Преводот Нов свет — научен и чесен
”ПОЛН со фалсификати!“ Така во 16. век противниците говореле за преводот на Библијата од Мартин Лутер. Верувале дека можат да докажат дека Лутеровата Библија содржи ”1 400 еретички грешки и лаги“. Денес Лутеровата Библија се смета за значаен превод. Во книгата Translating the Bible (Преведување на Библијата) е наречен дури ”дело на гениј“.
Денес, во 20-от век, и New World Translation (Нов свет преводот) исто така е обвинуван дека содржи фалсификати. Зошто? Затоа што отстапува од традиционалното преведување на многу библиски стихови и ја нагласува употребата на Божјето име Јехова. Затоа е невообичаен. Но, дали тоа го прави лажен? Не. Составен е со многу грижа и внимание дури до детаљи, па она што изгледа невообичаено претставува искрен напор внимателно да се претстават нијансите на изворните јазици. На пример, теологот К. Хаутман вака го коментира New World Translation: ”Отфрлени се разновидните традиционални преводи на важни изрази од изворниот текст, очигледно за да се дојде до најдоброто можно разбирање.“ Да погледаме некои примери за тоа.
Поинаков — но не и погрешен
Како прво, тесно поврзаните зборови во изворните библиски јазици се преведени со различни англиски зборови кадешто е можно, укажувајќи му така на изучувачот на Библијата на можните нијанси во значењето. Така зборот синте́леиа е преведен со ”завршеток“, а те́лос со ”крај“, иако во многу други преводи двата збора се преведуваат со ”крај“ (Матеј 24:3, 13, НС). Зборот ко́смос се преведува со ”свет“, аион’ со ”систем на работи“, а оикоуме́не со ”населена земја“. Повторно многу библиски преводи го користат само ”свет“ за да ги претстават двете или сите три грчки збора, иако всушност меѓу нив постојат разлики (Матеј 13:38, 39; 24:14).
Слично на тоа, New World Translation внимателно ги уочува разликите помеѓу гно́сис (”спознание, знаење“) и епи́гносис (преведено ”точно спознание“) — разлика која многу други игнорираат (Филипјаните 1:8, 9; 3:8). Исто така прави разлика помеѓу та́фос (”гроб“, поединечно закопно место), мне́ма (”гроб, гробница“), мнемеи́он (”спомен-гроб“) и хаи́дес (”хадес“, кој во Библијата се однесува на општиот гроб на човештвото (Матеј 27:60, 61; Јован 5:28; Дела на апостолите 2:29, 31). Неколку библиски преводи прават разлика помеѓу та́фос и мнемеи́он во Матеј 23:29, но не доследно и на другите места. (Види Матеј 27:60, 61, New International Version.
Глаголските времиња се преведени внимателно и прецизно. На пример, во преводот Revised Standard Version, 1. Јованово 2:1 гласи: ”Ако некој чини грев, имаме застапник кај Таткото, Исус Христос праведниот“. Набргу после тоа, истиот превод го преведува 1. Јованово 3:6 на следниот начин: ”Ниеден кој останува во [Исус] не греши“. Ако ниеден следбеник на Исус не греши, тогаш на кого се однесува 1. Јованово 2:1?
New World Translation ја решава оваа на изглед противречност. Во 1. Јованово 2:1 се вели: ”Ви ги пишувам овие работи за да не направите грев. Сепак, ако некој направи грев, имаме помагач кај Таткото, Исус Христос, праведникот.“ Јован во овој стих употребил аорист, укажувајќи на правењето на посебниот грев, она што сите ние го правиме одвреме навреме затоа што сме несовршени. Меѓутоа, во 1. Јованово 3:6 читаме: ”Секој кој останува во заедница со него не прави грев; ниеден кој прави грев ниту го видел ниту го спознал“: Јован овде употребува сегашно време, укажувајќи на трајно, вообичаено грешење со кое некој би го обезвредил своето тврдење дека е христијанин.
Другите научници се согласуваат
И други библиски преводи или извори поддржуваат некои невообичаени изрази за кои се претпоставува дека Јеховините сведоци наводно ги измислиле. Во Лука 23:43, New World Translation вака ги забележува Исусовите зборови упатени до злосторникот кој бил погубен со него: ”Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во Рајот.“ Во изворниот грчки јазик немало ознаки за интерпункција како што е запирка или две точки; но преведувачите обично ставаат некој интерпункциски знак како помош при читањето. Меѓутоа, повеќето го читаат овој библиски стих како Исус и злосторникот да требало токму тој ден да стигнат во Рајот. New English Bible пишува вака: ”Ти го кажувам ова: денес ќе бидеш со мене во Рајот“. Меѓутоа, сите не ја изразуваат оваа мисла. Професорот Вилхелм Михаелис вака го преведува тој стих: ”Навистина, уште денес ти давам уверение: (еден ден) ќе бидеш заедно со мене во рајот“. Овој превод е многу пологичен од оној во New English Bible. Злосторникот кој умирал не можел истиот тој ден да отиде со Исус во Рајот. Исус воскреснал дури третиот ден после својата смрт. Во меѓувреме се наоѓал во Хадес, општиот гроб на човештвото (Дела на апостолите 2:27, 31; 10:39, 40).
Според Матеј 26:26 во New World Translation, Исус, кога ја воспоставил славата на Господовата вечера, за лебот што им го подава на своите ученици вели: ”Ова значи моето тело“. Многу други преводи вака го преведуваат овој стих: ”Ова е моето тело“, а тоа го прават за да се поткрепи науката дека во текот на прославата на Господовата вечера, лебот буквално станува Христово тело. Зборот кој во New World Translation е преведен со ”значи“ (ести́н, една форма од еими́) доаѓа од грчкиот збор кој значи ”да се биде“, но исто така може да означува и ”значи“. Тајеровиот Greek-English Lexicon of the New Testament вели дека овој глагол ”често е [еквивалентен со] значи, означува, има значење“. Навистина ”значи“ е овде логичен превод. Кога Исус ја вовел Последната вечера, неговото месо сѐ уште му било на коските, и како можел тогаш лебот буквално да биде негово тело?a
Јован 1:1 според преводот New World Translation, гласи: ”Речта беше бог“. Во многу преводи овој стих едноставно гласи: ”Речта беше Бог“ и се користи за да се поткрепи науката за Тројството. Затоа не е чудно што на тринитаријанците не им се допаѓа преводот во New World Translation. Меѓутоа, Јован 1:1 не е погрешно толкуван за да се докаже дека Исус не е семоќен Бог. Јеховините сведоци, како и многу други, го оспорувале пишувањето на зборот ”бог“ со голема буква долго пред да се појави преводот New World Translation, кој се труди да даде прецизен превод на изворниот јазик. Петмина германски преведувачи на Библијата исто така во тој стих го употребуваат терминот ”бог“.b Најмалку 13 други употребуваат изрази какви што се ”од божествен вид“ или” вид сличен на бог“. Овие преводи се согласуваат со другите делови на Библијата кои покажуваат дека Исус навистина е бог на небото во таа смисла што е божествен. Но Јехова и Исус не се исто суштество, истиот Бог (Јован 14:28; 20:17).
Личното име на Бог
Во Лука 4:18, според преводот New World Translation, Исус на себе го применил пророштвото од Исаија, велејќи: ”Јеховиниот дух е на мене“ (Исаија 61:1). Многу овде приговараат на употребата на името Јехова. Меѓутоа, тоа е само едно од преку 200 места на кое тоа име се појавува во Нов свет преводот на Христијанските грчки списи, таканаречениот Нов завет. Вистина, ниеден од најстарите зачувани грчки манускрипти на ”Новиот завет“ не го содржи личното име на Бог. Меѓутоа, тоа име било вклучено во преводот New World Translation од добри причини, а не само од каприц. И други постапиле слично. Само во германскиот јазик најмалку 11 преводи во текстот на ”Новиот завет“ користат ”Јехова“ (или транслитерација од хебрејски, ”Јахве“), додека четири преведувачи го додаваат тоа име во загради после ”Господин“.c Повеќе од 70 германски преводи го употребуваат тоа име во фусноти или коментари.
Во Израел повеќе од илјада години Божјето име се изговарало без оздржување. Тоа е името кое во Хебрејските списи (”Стариот завет“) најчесто се споменува, и не постои уверлив доказ дека било непознато во пошироката јавност или дека неговиот изговор бил заборавен во првиот век од нашата ера, кога еврејските христијани биле инспирирани да ги напишат книгите на ”Новиот завет“ (Рута 2:4, NW).
Вофганг Фенеберг коментира во језуитското списание Entschluss/Offen (април 1985): ”Тој [Исус] не го криеше од нас името на својот татко ЈХВХ, туку ни го довери. Инаку необјасниво е зошто првата молба од молитвата Оченаш треба да гласи: ’Да се свети името твое‘!“ Фенеберг понатаму укажува на тоа дека ”во претхристијанските манускрипти за Евреите кои зборувале грчки Божјето име не било парафразирано со ки́риос [Господин], туку било испишано во тетраграмниот облик [ЈХВХ] и тоа со хебрејски или архаични хебрејски букви. (. . .) Присеќавања на тоа име наоѓаме во наоѓаме во записите на црковните отци; но не биле заинтересирани за него. Со тоа што ова име го превеле со ки́риос [Господин], црковните отци биле повеќе заинтересирани за тоа да му ја припишат величественоста на значењето на ки́риос на Исус Христос.“ Преводот New World Translation го враќа тоа име во текстот ан Библијата секаде кадешто за тоа постои здрава, научна причина. (Види Додаток 1Д во Reference Bible [Библија со објаснувања]).
Некои го критизираат обликот ”Јехова“ со кој New World Translation го преведува Божјето име. Во Хебрејските манускрипти тоа име се појавува само како четири согласки, ЈХВХ, и многумина инсистираат дека правилниот изговор е ”Јахве“, а не ”Јехова“. Затоа сметаат дека е погрешна употребата на името ”Јехова“. Меѓутоа, изучувачите поправо воопшто не се согласуваат дека со тоа дали обликот ”Јахве“ го претставува изворниот изговор. Вистина е дека иако Бог во Библијата преку 6 000 пати го зачувал своето име во обликот ”ЈХВХ“, не го зачувал изговорот на тоа име како што Мојсеј го слушнал на Синај (2. Мојсеева 20:2). Затоа, изговорот во овој момент не е од најголема важност.
Во Европа обликот ”Јехова“ со векови бил општо познат и се употребува во многу Библии, вклучувајќи ги и еврејските преводи. Се појавува безброј пати на згради, ковани пари и други предмети, како и во печатени дела, и во стотици црквени песни. Затоа, наместо да се труди да го одрази изворниот хебрејски изговор, New World Translation на сите свои различни јазици го употребува обликот кој е општо прифатен. Токму така постапуваат и другите преводи на Библијата со сите други имиња од Библијата.
Зошто жестока критика?
Лутеровата Библија била критикувана бидејќи ја создал човек кој ги прикажал недостатоците на традиционалната религија на своето време. Неговиот превод им отворил можност на обичните луѓе да ја увидат вистинитоста на повеќето од она што го рекол. Исто така, и преводот New World Translation е критикуван и поради тоа што го издале Јеховините сведоци, кои отворено изјавуваат дека повеќето науки на т. н. христијанство не потекнуваат од Библијата. New World Translation — а поправо и секоја друга Библија — тоа јасно го покажува.
Всушност, New World Translation е научно дело. Професор Бенјамин Кедар од Изарел во 1989. рекол: ”Во текот на моето филолошко истражување на подрачјето на хебрејската Библија и преводи често се осврнувам на англиското издание кое е познато како New World Translation. Секој пат се потврдува мојот впечаток дека тоа дело покажува чесно настојување да се постигне што е можно најточно разбирање на текстот. (. . .) Одредена мерка на нејасност е својствена за секој лингвистички израз, давајќи со тоа повод за одредена слобода во толкувањето или преведувањето. Според тоа, лингвистичкото решение во било кој даден случај може да биде отворено за дискусија. Но во преводот New World Translation никогаш не сум открил ниту еден пристрасен обид да се внесе во текстот нешто што тој не содржи.
Милиони читатели на Библијата ширум светот го употребуват преводот New World Translation бидејќитоа е превод на современ јазик кој точно ги преведува библиските изрази. Целата Библија сега е достапна на девет јазици, а само Христијанските грчки списи на уште два; во припрема се преводите на уште 20 јазици. Точниот превод бара години макотрпна работа, но радосно очекуваме преводот New World Translation конечно да се појави на сите тие различни јазици за да им помогне на многу да се здобијат со подобро разбирање на ’речта на животот‘ (Филипјаните 2:16). Бидејќи веќе им помогнал на милиони во тоа, навистина е вреден да се препорача.
[Фусноти]
a Германскиот преведувач Курт Стаге во Откровение 1:20 истиот глагол го превел вака: ”Седумте свеќници значат [еиси́н] седум собранија“. Фриц Тилман и Лудвиг Тиме слично го преведуваат тој глагол со ”значи“ [ести́н] во Матеј 12:7.
b Јирген Бекер, Еремијас Фелбингер, Оскар Холцман, Фридрих Рителмаер и Зигфрид Шулц. Емил Бок вели: ”божествено битие“. Види ги исто така англиските преводи: Today’s English Version, New English Bible, Moffatt, Goodspeed.
c Јохан Бабор, Карл Ф. Барт, Петрус Дауш, Де Вете, Георг Ф. Гризингер, Хајнрих А. В. Маер, Фридрих Минтер, Себастијан Мучеле, Јохан К. Ф. Шулц, Јохан Ј. Штолц и Доминикус фон Брентано. Аугуст Дексел, Фридрих Хаук, Јохан П. Ланге и Лудвиг Рајнхарт го даваат тоа име во загради.
[Истакната мисла на страница 28]
Преводот New World Translation е во фаза на преведување на натамошни 20 јазици
[Рамка на страница 29]
ПРЕВОД КОЈ САМИОТ СЕ ПРЕПОРАЧУВА
Една жена Јеховин сведок од Германија разговарала со една постара госпоѓа и ѝ го прочитала Авакум 1:12: ”Зарем не си ти одамна, Јехова? О Боже мој, Светецу мој, ти не умираш“. Госпоѓата протестирала бидејќи во нејзината Библија стоело: ”Да не умреме“. Сестрата укажала дека New World Translation тесно се држи до изворните ракописи. Бидејќи госпоѓата зборувала хебрејски, ја донела својата Библија на хебрејски и на свое изенадување установила дека преводот New World Translation е точен. Соферимите (еврејски писари) одамна го измениле овој текст бидејќи сметале дека изворниот стих покажува непочитување спрема Бог. Со неколку исклучоци, германските преведувачи на Библијата не прават измени да ја поправат оваа исправка на писарите. New World Translation го обновил изворниот текст.
[Слика на страница 26]
Целосен превод на New World Translation сега постои на: англиски, дански, германски, италијански, јапонски, португалски, француски, холандски и шпански.