Блесоци на светлина — големи и мали — прв дел
„Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“ (ИЗРЕКИ 4:18).
1. Зошто вистината била откривана постепено?
ДОКАЗ за божествената мудрост е тоа што откривањето на духовните вистини, во склад со Изреки 4:18, се случува постепено, со помош на блесоци на светлина. Во претходната статија видовме како се исполнил овој стих во апостолските времиња. Да била одеднаш откриена сета библиска вистина, тоа би било и заслепувачко и збунувачко — многу слично на ефектот што се јавува кога ќе се излезе од темна пештера на блескава сончева светлина. Освен тоа, постепеното откривање на вистината непрестајно им ја зајакнува верата на христијаните. Тоа ја прави сѐ посветла нивната надеж и сѐ појасна патеката по која треба да чекорат.
„Верниот и разумен роб“
2. На кого укажал Исус дека ќе го користи за да им носи духовна светлина на неговите следбеници, и кој го сочинува тоа посредништво?
2 Во апостолските времиња, Исус Христос сметал дека е погодно да употреби натприродни начини за да им ги даде на своите следбеници првите блесоци на светлина. Во врска со тоа, имаме два примера: Пентакост 33 година н.е. и преобраќањето на Корнилиј во 36 година н.е. Подоцна, Христос сметал дека е погодно да употреби човечко посредништво, токму како што прорекол: „Кој е навистина верниот и разумен роб кого неговиот господар го поставил над своите домашни, да им дава храна во право време? Среќен е оној роб ако неговиот господар на враќање го најде да прави така. Навистина ви велам: Ќе го постави над сиот свој имот“ (Матеј 24:45-47, НС). Овој роб не може да биде само еден поединец бидејќи тој требало да обезбедува духовна храна од основањето на христијанското собрание на Пентакост, па сѐ додека не дојде Господарот, Исус Христос, за да побара сметка. Фактите покажуваат дека оваа класа на верен и разумен роб ги опфаќа сите помазани христијани како група на Земјата во кое и да е време.
3. Кој бил меѓу првите членови на класата на робот?
3 Кој бил меѓу првите членови на класата на верниот и разумен роб? Еден бил апостол Петар, кој ја држел Исусовата заповед: „Паси ги овците Мои!“ (Јован 21:17). Меѓу нив бил и Матеј, кој го напишал евангелието што го носи неговото име, како и Павле, Јаков и Јуда, кои напишале вдахновени писма. Апостол Јован, кој ја запишал книгата Откровение, своето Евангелие и своите писма, исто така бил член на класата на верниот и разумен роб. Овие луѓе пишувале по налог на Исус.
4. Кои биле ‚домашните‘?
4 Ако сите помазаници како група, без оглед каде живеат, се членови на класата на робот, кои се тогаш ‚домашните‘? Истите тие помазаници, но гледани од друга гледна точка — како поединци. Да, како поединци тие се „роб“ или „домашни“, зависно од тоа дали делат духовна храна или земаат од неа. За илустрација: Како што е забележано во 2. Петрово 3:15, 16, апостол Петар се осврнува на Павловите писма. Кога ги читал, Петар бил еден од домашните кој се хранел со духовната храна од Павле кој, пак, ја претставувал класата на робот.
5. а) Што му се случило на робот низ вековите после апостолите? б) Каков развој на настани се одиграл во втората половина од XIX век?
5 Во тој поглед, книгата God’s Kingdom of a Thousand Years Has Approached (Божјето илјадагодишно Царство се приближило), наведува: „Историјата не ни покажува јасно на кој начин постоела и служела класата на ‚верниот и разумен роб‘ низ вековите, по смртта на апостолите на Господарот Исус Христос. Очигледно, една генерација на класата на ‚робот‘ ѝ давала храна на следната генерација (2. Тимотеј 2:2). Но, во втората половина на деветнаесеттиот век имаше богобојазливи луѓе кои ја сакаа духовната храна од Светото писмо и кои сакаа да се хранат од него . . . Класови за проучување на Библијата . . . беа формирани и напредуваа во разбирањето на основните вистини од Светите списи. Искрените несебични поединци меѓу тие истражувачи на Библијата беа желни да ги поделат со другите овие животоважни порции од духовна храна. Го имаа верниот дух на ‚робот‘, поставен да им ја дава на ‚домашните‘ потребната духовна ‚храна во право време‘. Покажаа дека се ‚разумни‘, увидувајќи дека тоа е правото и соодветно време и препознавајќи го најдоброто средство за служење на храната. Тие настојуваа да ја служат“ (страници 344, 345).a
Рани блесоци на светлина во современо доба
6. Кој факт е впечатлив во врска со постепеното откривање на вистината?
6 Еден впечатлив факт во врска со оние коишто Јехова ги употребувал да го изнесуваат ова постепено зголемување на духовната светлина е тоа што тие не си ја припишале заслугата себеси. Ставот на Ч. Т. Расел, првиот претседател на Друштвото Стражарска кула, бил дека на Господ му е угодно да ги користи нивните обични таленти. Во врска со имињата што неговите непријатели биле склони да ги користат, брат Расел дал на знаење дека тој никогаш не сретнал некој „Раселист“ и дека нешто како „Раселизам“ не постои. Сета заслуга му ја припишал на Бог.
7. Каков доказ дале брат Расел и неговите соработници за тоа дека се навистина поврзани со верниот и разумен роб?
7 Судејќи по резултатите, нема сомнение дека настојувањата на брат Расел и на оние кои биле поврзани со него, ги насочувал Јеховиниот свет дух. Тие докажаа дека се поврзани со верниот и разумен роб. Иако многу свештеници од тоа време тврдеа дека за нив Библијата е Божја вдахновена Реч и дека Исус е Божји Син, ги поддржуваа лажните, вавилонски доктрини како што се тројството, бесмртноста на човечката душа и вечното мачење. Во склад со Исусовото ветување, навистина се должи на светиот дух тоа што понизните напори на брат Расел и на неговите придружници придонесоа вистината да сјае како никогаш порано (Јован 16:13). Тие помазани Истражувачи на Библијата докажаа дека се навистина дел од класата на верниот и разумен роб, чијшто налог е да ги обезбедува со духовна храна домашните на Господарот. Нивните напори беа од голема помош во собирањето на помазаниците.
8. Кои основни факти во врска со Јехова, со Библијата, со Исус Христос и со светиот дух, јасно ги разбрале Истражувачите на Библијата?
8 Впечатливо е да се види колку многу Јехова, преку светиот дух ги повластувал со блесоци на светлина тие рани Истражувачи на Библијата. За почеток, тие цврсто докажале дека Творецот постои и дека неговото единствено име е Јехова (Осија 12:5; Римјаните 1:20). Увиделе дека Јехова има четири главни особини — моќ, правда, мудрост и љубов (1. Мојсеева 17:1; 5. Мојсеева 32:4; Римјаните 11:33; 1. Јованово 4:8). Овие помазани христијани јасно утврдија дека Библијата е Божја вдахновена Реч и вистина (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16, 17). Освен тоа, сметале дека Божјиот Син, Исус Христос, бил создаден и дека го дал својот живот како откупнина за сето човештво (Матеј 20:28; Колосјаните 1:15). Увиделе дека светиот дух е Божја активна сила, а не трета личност на некакво тројство (Дела 2:17).
9. а) Кои вистини им се разјасниле на Истражувачите на Библијата во врска со природата на човекот и со исходите што ги нуди Библијата? б) Кои други вистини јасно ги согледале Јеховините слуги?
9 Истражувачите на Библијата јасно увидоа дека човекот нема бесмртна, туку смртна душа. Сфатија дека „платата, што ја дава гревот, е смрт“, а не вечно мачење, и дека не постои такво место како огнен пекол (Римјаните 5:12; 6:23; 1. Мојсеева 2:7; Језекиил 18:4). Освен тоа, јасно согледаа дека теоријата за еволуција не само што е небиблиска туку и дека нема никаква реална основа (1. Мојсеева, 1. и 2. поглавје). Распознаа и дека Библијата нуди два исхода — небесен за 144.000 помазаници што го следат Христос во чекор и рајско-земен за едно неброено „големо мноштво“ од „други овци“ (Откровение 7:9; 14:1; Јован 10:16). Тие рани Истражувачи на Библијата сфатија дека Земјата ќе постои засекогаш и дека нема да изгори, како што учат многу религии (Проповедник 1:4; Лука 23:43). Тие исто така сознаа дека Христовото враќање ќе биде невидливо и дека тогаш ќе изврши суд над нациите и ќе воведе земен рај (Дела 10:42; Римјаните 8:19-21; 1. Петрово 3:18).
10. Кои вистини ги сознале Истражувачите на Библијата во врска со крштевањето, со поделбата меѓу свештеници и лаици и со Споменот на Христовата смрт?
10 Истражувачите на Библијата дознаа дека библиското крштевање не е попрскување на мали деца туку, во согласност со Исусовата заповед од Матеј 28:19, 20, тоа е потопување на верници кои биле поучени. Тие увидоа дека нема библиска основа за поделба на лаици и свештеници (Матеј 23:8-10). Напротив, сите христијани треба да бидат проповедници на добрата вест (Дела 1:8). Истражувачите на Библијата сфатија дека Споменот на Христовата смрт треба да се држи само еднаш годишно, на 14 низан. Освен тоа, согледаа дека Велигден е пагански празник. Исто така, овие помазаници беа толку сигурни дека Бог го поддржува нивното дело што никогаш не собираа прилози (Матеј 10:8). Уште од самиот почеток сфатија дека христијаните мора да живеат според библиските начела, меѓу кои спаѓа и негувањето на плодовите на Божјиот свет дух (Галатјаните 5:22, 23).
Намножување на блесоците на светлина
11. Каква светлина засветлила врз христијанската одговорност и врз Исусовата споредба за овците и јарците?
11 Особено од 1919 година, Јеховините слуги се благословени со намножување на блесоците на светлина. Каков само силен блесок на светлина засвети на конгресот во Седар Поинт во 1922, кога Џ. Ф. Ратерфорд, вториот претседател на Друштвото Стражарска кула, силно нагласи дека првенствената должност на Јеховините слуги е да го ‚објавуваат, објавуваат, објавуваат Царот и неговото царство‘! Веднаш следната година, сјајна светлина засвети врз споредбата за овците и јарците. Беше согледано дека ова пророштво треба да се исполни во сегашниов Господов ден, а не во иднина, за време на Милениумот, како што се мислеше пред тоа. Во Милениумот, Христовите браќа нема да бидат болни ниту затворани. Освен тоа, на крајот од Милениумот ќе суди Јехова Бог, а не Исус Христос (Матеј 25:31-46).
12. Каков блесок на светлина се појавил во врска со Армагедон?
12 Во 1926, друг брилјантен блесок на светлина откри дека војната на Армагедон нема да биде социјална револуција, како што мислеа некогаш Истражувачите на Библијата. Наместо тоа, ќе биде војна во која Јехова ќе ја покаже својата моќ толку јасно што сите луѓе ќе бидат уверени дека тој е Бог (Откровение 16:14-16; 19:17-21).
Божиќ — пагански празник
13. а) Каква светлина била фрлена врз прославувањето на Божиќ? б) Зошто повеќе не се слават родендени? (Вклучи ја и фуснотата.)
13 Кратко потоа, еден блесок на светлина предизвика Истражувачите на Библијата да престанат да го слават Божиќ. Пред тоа, тие секогаш го славеа низ целиот свет, а во главното седиште во Бруклин неговата прослава беше особено свечена прилика. Но, подоцна беше увидено дека држењето на 25 декември беше всушност пагански обичај, избран од страна на отпадничкиот христијански свет за да го олесни преобраќањето на паганите. Освен тоа, беше утврдено дека Исус не можел да се роди во зима бидејќи, во времето кога се родил, овчарите ги паселе своите стада во полето — нешто што не би го правеле ноќе, кон крајот на декември (Лука 2:8). Светото писмо, напротив, укажува дека Исус се родил околу 1 октомври. Истражувачите на Библијата исто така сфатија дека таканаречените мудреци кои го посетиле Исус по две години од неговото раѓање биле пагански свештеници.b
Ново име
14. Зошто името Истражувачи на Библијата не одговарало потполно за Јеховиниот народ?
14 Во 1931, еден силен блесок на вистината им откри на Истражувачите на Библијата соодветно библиско име. Јеховиниот народ разбра дека тие не можат да прифатат ниту еден од прекарите што им ги даваа другите, како што беа Раселисти, Милениумци и „антипеколци“.c Но почнаа да сфаќаат дека и тоа име што си го дале самите — Меѓународни истражувачи на Библијата — не им одговара потполно. Тие не беа само Истражувачи на Библијата. Впрочем, отсекогаш имало толку многу други луѓе кои биле истражувачи на Библијата, но немале никаква врска со Истражувачите на Библијата.
15. Кое име го прифатиле Истражувачите на Библијата во 1931, и зошто е тоа соодветно?
15 Како дојдоа до ново име Истражувачите на Библијата? Стражарска кула со години го истакнуваше Јеховиното име. Затоа беше сосема прикладно Истражувачите на Библијата да го прифатат името што се наоѓа во Исаија 43:10: „А Мои сведоци, вели Господ [Јехова, НС], сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има“.
Оправдувањето и ‚големото мноштво‘
16. Зошто не можат пророштвата за обновување да се применат на враќањето на природните Евреи во Палестина, но сепак на кого се однесуваат?
16 Во вториот том од Vindication (Оправдување), издаден од Друштвото Стражарска кула во 1932, еден блесок на светлина откри дека пророштвата за обновување, што ги запишале Исаија, Јеремија, Језекиил и други пророци, не се однесуваат (како што се мислеше некогаш) на телесните Евреи, кои се вратиле во Палестина во неверство и со политички мотиви. Наместо тоа, овие пророштва за обновување, коишто имале мало исполнување во времето кога Евреите се вратиле од вавилонското ропство во 537 година пр.н.е., имаа свое поголемо исполнување со ослободувањето на духовниот Израел и со обновувањето што започна во 1919 година, како и со последователниот напредок во духовниот рај што го уживаат денес вистинските слуги на Јехова.
17, 18. а) Со текот на времето, што било покажано преку еден блесок на светлина за тоа која е Јеховината главна намера? б) Каков блесок на светлина се појавил во 1935 година во врска со Откровение 7:9-17?
17 Со текот на времето, блесоците на светлина открија дека Јеховината главна намера е, не да го спаси човештвото, туку да ја оправда својата сувереност. Се увиде дека најважната тема на Библијата не е откупнината, туку Царството, оти тоа ќе ја оправда Јеховината сувереност. Каков само блесок на светлина беше тоа! Предадените христијани повеќе не беа првенствено заинтересирани за своето одење на небото.
18 Во 1935 година, еден сјаен блесок на светлина откри дека големото мноштво, споменато во Откровение 7:9-17, не беше некаква второстепена небесна класа. Се мислеше дека оние кои се споменати во тие стихови се некои од помазаниците кои не биле потполно верни, па затоа стојат пред престолот наместо да седат на престоли и да владеат како цареви и свештеници со Исус Христос. Но, просто не постои поим за делумна верност. Човек е или верен или неверен. Затоа, се увиде дека ова пророштво се однесува на неброеното големо мноштво од сите народи кои сега се собираат и чиишто надежи се за Земјата. Тие се ‚овците‘ од Матеј 25:31-46 и ‚другите овци‘ од Јован 10:16.
Крстот — нехристијански симбол
19, 20. Зошто не може крстот да биде симбол на вистинското христијанство?
19 Истражувачите на Библијата со години го истакнуваа крстот како симбол на христијанството. Имаа дури и амблем со „крст и круна“. Според King James Version, Исус побарал од своите следбеници да го земат својот „крст“, па многумина почнаа да веруваат дека тој бил погубен на крст (Матеј 16:24; 27:32). Овој симбол со децении се појавуваше и на насловната страница на списанието Стражарска кула.
20 Книгата Riches (Богатства), објавена од Друштвото во 1936 година, јасно покажа дека Исус Христос бил погубен, не на крст, туку на исправен столб или колец. Според еден авторитет, грчкиот збор (ставро́с) преведен со „крст“ во King James Version, „означува, првенствено, исправен столб или колец. [Треба] да се разликува од црковниот облик на крст од две греди. . . . Вториов потекнува од древна Халдеја и се употребувал како симбол на богот Тамуз“. Далеку од тоа да биде идолизирано, средството на кое Исус бил распнат треба да се гледа со одвратност.
21. Што ќе се разгледува во следната статија?
21 Имало и други примери, како на големи блесоци на светлина, така и на такви што може да се сметаат за мали. Дискусијата за нив, те молиме, погледни ја во следната статија.
[Фусноти]
a Објавено од страна на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Пенсилванија, Њујорк, Инк.
b Со текот на времето беше сфатено дека, доколку не треба да се слави најважниот роденден што некогаш постоел, не треба да славиме ниту еден друг роденден. Освен тоа, ниту Израелците ниту раните христијани не славеле родендени. Библијата споменува само два родендена, едниот на Фараонот, а другиот на Ирод Антипа. И на двете прослави било извршено погубување. Јеховините сведоци не слават родендени бидејќи тие прослави имаат паганско потекло и тежнеат да го слават оној што има роденден (1. Мојсеева 40:20-22; Марко 6:21-28).
c Оваа грешка ја имаат направено многу деноминации на христијанскиот свет. Лутеранци е прекар што непријателите на Мартин Лутер им го дале на неговите следбеници, кои потоа го прифатиле. Исто така, баптистите го прифатиле прекарот што им го дале не-баптисти бидејќи тие проповедале за крштевање со потопување под вода. Нешто слично направиле и методистите кои го прифатиле името што им го дал еден не-методист. Во врска со тоа како биле наречени Квекери припадниците на Друштвото на пријатели, The World Book Encyclopedia вели: „Зборот Квекер првобитно бил наменет за да го навреди Фокс [основачот], кој му рекол на еден судија од Англија ‚да се тресе пред Речта Господова‘. Судијата го нарекол Фокс ‚квекер‘“.
Дали се сеќаваш?
◻ Кој е „верниот и разумен роб“, а кои се ‚домашните‘?
◻ Кои биле некои од раните блесоци на светлина во современо доба?
◻ Зошто било соодветно новото име, Јеховини сведоци?
◻ Кои впечатливи вистини се откриени во 1935 година?
[Слика на страница 17]
Ч. Т. Расел и неговите придружници ја ширеа духовната светлина, но сета заслуга му ја припишуваа на Јехова