се зошто овие спорни прашања се од интерес, и признај го тој интерес со почит. А што потоа? Апостол Павле укажал на гаранциите со римскиот закон, па така и ти би можел да ги истакнеш законските гаранции што важат во твојот случај (Дела 22:25-29). Можеби фактите во врска со ставот што го зазеле раните христијани и Јеховините сведоци по целиот свет ќе го прошират гледиштето на службеникот. Или, можеш да истакнеш како признанието на авторитетот на Бог, всушност, ги мотивира луѓето да бидат уште подоследни во послушноста кон исправните човечки закони (Рим. 13:1-14). Кога постои таква заднина, изјавата за библиските причини за твојот став може да биде поволно примена.
Какво гледиште кон Писмото има оној што прашува
Кога одлучуваш како да одговориш, можеби ќе треба да земеш предвид и какво гледиште кон Светото писмо има оној што прашува. Исус го сторил тоа кога одговорил на прашањето на садукеите во врска со воскресението. Знаејќи дека тие ги прифаќаат само Мојсеевите списи, Исус резонирал за еден извештај што се наоѓа во Пентатеухот, воведувајќи ги своите забелешки со зборовите: „Но дека мртвите стануваат, откри и Мојсеј“ (Лука 20:37). Можеби ќе биде корисно и да цитираш од оние делови од Библијата кои твојот слушател ги прифаќа и со кои е запознат.
Што ако твојот слушател не ја смета Библијата за авторитет? Забележи што сторил апостол Павле во својот говор на Ареопагот, според она што е запишано во Дела 17:22-31. Библиските вистини ги споделил без да цитира директно од Библијата. Таму каде што е потребно, можеш да го сториш истото. На некои места можеби ќе мораш да имаш неколку дискусии со лицето пред директно да ја спомнеш Библијата. Кога ја воведуваш Библијата, можеби ќе биде мудро во почетокот едноставно да изнесеш некои причини зошто вреди неа да ја земеме во обѕир, наместо само цврсто да кажеш дека е Божја реч. Меѓутоа, целта треба да ти биде да дадеш јасно сведоштво за Божјата намера и, со текот на времето, слушателот самиот да увиди што вели Библијата. Библијата е далеку поубедлива отколку сѐ она што ќе го кажеме ние лично (Евр. 4:12).
,Секогаш љубезен‘
Колку само е пригодно тоа што на слугите на Јехова, кој и самиот е љубезен, им е кажано нивниот говор ,секогаш да биде љубезен, зачинет со сол‘! (Кол. 4:6; Изл. 34:6, NW). Ова значи дека треба да зборуваме со љубезност, па дури и кога се чини дека не е заслужена. Нашиот говор треба да биде со добар вкус, а не груб или без такт.
Многу луѓе се наоѓаат под огромен притисок и секојдневно се изложени на вербално навредување. Кога ги посетуваме таквите луѓе, можеби разговараат грубо. Како да реагираме? Библијата вели: „Благиот одговор ја ублажува јароста“. Таквиот одговор може да омекне и некого што има противничко гледиште (Посл. 15:1; 25:15). За луѓето што доживуваат грубост секој ден, манир или глас кој изразува љубезност може да биде толку привлечен што можеби ќе ја слушаат добрата вест што ја носиме.
Нам не ни е од интерес да се расправаме со оние што не покажуваат почит кон вистината. Наместо тоа, наша желба е да резонираме на темел на Писмото со луѓето што ќе ни го дозволат тоа. Сеедно со каква ситуација се соочуваме, имаме на ум дека треба да одговараме со љубезност и со уверување дека Божјите скапоцени ветувања се вредни за доверба (1. Сол. 1:5).
Лични одлуки и прашања на совеста
Како да му одговориш на еден библиски студент или соверник кога прашува што да стори во дадена ситуација. Можеби знаеш што би направил ти лично. Но, секој мора да сноси одговорност за сопствените одлуки во животот (Гал. 6:5). Апостол Павле објаснил дека луѓето на кои им проповедал ги охрабрувал на „послушност со помош на верата“ (Рим. 16:26). Ова е убав пример што треба да го следиме. Лице кое донесува одлуки главно за да му угоди на својот библиски учител или на некој друг човек, им служи на луѓето и не живее според верата (Гал. 1:10). Така и еден едноставен, директен одговор можеби нема да му биде во најдобар интерес на оној што го поставува прашањето.
Тогаш, како би одговорил на начин кој е во склад со библиските упатства? Би можел да свртиш внимание кон соодветни библиски начела и примери што се наоѓаат во библискиот запис. Во некои случаи, можеш да му покажеш како да истражува за самиот да ги најде тие начела и примери. Дури би можел и да подискутираш за начелата и за вредноста на тие примери, но без да ги применуваш во дадената ситуација. Прашај го лицето дали во нив гледа нешто што би му помогнало да донесе мудра одлука. Охрабри го во светлината на овие начела и примери да размисли кој правец би му бил угоден на Јехова. На тој начин му помагаш да ја ,вежба својата моќ за согледување за да разликува исправно и неисправно‘ (Евр. 5:14).
Коментирање на собраниските состаноци
Состаноците во христијанското собрание честопати ни даваат прилики да дадеме јавна изјава за својата вера. Еден начин на кој го правиме тоа е преку коментирање како одговор на прашањата. Како да коментираме? Со желба да го благословуваме Јехова, односно да зборуваме добро за него. Тоа, всушност, го правел и псалмистот кога бил „во собранијата“ (Псал. 26:12). И ние треба да коментираме на начин што ги охрабрува соверниците, поттикнувајќи ги „кон љубов и кон извонредни дела“, како што се залагал и апостол Павле (Евр. 10:23-25). Проучувањето на лекциите однапред може да ни помогне да го постигнеме тоа.
Кога си повикан да коментираш, твоите забелешки нека бидат едноставни, јасни и кратки. Не опфаќај го целиот пасус; осврни се само на една точка. Ако кажеш само дел од одговорот, ќе им дадеш на другите прилика додатно да коментираат. Особено е корисно да се истакнат стиховите наведени во материјалот. Кога го правиш тоа, настојувај да го свртиш вниманието кон оној дел од текстот што се однесува на точката што се разгледува. Научи да коментираш со свои сопствени зборови наместо да читаш директно од пасусот. Не вознемирувај се ако твојот коментар не испадне баш како што сакаш. Тоа повремено му се случува на секој што коментира.
Очигледно е дека знаењето како да се одговори вклучува повеќе отколку да се знае самиот одговор. Тоа бара проникливост. Но, колкаво само задоволство е кога даваш одговор што доаѓа од твоето срце и ги допира срцата на другите! (Посл. 15:23).