Дали „чекаш со готовност“?
„Какви личности . . . треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден!“ (2. ПЕТРОВО 3:11, 12).
1, 2. Како би можеле да илустрираме што значи ‚да се чека со готовност‘ Јеховиниот ден?
ЗАМИСЛИ СИ едно семејство што очекува гости на ручек. Времето кога е договорено тие да пристигнат брзо наближува. Сопругата е зафатена со последните подготовки околу оброкот. Сопругот и децата помагаат грижејќи се сѐ да биде во ред. Сите се возбудени. Да, целото семејство нестрпливо чека да пристигнат гостите и радосно го очекува вкусниот оброк и убавото дружење.
2 Како христијани, ние чекаме нешто уште поважно. Што? Сите го чекаме „Јеховиниот ден“! Додека не дојде, треба да бидеме како пророкот Михеј, кој рекол: „А јас ќе гледам на Јехова. Ќе го чекам со готовност Богот на моето спасение“ (Михеј 7:7, NW). Дали ова укажува на неактивност? Не. Има уште многу работа што треба да се заврши.
3. Според 2. Петрово 3:11, 12, каков став треба да имаат христијаните?
3 Апостол Петар ни помага да имаме исправен став додека чекаме. Тој вели: „Какви личности . . . треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост, очекувајќи и цврсто држејќи ја во мислите присутноста на Јеховиниот ден!“ (2. Петрово 3:11, 12). Забележи дека на крајот на оваа изјава стои извичник. Петар не поставувал прашање. Во неговите две писма инспирирани од Бог, тој опишал какви луѓе треба да бидат христијаните. Исто така, ги опоменал да продолжат да извршуваат ‚дела на свето однесување и на побожна оддаденост‘. Иако поминале 30-тина години откако Исус Христос го дал знакот „на завршетокот на системот на работи“, христијаните не требало да ја намалат својата будност (Матеј 24:3). Тие требало да ја ‚очекуваат и цврсто да ја држат во мислите‘ присутноста на Јеховиниот ден.
4. Што е вклучено во тоа ‚цврсто да се држи во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘?
4 Грчкиот збор што овде е преведен со ‚цврсто држи во мислите‘ дословно значи „забрзува“. Се разбира, ние не можеме дословно да го ‚забрзаме‘ Јеховиниот ден. Всушност, ние дури ‚не го знаеме ниту денот ниту часот‘ кога Исус Христос ќе дојде да изврши суд над непријателите на неговиот Татко (Матеј 24:36; 25:13). Еден прирачник објаснува дека коренот на глаголот „забрзува“ овде значи „,да брзаш‘ и затоа е тесно поврзан со ‚да се биде ревносен, активен, заинтересиран за нешто‘“. Значи, Петар ги поттикнувал своите соверници да ја чекаат со горлива желба присутноста на Јеховиниот ден. Тоа можеле да го направат ако постојано го држеле во мислите (2. Петрово 3:12). Бидејќи „големиот и застрашувачки ден на Јехова“ сега е толку близу, и ние треба да го имаме истиот умствен став (Јоил 2:31, NW).
Чекај со ‚дела на свето однесување‘
5. Како можеме да покажеме дека имаме горлива желба да го доживееме „Јеховиниот ден“?
5 Ако имаме горлива желба да го преживееме Јеховиниот ден, тоа ќе го покажеме со нашите ‚дела на свето однесување и на побожна оддаденост‘. Изразот ‚дела на свето однесување‘ нѐ потсетува на советот на Петар: „Како послушни деца, престанете да се обликувате според желбите што ги имавте порано во своето незнаење, туку, во склад со Светиот кој ве повикал, и вие самите станете свети во сето свое однесување, бидејќи е напишано: ‚Бидете свети, зашто јас сум свет‘“ (1. Петрово 1:14—16).
6. Што мораме да правиме за да бидеме свети?
6 За да бидеме свети, мораме да задржиме физичка, умствена, морална и духовна чистота. Дали се подготвуваме за „Јеховиниот ден“ така што остануваме свети како лица што го носат Јеховиното име? Денес не е лесно да се задржи таква чистота затоа што моралните мерила на светот постојано се расипуваат (1. Коринќаните 7:31; 2. Тимотеј 3:13). Дали увидуваме дека јазот помеѓу нашите морални мерила и оние во светот станува сѐ поголем? Ако не, имаме причина за загриженост. Можно ли е да почнале да се поткопуваат нашите лични мерила, иако се повисоки од оние на светот? Ако е така, треба да преземеме позитивни чекори да ги поправиме работите за да му угодиме на Бог.
7, 8. а) Како би можеле да изгубиме од вид колку е важно да извршуваме ‚дела на свето однесување‘? б) Кои мерки можеби ќе бидат потребни за да се поправиме?
7 Со појавата на порнографијата на Интернет и поради приватноста во која таа е достапна, некои лица што порано немале пристап до таков неморален материјал сега наоѓаат „неисцрпен извор на сексуални можности“, вели еден лекар. Кога би барале такви нечисти Интернет сајтови, сигурно би ја игнорирале библиската заповед ‚да не допираме ништо нечисто‘ (Исаија 52:11). Дали тоа навистина би значело дека ја ‚држиме цврсто во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘? Или, пак, би значело дека во мислите го одложуваме тој ден, резонирајќи дека дури и ако го валкаме нашиот ум со гнасен материјал, сѐ уште имаме време да се исчистиме? Ако на ова поле сме наишле на проблем, колку само е итно да го преколнуваме Јехова ‚да ги одврати нашите очи да не ја гледаат суетата, да ни го чува животот на Неговиот пат!‘ (Псалм 119:37).
8 Повеќето Јеховини сведоци, и млади и стари, се држат за Божјите високи морални мерила и ги избегнуваат неморалните заведувања на овој свет. Свесни за итноста на нашите времиња и за предупредувањето на Петар дека „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“, тие продолжуваат да вршат ‚дела на свето однесување‘ (2. Петрово 3:10). Нивните постапки докажуваат дека ја ‚очекуваат и цврсто ја држат во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘.a
Чекај со ‚дела на побожна оддаденост‘
9. На што би требало да нѐ поттикне побожната оддаденост?
9 ,Делата на побожна оддаденост‘ исто така се многу битни за да го задржиме во мислите Јеховиниот ден. ‚Побожната оддаденост‘ значи длабока почит кон Бог што нѐ поттикнува да го правиме она што е угодно во негови очи. Лојалната приврзаност кон Јехова е мотивирачката сила што стои зад таквите дела на побожна оддаденост. Негова волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Бог „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Според тоа, зарем побожната оддаденост не треба да нѐ поттикне да ги засилиме нашите напори да им помогнеме на луѓето да научат за Јехова и да го имитираат? (Ефешаните 5:1).
10. Зошто треба да се чуваме од „измамничката моќ на богатството“?
10 Нашиот живот ќе биде исполнет со дела на побожна оддаденост ако најнапред го бараме Божјето Царство (Матеј 6:33). Ова вклучува да имаме урамнотежено гледиште за материјалните работи. Исус опоменал: „Држете ги очите отворени и чувајте се од секаков вид лакомост бидејќи, дури и кога некој има изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Иако можеби ни е тешко да си замислиме дека е можно да нѐ заслепи љубовта кон парите, ќе биде добро да забележиме дека „тегобната грижа на овој систем на работи и измамничката моќ на богатството“ можат да ја ‚задушат речта‘ на Бог (Матеј 13:22). Можеби не е лесно да се заработи за живот. Затоа, во некои делови од светот мнозина резонираат дека, за да живеат подобро, треба да се преселат во некоја од побогатите земји, понекогаш оставајќи го своето семејство и по неколку години. Дури и некои од Божјиот народ резонирале така. Ако отидат во друга земја, можеби ќе можат да му обезбедат на своето семејство покомфорен живот. Меѓутоа, што би можело да се случи со духовната состојба на нивните сакани дома? Без исправно поглаварство во домот, дали ќе ја имаат духовноста што е потребна за да го преживеат Јеховиниот ден?
11. На кој начин еден човек, кој отишол на привремена работа во странство, покажал дека делата на побожна оддаденост се поважни од богатството?
11 Еден човек од Филипините, кој отишол на привремена работа во странство, ја дознал библиската вистина од Јеховините сведоци во Јапонија. Кога дознал што вели Писмото за одговорностите на поглаварот, сфатил дека треба да им помогне на сите во своето семејство да станат обожаватели на Јехова (1. Коринќаните 11:3). Сопругата, која останала дома, многу се противела на неговата нова вера и сакала тој и понатаму да испраќа пари наместо да се врати дома за да го поучува семејството за своите библиски верувања. Меѓутоа, поттикнат од итноста на времињата и од грижата за своите сакани, тој се вратил дома. Бил награден затоа што стрпливо и со љубов постапувал со своите домашни. Со текот на времето, семејството станало обединето во вистинското обожавање, а неговата сопруга започнала со полновремена служба.
12. Зошто треба духовните интереси да ги ставаме на прво место во животот?
12 Нашата ситуација би можела да се спореди со ситуацијата на луѓето во некоја зграда во која избувнал пожар. Дали би било мудро избезумено да трчаме за да ги спасиме материјалните работи од зградата што е во пламен и само што не се срушила? Наместо тоа, зарем не би било многу поважно да спасуваме животи — сопствениот и животот на членовите на нашето семејство и на другите станари од зградата? Слично на тоа, овој злобен систем на работи брзо оди кон пропаст и во прашање се животи. Штом го сфаќаме ова, секако дека на прво место треба да ги ставиме духовните интереси и ревносно да се сосредоточиме на животоспасувачкото дело на проповедање на Царството (1. Тимотеј 4:16).
Треба да бидеме „без дамка“
13. Во каква состојба сакаме да бидеме кога ќе дојде Јеховиниот ден?
13 Нагласувајќи колку е важно постојано да чекаме со готовност, Петар вели: „Љубени, бидејќи ги очекувате овие работи, сторете сѐ што можете за [Бог] на крајот да ве најде без дамка и без петно и во мир“ (2. Петрово 3:14). Освен советот да бидеме зафатени со дела на свето однесување и побожна оддаденост, Петар нагласува колку е важно на крајот Јехова да нѐ најде како лица што се очистени со Исусовата скапоцена крв (Откровение 7:9, 14). За ова е потребно човек да практикува вера во Исусовата жртва и да стане предаден и крстен слуга на Јехова.
14. Што вклучува тоа да се биде „без дамка“?
14 Петар нѐ поттикнува да даваме сѐ од себе за да бидеме најдени „без дамка“. Дали ја чуваме нашата облека на христијанско однесување и на христијанска личност без дамка, неизвалкана од светот? Кога ќе забележиме дамка на нашата облека, веднаш се обидуваме да ја отстраниме. Ако се работи за нашата омилена облека, посебно сме педантни кога ја чистиме. Дали имаме ист став ако ни се исфлека и христијанската облека, така да се каже, поради некој недостаток во нашата личност или во нашето однесување?
15. а) Зошто Израелците требало да направат реси на рабовите на облеката? б) Зошто денешните Јеховини слуги се издвојуваат како поинакви?
15 Израелците требало да направат „реси на рабовите на своите облеки“ и ‚за ресата на секој раб да врзат сина врвца‘. Зошто? За да се сеќаваат на Јеховините заповеди, да ги слушаат и да бидат „свети“ пред својот Бог (Броеви 15:38—40). Како Јеховини слуги во денешно време, ние се издвојуваме како поинакви од светот затоа што ги држиме Божјите закони и начела. На пример, задржуваме морална чистота, ја почитуваме светоста на крвта и избегнуваме секаков вид идолопоклонство (Дела 15:28, 29). Многу луѓе нѐ почитуваат поради нашата цврста одлучност да останеме неизвалкани (Јаков 1:27).
Треба да бидеме „без петно“
16. Што е вклучено во тоа да останеме „без петно“?
16 Петар исто така вели дека треба да бидеме најдени „без петно“, односно без маана. Како е можно тоа? Дамката обично може да се избрише или да се исчисти, но не и мааната. Мааната покажува дека нешто однатре фали, односно не е како што треба. Апостол Павле ги советувал сохристијаните во Филипи: „Правете и понатаму сѐ без мрморење и препирање за да бидете беспрекорни и недолжни, Божји деца без маана среде една изопачена и искривена генерација во која светлите како светила во светот“ (Филипјаните 2:14, 15). Ако го следиме тој совет, ќе одбегнуваме мрморење и расправии и ќе му служиме на Бог од чист мотив. Ќе бидеме поттикнати од љубов кон Јехова и кон ближните додека ја проповедаме „оваа добра вест за царството“ (Матеј 22:35—40; 24:14). Освен тоа, ќе продолжиме да ја објавуваме добрата вест иако луѓето, општо земено, можеби не сфаќаат зошто доброволно посветуваме време за да им помогнеме на другите да научат за Бог и за неговата Реч, Библијата.
17. Од кој мотив треба да тежнееме по предности во христијанското собрание?
17 Со желба да бидеме најдени „без петно“, односно без маана, ќе биде добро да ги преиспитаме своите мотиви во сите наши цели. Сме го напуштиле светскиот начин на вршење на работите од себични причини, како што е настојувањето да стекнеме богатство или моќ. Ако тежнееме по предности во христијанското собрание, нашите мотиви нека останат чисти и да бидеме секогаш мотивирани од љубов кон Јехова и кон другите. Освежувачки е да се видат духовни мажи што ‚тежнеат по служба на надгледник‘ со радост и понизна желба да робуваат за Јехова и за своите соверници (1. Тимотеј 3:1; 2. Коринќаните 1:24). Всушност, оние што се квалификувани да служат како старешини ‚го пасат Божјето стадо доброволно; ниту од љубов кон нечесна добивка, туку желно; ниту како да господарат над оние кои се Божје наследство, туку станувајќи примери за стадото‘ (1. Петрово 5:1—4).
Треба да бидеме „во мир“
18. По кои особини се познати Јеховините сведоци?
18 На крајот, Петар ни вели да бидеме најдени „во мир“. За да го исполниме ова барање, треба да бидеме во мир со Јехова и со ближниот. Петар нагласува колку е важно да имаме „горлива љубов еден кон друг“ и да задржиме мир со нашите сохристијани (1. Петрово 2:17; 3:10, 11; 4:8; 2. Петрово 1:5—7). За да го одржиме мирот, мораме да имаме љубов меѓу себе (Јован 13:34, 35; Ефешаните 4:1, 2). Нашата љубов и мирот се особено очигледни кога се одржуваат меѓународни конгреси. На еден конгрес во Костарика во 1999, еден продавач на аеродромот се налутил затоа што локалните Сведоци кои им изразувале добредојде на делегатите што пристигнувале, ненамерно му ја закривале продавницата. Меѓутоа, вториот ден тој ја забележал љубовта и мирот што се гледале во воодушевеното дочекување на делегатите, иако локалните Сведоци не ги познавале лично. Последниот ден, продавачот се придружил во дочекот и замолил за библиска студија.
19. Зошто е многу битно да се стремиме по мир со соверниците?
19 Тоа што искрено се стремиме по мир со нашите духовни браќа и сестри може многу да влијае врз тоа колку желно го очекуваме Јеховиниот ден и новиот свет што го ветил (Псалм 37:11; 2. Петрово 3:13). Да речеме дека ни е тешко да задржиме мир со некој соверник. Можеме ли да се замислиме како мирољубиво живееме со него во Рајот? Ако некој брат има нешто против нас, веднаш треба ‚да се помириме со него‘ (Матеј 5:23, 24). Тоа е неопходно за да бидеме во мир со Јехова (Псалм 35:27; 1. Јованово 4:20).
20. Како треба да покажеме дека ‚чекаме со готовност‘?
20 Дали ние лично ја ‚очекуваме и цврсто ја држиме во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘? Нашата горлива желба да го видиме крајот на злобата ќе ја покажеме со тоа што ќе останеме свети во овој неморален свет. Освен тоа, нашиот силен копнеж по доаѓањето на Јеховиниот ден и по животот под владата на Царството го покажуваме со нашите дела на побожна оддаденост. А нашето исчекување да живееме во мирољубивиот нов свет се гледа во тоа дали се стремиме по мир со нашите сообожаватели сега. Така покажуваме дека ‚чекаме со готовност‘ и дека ‚цврсто ја држиме во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘.
[Фуснота]
a За примери, види Стражарска кула од 1 јануари 2000, 16. страница, и српското издание на Годишник на Јеховините сведоци 1997, 51. страница.
Дали се сеќаваш?
• Што значи тоа ‚да се држи цврсто во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘?
• Како со нашето однесување покажуваме дека ‚чекаме со готовност‘?
• Зошто се многу битни ‚делата на побожна оддаденост‘?
• Што мораме да правиме за Јехова да нѐ најде „без дамка и без петно и во мир“?
[Слика на страница 11]
Делата на свето однесување покажуваат дека ‚чекаме со готовност‘
[Слики на страница 12]
Делото на проповедање на Царството е животоспасувачко
[Слика на страница 14]
Додека го чекаме Јеховиниот ден, да се стремиме по мир со другите