Време за будност
„Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието. . . . кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (МАРКО 13:10, 13).
1. Зошто треба да истраеме и да бидеме храбри?
МОРАМЕ да истраеме — среде една безверна и изопачена генерација! Од 1914 година, една цела генерација од луѓе станала расипана, исто како во времето на Исус. А денес, расипаноста достигнала светски размери. Во овие ‚последни денови‘, човештвото го погодуваат ‚тешките времиња‘ кои ги опишал апостол Павле. ‚Лошите луѓе и лажливците напредуваат во злото.‘ Јасно е дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“, Сатана Ѓаволот, кој сега ги прави своите последни напори да ја опустоши Земјата. Но, не се обесхрабрувај! Допрва треба да дојде една ‚голема неволја‘ која ќе донесе вечно ослободување за сите оние кои ја љубат праведноста (2. Тимотеј 3:1-5, 13; 1. Јованово 5:19, НС; Откровение 7:14, НС).
2. Како се исполнило едно пророштво во 1914 година?
2 За среќа, Јехова сега го има востоличено Господ Исус Христос на небесата, пред да ги отстрани угнетувачките непријатели на човештвото (Откровение 11:15). Исто како што Данииловото библиско пророштво се исполнило за време на првото доаѓање на Месијата, во нашиов век се исполнило и едно значајно пророштво што го запишал Даниил. Во Даниил 4:13, 14, 29 ни се кажува за отстранувањето на законското царство над Земјата за еден период од „седум времиња“. Во нивното главно исполнување, овие седум времиња се еднакви на седум библиски години од по 360 ‚дена‘, или вкупно 2.520 години.a Тие траеле од 607 година пр. н. е., кога Вавилон почнал да го гази под нозе израелското царство, па до 1914 година н. е., кога Исус бил востоличен на небото како законски Цар на човештвото. Тогаш завршиле „одредените времиња на народите“ (Лука 21:24, НС). Но, народите одбиле да се потчинат на идното Месијанско Царство (Псалм 2:1-6, 10-12; 109:1, 2).
3, 4. а) Каква споредба може да се направи помеѓу настаните од I век и настаните од нашево време? б) Кои умесни прашања можат да се постават?
3 Како што се приближувала 70-тата годишна седмица (29-36 година н. е.), и повторно, кога наближила 1914 година, богобојазливите луѓе го очекувале доаѓањето на Месијата. И тој навистина пристигнал! Сепак, во двата случаја, начинот на кој се појавил, се разликувал од очекувањето. Исто така, во двата случаја, после еден сразмерно краток временски период, една зла „генерација (НС)“ на крајот претрпува погубување извршено според божествена одлука (Матеј 24:34).
4 Во нашата претходна статија забележавме на кој начин дошла до својот крај злобната еврејска генерација која ја барала Исусовата крв. Тогаш, што е со погубната генерација на човештвото која дури и сега му се спротивставува или го игнорира? Кога ќе биде извршена пресуда над оваа безверна генерација?
„Бидете будни“!
5. а) Од која оправдана причина не треба да го знаеме времето на Јеховиниот „ден и час“? б) Според Марко, со кој здрав совет Исус го заклучил своето пророштво?
5 Откако прорекол настани кои ќе водат до едно време на ‚голема неволја‘, Исус додал: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни [ниту Синот, НС], а само Мојот Отец“ (Матеј 24:3-36; Марко 13:3-32). Не треба да го знаеме точното време на настаните. Наместо тоа, мораме да бидеме сосредоточени на тоа да бидеме будни, да негуваме јака вера и да останеме зафатени во Јеховината служба — а не да пресметуваме некаков датум. Исус го заклучил своето големо пророштво со зборовите: „Внимавајте, бидете будни . . . оти не знаете кога ќе настане [одреденото, НС] времето. . . . Бидете будни . . . Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: ‚Бидете будни!‘“ (Марко 13:33-37). Во темнината на денешниот свет демне опасност. Мораме да бидеме будни! (Римјаните 13:11-13).
6. а) Во што треба да биде втемелена нашата вера? б) Како можеме да ‚ги броиме нашите денови‘? в) На што всушност мислел Исус со изразот „генерација“?
6 Не само што мораме да им обрнеме внимание на инспирираните пророштва во врска со овие последни денови на еден зол систем туку мораме да ја втемелиме нашата вера првенствено на скапоцената жртва на Христос Исус и на Божјите прекрасни ветувања кои се темелат на неа (Евреите 6:17-19; 9:14; 1. Петрово 1:18, 19; 2. Петрово 1:16-19). Желен да го види крајот на овој зол систем, Јеховиниот народ понекогаш нагаѓал во врска со времето на избувнувањето на „големата неволја“, па дури го поврзувал со нагаѓања околу тоа колкав е животниот век на генерацијата од 1914 година наваму. Меѓутоа, ‚мудро срце ќе здобиеме‘ не ако нагаѓаме од колку години или денови се состои една генерација, туку ако размислуваме како да „ги броиме нашите денови“ (НС) за да му донесеме радосна фалба на Јехова (Псалм 89:12). Место да наведуваме некакво правило за мерење на времето, изразот „генерација“, како што го употребил Исус, се однесува главно на современиците од извесен историски период, со нивните карактеристични обележја.b
7. Што напишал еден професор по историја за „генерацијата од 1914“ година, и каква врска има тоа со Исусовото пророштво?
7 Во склад со горното, професорот по историја Роберт Вол, во својата книга The Generation of 1914 (Генерацијата од 1914), напишал: „Една историска генерација не се одредува само по нејзините временски граници . . . Таа не се дефинира по датумите“. Но, тој истакнал дека I светска војна создала едно „силно чувство на раскин со минатото“ и додал: „Оние кои ја преживеаја војната, никогаш не можеа да се ослободат од мислата дека во август 1914 година еден свет заврши, а започна друг“. Колку вистинита изјава! Таа се концентрира на суштината на темата. „Оваа генерација“ на човештвото од 1914 година наваму доживеала ужасни промени. Ја видела Земјата натопена со крвта на милиони луѓе. Ширум светот имало ерупција на војни, геноцид, тероризам, злосторства и беззаконие. По нашата Земјина топка се ширеле глад, болести и неморал. Исус прорекол: „Кога ќе видите [неговите ученици] дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо. Вистина ви велам, нема да премине овој род [генерација, НС], дури сето тоа не се исполни“ (Лука 21:31, 32).
8. Како Јеховините пророци ја нагласуваат потребата да се биде буден?
8 Да, близу е потполниот триумф на Месијанското Царство! Тогаш, дали се постигнува нешто со гледањето на датуми или со нагаѓањето околу дословниот животен век на една „генерација“? Далеку од тоа! Авакум 2:3 јасно наведува: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави“. Јеховиниот ден на пресметка сѐ повеќе наближува (Јеремија 25:31-33; Малахија 4:1).
9. Кои настани од 1914 година покажуваат дека времето е кратко?
9 Кога во 1914 година започнало да владее Христовото Царство, Сатана бил исфрлен долу на Земјата. Тоа значело „тешко вам, кои живеете на земјата . . . зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12). Навистина, во споредба со илјадниците години на Сатановото владеење, тоа време е кратко. Царството е близу, а исто така и Јеховиниот ден и час за извршување на пресуда над оваа зла генерација! (Изреките 3:25, НС; 10:24, 25).
‚Генерацијата‘ која поминува
10. На кој начин „оваа генерација“ е како генерацијата од времето на Ное?
10 Да ја испитаме одблиску Исусовата изјава во Матеј 24:34, 35: „Вистина ви велам: нема да премине овој род [оваа генерација нема да помине, НС], додека сето тоа не се исполни. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат“. Следните Исусови зборови покажуваат дека ‚никој не го знае тој ден и час‘. Што е уште поважно, тој покажува дека мораме да ги избегнуваме замките кои нѐ опкружуваат во оваа генерација. Затоа Исус додава: „Но, како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби сѐ, — така ќе биде и доаѓањето [присутноста, НС] на Синот Човечки“ (Матеј 24:36-39). Исус овде ја споредил генерацијата од своето време со онаа од времето на Ное (1. Мојсеева 6:5, 9, НС, фуснота).
11. Каква споредба на ‚генерациите‘ направил Исус, како што известиле Матеј и Лука?
11 Ова не им било прв пат на апостолите да го слушнат Исус како ја прави оваа споредба за ‚генерации‘, бидејќи неколку дена пред тоа тој изјавил за себеси: „Синот Човечки . . . треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род [генерација, НС]. Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки“ (Лука 17:24-26). Затоа, Матеј поглавје 24 и Лука поглавје 17 ја даваат истата споредба. Во времето на Ное, ‚секоја плот [која] се отклонила од својот пат на земјата‘ и која била уништена во потопот, го претставувала „овој род [генерација, НС]“. Во Исусово време, отпадничкиот еврејски народ кој го отфрлил Исуса, го претставувале „овој род [генерација, НС]“ (1. Мојсеева 6:11, 12; 7:1).
12, 13. а) Што е денес „оваа генерација“ која мора да помине? б) На кој начин Јеховиниот народ сега излегува на крај со овој „лош и расипан род [генерација, НС]“?
12 Затоа, во денешното конечно исполнување на Исусовото пророштво, „оваа генерација“ очигледно се однесува на луѓето на Земјата кои го гледаат знакот на Христовата присутност, но не ги менуваат своите патишта. За разлика од нив, ние, како Исусови ученици, одбиваме да нѐ обликува начинот на живот на „оваа генерација“. Иако сме во светот, ние не смееме да бидеме дел од него, ‚зашто [одреденото, НС] време е блиску‘ (Откровение 1:3; Јован 17:16). Апостол Павле нѐ опоменува: „Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот“ (Филипјаните 2:14, 15; Колосјаните 3:5-10; 1. Јованово 2:15-17).
13 Нашето ‚светење како светила‘ подразбира не само да покажуваме чиста христијанска личност туку, што е најважно од сѐ, да го исполниме Исусовиот пророчки налог: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Ниеден човек не може да каже кога ќе дојде тој крај, но ние знаеме дека крајот на „оваа генерација“ од зли луѓе ќе дојде штом ќе биде дадено сведоштво, на Божје задоволство, „дури до крајот на земјата“ (Дела 1:8).
„Тој ден и час“
14. Каква опомена ни даваат и Исус и Павле во врска со „времињата и годините“, и како треба да реагираме?
14 Кога ќе биде дадено глобално сведочење во толкав обем колку што Јехова има намера, тогаш ќе дојде неговиот „ден и час“ за отстранување на овој светски систем. Не мораме однапред да го знаеме датумот. Затоа, следејќи го Исусовиот пример, апостол Павле опоменал: „А за времињата и годините, браќа, нема потреба да ви се пишува, бидејќи вие самите многу добро знаете дека денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време. Оти, кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат“. Забележи ја Павловата средишна точка: ‚Кога ќе речат‘. Да, кога ќе се зборува за „мир и безопасност“, кога тоа најмалку ќе се очекува, ненадејно ќе биде извршена Божјата пресуда. Колку само е прикладен Павловиот совет: „И така, да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени“ (1. Солунјаните 5:1-3, 6; види и стихови 7-11; Дела 1:7).
15, 16. а) Зошто не треба да мислиме дека Армагедон е подалеку отколку што можеби сме мислеле? б) Како мора во блиска иднина да се возвеличи Јеховината сувереност?
15 Дали нашево поточно гледиште за „оваа генерација“ значи дека Армагедон е подалеку отколку што сме мислеле? Никако! Иако никогаш и не сме го знаеле „денот и часот“, Јехова Бог отсекогаш го знаел, а тој не се менува (Малахија 3:6). Очигледно, светот сѐ подлабоко и подлабоко тоне кон конечна пропаст. Потребата да се биде буден е поитна од кога и да било порано. Јехова ни ги открил работите ‚што треба да станат наскоро‘, а ние треба да реагираме со потполно чувство на итност (Откровение 1:1; 11:18; 16:14, 16).
16 Додека се приближува времето, биди буден, зашто Јехова се подготвува да нанесе неволја врз целиот Сатанов систем! (Јеремија 25:29-31). Јехова вели: „Ќе го покажам Моето величие и Мојата светост и ќе се појавам пред очите на многу народи — и тие ќе познаат, дека Јас сум Господ“ (Језекиил 38:23). Тој решавачки ‚ден Господен‘ се приближува! (Јоил 1:15; 2:1, 2; Амос 5:18-20; Софонија 2:2, 3).
Праведно „ново небо и нова земја“
17, 18. а) Според Исус и Петар, како ќе помине оваа „генерација“? б) Зошто треба да бидеме будни во поглед на однесувањето и делата на оддаденост на Бог?
17 Во врска со ‚сето тоа што мора да се исполни‘, Исус рекол: „Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат“ (Матеј 24:34, 35). Исус веројатно ги имал на ум „небото и земјата“ — владетелите и поданиците — од „оваа генерација“. Апостол Петар употребил слични зборови кога се осврнал на „сегашните небеса и земјата“ кои „се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“. Потоа, тој опишува како ‚денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време; тогаш небесата [на владите] ќе ги снема‘ заедно со расипаното човечко општество, односно „земјата“ и нејзините грешни дела. Потоа апостолот нѐ поттикнува на ‚свети постапки на однесување и дела на оддаденост на Бог, [додека] ја очекуваме и цврсто ја задржуваме на ум присутноста на Јеховиниот ден, кога небесата ќе се растопат во оган, а елементите ќе се распаднат од усвитеност!“ (НС). А што следи потоа? Петар го свртува нашето внимание кон ‚новото небо и новата земја, на кои ќе се настани правда‘ (2. Петрово 3:7, 10-13).c
18 Тоа „ново небо“, Царството со кое владеат Христос Исус и неговите придружни цареви, ќе излее благослови врз праведното општество од луѓе на ‚новата земја‘. Дали си ти потенцијален член на тоа општество? Ако да, тогаш имаш причини да воскликнуваш поради величествената иднина која те очекува! (Исаија 65:17-19; Откровение 21:1-5).
19. На каква голема предност можеме сега да се радуваме?
19 Да, уште сега се собира една праведна „генерација“ на човештвото. Денес помазаниот „верен и разумен роб“ дава божествено образование во склад со зборовите од Псалм 77:1, 4: „Внимавајте луѓе Мои на законот Мој, нека чуе увото ваше што зборува устата Моја. . . . на идниот род му се раскажуваше славата на Господа и силата Негова, и чудесата Негови што Он ги изврши“ (Матеј 24:45-47, НС). На 14 април годинава, во преку 75.500 собранија и во околу 230 земји, над 12.000.000 луѓе ширум Земјата присуствуваа на Споменот на Христовата смрт. Дали беше и ти меѓу нив? Положи ја својата вера во Христос Исус и ‚призивај го името Господово за спасение‘ (Римјаните 10:10-13).
20. Со оглед на тоа што „преостанатото време е скратено“, како мораме да останеме будни и каков изглед имаме?
20 „Преостанатото време е скратено“ НС, рекол апостол Павле. Затоа, сега е време да бидеме сѐ побудни и позафатени во Јеховиното дело, додека поднесуваме искушенија и омраза од страна на една зла генерација на човештвото (1. Коринтјаните 7:29; Матеј 10:22; 24:13, 14). Да останеме будни, посматрајќи како сите работи кои се проречени во Библијата, доаѓаат врз „овој род [генерација, НС]“ (Лука 21:31-33). Ако побегнеме од овие работи и ако стоиме со божествено одобрување пред Синот човечки, на крајот можеме да ја постигнеме наградата на вечен живот.
[Фусноти]
a За подетални информации за ‚седумте времиња‘, види ја книгата “Let Your Kingdom Come” (Да дојде Царството твое), страници 127-139, 186-189, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
b Види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, страница 918, издаден од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
c Види и Our Incoming World Government—God’s Kingdom (Нашата идна влада — Божјето Царство), страници 152-156 и 180-181, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк.
Прашања за повторување
◻ Откако го забележавме исполнувањето на Даниил 4:29, како треба сега да ‚бидеме будни‘?
◻ Како ја идентификуваат „оваа генерација“ евангелијата по Матеј и Лука?
◻ Што гледаме додека ги очекуваме ‚новото небо и новата земја‘, и како треба да реагираме?
◻ На што треба да нѐ охрабри очекувањето на „ново небо и нова земја“?
[Слики на страница 17]
Напатеното човештво ќе најде олеснување кога ќе помине оваа насилна, зла генерација
[Извор на слика]
Александра Булат/Sipa Press
[Извор на слика]
Лево и долу: Лик Делахај/Sipa press
[Слика на страница 18]
Сите раси на човештвото ги очекува славното „ново небо и нова земја“