Јеховината реч е жива
Избрани стихови од Посланијата на Јован и на Јуда
ТРИТЕ писма на апостол Јован, кои веројатно ги напишал во Ефес, во 98 год. од н.е., се меѓу последните книги од вдахновеното Свето писмо. Во првите две писма, христијаните се поттикнати да живеат во светлината и да им се спротивстават на отпадниците. Во третото, пак, Јован не само што ги поттикнува христијаните да живеат според вистината туку и ги охрабрува сите нив меѓусебно да соработуваат.
Во своето писмо што го напишал во Палестина, веројатно во 65 год. од н.е., Јуда, полубратот на Исус, ги предупредува сохристијаните дека во собранието се вовлекле некои злобни лица, и им дава совет како да им се спротивстават на лошите влијанија. Ако им обрнеме внимание на пораките во трите писма на Јован и во посланието на Јуда, ќе можеме да останеме цврсти во верата и покрај препреките (Евр. 4:12).
ДА ЖИВЕЕМЕ ВО СВЕТЛИНА, ВО ЉУБОВ И СО ВЕРА
Првото писмо на Јован, кое го напишал за сите што се во единство со Христос, содржи добри совети што треба да им помогнат на христијаните да им се спротивстават на отпадниците и непоколебливо да ги бранат вистината и праведноста. Тој нагласува дека треба да живееме во светлина, во љубов и со вера.
Јован пишува: „Ако живееме во светлината, како што тој е во светлината, тогаш сме во единство еден со друг“. Бидејќи Бог е Изворот на љубовта, апостолот вели: „Да се сакаме еден со друг“. „Љубовта кон Бог“ нѐ тера да ги ‚држиме неговите заповеди‘, но ние го победуваме светот со „нашата вера“ во Јехова Бог, во неговата Реч и во неговиот Син (1. Јов. 1:7; 4:7; 5:3, 4).
Одговорени библиски прашања:
2:2; 4:10 — Во која смисла е Исус „жртва помирница“? Исус го дал својот живот како жртва помирница во таа смисла што го подмирил, односно го задоволил барањето за совршена правда. Врз основа на таа жртва, Бог можел да покаже милосрдност и да им ги прости гревовите на оние што веруваат во Исус (Јован 3:16; Рим. 6:23).
2:7, 8 — За која заповед Јован вели дека е и „стара“ и „нова“? Јован зборува за заповедта да имаме самопожртвувана братска љубов (Јован 13:34). Тој вели дека е „стара“ бидејќи Исус ја дал повеќе од 60 години пред Јован да го напише своето прво писмо вдахновено од Бог. Според тоа, верниците ја знаеле уште „од почетокот“ на својот живот како христијани. Заповедта е и „нова“ во тој поглед што не се сведува само на тоа да ‚го сакаме ближниот како самите себе‘, туку од нас се бара да покажуваме самопожртвувана љубов (3. Мој. 19:18; Јован 15:12, 13).
3:2 — Што сѐ уште „не [им] се покажало“ на помазаните христијани, и кого ќе го видат „токму таков каков што е“? Она што не им се покажало е какви ќе бидат кога ќе воскреснат со духовни тела на небото (Фил. 3:20, 21). Сепак, знаат дека, ‚кога Бог ќе се покаже, тие ќе бидат како него, бидејќи ќе го видат токму таков каков што е‘, како Дух (2. Кор. 3:17, 18).
5:5-8 — Во која смисла водата, крвта и духот сведочат дека „Исус е Син Божји“? Водата сведочи бидејќи, кога Исус се крстил во вода, лично Јехова кажал дека тој му е по волја како Негов Син (Мат. 3:17). Исусовата крв, односно животот што го дал како „соодветна откупнина за сите“, исто така потврдила дека тој е Божји Син (1. Тим. 2:5, 6). И светиот дух посведочил дека Исус е Божјиот Син кога се спуштил на него при крштавањето, и му дал сила да оди ‚низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетувал‘ (Јован 1:29-34; Дела 10:38).
Поуки за нас:
2:9-11; 3:15. Доколку еден христијанин дозволи некој или нешто да му ја уништи братската љубов, тој живее во духовна темнина и не знае каде оди.
‚ЖИВЕЈТЕ СПОРЕД ВИСТИНАТА‘
Јован го почнува своето второ писмо со следниве зборови: „Од старешината до избраната госпоѓа и до нејзините деца“. Тој вели дека многу се радува што дознал дека „меѓу [нејзините] деца има некои што живеат според вистината“ (2. Јов. 1, 4).
Откако ги поттикнува да се сакаат еден со друг, Јован пишува: „Ова е љубовта: да живееме според неговите заповеди“. Тој исто така предупредува дека се појавил „измамникот и антихристот“ (2. Јов. 5-7).
Одговорени библиски прашања:
1, 13 — Која е „избраната госпоѓа“? Можеби Јован зборувал за некоја жена на која ѝ се обраќа со Кириа, грчки збор за „госпоѓа“. Можно е и да користи стилска фигура за да му се обрати на одредено собрание, и така да ги збуни прогонителите. Ако се работи за второво, тогаш нејзините деца би биле членовите на тоа собрание, а „децата на [нејзината] избрана сестра“ би биле членовите на друго собрание.
7 — За кое ‚доаѓање‘ на Исус зборува Јован овде, и како измамниците „не [го] признаваат“? ‚Доаѓањето‘ не се однесува на идното, невидливо доаѓање на Исус. Напротив, Јован се осврнува на времето кога Исус дошол во тело и бил помазан, односно станал Христос (1. Јов. 4:2). Измамниците не признаваат дека тој дошол во тело. Можеби одрекуваат дека Исус воопшто живеел или не признаваат дека бил помазан со свет дух.
Поуки за нас:
2, 4. За да преживееме, неопходно е да ја знаеме „вистината“, односно сите христијански учења што станале дел од Библијата, и да се држиме за неа (3. Јов. 3, 4).
8-11. Ако не сакаме да ја изгубиме „незаслужената доброта, милосрдието и мирот од Бог, Таткото, и од Исус Христос“, како и срдечното дружење со соверниците, треба духовно ‚да се чуваме‘ и да немаме ништо заедничко со оние што ‚не остануваат во Христовото учење‘ (2. Јов. 3).
„ДА БИДЕМЕ СОРАБОТНИЦИ ВО ВИСТИНАТА“
Јован му го упатува своето трето писмо на својот личен пријател Гај и му пишува: „За мене нема поголема радост од тоа да чујам дека моите деца живеат според вистината“ (3. Јов. 4).
Јован го пофалува Гај за неговата ‚верност што се гледа во сѐ што правел за браќата‘ кои доаѓале во посета. „Ние сме должни да ги примаме таквите гостољубиво“, вели апостолот, „за да бидеме соработници во вистината“ (3. Јов. 5-8).
Одговорени библиски прашања:
11 — Зошто некои се однесуваат лошо? Бидејќи им недостига духовност, некои не го гледаат Бог со своите духовни очи. Поради тоа што не го гледаат со своите дословни очи, тие се однесуваат како ни тој да не ги гледа нив (Езек. 9:9).
14 — Кои се „пријателите“? Овде зборот ‚пријатели‘ не се однесува само на оние што се блиски еден со друг. Јован го користи за да ги означи соверниците во целина.
Поуки за нас:
4. Духовно зрелите поединци во собранието многу се радуваат кога гледаат како помладите „живеат според вистината“. А радоста на родителите е неспоредлива кога ќе успеат да им помогнат на своите деца да станат слуги на Јехова!
5-8. Меѓу оние што се трудат да им помагаат на своите браќа од љубов кон нив и кон Јехова спаѓаат и патувачките надгледници, мисионерите, оние што служат во Бетели, односно во подружници, како и пионерите. Вреди да се угледаме на нивната вера. Тие заслужуваат со љубов да ги поддржуваме.
9-12. Треба да се угледаме на примерот на верниот Димитрија, а не на озборувачот Диотреф, кој бил и клеветник.
„СТОЈТЕ ВО БОЖЈАТА ЉУБОВ“
Јуда вели дека некои што се вовлекле во собранието се „луѓе кои приговараат, и се жалат за своите околности во животот, и живеат според своите желби“. Тие „зборуваат надмено со својата уста, и им ласкаат на истакнати поединци“ (Јуда 4, 16).
Како можат христијаните да им се спротивстават на лошите влијанија? Јуда пишува: „Сакани, сетете се на зборовите што ги кажуваа апостолите на нашиот Господар Исус Христос“. А потоа додава: „Стојте во Божјата љубов“ (Јуда 17-21).
Одговорени библиски прашања:
3, 4 — Зошто Јуда ги поттикнал христијаните ‚силно да се борат за верата‘? Затоа што ‚во собранието се вовлекле некои безбожни луѓе‘ и тие ‚ја претворале незаслужената доброта на нашиот Бог во изговор за бесрамни дела‘.
20, 21 — Како можеме да ја зачуваме Божјата љубов? На три начини: 1) Така што ќе се изградуваме врз нашата „најсвета вера“ со тоа што трудољубиво ќе ја проучуваме Божјата реч и ревносно ќе проповедаме; 2) така што ќе се молиме „со светиот дух“, односно во склад со неговото влијание; и 3) така што ќе веруваме во откупната жртва на Исус Христос, свесни дека само таа ни овозможува вечен живот (Јован 3:16, 36).
Поуки за нас:
5-7. Дали злобните можат да го избегнат Јеховиниот суд? Според трите предупредувачки примери што ги набројува Јуда, тоа е невозможно.
8-10. Треба да го следиме примерот на архангелот Михаел и да ги почитуваме лицата кои Бог ги поставил на одговорни положби.
12. Отпадниците кои се преправаат дека нѐ сакаат се опасни за нашата вера исто како што се опасни подводните карпи за бродовите или за пливачите. Можеби изгледа дека лажните учители се великодушни, но тие се како безводни облаци кои се духовно празни. Таквите лица се бесплодни како исушени дрвја во доцна есен. Ќе бидат искорнати и уништени. Затоа е мудро да немаме ништо заедничко со отпадниците.
22, 23. Вистинските христијани го мразат она што е лошо. За да спасат некого од „оние што се измачуваат со сомневања“ од огнот на вечното уништување, зрелите лица во собранието — а особено именуваните надгледници — треба да им пружат духовна помош.
[Слики на страница 28]
Водата, духот и крвта сведочат дека „Исус е Син Божји“