Обрни внимание на Божјата пророчка реч!
Врвни точки од Второто Петрово писмо
ЈЕХОВИНАТА пророчка реч или порака е како светилка која свети на темно место, и вистинските христијани треба будно да ѝ обрнат внимание. Тоа не е лесно кога лажните учители се обидуваат да вовлечат отпадништво. Но, тоа може да се направи со божествена помош. И мораме непоколебливо да се држиме за Божјата Реч ако сакаме да го преживееме Јеховиниот ден кој бргу се приближува.
Второто инспирирано писмо од апостол Петар може да ни помогне да ѝ посветиме внимание на Божјата пророчка реч. Петар го напишал ова послание во Вавилон околу 64. н. е. Во своето писмо тој ја брани Божјата вистина, ги предупредува соверниците дека Јеховиниот ден доаѓа како крадец, и им помага на неговите читатели да не бидат заведени од заблудата на луѓето кои се непослушни на законот. Бидејќи Јеховиниот ден е близу, можеме да имаме голема корист од Петровите инспирирани зборови.
Имај доверба во пророчката реч
Како христијани, треба да се трудиме да покажеме божествени особини и мораме да ѝ обрнеме внимание на пророчката реч (2Пе 1:1-21). За да избегнеме да станеме неактивни и без род, треба ’на нашата вера да ѝ додадеме добродетел, спознание, самосовладување, истрајност, оддаденост на Бог, братска наклонетост и љубов‘. Кога Петар го видел Исус преобразен и слушнал како Божјиот глас зборува за Христос во таа прилика, пророчката реч предизвикала повеќе доверба (Марко 9:1-8). На таа божествено инспирирана реч мораме да ѝ обрнеме внимание.
Бранење од отпадниците
Ако будно ѝ обрнеме внимание на Божјата пророчка реч, можеме да се браниме од отпадниците и другите корумпирани поединци (2:1-22). Петар предупредил дека во собранието ќе се вовлечат лажни учители. Меѓутоа, Јехова би возвратил со осуда против овие одметници, исто како што ги осудил непослушните ангели во безбожниот свет од деновите на Ное, и жителите на Содом и Гомора. Лажните учители го презираат авторитетот даден од Бог и ги мамат слабите да им се придружат во лошото постапување. За таквите отпадници би било подобро да не го спознале ”патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предадена“.
Јеховиниот ден доаѓа!
Како оние кои ѝ обрнуваат внимание на пророчката реч во овие последни денови, не смееме да си допуштиме да потпаднеме под влијанието на исмејувачите кои ја извртуваат пораката за Исусовата присутност (3:1-18). Тие забораат дека Бог кој наумил да го уништи овој систем, го уништил светот од пред потопот. Јеховината трпеливост не би требало да се смета како спорост, бидејќи тој сака луѓето да се покајат. Овој систем ќе биде уништен во ”Јеховиниот ден“ и ќе биде заменет со ’ново небо и нова земја кадешто живее правдата‘. Затоа, треба да сториме сѐ што можеме да бидеме ”чисти и неизвалкани и во мир“. Наместо да бидеме заведени од лажните учители, да растеме во спознанието на Исус Христос.
Да ги земеме при срце Петровите зборови. Никогаш да не занемариме да се вардиме од лажните учители. Живеј во свесноста дека Јеховиниот ден наскоро доаѓа. И секогаш да ѝ обрнуваме внимание на Божјата пророчка реч.
[Рамка/слика на страница 31]
Фрлени во Тартар: Јехова ’не се воздржал да ги казни ангелите кои згрешиле, туку ги фрлил во Тартар, и ги предал во јамата на густа темница да ги сочува за судот‘ (2. Петрово 2:4, NW). Ова не е митолошкиот Тартар што е претставен во Хомеровата Илијада како подземно место кадешто биле затворени помалку вредните лажни богови, Кронос и другите титански духови. Библискиот Тартар е понизена состојба слична на затвор во кој Бог ги фрлил непослушните ангели во деновите на Ное (1. Мојсеева 6:1-8; 1. Петрово 3:19, 20; Јуда 6). ”Густата темница“ е последица на нивното отсечување од Божјата духовна светлина, како изгнаници од неговото семејство. Како оние кои се сочувани за неговиот неповолен суд, тие имаат само мрачна перспектива. Тартар е претслика на бездната која ќе ја доживеат Сатана и неговите демони пред почетокот на Христовото Илјадагодишно Царство. Ова уништување ќе се случи после Исусовата милениумска влада (Матеј 25:41; Откровение 20:1-3, 7-10, 14).
[Слика]
Зевс ги фрла помалку вредните богови во митолошкиот Тартар
[Извор на слика]
National Archaeological Museum, Athens, Greece