ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ КРАЈОТ Е БЛИЗУ?
Што е крајот?
На што помислуваш кога ќе ги чуеш зборовите „крајот на светот е близу“? Дали помислуваш дека некој астероид ќе удри во Земјата и ќе го збрише човечкиот род? Или си замислуваш дека светот ќе доживее еколошка катастрофа или дека ќе избувне трета светска војна? Поради ваквите сценарија некои луѓе се многу загрижени. Други, пак, воопшто не веруваат дека ќе се случи вакво нешто, па дури и гледаат со потсмев на таквите замисли.
Во Библијата пишува дека навистина „ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Овој настан исто така е наречен „големиот ден на Семоќниот Бог“ и „Армагедон“ (Откровение 16:14, 16). Религиите имаат различни гледишта во врска со крајот и ги преплавуваат луѓето со чудни и мрачни предвидувања. Но, Библијата многу јасно ни кажува што е крајот а што не е. Освен тоа, од неа можеме да дознаеме дали крајот е близу. И, што е најважно, таа ни открива како можеме да го преживееме. Најпрво да разгледаме некои заблуди во врска со крајот и да видиме што навистина е крајот според Библијата.
ШТО НЕ Е КРАЈОТ
КРАЈОТ НЕ Е УНИШТУВАЊЕ НА ЗЕМЈАТА СО ОГАН.
Во Библијата пишува: „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Овој и многу други стихови нѐ уверуваат дека Бог никогаш нема да ја уништи Земјата ниту, пак, ќе дозволи таа да биде уништена (Проповедник 1:4; Исаија 45:18).
КРАЈОТ НЕ Е СЛУЧАЕН НАСТАН.
Библијата открива дека крајот е настан кој Бог однапред го одредил. Во Марко 13:32, 33 пишува: „А за тој ден или час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото. Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа“. Ова покажува дека Бог, односно „Таткото“, одредил точно време кога ќе дојде крајот.
КРАЈОТ НЕМА ДА БИДЕ ПРЕДИЗВИКАН ОД ЛУЃЕ ИЛИ ОД НЕКАКОВ АСТЕРОИД.
Кој ќе го предизвика крајот? Во Откровение 19:11 пишува: „Го видов небото отворено и, гледај — бел коњ. А оној што седеше на него се вика Верен и Вистинит“. Во 19. стих од истото поглавје пишува: „Ги видов ѕверот и земните цареви и нивните војски собрани да водат војна со оној што седи на коњот и со неговата војска“ (Откровение 19:11-21). Иако поголемиот дел од овој извештај има симболично значење, можеме да дојдеме до следниов заклучок: Бог ќе испрати војска од ангели за да ги уништи своите непријатели.
ШТО Е КРАЈОТ
ЌЕ ИМ БИДЕ СТАВЕН КРАЈ НА ЧОВЕЧКИТЕ ВЛАДИ.
Во Библијата пишува: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Како што беше кажано погоре, „земните цареви и нивните војски“ кои ќе се ‚соберат да водат војна со оној што седи на коњот и со неговата војска‘ ќе бидат уништени (Откровение 19:19).
ЌЕ ИМ БИДЕ СТАВЕН КРАЈ НА ВОЈНИТЕ, НАСИЛСТВОТО И НЕПРАВДИТЕ.
„[Бог] ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:9). „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа. А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“ (Изреки 2:21, 22). „Гледај, правам сѐ ново!“ (Откровение 21:4, 5).
ЌЕ ИМ БИДЕ СТАВЕН КРАЈ НА РЕЛИГИИТЕ КОИ ГИ ИЗНЕВЕРУВААТ БОГ И ЛУЃЕТО.
‚Пророците прорекуваат лажно, а свештениците го угнетуваат народот, користејќи ја својата власт. Но што ќе направите кога ќе дојде крајот?‘ (Еремија 5:31). „Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господару, Господару, не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многубројни моќни дела во твое име?‘ Тогаш ќе им речам: Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Матеј 7:21-23).
ЌЕ БИДАТ УНИШТЕНИ ЛУЃЕТО КОИ МУ СЕ ПРОТИВАТ НА БОГ.
Исус Христос рекол: „Ова е темелот за осуда: светлината дојде во светот, но луѓето ја сакаа темнината, а не светлината, зашто нивните дела беа зли“ (Јован 3:19). Во Библијата е опишано едно претходно глобално уништување кое се случило во времето на верниот човек Ное. Во 2. Петрово 3:5-7 стои: „Тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода. А сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“.
Забележи дека претстојниот ‚ден на суд и уништување‘ е спореден со уништувањето на ‚светот‘ во времето на Ное. Што претставува светот кој бил уништен? Тоа биле „безбожниците“ — Божјите непријатели, а не нашата планета. Слично на тоа, кога ќе дојде Божјиот ‚ден на суд‘, ќе бидат уништени оние што му се противат на Бог. Од друга страна, исто како Ное и неговото семејство, луѓето што му се верни на Бог ќе бидат спасени (Матеј 24:37-42).
Замисли си колку убав ќе биде животот на Земјата откако Бог ќе го отстрани сето зло! Јасно е дека библиската порака за крајот не е лоша, туку добра вест. Сепак, можеби се прашуваш: ‚Дали Библијата ни открива кога ќе дојде крајот? Дали е близу? Како можам да го преживеам?‘