Каков став на чекање имаш?
ВО ДЕНЕШНИОВ свет, малкумина сакаат да чекаат некого или нешто. Тоа им ја става на испит стрпливоста. Меѓутоа, Писмото го охрабрува Божјиот народ да работи на својот став на чекање. Спротивно на луѓето околу него, пророкот Михеј изјавил: „Чекам на Бог Кој спасува“ (Михеј 7:7; Плач Еремиин 3:26).
Но, што значи да се чека на Јехова? Како треба еден христијанин да чека на Бог? Дали има исправни и неисправни начини на чекање? Искуството на пророкот Јона од деветтиот век пр.н.е. ни дава поука во врска со ова.
Случај на чекање од неисправна причина
Јехова Бог му наредил на Јона да оди и да им проповеда на жителите на Нинивија, главниот град на Асирското Царство. Нинивија била позната како ‚крвнички град‘ поради нејзината крајна свирепост и суровост, факт што го потврдуваат и историчарите и археолозите (Наум 3:1). Во почетокот Јона се обидел да ја избегне оваа задача, но Јехова се погрижил пророкот на крајот сепак да отиде во Нинивија (Јона 1:3—3:2).
„Јона кога почна да влегува во градот ден одење, проповедувајќи велеше: ‚Уште четириесет денови, и Нинивија ќе биде уништена‘ “ (Јона 3:4). Трудот на Јона наишол на извонреден одѕив: „Нинивијците поверуваа во Бога; огласија пост и се облекоа во вреќишта, сите од најголемиот до најмалиот“ (Јона 3:5). Затоа, Јехова, Бог кој „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“, го поштедил градот (2. Петрово 3:9).
Како реагирал Јона? Извештајот вели: „На Јона му беше многу криво, и се налути“ (Јона 4:1). Зошто? Можеби Јона сметал дека го изгубил угледот како пророк поради тоа што неговата објава на уништување до одреден ден не се остварила. Изгледа дека повеќе бил загрижен за својот углед отколку за милоста и за тоа другите да се спасат.
Се разбира, Јона не отишол дотаму да се повлече од пророк. Сепак, почекал „додека не види што ќе стане со градот“. Да, тој развил еден огорчен, „гледај си сеир“ став. Кога сфатил дека работите не се одвивале онака како што тој очекувал, си направил колиба, седнал во сенката и скиснато чекал да види што ќе се случи. Меѓутоа, Јехова не го одобрувал овој став на Јона, па затоа љубезно го поправил погрешниот начин на кој размислувал неговиот пророк (Јона 4:5, 9—11).
Зошто Јехова е стрплив
Иако Нинивија се покајала и била поштедена, подоцна пак се вратила на своите злобни патишта. Преку пророците Наум и Софонија, Јехова го претскажал нејзиното уништување. Зборувајќи за „крвничкиот град“, Јехова објавил дека ќе ја уништи Асирија и дека ќе ја опустоши Нинивија (Наум 3:1; Софонија 2:13). Во 632 пр.н.е., Нинивија била уништена и никогаш повторно не се издигнала.
Слично на тоа, денешниов свет е виновен за нечовечно крвопролевање во многу поголеми размери отколку древната Нинивија. Од оваа и од други причини, Јехова пресудил сегашниов злобен систем на работи да биде уништен во една невидена „голема неволја“ (Матеј 24:21, 22).
Сепак, Јехова го задржува ветеното уништување за да можат искрените луѓе денес, како покајниците во Нинивија, да се покајат и да бидат поштедени. Апостол Петар вака се изразил за Божјата стрпливост: „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9, 10, 13).
Да се чека на исправен начин
Петар понатаму вели: „Поради тоа што сите овие работи така треба да се распаднат, какви личности тогаш треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден“ (2. Петрово 3:11, 12). Забележи дека додека го очекуваме Јеховиниот ден, треба да покажуваме ‚дела на свето однесување и на побожна оддаденост“ — значи активност, а не неактивност.
Да, исправниот став на чекање покажува апосолутна доверба дека Јеховиниот ден нема да дојде ниту еден миг подоцна од она што Јехова го наумил. Таквата вера произведува свети и побожни дела, а меѓу нив се истакнува проповедањето на добрата вест за Божјето Царство. Исус дал добар пример во проповедањето, и ги поучил своите помазани следбеници: „Бедрата нека ви бидат опашани и вашите светилки нека горат, а вие бидете како оние луѓе кои го чекаат својот господар кога се враќа од свадба, за веднаш да му отворат штом ќе стигне и ќе почука. Среќни се оние робови кои господарот, кога ќе пристигне, ги наоѓа будни!“ (Лука 12:35—37).
Робовите од првиот век ‚си ги опашувале бедрата‘ така што ќе ги фателе краевите од наметката и ќе ги ставеле под појасот со што си ја олеснувале напорната физичка активност. Значи, еден христијанин треба да биде енергичен, ревносен во добри дела. Треба да се бори против секоја склоност да „безделничи“ во духовна неактивност, можеби насочувајќи ги своите сили кон задоволства или материјалистички стремежи. Напротив, додека го очекува големиот и застрашувачки ден на Јехова, треба да биде ‚секогаш обилно вработен во делото Господово‘ (Римјаните 12:11; 1. Коринќаните 15:58).
Активни додека чекаме
Јеховините сведоци се активни додека го очекуваат Јеховиниот ден. На пример, во 2003 службена година, секој ден во просек поминале по 3.383.000 часови проповедајќи ја Јеховината реч. Па, еден човек би морал да проповеда нон-стоп 386 години за да го постигне она што било направено за само еден ден!
Сепак, добро е да се запрашаме: ‚Каков став на чекање имам лично јас?‘ Исус кажал една парабола во која е опишано каква трудољубивост се очекува од верните помазани христијани. Зборувал за тројца робови: „На еден [господарот] му даде пет таланти, на друг два, на друг еден, секому според неговата способност, и замина в туѓина. Оној кој ги доби петте таланти, веднаш замина и тргуваше со нив и заработи уште пет. Исто така, оној кој ги доби двата, заработи уште два. Но оној кој доби само еден, отиде и ископа во земјата и ги скри сребрените пари на својот господар. После долго време дојде господарот на тие робови и ги среди сметките со нив“ (Матеј 25:15—19).
Сите тројца робови чекале господарот да се врати. Кога пристигнал, на двајцата што биле зафатени додека го чекале, тој им рекол: „Арно сторено, добар и верен робу!“ Меѓутоа, со оној што безделнички чекал постапил поинаку. Господарот рекол: „Исфрлете го бескорисниот роб надвор во темнината“ (Матеј 25:20—30).
Иако оваа парабола се однесува на помазаните христијани, има поука за сите нас сеедно каква надеж имаме. Господарот, Исус Христос, очекува секој од нас да работи марливо во неговата служба додека чекаме тој да пристигне во Јеховиниот голем ден. Тој го цени трудот на секого „според неговата способност“ и околности. Каква само радост ќе биде да чуеме „арно сторено“ од Господарот кога чекањето конечно ќе заврши!
Стрпливоста на нашиот Господ значи спасение
Што ако овој систем на работи трае подолго отколку што ние некогаш сме мислеле или сме се надевале дека ќе трае? Тоа не е без причина. Апостол Петар напишал: „Стрпливоста на нашиот Господ сметајте ја за спасение“ (2. Петрово 3:15). Точното спознание за Божјата намера и тоа што понизно ќе признаеме дека ние не сме најважни, ќе ни помогнат да бидеме стрпливи онолку колку што Јехова смета дека треба да биде стрплив со овој стар систем.
За да ги охрабри христијаните да бидат стрпливи, библискиот писател Јаков ја дал оваа илустрација. Тој напишал: „Гледајте! Земјоделецот постојано го чека драгоцениот плод од земјата, практикувајќи стрпливост кон него додека не го добие раниот дожд и доцниот дожд. И вие практикувајте стрпливост; зацврстете ги своите срца, зашто се приближи присутноста на Господ“ (Јаков 5:7, 8).
Јехова Бог не сака да се измориме или да се откажеме додека чекаме. Тој има работа за нас и задоволен е кога го користиме времето додека чекаме за да бидеме трудољубиво зафатени со таа работа. Тој сака да бидеме меѓу оние коишто апостол Павле ги опишува во своето писмо до Евреите: „Сакаме секој од вас да ја покажува истата трудољубивост за да бидете потполно сигурни во надежта сѐ до крајот, за да не станете мрзливи, туку да бидете имитатори на оние кои преку вера и стрпливост ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:11, 12).
Затоа, да не се измориме. Наместо тоа, нашиот личен однос со Јехова Бог, нашата вера во откупната жртва на Исус и нашата светла надеж во новиот систем на работи нека бидат движечката сила во нашиот живот. Како ‚добрите и верни‘ робови од параболата на Исус, и ние да се покажеме достојни за пофалба и награда така што ќе бидеме зафатени во фалењето на нашиот Бог, како што правел и псалмистот кој рекол: „А јас ќе се надевам [чекам, NW] секогаш, ќе Те фалам сѐ повеќе, и повеќе“ (Псалм 71:14).
[Слика на страница 21]
Разочаран, Јона чекал да види што ќе се случи со Нинивија
[Слики на страници 22 и 23]
Да покажуваме побожна оддаденост додека го очекуваме Јеховиниот ден