Дали даваш сѐ од себе?
„ЌЕ СТОРАМ сѐ што можам.“ Колку многу пати по овие зборови следело „но“ и долг список на извинувања заради недоволно напрегање! Што е со нашето предание на Јехова? Го исполнуваме ли ветувањето дека ќе му го дадеме најдоброто од себе?
Да се изврши предание значи ‚човек да се посвети исклучително на служба или на обожавање на божествено суштество, или на свети цели‘. Исус сторил многу за да покаже што опфаќа преданието на Јехова така што рекол: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16:24). Оној кој се одрекол од себе и се предал на Бог настојува вршењето на божествената волја да му биде најважната цел во животот.
Како предаден народ, мораме внимателно да се испитуваме себе си за да видиме дали живееме според нашето предание. Петар укажал зошто треба да се испитуваме себе си кога ги охрабрил помазаните христијани: „Уште повеќе настојувајте [дајте сѐ од себе, NW] да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите“ (2. Петрово 1:10). Да, ако го даваме најдоброто од себе нема да доживееме духовен бродолом.
Нашите крајни граници можат да се прошират
Воопшто, од сите предадени слуги на Бог се очекува да направат сѐ што можат, односно да го дадат најдоброто од себе за да му угодат на Јехова. Меѓутоа, нашите крајни граници во вршењето на Божјата волја можат да се прошират. За едно тригодишно дете извршувањето на мали задачи би било најдоброто што може да го направи за да ѝ помогне на мајка си, но како што расте, ќе биде во состојба да направи повеќе. Слично е и со нашиот духовен раст — она што порано било наша крајна граница можеби повеќе не е. Поттикнати сме да правиме повеќе за Јехова.
Зголеменото ценење за Јехова ја поддржува нашата спремност да направиме повеќе. Преку личната студија на неговата Реч, Библијата, се зацврстува ценењето за она што го сторил за нас. На пример, кога внимателно истражуваме и медитираме за тоа како Јехова го испратил својот Син да ја предаде душата за да го ослободи човештвото од грев, поттикнати сме да му служиме на Основачот на подготовката за откупување (Јован 3:16, 17; 1. Јованово 4:9-11). Колку повеќе ‚вкусуваме и гледаме дека Јехова е добар‘ (NW) толку повеќе нашите срца се поттикнати да му служат (Псалми 33:8).
Џетер, која е полновремен слуга, го сфатила тоа. Со цел да копа подлабоко во она што го проучува, еден мал простор во куќата наменила за таа потреба. Го уредила така што може да се концентрира додека истражува. На полиците, на дофат на рака, има Индекси на публикации на Стражарска кула, како и повези на Стражарска кула и Разбудете се!. „Кога копам низ интересни информации“, вели таа, „едвај чекам да ги поделам со другите.“
Меѓутоа, исто како што повремените богати оброци не ослободуваат никого од дневната потреба за редовни оброци така длабокото но повремено истражување во Библијата не ја поништува дневната потреба да се зема духовна храна. Рут ја сфатила оваа потреба бидејќи, откако знае за себе, нејзиното семејство заеднички ја чита Библијата секое утро и вечер после оброците. Сега, на возраст од 81 година, со 60 години поминати во полновремената служба, таа и понатаму редовно ја чита Библијата откако ќе се разбуди во 6:00 наутро. Веднаш штом ќе ги добие списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, Рут наоѓа време да ги прочита. Најмалку три до четири пати прегледува една статија пред да ја проучува во собранието. „Запознавањето на поединости од Божјата Реч е она што е потребно за да се остане цврст во верата“, вели таа. Тоа исто така ѝ помогнало да помине долги години во мисионерската служба.
Да дадеме сѐ од себе кога им помагаме на другите
Преку длабока и редовна студија на Божјата Реч расте нашата ревност да му служиме на Бог, а одвнатре нешто нѐ поттикнува да сториме уште повеќе (Спореди Јеремија 20:9). Таквата ревност го навела Хирохиса потполно да ја исполни својата служба (2. Тимотеј 4:5). Живеел без татко и со четири браќа и сестри. Додека бил тинејџер, Хирохиса го издржувал семејството така што станувал во три наутро за да разнесува весници. Хирохиса сакал уште повеќе да им кажува на другите за Јехова, затоа поднел молба за пионерска служба, како што се нарекува полновремената служба на Јеховините сведоци. Така млад, се радувал додека им помагал на другите да му се придружат, па и тие да даваат сѐ од себе за да го фалат Јехова.
За да го дадеме најдоброто од себе додека им помагаме на другите, треба да станеме делотворни во службата. Еднаш Исус ги советувал своите ученици: „Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате“ (Јован 13:17). Наоми е одличен пример за практично спроведување на предлозите што се даваат преку Јеховината организација со цел да ја подобриме службата. Нејзе ѝ било многу тешко да разговара со непознати од куќа до куќа и често останувала без зборови додека стоела пред прагот. Старешините во собранието ѝ препорачале да ги применува предлозите од книгата Расудување на темел на Писмото што се наоѓаат во делот „Уводи за користење во службата на проповедање“.a Таа ги запомнила уводите под поднасловот „Семејство/Деца“ и многупати ги применила. Како резултат на тоа, можела да разговара со некоја домаќинка која имала преку 30 години. Уште пред Наоми да направи повторна посета, оваа жена дошла во Царската сала. Била договорена библиска студија. Сега домаќинката и нејзиниот сопруг се крстени христијани кои уживаат среќен семеен живот со нивните деца.
Да даваме сѐ од себе во покажувањето на личен интерес
Исто така можеме да го имитираме апостолот Павле, кој рекол: „А ова [сѐ, NW] го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него [со другите, NW]“ (1. Коринтјаните 9:22, 23).
Хацуми го одразува овој став. Додека била во јавната служба некоја жена учтиво ѝ рекла преку интерфон дека е премногу зафатена за да разговара. Во гласот се чувствувала љубезност, па Хацуми продолжила да ја посетува. Станарката само одговарала преку интерфонот и никогаш не излегла да се види со Хацуми. Ова траело две и пол години.
Еден ден Хацуми го променила времето на посетата, па навратила доцна попладне. Никој не се јавил. Меѓутоа, кога тргнала да си оди, одзади некој познат глас ја прашал: „Која сте вие?“ Жената штотуку се враќала дома. Кога го слушнала името на Хацуми, веднаш одговорила: „О, тоа сте вие што ме посетувате. Ви благодарам што секогаш се грижите за мене“. Затоа што на друго место ја прекинала библиската студија со Јеховините сведоци, на жената ѝ било многу незгодно да ѝ отвори врата на Хацуми. Библиската студија била обновена, а станарката напредува мошне добро. Дали ние се грижиме толку многу за оние што ги среќаваме во службата од куќа до куќа?
Дај сѐ што ти можеш да дадеш
Јехова ги цени нашите напори да му служиме во најголема можна мера. Тој е како татко чиј син му доаѓа со подароци. Со изминувањето на годините, подарокот може да се разликува, зависно од возраста и средствата на синот. Токму како што таткото е среќен да прими каков било искрен подарок што му го дава синот така Јехова спремно ја прифаќа нашата сесрдна служба која е во согласност со нашиот духовен раст.
Се разбира, нема смисла да ги споредуваме своите со туѓите крајни граници. Како што рекол Павле, ќе имаме причина за радост заради самите себе, „не пред [во споредба со, NW] друг“ (Галатјаните 6:4). И понатаму да обрнуваме внимание на предупредувањето на апостол Петар: „Погрижете се [дајте сѐ од себе, NW] пред Него да излезете во мир, неосквернети и непорочни“ (2. Петрово 3:14).
[Фуснота]
a Објавено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 29]
Дали го даваш најдоброто од себе за да ги примениш предлозите за службата на проповедање?