Верата на Ное го осудува светот
ДАЛИ си чул за Ное, еден богобојазлив човек што изградил арка за сочувување на животот во текот на еден глобален потоп? И покрај тоа што е многу стара, оваа приказна им е позната на милиони луѓе. Меѓутоа, она што многумина не го сфаќаат е дека животот на Ное има значење за сите нас.
Зошто треба да бидеме заинтересирани за извештај стар неколку илјади години? Постои ли некаква сличност меѓу ситуацијата на Ное и нашата? Ако постои, како можеме да извлечеме корист од неговиот пример?
Светот во времето на Ное
Библиската хронологија го сместува раѓањето на Ное во 2970 пр.н.е. — 126 години по смртта на Адам. Во времето на Ное Земјата била полна со насилство, и мнозинството од потомците на Адам избрале да го следат своеглавиот пример на својот прататко. Затоа, ‚Господ видел колку е голема човековата расипаност на земјата и дека секоја мисла во неговата памет секогаш била само зло‘ (Битие 6:5, 11, 12).
Човековата побуна не била единствената причина за Јеховиното незадоволство. Извештајот од Битие објаснува: „Божјите синови гледаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, кои ќе ги избереа . . . Во оние времиња — а и подоцна — на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца. Тоа се оние, од стари времиња, по сила прочуени луѓе“ (Битие 6:2-4). Споредувањето на овие стихови со една изјава што ја запишал апостол Петар покажува дека „Божјите синови“ биле непослушните ангели. Нефилимите биле хибридно потомство од недозволените односи меѓу жените и паднатите материјализирани ангели (1. Петрово 3:19, 20).
„Нефилими“, што значи „Соборувачи“, ги означува поединците што предизвикале другите да паднат. Тие биле тирански настроени силеџии, а гревот на нивните похотни татковци е спореден со настраноста на Содом и Гомора (Јуда 6, 7). Заедно, тие разгореле неподнослива злоба на Земјата.
„Безгрешен меѓу своите современици“
Злото било толку распространето што Бог бил решен да го уништи човештвото. Но, инспирираниот извештај вели: „Ное најде благодат во Господовите очи . . . Ное беше праведен и непорочен човек во свое време [се покажа безгрешен меѓу своите современици, NW]. Ное одеше со Бога“ (Битие 6:8, 9). Како било можно да се ‚оди со Бог‘ во безбожен свет кој заслужувал само уништување?
Несомнено, Ное многу научил од својот татко, Ламех, човек од вера и современик на Адам. Кога му го дал на својот син името Ное (за кое се смета дека значи „одмор“ или „утеха“), Ламех прорекол: „Овој ќе нѐ утеши, во трудот и во напорот на нашите раце, од земјата, која Бог ја проколна“. Тоа пророштво се исполнило кога Бог ја тргнал својата клетва од земјата (Битие 5:29; 8:21).
Да се има побожни родители не е гаранција за духовност, зашто секој поединец мора да стекне сопствен однос со Јехова. Ное ‚одел со Бог‘ на тој начин што следел правец што имал божествено одобрување. Она што Ное го научил за Бог, го поттикнало да Му служи. Верата на Ное не се поколебала кога бил информиран за Божјата намера ‚секое суштество да загине во потоп‘ (Битие 6:13, 17).
Уверен дека таква катастрофа без преседан ќе се случи, Ное ја послушал Јеховината заповед: „Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор“ (Битие 6:14). Да се постапи според Божјите детални упатства за арката не било некоја мала задача. Сепак, ‚Ное направил така, сѐ како што му заповедал Бог‘. Всушност, ‚така сторил‘ (Битие 6:22). Ное го направил тоа со помош на својата сопруга и нивните синови Сим, Хам и Јафет со сопругите. Јехова ја благословил таа вера. Какви само прекрасни примери за семејствата денес!
Што вклучувала изградбата на арката? Јехова му дал упатства на Ное да изгради огромна водоотпорна трикатница, дрвен сандак, долг 133 метри, широк 22 метри, висок 13 метри (Битие 6:15, 16). Тој брод требало да има капацитет сличен на разните денешни товарни бродови.
Каков само колосален потфат! Најверојатно тој значел да се исечат илјадници дрвја, да се довлечкаат до градилиштето и да се исечат на талпи или греди. Тоа значело да се изградат скелиња, да се направат клинци или дрвени клинови, да се набави катран за водоотпорност, да се набават садови и алатки итн. Можеби работата барала да се преговара со трговците и да се плати за материјалот и услугите. Се чини дека била потребна дрводелска вештина за точно да се состават гредите и да се изгради една доволно јака градба. И помисли само — изградбата веројатно траела околу 50 или 60 години!
Подоцна на Ное му било свртено внимание да подготви доволно храна и крма (Битие 6:21). Морал да собере и да смести голем број животни во арката. Ное направил сѐ што Јехова му заповедал, и работата била завршена (Битие 6:22). Јеховиниот благослов го гарантирал нејзиниот целосен успех.
‚Проповедник на праведноста‘
Освен што ја градел арката, Ное огласувал предупредување и верно му служел на Бог како ‚проповедник на праведноста‘. Но, луѓето ‚не обрнале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘ (2. Петрово 2:5; Матеј 24:38, 39).
Со оглед на духовниот и моралниот распад во тие денови, лесно е да се увиди како семејството на Ное можело да стане предмет на исмејување на скептичните соседи и предмет на малтретирање и потсмевање. Сигурно луѓето сметале дека тие се луди. Меѓутоа, Ное бил успешен во давањето духовно охрабрување и поддршка на своето домаќинство, зашто тоа никогаш не ги усвоило насилничките, неморалните, бунтовните патишта на своите безбожни современици. Со својот говор и со постапките, кои ја покажувале неговата вера, Ное го осудил светот од тоа време (Евреите 11:7).
Зачувани низ Потопот
Кратко пред да почне поројниот дожд, Бог му рекол на Ное да влезе во завршената арка. Кога семејството на Ное и животните биле внатре, ‚Господ ја затворил вратата‘, оставајќи ги надвор сите потсмешливи ругања. Кога Потопот дошол, непослушните ангели изгледа се дематеријализирале и го избегнале уништувањето. Но, што станало со другите? Па, сите живи суштества на копното што биле надвор од арката, вклучувајќи ги и Нефилимите, изгинале! Само Ное и неговото семејство преживеале (Битие 7:1-23).
Ное и членовите на неговото домаќинство поминале во арката една лунарна година и десет дена. Тие биле зафатени со хранење и поење на животните, отстранување на изметот и водење евиденција за времето. Во Битие се прецизно заведени датумите на сите фази од Потопот, како еден бродски дневник, што ја одразува точноста на извештајот (Битие 7:11, 17, 24; 8:3-14).
Додека бил во арката, Ное несомнено го предводел своето семејство во духовните дискусии и благодарењето на Бог. Изгледа преку Ное и неговото семејство била сочувана претпотопната историја. Веродостојните усни традиции или пишаните историски документи што ги поседувале тие обезбедиле добар материјал за корисно размислување во текот на Поплавата.
Колку само мора да биле среќни Ное и семејството кога повторно стапнале на копно! Прво нешто што сторил тој било тоа што подигнал олтар и дејствувал во својство на свештеник за своето семејство, принесувајќи му жртви на Оној што ги спасил (Битие 8:18-20).
„Како што беше во деновите на Ное“
Исус Христос рекол: „Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37). Денес и христијаните се проповедници на праведноста, поттикнувајќи ги луѓето да се покаат (2. Петрово 3:5-9). Со оглед на таа аналогија, ние би можеле да се прашаме за што сѐ размислувал Ное пред Поплавата. Дали некогаш имал чувство дека неговото проповедање е бескорисно? Бил ли понекогаш уморен? Библијата не зборува за тоа. Само вели дека Ное му бил послушен на Бог.
Дали увидуваш како ситуацијата на Ное е поврзана со нашата? Тој му бил послушен на Јехова и покрај противењето и тешкотиите. Затоа Јехова пресудил дека тој е праведен. Семејството на Ное не знаело точно кога Бог ќе ја предизвика Поплавата, но знаело дека таа ќе дојде. Верата во Божјата реч го поддржувала Ное низ годините поминати во напорна работа и во она што можеби му изгледало бесплодно проповедање. Навистина, кажано ни е: „Со вера Ное, откако доби божествено предупредување за она што уште не се гледаше, покажа побожен страв и изгради арка за спасение на своето домаќинство; и со таа вера го осуди светот, и стана наследник на праведноста која е по вера“ (Евреите 11:7).
Како стекнал Ное таква вера? Изгледа одвојувал време длабоко да размислува за сѐ што знаел за Јехова и дозволил да биде воден од тоа спознание. Несомнено, Ное разговарал со Бог во молитва. Всушност, толку присно го познавал Јехова што ‚одел со Бог‘. Како семеен поглавар, Ное радо му посветувал време и љубезно внимание на своето домаќинство. Ова вклучувало грижа за духовните интереси на својата сопруга, на трите синови и на снаите.
Исто како Ное, вистинските христијани денес знаат дека наскоро Јехова ќе стави крај на овој безбожен систем на работи. Ние не го знаеме тој ден ни час, но увидуваме дека имитирањето на верата и послушноста на овој ‚проповедник на праведноста‘ ќе има за резултат „сочувување на душата во живот“ (Евреите 10:36-39).
[Рамка на страница 29]
Дали навистина се случило?
Антрополозите собрале дури 270 легенди за потоп од речиси сите племиња и нации. „Приказната за потоп може да се најде низ целиот свет“, вели изучувачот Клаус Вестерман. „Како и приказната за создавањето, таа е дел од нашето основно културно наследство. Тоа навистина зачудува: насекаде на Земјата наоѓаме приказни за една голема исконска поплава.“ Кое е објаснувањето за тоа? Толкувачот Енрико Галбијати вели: „Постојаното присуство на традиција за потоп кај различни и расеани народи е знак на историската реалност на фактот што лежи во основата на тие традиции“. Меѓутоа, за христијаните поважно од забележувањата на изучувачите е сознанието дека самиот Исус зборувал за Потопот како вистински настан во историјата на човештвото (Лука 17:26, 27).
[Рамка на страница 30]
Нефилимите во митологијата?
Приказни за недозволени сексуални врски меѓу богови и луѓе — и за „хероите“ или „полубоговите“ родени од таквите заедници — биле вообичаени во грчката, египетската, угаритската, харијанската и месопотамската теологија. Боговите во грчката митологија имале човечки облик и величествена убавина. Тие јаделе, пиеле, спиеле, имале сексуални односи, се расправале, се карале, заведувале и силувале. Иако наводно свети, тие биле способни за измама и криминал. За херои како Ахил било речено дека имаат божествено и човечко потекло и дека биле надарени со натчовечка способност, но не и со бесмртност. Затоа, она што во Битие се кажува за нефилимите фрла светлина врз можното или дури веројатното потекло на таквите митови.