Колку ти е скапоцена вистината?
„Ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (ЈОВАН 8:32).
1. Како начинот на кој Пилат го употребил зборот „вистина“ изгледа се разликувал од тоа како го употребил Исус?
„ШТО е вистина?“ Кога Пилат го поставил ова прашање, неговиот интерес, таков каков што бил, изгледа укажувал на вистината општо земено. Исус пак, од друга страна, штотуку рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37, 38). За разлика од Пилат, Исус го употребил одредениот член и рекол „вистина-та“. Тој укажувал на божествената вистина.
Ставот на светот кон вистината
2. Која изјава на Исус ја покажува вредноста на вистината?
2 Павле рекол: „Верата не ја поседуваат сите луѓе“ (2. Солуњаните 3:2). Истото може да се рече и за вистината. Дури и кога се соочуваат со вистината темелена на Библијата, многу луѓе намерно ја игнорираат. Сепак, колку само скапоцена е таа! Исус рекол: „Ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).
3. На кое предупредување во врска со измамничките учења треба да внимаваме?
3 Апостол Павле рекол дека вистината не се наоѓа во човечките филозофии и традиции (Колошаните 2:8). Навистина, таквите учења се измамнички. Павле ги предупредил ефешките христијани дека ако поверуваат во нив, ќе бидат како духовни бебиња „фрлани наоколу како од бранови . . . од секој ветар на учењето преку човечката измама, преку лукавството во смислување на заблуда“ (Ефешаните 4:14). Денес, „човечката измама“ се унапредува преку пропагандата на оние што ѝ се противат на божествената вистина. Една енциклопедија го дефинира зборот „пропаганда“ како „систематски напор да се манипулира со верувањата, ставовите или постапките на другите луѓе“ (The New Encyclopædia Britannica). Таквата пропаганда лукаво ја извртува вистината во невистини и унапредува лаги како вистина. За да ја најдеме вистината и покрај таквите подмолни притисоци, мораме марливо да бараме во Писмото.
Христијаните и светот
4. Кому му е ставена на располагање вистината, и каква обврска имаат оние што ја примаат?
4 Зборувајќи за оние што станале негови ученици, Исус Христос на Јехова му се молел: „Освети ги преку вистината; твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Таквите требало да бидат осветени, или издвоени со цел да му служат на Јехова и да го објавуваат неговото име и Царство (Матеј 6:9, 10; 24:14). Иако не ја поседуваат сите луѓе, Јеховината вистина како бесплатен дар им е достапна на сите што ја бараат, без оглед на нивната националност, раса или културно потекло. Апостол Петар рекол: „Сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
5. Зошто се христијаните честопати прогонувани?
5 Христијаните ја споделуваат библиската вистина со другите, но не се добредојдени насекаде. Исус предупредил: „Ќе ве предадат на неволја и ќе ве убиваат, и ќе им бидете предмет на омраза на сите нации поради моето име“ (Матеј 24:9). Коментирајќи за овој стих, ирскиот свештеник Џон Р. Катер во 1817 напишал: „Настојувањата [на христијаните] да ги реформираат животите на луѓето со своето проповедање, наместо да ги направат луѓето благодарни, всушност, ќе ги наведат да ги мразат и да ги прогонуваат учениците заради тоа што ги разоткриваат нивните пороци“. Таквите прогонители не ја ‚прифаќаат љубовта кон вистината за да се спасат‘. Од таа причина „Бог допушта да ги стигне дејствувањето на заблудата за да ѝ веруваат на лагата, за да бидат судени сите тие бидејќи не ѝ веруваа на вистината, туку наоѓаа задоволство во неправедноста“ (2. Солуњаните 2:10—12).
6. Какви желби не треба да негува еден христијанин?
6 Апостол Јован ги опоменува христијаните што живеат во овој непријателски настроен свет: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот . . . сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јованово 2:15, 16). Кога вели „сѐ“, Јован не исклучува ништо. Од таа причина не смееме да негуваме желба кон ништо што овој свет има да ни го понуди и кое би можело да нѐ одврати од вистината. Внимавањето на советот на Јован ќе изврши силно влијание во нашиот живот. Како?
7. На кој начин спознанието за вистината ги мотивира лицата со исправно настроени срца?
7 Во текот на 2001 година, Јеховините сведоци низ целиот свет секој месец водеа четири и пол милиони домашни библиски студии, поучувајќи поединци и групи за божествените барања за живот. Како резултат на тоа беа крстени 263.431 лице. Светлината на вистината им станала скапоцена на овие нови ученици, и тие ги отфрлиле лошите друштва и неморалните патишта што го обесчестуваат Бог и се многу раширени во овој свет. Од времето кога се крстиле, тие продолжуваат да живеат според мерилата што ги поставува Јехова за сите христијани (Ефешаните 5:5). Дали вистината ти е исто толку скапоцена и тебе?
Јехова се грижи за нас
8. На кој начин реагира Јехова на нашето предание, и зошто е мудро ‚да го бараме најнапред царството‘?
8 И покрај нашите несовршености, Јехова милостиво го прифаќа нашето предание, наведнувајќи се, така да се каже, за да нѐ привлече кон него. На тој начин нѐ поучува да си поставуваме повозвишени цели и желби (Псалм 113:6—8). Истовремено, Јехова ни дозволува да имаме личен однос со него, и ветува дека ќе се грижи за нас ако ‚продолжиме да го бараме најнапред царството и Неговата праведност‘. Ако го правиме тоа и се чуваме во духовен поглед, тој ветува: „Сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33).
9. Кој е „верниот и разборит роб“, и како се грижи Јехова за нас користејќи го овој „роб“?
9 Исус Христос ги избрал своите 12 апостоли и го положил темелот на собранието од помазани христијани што биле наречени „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Откровение 21:9, 14). Подоцна тоа било опишано како „собрание на живиот Бог, столб и потпора на вистината“ (1. Тимотеј 3:15). Исус ги идентификувал членовите на тоа собрание како ‚верен и разборит роб‘ и како „верниот настојник, разборитиот“. Тој верен слуга, рекол Исус, ќе биде одговорен да им ја даде на христијаните „нивната порција храна во право време“ (Матеј 24:3, 45—47; Лука 12:42). Без храна, ние би изгладнеле до смрт. На сличен начин, ако не земаме духовна храна, духовно ќе ослабиме и ќе умреме. Затоа, постоењето на „верниот и разборит роб“ е уште еден доказ дека Јехова се грижи за нас. Секогаш да ги цениме скапоцените духовни подготовки што се прават за нас преку тој „роб“ (Матеј 5:3).
10. Зошто е животоважно редовно да присуствуваме на состаноците?
10 Земањето духовна храна вклучува лична студија. Тоа исто така вклучува дружење со другите христијани и присуство на собраниските состаноци. Се сеќаваш ли точно што си јадел пред шест месеци, или дури пред шест седмици? Веројатно не. Сепак, што и да си јадел, тоа ти ја обезбедило прехраната што ти била потребна за да те поддржува. И, веројатно, оттогаш јадеш слична храна. Истото е случај и со духовната храна што се обезбедува на нашите христијански состаноци. Можеби не се сеќаваме на секој детаљ од она што сме го чуле на состаноците. И слични информации веројатно ни се дадени повеќе од еднаш. Сепак, таа е духовна храна, животоважна за нашата благосостојба. Нашите состаноци секогаш ни обезбедуваат добра духовна прехрана, сервирана во пригодно време.
11. Какви обврски имаме кога присуствуваме на христијанските состаноци?
11 Присуството на христијанските состаноци ни наметнува и одговорност. Христијаните се опоменати да ‚се храбрат едни со други‘, поттикнувајќи ги другите членови на собранието кон „љубов и кон извонредни дела“. Нашата подготовка, присуство и учество на сите христијански состаноци ни ја зајакнува верата нам лично и ги охрабрува другите (Евреите 10:23—25). Слично на малите деца кои можат да бидат пребирливи во врска со храната, на некои можеби им е потребно постојано охрабрување за да земаат духовна храна (Ефешаните 4:13). Љубезно е да се даде тоа охрабрување кога е потребно за да можат таквите да станат зрели христијани, за кои апостол Павле напишал: „Цврстата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние чија моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14).
Духовно да се грижиме за себеси
12. Кој ја има конечната одговорност за да останеме во вистината? Објасни.
12 Брачниот партнер или родителите можат да нѐ храбрат на патот на вистината. Исто така, собраниските старешини можат да нѐ пасат како дел од стадото за кое се грижат (Дела 20:28). Но, каде лежи конечната одговорност за да истраеме на нашиот пат на живот темелен на вистината? Навистина, одговорноста лежи на секого од нас. И тоа важи како во нормални околности така и во тешки времиња. Разгледај го следниов случај.
13, 14. Како што е илустрирано во искуството со јагнето, како можеме да ја добиеме потребната духовна помош?
13 Во Шкотска, млади јагниња паселе на пасиште кога некое од нив залутало накај едно ритче и се стркалало од некој гребен надолу. Не се повредило, но било уплашено и не можело да се качи горе. Затоа почнало жално да блее. Мајка му го чула, па и таа почнала да блее сѐ додека пастирот не дошол и не го спасил младото јагне.
14 Забележи го редоследот на настаните. Јагнето побарало помош, овцата го придружила својот глас на неговите повици, и будниот пастир скокнал во акција за да го спаси. Ако едно многу мало животно и неговата мајка можат да ја насетат опасноста и веднаш да побараат помош, зарем не треба ние да го сториме истото кога духовно се спрепнуваме или кога се соочуваме со неочекувани опасности од Сатановиот свет? (Јаков 5:14, 15; 1. Петрово 5:8). Треба, особено ако ни недостига искуство било затоа што сме млади било затоа што сме релативно нови во вистината.
Следењето на божественото упатство донесува среќа
15. Како се чувствувала една жена кога почнала да се дружи со христијанското собрание?
15 Разгледај ја вредноста на библиското разбирање и душевниот мир кои тоа им ги донесува на оние што му служат на Богот на вистината. Една 70-годишна жена, која сиот свој живот ја посетувала англиканската црква, се сложила да има лична библиска студија со една жена Јеховин сведок. Набрзо дознала дека името на Бог е Јехова и се придружила во кажувањето „Амин“ на искрените јавни молитви што се упатувале во локалната Сала на Царството. Таа со силни чувства рекла: „Наместо да го прикажувате Бог како таков што е далеку над нас обичните смртници, изгледа вие го доведувате токму во нашата средина, како некој драг пријател. Ова е нешто што никогаш порано не сум го доживеала“. Веројатно таа драга заинтересирана личност никогаш нема да го заборави првиот впечаток што ѝ го оставила вистината. Исто така, и ние никогаш да не заборавиме колку ни била скапоцена вистината кога првпат сме ја прифатиле.
16. а) Што би можело да се случи ако печалењето пари ни стане главна цел? б) Како можеме да најдеме вистинска среќа?
16 Многумина веруваат дека кога би имале повеќе пари, би биле посреќни. Меѓутоа, ако печалењето пари го направиме главна цел во животот, би можеле да претрпиме „неискажливи душевни агонии“ (1. Тимотеј 6:10, Phillips). Разгледај колкумина купуваат лозови за лотарија, трошат пари во казина или непромислено шпекулираат на берзите на хартии од вредност, сонувајќи дека ќе се збогатат. Многу, многу малку луѓе успеваат да го видат богатството на кое се надеваат. И честопати, дури и оние што ќе го видат, увидуваат дека нивното неочекувано богатство не им донесува среќа. Наместо тоа, трајната среќа доаѓа од вршењето на Јеховината волја, работењето со христијанското собрание под водството на Јеховиниот свет дух и од помошта на неговите ангели (Псалм 1:1—3; 84:4, 5; 89:15). Кога го правиме тоа, може да доживееме неочекувани благослови. Дали вистината ти е доволно скапоцена за да ти донесе такви благослови во животот?
17. Што открива престојот на Петар кај Симон кожарот во врска со ставот на апостолот?
17 Разгледај едно искуство на апостол Петар. Во 36 година н.е. бил на мисионерско патување во рамницата Сарон. Застанал во Лида, каде што го излекувал парализираниот Енеј и потоа продолжил кон пристаништето Јопа. Таму ја воскреснал Дорка. Во Дела 9:43 се вели: „А тој остана доста денови во Јопа кај некојси Симон, кожар“. Ова кратко спомнување го открива Петровиот непристрасен став додека им служел на луѓето во тој град. Како? Библискиот изучувач Фредерик В. Фарар пишува: „Еден строг и бескомпромисен следбеник на Усниот [Мојсеев] закон не можел да биде наговорен да живее во куќата на еден кожар. Секојдневниот контакт со кожи и лешеви на различни животни, како што налагал овој занает, и материјалите што тој ги барал, правеле тој да биде нечист и одвратен во очите на сите строги легалисти“. Дури и ако Симоновата „куќа крај морето“ не била покрај неговата кожарница, Симон се занимавал со ‚еден занает на кој се гледало со одвратност и затоа имало тенденција да ја намали самопочитта на сите што се зафаќале со него‘, вели Фарар (Дела 10:6).
18, 19. а) Зошто бил Петар збунет од визијата што ја добил? б) Каков неочекуван благослов доживеал Петар?
18 Непристрасниот Петар ја прифатил гостољубивоста на Симон, и таму Петар добил неочекувано божествено упатство. Видел визија во која му било заповедано да јаде од суштества што биле нечисти според еврејскиот закон. Петар протестирал дека никогаш ‚немал јадено нешто валкано и нечисто‘. Но, трипати му било кажано: „Престани да го викаш валкано она што Бог го исчистил“. Разбирливо, ‚Петар многу збунет во себе се прашувал што би можела да значи визијата што ја имал‘ (Дела 10:5—17; 11:7—10).
19 Петар не знаел дека претходниот ден во Цезареја, на оддалеченост од 50 километри, еден не-Евреин Корнелиј исто така имал визија. Јеховиниот ангел го поучил Корнелиј да испрати слуги за да го пронајдат Петар во куќата на Симон кожарот. Корнелиј ги испратил своите слуги во куќата на Симон, после што Петар ги придружувал назад до Цезареја. Таму му проповедал на Корнелиј и на неговите роднини и пријатели. Како резултат на тоа, тие станале првите необрежани нееврејски верници што го добиле светиот дух како наследници на Царството. Иако луѓето биле необрежани, сите што ги чуле зборовите на Петар се крстиле. Ова го отворило патот за луѓето од нациите — кои од гледна точка на Евреите биле сметани за нечисти — да станат членови на христијанското собрание (Дела 10:1—48; 11:18). Каква само извонредна привилегија за Петар — и сето тоа бидејќи вистината му била толку скапоцена што го навела да го слуша упатството од Јехова и да постапува со вера!
20. Каква божествена помош добиваме кога вистината ја ставаме на прво место во нашиот живот?
20 Павле поттикнува: „Зборувајќи ја вистината, во сѐ со љубов да пораснеме во оној кој е глава, Христос“ (Ефешаните 4:15). Да, вистината ќе ни донесе неспоредлива среќа сега ако ја ставиме на прво место во нашиот живот и ако му дозволиме на Јехова да ги води нашите чекори преку својот свет дух. Исто така, задржи ја на ум поддршката од светите ангели во нашата активност на евангелизирање (Откровение 14:6, 7; 22:6). Колку само сме привилегирани што имаме таква поддршка во делото кое Јехова ни наложил да го вршиме! Задржувањето на интегритетот ќе нѐ наведе да го фалиме Јехова, Богот на вистината, за сета вечност. Би можело ли нешто друго да биде поскапоцено од тоа? (Јован 17:3).
Што научивме?
• Зошто многумина не ја прифаќаат вистината?
• Како треба да гледаат христијаните на работите од Сатановиот свет?
• Каков треба да биде нашиот став кон состаноците, и зошто?
• Каква одговорност имаме духовно да се грижиме за себеси?
[Карта/слика на страница 18]
(Види во публикацијата)
ГОЛЕМО МОРЕ
Цезареја
ДОЛИНА САРОН
Јопа
Лида
Ерусалим
[Слика]
Петар го следел божественото упатство и пожнеал неочекувани благослови
[Извор на слика]
Карта: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 13]
Исус сведочел за вистината
[Слика на страница 15]
Слично на физичката храна, духовната храна е животоважна за нашата благосостојба