‚Продолжете да си простувате спремно еден на друг‘
„Продолжете да се поднесувате еден со друг и да си простувате спремно еден на друг“ (КОЛОСЈАНИТЕ 3:13, НС).
1. а) Кога Петар сугерирал да им простуваме на другите „до седумпати“, зошто можеби мислел дека е великодушен? б) Што мислел Исус кога рекол дека треба да простуваме „до седумдесетпати по седум“?
„ГОСПОДИ, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ (Матеј 18:21). Петар можеби си мислел дека бил многу великодушен со својот предлог. Во тоа време, рабинската традиција велела дека за иста навреда човек не треба да дава простување повеќе од трипати.a Затоа, замисли си го Петровото изненадување кога Исус одговорил: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“! (Матеј 18:22). Повторувањето на седумката било исто како да кажеш „неодредено“. Во Исусови очи, практично не постои граница за тоа колку пати еден христијанин треба да им прости на другите.
2, 3. а) Кои се некои ситуации во кои може да изгледа тешко да им се прости на другите? б) Зошто можеме да бидеме уверени дека е во нашите најдобри интереси ако им простуваме на другите?
2 Меѓутоа, применувањето на тој совет не е секогаш лесно. Кој од нас не го почувствувал осилото на нефер навреда? Можеби некој, кому си му верувал, издал некоја тајна (Изреки 11:13). Непромислените забелешки на некој близок пријател можеби те ‚раниле како меч‘ (Изреки 12:18). Навредливото постапување на некој кого си го сакал или во кого си имал доверба, можеби создало длабоки рани. Кога ќе се случат такви работи, наша природна реакција може да биде да се чувствуваме налутени. Можеби сме склони да престанеме да зборуваме со виновникот, избегнувајќи го сосема, ако е можно. Може да се чини дека простувањето би му дозволило да се извлече од повредата спрема нас. Но сепак, ако негуваме огорченост, ќе завршиме со тоа што ќе се повредиме самите себе.
3 Затоа, Исус нѐ поучува да простуваме — „до седумдесетпати по седум“. Се разбира, неговите поуки никогаш не би дејствувале на наша штета. Сѐ што поучувал тој потекнувало од Јехова, Оној ‚Кој нѐ учи на добро‘ (Исаија 48:17; Јован 7:16, 17). Логично, мора да е во нашите најдобри интереси ако им простуваме на другите. Пред да дискутираме за тоа зошто треба да простуваме и како можеме да го правиме тоа, можеби би било корисно првин да разјасниме што е, а што не е простувањето. Нашето сфаќање за простувањето може да има некакво влијание врз нашата способност да простуваме кога сме навредени од другите.
4. Што не значи простувањето на другите, но како се дефинира простувањето?
4 Да им се простува на другите за лични навреди не значи дека со тоа го одобруваме или минимизираме она што тие го сториле; ниту, пак, тоа значи дека оставаме другите да нѐ искористуваат на нефер начин. Најпосле, кога Јехова ни простува, тој сигурно не ги обезвреднува нашите гревови и нема никогаш да им дозволи на грешните луѓе да ја подгазуваат неговата милост (Евреите 10:29). Според Insight on the Scriptures, простувањето се дефинира како „чин на извинување на некој виновник; да престанеш да чувствуваш огорченост спрема него поради неговата навреда и да се откажеш од секакво барање да вратиш“ (том 1, страница 861).b Библијата ни дава здрави причини за простување на другите.
Зошто да им се простува на другите?
5. Која важна причина за простување на другите е покажана во Ефесјаните 5:1?
5 Една важна причина зошто да им се простува на другите е покажана во Ефесјаните 5:1: „И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени“. Во кој поглед треба да ‚се угледаме на Бога‘? Зборовите „и така“ го поврзуваат изразот со претходниот стих, кој вели: „Еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си [спремно, НС] еден на друг, како што и Бог [спремно, НС] ви прости во Христа“ (Ефесјаните 4:32). Да, кога се работи за простувањето, треба да станеме имитатори на Бог. Како што едно момченце се обидува да биде исто како татка си, ние, како деца кои Јехова од срце ги љуби, треба да сакаме да станеме како нашиот небесен Татко кој простува. Колку само мора да го радува Јеховиното срце кога ќе погледне долу од небесата и ќе види како неговите земни деца се трудат да бидат како него со тоа што си простуваат едни на други! (Лука 6:35, 36; спореди Матеј 5:44—48).
6. На кој начин постои огромна разлика помеѓу Јеховиното простување и нашето?
6 Вистина, ние не можеме никогаш да простиме во совршена смисла како што тоа го прави Јехова. Но, тоа е уште поголема причина зошто треба да си простуваме еден на друг. Размисли: Постои огромна разлика помеѓу Јеховиното простување и нашето (Исаија 55:7—9). Кога ние им простуваме на оние кои ни згрешиле, тоа честопати е со свесност дека, порано или подоцна, можеби ќе ни требаат за да ни ја вратат услугата со тоа што тие ќе ни простат нам. Кај луѓето, секогаш е случај грешници да им простуваат на грешници. Меѓутоа, кај Јехова простувањето секогаш е во еден правец. Тој ни простува нам, но ние никогаш не ќе треба да му простиме нему. Ако Јехова, кој не греши, може со толку љубов и потполно да ни прости нам, зарем не треба ние грешните луѓе да се обидуваме да си простуваме едни на други? (Матеј 6:12).
7. Ако одбиваме да им простиме на другите кога постои основа за милост, како може тоа неповолно да се одрази врз нашиот однос со Јехова?
7 Што е уште поважно, ако одбиеме да им простиме на другите кога постои темел за милост, тоа може неповолно да се одрази врз нашиот личен однос со Бог. Јехова не само што бара да си простиме еден на друг туку очекува и да го сториме тоа. Според Писмото, дел од нашата мотивација да простуваме е за да може Јехова да ни прости нам или, пак, затоа што ни простил (Матеј 6:14; Марко 11:25; Ефесјаните 4:32; 1. Јованово 4:11). Според тоа, ако не сме волни да им простиме на другите кога постои здрава причина да го сториме тоа, можеме ли навистина да очекуваме такво простување од Јехова? (Матеј 18:21—35).
8. Зошто нашето простување е во нашите најдобри интереси?
8 Јехова го поучува својот народ за „добриот пат, по кој да одат“ (3. Царства 8:36). Кога нѐ поучува да си простуваме еден на друг, можеме да бидеме уверени дека Тој ги има на срце нашите најдобри интереси. Со добра причина, Библијата ни кажува да ‚му отстапиме место на гневот‘ (Римјаните 12:19, НС). Огорченоста е многу тешко бреме за носење во животот. Кога ја негуваме, таа ги обзема нашите мисли, ни го одзема мирот и ја задушува нашата радост. Долготрајната лутина, како и љубомората, може да има штетни последици врз нашето телесно здравје (Изреки 14:30). А преку сево ова, виновникот може да си тера по свое, несвесен за нашиот метеж! Нашиот Творец полн со љубов знае дека треба отворено да им простуваме на другите не само заради нивна туку и заради наша сопствена корист. Всушност, библискиот совет да се простува е ‚добриот пат, по кој треба да се оди‘.
„Продолжете да се поднесувате еден со друг“
9, 10. а) Кои ситуации не мора да бараат формално простување? б) На што се укажува со изразот „продолжете да се поднесувате еден со друг“?
9 Телесните повреди можат да се движат од незначителни гребнатинки па до длабоки рани, и сите не изискуваат ист степен на внимание. Слично е и со повредените чувства — некои рани се подлабоки од други. Треба ли навистина да правиме спорно прашање околу секоја незначителна ‚модринка‘ што ја претрпуваме во нашите односи со другите? Незначителните надразнувања, омаловажувања и нервирања се дел од животот и не мора да бараат формално простување. Ако сме познати како некој кој ги избегнува другите поради секое ситно разочарување и кој потоа инсистира тие да се извинуваат пред тој повторно да ги третира на еден пристоен начин, може да ги присилиме да одат на прсти околу нас — или, пак, да се држат на безбедна дистанца!
10 Наместо тоа, далеку подобро е ‚да имаме репутација дека сме разумни‘ (Филипјаните 4:5, Phillips). Како несовршени суштества кои служат рамо до рамо, можеме разумно да очекуваме дека одвреме-навреме нашите браќа, така да се рече, може да ни идат на живци, а и ние би можеле истото да им го правиме ним. Колосјаните 3:13 (НС) нѐ советува: „Продолжете да се поднесувате еден со друг“. Тој израз сугерира да се биде стрплив со другите, толерирајќи ги работите што не ни се допаѓаат кај нив или, пак, обележјата кои можеби ни идат на живци. Таквата стрпливост и воздржливост можат да ни помогнат да излеземе на крај со незначителните лузни и гребнатинки што ги поднесуваме во нашите постапки со другите — без да го нарушуваме мирот на собранието (1. Коринтјаните 16:14).
Кога раните се подлабоки
11. Кога другите ќе ни згрешат, што може да ни помогне да им простиме?
11 Меѓутоа, што ако другите ни згрешат, предизвикувајќи ни забележителна рана? Ако гревот не е премногу сериозен, можеби не ни претставува голема тешкотија да го примениме библискиот совет да ‚си простуваме спремно еден на друг‘ (Ефесјаните 4:32, НС). Таквата спремност да се прости е во склад со Петровите вдахновени зборови: „А пред сѐ, имајте постојана љубов меѓу себе, оти ‚љубовта покрива многу гревови‘ “ (1. Петрово 4:8). Ако имаме на ум дека и ние сме грешници, тоа ни овозможува да ги толерираме прекршоците на другите. Кога така простуваме, ние ја оставаме огорченоста наместо да ја негуваме. Како резултат од тоа, нашиот однос со виновникот може нема да претрпи некаква трајна штета, а исто така со тоа помагаме да се сочува скапоцениот мир на собранието (Римјаните 14:19). Со текот на времето, сеќавањето на она што го сторил тој веројатно ќе избледнее.
12. а) Каква иницијатива можеби треба да преземеме за да му простиме на некој кој длабоко нѐ повредил? б) На кој начин зборовите од Ефесјаните 4:26 покажуваат дека треба брзо да ги решиме работите?
12 Сепак, што ако некој ни згреши на еден посериозен начин, повредувајќи нѐ длабоко? На пример, некој доверлив пријател можеби открил некои крајно лични работи што си му ги доверил. Се чувствуваш длабоко повреден, посрамен и изневерен. Си се обидел да го отфрлиш тоа, но работата не сака да се оттргне. Во таков случај, можеби треба да преземеш малку иницијатива за да го решиш проблемот, можеби со тоа што ќе зборуваш со виновникот. Мудро е да го сториш тоа пред работата да има шанса да загнои. Павле силно нѐ поттикнал: „Гневете се, но не грешете [то ест: да се негува или да се постапува во нашата лутина]: сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефесјаните 4:26). Уште поголемо значење кон Павловите зборови придава фактот дека меѓу Евреите, зајдисонцето го означувало завршетокот на едниот ден и почетокот на новиот. Затоа, советот е: Реши ја работата брзо! (Матеј 5:23, 24).
13. Кога му приоѓаме на некој кој нѐ повредил, што треба да биде нашата намера, и кои предлози можат да ни помогнат да ја постигнеме?
13 Како би требало да му пријдеш на виновникот? „Нека бара мир и нека се стреми кон него“ — вели 1. Петрово 3:11. Според тоа, твојата намера не е да изразиш лутина, туку да создадеш мир со твојот брат. За таа цел, најдобро е да избегнуваш груби зборови и гестови; тие можат да изнудат сличен одговор од другото лице (Изреки 15:18а; 29:11). Освен тоа, избегнувај претерани изјави, како: „Ти секогаш . . !“ или: „Ти никогаш . . !“ Таквите претерани коментари можат само да предизвикаат тој да заземе одбранбен став. Место тоа, твојот тон на гласот и изразот на лицето нека пренесат дека сакаш да решиш една работа која длабоко те повредила. Биди конкретен во објаснувањето како се чувствуваш во врска со она што се случило. Дај му прилика на другото лице да ги објасни своите постапки. Сослушај што има да ти каже (Јаков 1:19). Какво добро ќе се постигне со тоа? Изреки 19:11 објаснува: „Благоразумноста [Увидот, НС] го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките“. Разбирањето на чувствата на другиот, како и на причините за неговите постапки, може да ги растера негативните мисли и чувства спрема него. Кога ѝ приоѓаме на ситуацијата со цел да создадеме мир и да го задржиме тој став, многу е веројатно дека ќе биде расчистено секое недоразбирање, ќе бидат дадени соодветни извинувања и простувања.
14. Кога им простуваме на другите, во која смисла треба да заборавиме?
14 Дали простувањето на другите значи дека всушност мораме да заборавиме што се случило? Сети се на Јеховиниот сопствен пример во овој поглед, како што беше дискутирано во претходната статија. Кога Библијата вели дека Јехова ги заборава нашите гревови, тоа не значи дека не е во состојба да се сети на нив (Исаија 43:25). Напротив, тој заборава во смисла дека штом еднаш ќе прости, тие гревови не ги држи против нас во некое идно време (Језекиил 33:14—16). На сличен начин, простувањето на солуѓето не мора да значи дека нема да бидеме во состојба да се сетиме што сториле тие. Меѓутоа, можеме да заборавиме во смисла да не го држиме тоа против виновникот или да не го изнесуваме повторно во иднина. Кога работата е така решена, не би било прикладно да се озборува за тоа; ниту, пак, би било полно со љубов потполно да го избегнуваме виновникот, третирајќи го како да е исклучен (Изреки 17:9). Вистина, може да помине некое време додека се излечи нашиот однос со него; можеби нема да ја уживаме истата блискост како порано. Но, ние сѐ уште го љубиме како наш христијански брат и го правиме најдоброто што можеме за да задржиме мирољубиви односи. (Спореди Лука 17:3.)
Кога се чини невозможно да простиш
15, 16. а) Дали од христијаните се бара да му простат на некој престапник кој не се кае? б) Како можеме да го примениме библискиот совет што се наоѓа во Псалм 36:8?
15 Сепак, што ако другите ни згрешат на начин кој ја нанесува најдлабоката рана, а нема признавање на гревот, нема покајание ниту извинување од страна на виновникот? (Изреки 28:13, НС). Писмото јасно покажува дека Јехова не им простува на непокајничките, закоравени грешници (Евреите 6:4—6; 10:26, 27). А како е со нас? Insight on the Scriptures вели: „Од христијаните не се бара да им простуваат на оние кои практикуваат злобен, намерен грев без покајание. Таквите стануваат Божји непријатели“ (том 1, страница 862). Ниеден христијанин кој бил жртва на крајно неправедно, одвратно или ужасно постапување, не треба да се чувствува присилен да му прости, односно да му извини на некој престапник кој не се кае (Псалм 138:21, 22).
16 Разбирливо е дека оние кои биле жртви на свирепо, лошо постапување може да се чувствуваат повредени и налутени. Меѓутоа, сети се дека држењето лутина и огорченост може да биде многу штетно за нас. Доколку чекаме признавање или извинување кое никогаш не доаѓа, можеме само сѐ повеќе и повеќе да се вознемируваме. Ако сме опседнати со неправдата, тоа може да направи лутината и понатаму да врие во нас, со опустошувачки последици врз нашето духовно, емоционално и телесно здравје. Всушност, му дозволуваме на оној кој нѐ повредил да продолжи да нѐ повредува. Библијата мудро советува: „Престани да се гневиш и остави ја јароста“ (Псалм 36:8). Затоа, некои христијани заклучиле дека, со текот на времето, биле во состојба да донесат одлука да простат во смисла да престанат да негуваат огорченост — не да го оправдуваат она што им се случило, туку да одбијат да бидат обземени од лутина. Препуштајќи ја работата потполно во рацете на Богот на правдата, тие доживеале големо олеснување и биле во состојба да продолжат понатаму со својот живот (Псалм 36:28).
17. Кое утешувачко уверување го дава Јеховиното ветување запишано во Откровение 21:4?
17 Кога некоја рана е многу длабока, можеби не ќе успееме потполно да ја избришеме од нашиот ум, барем не во овој систем на ствари. Но, Јехова ветува еден нов свет во кој ‚ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното поминало‘ (Откровение 21:4). На што и да се сеќаваме во тоа време, тоа нема да ни причинува длабока навреда, односно болка, која сега можеби ни го обременува срцето (Исаија 65:17, 18).
18. а) Зошто постои потреба да простуваме во односите со нашите браќа и сестри? б) Кога другите ќе ни згрешат, во која смисла можеме да простиме и да заборавиме? в) Како ни користи тоа?
18 Во меѓувреме, мораме да живееме и да работиме заедно како браќа и сестри кои се несовршени, грешни луѓе. Сите ние правиме грешки. Одвреме-навреме се разочаруваме едни од други, па дури и се повредуваме едни со други. Исус добро знаел дека ќе треба да им простуваме на другите, ‚не до седум, туку до седумдесетпати по седум‘ (Матеј 18:22). Вистина, ние не можеме да простиме толку потполно како што простува Јехова. Па сепак, во повеќето случаи кога нашите браќа ќе ни згрешат, можеме да простиме во смисла да ја надминеме огорченоста и можеме да заборавиме во смисла да не ја држиме работата против нив за неодредено време. Кога така простуваме и забораваме, помагаме да се сочува не само мирот на собранието туку и нашиот сопствен мир во мислите и во срцето. Над сѐ, ќе го уживаме мирот што може да го даде само Јехова, нашиот Бог полн со љубов (Филипјаните 4:7).
[Фусноти]
a Според вавилонскиот Талмуд, една рабинска традиција наведувала: „Ако човек направи престап, првиот, вториот и третиот пат му е простено, а четвртиот пат не му е простено“ (Јома 86б). Ова делумно се темелело на едно погрешно разбирање на таквите текстови како Амос 1:3; 2:6 и Јов 33:29.
b Издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Прашања за повторување
◻ Зошто треба да бидеме волни да им простуваме на другите?
◻ Кои ситуации изискуваат ‚да продолжиме да се поднесуваме еден со друг‘?
◻ Кога сме длабоко повредени од гревовите на другите, што можеме да сториме за да ја решиме работата мирољубиво?
◻ Кога им простуваме на другите, во која смисла треба да заборавиме?
[Слика на страница 16]
Кога негуваме огорченост, виновникот може да биде несвесен за нашиот метеж
[Слика на страница 17]
Кога им приоѓаш на другите за да создадеш мир, лесно може да се расчистат недоразбирањата