Христијанско гостољубие во еден разделен свет
„Ние сме, пак, должни да примаме такви [гостољубиво, НС], за да станеме помошници на вистината“ (3. ЈОВАНОВО 8).
1. Кои најпожелни дарови му ги дал Творецот на човештвото?
„НЕМА подобро за човекот под сонцето, освен да јаде, да пие и да се весели: тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог под сонцето“ (Проповедник 8:15). Со тие зборови, древниот еврејски свикувач на собранието ни кажува дека Јехова Бог не само што сака неговата човечка творба да биде радосна и среќна туку тој им ги дава и средствата за тоа. Низ целата човечка историја се чини дека насекаде меѓу луѓето заедничка желба е да се радуваат и да имаат убав помин.
2. а) На кој начин човештвото го злоупотребило она што Јехова го наумил за него? б) Каков е резултатот?
2 Денес живееме во едно хедонистичко општество во кое луѓето се преокупирани со тежнеење по задоволства и забавувања. Повеќето луѓе станале „саможиви . . . повеќе сластољупци отколку богољупци“, како што прорекла Библијата (2. Тимотеј 3:1—4). Секако, ова претставува грубо искривување на она што го наумил Јехова Бог. Кога тежнеењето по забавување самото по себе ќе стане цел, или кога самоугодувањето ќе стане единствената цел, тогаш нема вистинско задоволство и ‚сѐ станува ништожност и стремење по ветар‘ (Проповедник 1:14, НС; 2:11). Поради тоа, светот е исполнет со осамени и фрустрирани луѓе, што за возврат доведува до многу проблеми во општеството (Изреки 18:1, НС). Луѓето стануваат сомничави еден во друг и стануваат поделени во расен, етнички, социјален и економски поглед.
3. Како можеме да најдеме вистинска радост и задоволство?
3 Колку само работите би биле поинакви кога луѓето би го имитирале Јеховиниот начин на постапување со другите — да бидат љубезни, дарежливи, гостољубиви! Тој објаснил дека тајната за вистинска среќа не лежи во нашето обидување да ги задоволиме своите сопствени желби. Напротив, клучот е во ова: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35, НС). За да најдеме вистинска радост и задоволство, мораме да ги надминеме бариерите и поделбите што би можеле да нѐ опколат. И мораме да се рашириме спрема оние кои му служат на Јехова заедно со нас. Битно е да го послушаме советот: „Ние сме, пак, должни да примаме такви [гостољубиво, НС], за да станеме помошници на вистината“ (3. Јованово 8). Покажувањето гостољубие спрема оние кои го заслужуваат, до онаа мера колку што ни дозволуваат околностите, има двојна корист — тоа им користи и на давачите и на примачите. Тогаш, кој спаѓа во заслужните кои треба да ‚ги примаме гостољубиво‘?
‚Пригледување сираци и вдовици‘
4. Каква промена во семејните односи се гледа дури и кај некои од Јеховиниот народ?
4 Стабилните семејства и среќните бракови денес се реткост. Растечките стапки на разводи и сѐ поголемиот број невенчани мајки ширум светот драстично го изменија традиционалното семејство. Како последица од тоа, мнозина кои станале Јеховини сведоци во последниве години, се од растурени семејства. Или се разведени или одвоени од својот брачен партнер или, пак, живеат во семејства со еден родител. Освен тоа, како што прорекол Исус, вистината за која поучувал тој довела до поделби во многу семејства (Матеј 10:34—37; Лука 12:51—53).
5. Како што рекол Исус, што може да биде извор на охрабрување за оние во разделени домови?
5 Ни станува мило во срцето кога ќе видиме како новите заземаат цврст став за вистината, и честопати ги тешиме со Исусовото охрабрувачко ветување: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век [а во идниот систем на ствари, НС] — и живот вечен“ (Марко 10:29, 30).
6. Како можеме да им станеме ‚браќа, сестри, мајки и деца‘ на ‚сираците и вдовиците‘ во нашата средина?
6 Тогаш, кои се ‚браќата и сестрите и мајките и децата‘? Самото тоа што некој гледа голем број луѓе во некоја Сала на Царството, честопати стотици или повеќе, кои се нарекуваат браќа и сестри, не прави автоматски да ги почувствува како свои браќа, сестри, мајки и деца. Размисли за оваа точка: Ученикот Јаков нѐ потсетува дека, за да биде нашето обожавање прифатливо за Јехова, мораме ‚да пригледуваме сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиме да останеме неосквернети од светот‘ (Јаков 1:27). Тоа значи дека не смееме да им дозволиме на световните ставови на економска гордост и класна супериорност да ја затворат нашата врата на сочувство спрема таквите „сираци и вдовици“. Наместо тоа, мораме да ја преземеме иницијативата да го рашириме кон нив нашето другарство и гостољубие.
7. а) Која е вистинската цел на гостољубието спрема ‚сираците и вдовиците‘? б) Кој може исто така да учествува во покажувањето христијанско гостољубие?
7 Покажувањето гостољубие спрема ‚сираците и вдовиците‘ секогаш не вклучува надоместување на она што ним можеби им недостига во материјален поглед. Семејствата со еден родител или религиозно поделените домаќинства не мора да се финансиски оскудни. Меѓутоа, здравото дружење, семејната атмосфера, другарството со лица од различни возрасти и споделувањето на духовно добрите работи — тоа се аспекти на животот кои се скапоцени. Затоа, ако запомниме дека тоа што е важно не е деталната разработка на приликата, туку духот на љубов и единство, тогаш колку само е убаво што повремено дури и ‚сираците и вдовиците‘ можат да учествуваат во покажувањето гостољубивост спрема сохристијаните! (Спореди 3. Царства 17:8—16.)
Дали има странци меѓу нас?
8. Каква промена се гледа во многу собранија на Јеховини сведоци?
8 Живееме во време на масовно движење на населението. „Повеќе од 100 милиони луѓе ширум светот живеат во земји во кои не се државјани, а 23 милиони се раселени во своите земји“ — вели World Press Review. Директен резултат од ова било тоа што во многу подрачја, особено во поголемите градови, собранијата на Јеховиниот народ, што некогаш биле составени главно од една раса или националност, сега содржат луѓе од различни делови на светот. Можеби тоа е случај таму каде што си ти. Но, како треба да гледаме на овие „странци“ и „туѓинци“, како што светот можеби ги нарекува, чиј јазик, обичаи и начин на живот можеби се разликуваат од нашите?
9. Во каква сериозна замка можеме да се фатиме во врска со нашето гледиште за „странците“ и „туѓинците“ кои доаѓаат во христијанското собрание?
9 Едноставно речено, не смееме да им дозволиме на какви и да било ксенофобични склоности да нѐ наведат да мислиме дека некако сме позаслужни за предноста да ја знаеме вистината отколку оние кои дошле од некоја странска или таканаречена паганска земја; ниту, пак, треба да мислиме дека овие новопридојдени посегнуваат врз правото на употребата на Салата на Царството или врз друг имот. Апостол Павле морал да потсети некои еврејски христијани од првиот век кои негувале такви гледишта, а кои навистина никој не ги заслужувал; Божјата незаслужена љубезност била таа која воопшто му овозможила секому да постигне спасение (Римјаните 3:9—12, 23, 24). Треба да се радуваме што Божјата незаслужена љубезност сега достига толку многу луѓе на кои, на еден или на друг начин, им била ускратена приликата да ја чујат добрата вест (1. Тимотеј 2:4). Како можеме да покажеме дека нашата наклоност кон нив е искрена?
10. Како можеме да покажеме дека сме искрено гостољубиви спрема „странците“ меѓу нас?
10 Можеме да ја следиме Павловата опомена: „Примајте се [Срдечно пречекувајте се, НС] еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја“ (Римјаните 15:7). Признавајќи дека луѓето од други земји или потекло честопати се обесправени, треба да им покажуваме љубезност и грижа кога е во границите на нашата моќ да го правиме тоа. Треба срдечно да ги пречекуваме во нашата средина, со секого од нив да постапуваме ‚исто како со тукашен‘ и ‚да го сакаме како себеси‘ (3. Мојсеева 19:34). Тоа можеби нема да е лесно, но ќе успееме ако го запомниме советот: „Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2).
Споделувај со светите
11, 12. Каква посебна обѕирност им била укажувана на извесни Јеховини слуги во а) стариот Израел б) првиот век?
11 Меѓу оние кои навистина ја заслужуваат нашата обѕирност и гостољубие се зрелите христијани кои работат напорно за нашата духовна благосостојба. Јехова направил посебни подготовки за свештениците и за левитите во стариот Израел (4. Мојсеева 18:25—29). Во првиот век, христијаните исто така биле поттикнувани да се грижат за оние кои им служеле во посебни својства. Извештајот во 3. Јованово 5—8 ни дава еден брз поглед во тесната врска на љубов што постоела меѓу раните христијани.
12 Остарениот апостол Јован високо ја ценел љубезноста и гостољубието што го покажал Гај спрема извесни патувачки браќа кои биле испратени да го посетат собранието. Сите овие браќа — вклучувајќи го и Димитрија, очигледно носител на посланието — пред тоа биле странци или непознати за Гај. Но, биле примени гостољубиво бидејќи ‚тргнале поради [Божјето] име‘. Јован се изразил вака: „Ние сме, пак, должни да примаме такви [гостољубиво, НС], за да станеме помошници на вистината“ (3. Јованово 1, 7, 8).
13. Кој меѓу нас денес особено заслужува да биде ‚приман гостољубиво‘?
13 Денес во Јеховината организација има мнозина кои силно се напрегаат во корист на целото братство. Во нив спаѓаат патувачките надгледници, кои од седмица в седмица го трошат своето време и енергија во изградување на собранијата; мисионерите, кои ги оставаат зад себе своите семејства и пријатели за да проповедаат во странски земји; оние кои служат во бетелските домови или во канцелариите на подружниците, кои доброволно ги извршуваат своите служби за да го поддржат делото на проповедање ширум светот, како и оние во пионерската служба, кои поголемиот дел од своето време и енергија го поминуваат во службата на подрачјето. Во основа, сите овие работат напорно, не за некаква лична слава или добивка, туку од љубов кон христијанското братство и кон Јехова. Тие се достојни да ги имитираме поради нивната сесрдна оддаденост и заслужуваат да бидат ‚примани гостољубиво‘.
14. а) Како стануваме подобри христијани кога покажуваме гостољубие спрема верните? б) Зошто Исус рекол дека Марија го избрала „добриот дел“?
14 Кога ‚ги примаме таквите гостољубиво‘, истакнал апостол Јован, ние стануваме „соработници во вистината“ (НС). Во извесна смисла, како резултат од тоа, стануваме подобри христијани. Тоа е затоа што христијанските дела вклучуваат да им се прави добро на соверниците (Изреки 3:27, 28; 1. Јованово 3:18). Постојат награди и на еден друг начин. Кога Марија и Марта го примиле Исус во својот дом, Марта сакала да биде добра домаќинка, подготвувајќи „многу работи“ за Исуса. Марија покажала гостољубие на еден поинаков начин. Таа ‚седнала при нозете Исусови и го слушала словото Негово‘, а Исус ја пофалил што го избрала „добриот дел“ (Лука 10:38—42). Разговорите и дискусиите со оние кои имаат долги години искуство честопати ги претставуваат врвните точки на некоја вечер помината во нивно друштво (Римјаните 1:11, 12).
Во посебни прилики
15. Кои посебни прилики може да се покажат како радосни прилики за Јеховиниот народ?
15 Иако вистинските христијани не следат популарни обичаи или не слават световни празници и прослави, постојат прилики кога тие се собираат за да уживаат во меѓусебно дружење. На пример, Исус присуствувал на една свадбена гозба во Кана и придонел за радоста на приликата, извршувајќи го таму своето прво чудо (Јован 2:1—11). На сличен начин, Јеховиниот народ денес има радосни заеднички времиња при слични посебни прилики, а прикладното славење и веселење многу придонесува кон таквите настани. Но, што е прикладно?
16. Кои упатства ги имаме во врска со исправното однесување дури и во посебни прилики?
16 Од нашето проучување на Библијата дознаваме што е прикладно однесување за христијаните, и тоа го следиме во секое време (Римјаните 13:12—14; Галатјаните 5:19—21; Ефесјаните 5:3—5). Друштвените собири, сеедно дали во врска со венчавки или поради некоја друга причина, не ни даваат дозвола да ги отфрлиме нашите христијански мерила или да правиме нешто што обично не би го правеле; ниту, пак, сме обврзани да ги следиме сите обичаи на земјата во која живееме. Многу од нив се темелат на лажни религиозни постапки или на празноверија, а други вклучуваат однесување што очигледно е неприфатливо за христијаните (1. Петрово 4:3, 4).
17. а) Кои фактори покажуваат дека свадбената гозба во Кана била добро организирана и исправно надгледувана? б) Што покажува дека Исус ја одобрил таа прилика?
17 Ако прочитаме Јован 2:1—11, не ни е тешко да видиме дека приликата била детално разработена и дека имало доста голем број гости. Меѓутоа, Исус и неговите ученици биле ‚поканети‘ гости; тие не упаднале тукутака, иако барем некои од нив веројатно биле во сродство со домаќинот. Исто така, забележуваме дека имало такви кои ‚служеле‘, како и ‚старосват [управник, НС]‘ кој требало да дава упатства во врска со тоа што се служело или правело. Сето ова покажува дека настанот бил добро организиран и исправно надгледуван. Извештајот завршува наведувајќи дека со она што го направил на гозбата, Исус ‚ја покажал славата Своја‘. Дали тој би ја избрал таа прилика да го стори тоа, доколку тоа било некаква бучна и дива забава? Несомнено, не.
18. За што мора сериозно да се размисли во врска со кој и да било друштвен настан?
18 Тогаш, како е со некои посебни прилики чиишто домаќини сме ние? Сакаме да запомниме дека целта на гостољубивото примање на другите е да можеме да станеме „соработници во вистината“. Според тоа, не е доволно некој настан да се етикетира како собир на „Сведоци“. Би можело да се постави прашањето: Дали тоа всушност е сведоштво за тоа кои сме и што веруваме? Таквите прилики никогаш не треба да ги сметаме за прилики да видиме колку далеку можеме да одиме во натпреварувањето со светот во однос на неговите замисли, во впуштањето во „похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот“ (1. Јованово 2:15, 16). Наместо тоа, овие прилики мораат исправно да ја одразуваат нашата улога како Јеховини сведоци и треба да бидеме сигурни дека она што го правиме му донесува слава и чест на Јехова (Матеј 5:16; 1. Коринтјаните 10:31—33).
‚Бидете гостољубиви без негодување‘
19. Зошто треба да бидеме ‚гостољубиви едни спрема други без негодување‘?
19 Додека светските услови и понатаму се влошуваат, а луѓето стануваат сѐ поразделени, треба да сториме сѐ што можеме за да ја зајакнеме тесната врска што постои меѓу вистинските христијани (Колосјаните 3:14, НС). За таа цел, мораме да имаме „усрдна љубов еден кон друг“ (НС), како што нѐ поттикнал Петар. Потоа, со практични зборови додал: „Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување“ (1. Петрово 4:7—9). Дали сме спремни да ја преземеме иницијативата да бидеме гостољубиви спрема нашите браќа, да се трудиме да бидеме љубезни и услужливи? Или, пак, мрмориме кога ќе се појави некоја таква прилика? Ако да, ја поништуваме радоста што би можеле да ја имаме и, исто така, ја губиме наградата на среќата за доброто што го правиме (Изреки 3:27; Дела 20:35).
20. Какви благослови нѐ очекуваат доколку практикуваме да бидеме гостољубиви во денешниот разделен свет?
20 Тесното соработување со нашите сохристијани, љубезноста и гостољубието еден спрема друг, ќе донесат неограничени благослови (Матеј 10:40—42). На таквите Јехова им ветил дека „ќе се всели во нив [ќе го распростри својот шатор над нив, НС]; и нема повеќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат“. Да бидеш во Јеховиниот шатор значи да уживаш негова заштита и гостољубие (Откровение 7:15, 16; Исаија 25:6). Да, непосредно пред нас е изгледот засекогаш да го уживаме Јеховиното гостољубие (Псалм 26:4; 60:3, 4).
Можеш ли да објасниш?
◻ Што не смееме да превидиме доколку сакаме да најдеме вистинска радост и задоволство?
◻ Кои се ‚сираците и вдовиците‘ и како треба да ги ‚пригледуваме‘?
◻ Како треба да гледаме на „странците“ и „туѓинците“ меѓу нас?
◻ Кој денес заслужува особена обѕирност?
◻ Како треба посебните прилики да го одразуваат вистинскиот дух на гостољубие?
[Слики на страници 16 и 17]
Во свечените прилики можеме да бидеме гостољубиви спрема странците, момчињата без татко, спрема оние во полновремена служба и спрема другите гости