Создавање сѐ ново — како што е проречено
„Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам‘. И ми рече . . . ‚Овие зборови се вистинити и верни‘“ (ОТКРОВЕНИЕ 21:5).
1, 2. Зошто многу луѓе со право се колебаат да размислуваат за тоа што донесува иднината?
ДАЛИ некогаш си рекол или си помислил: ‚Кој знае што ќе донесе утрешниот ден?‘ Можеш да сфатиш зошто луѓето се колебаат да нагаѓаат што ќе донесе иднината или да имаат доверба во оние кои можеби дрско тврдат дека ќе претскажат што лежи пред нас. Луѓето едноставно немаат способност точно да предвидат што ќе се случи во месеците или годините што доаѓаат.
2 Списанието Forbes ASAP посветило едно свое издание на времето. Во него Роберт Крингли, водител на една телевизиска документарна програма, напишал: „Времето конечно нѐ понижува сите нас, но никој не страда толку од времето колку прогнозерите. Обидите да се погоди иднината е игра во која речиси секогаш губиме . . . Сепак, таканаречените експерти и понатаму даваат предвидувања“.
3, 4. а) Каков оптимизам имаат некои во врска со новиот милениум? б) Какво реалистично очекување имаат други во врска со иднината?
3 Со толку големото внимание кое се посветува на новиот милениум, можеби ти се чини како повеќето луѓе да размислуваат за иднината. Во почетокот на минатата година, списанието Maclean’s навело: „За повеќето Канаѓани, 2000 година може да биде само уште една година на календарот, но би можело да се случи да се совпадне со еден навистина нов почеток“. Професор Крис Дудни од универзитетот Јорк ја изнел следнава причина за оптимизам: „Милениумот значи дека можеме да си ги измиеме рацете од еден навистина ужасен век“.
4 Зарем ова не звучи само како пуста желба? Во Канада, само 22 проценти од оние кои биле интервјуирани во една анкета „веруваат дека 2000 година ќе донесе еден нов почеток за светот“. Всушност, речиси половина од нив „очекуваат друг светски конфликт“ — светска војна — во рок од 50 години. Јасно, повеќето чувствуваат дека новиот милениум не може да ги отстрани нашите проблеми, да создаде сѐ ново. Сер Мајкл Атија, поранешен претседател на Британското кралско друштво, напишал: „Брзото темпо на промените . . . значи дека дваесет и првиот век ќе донесе суштински предизвици за целата наша цивилизација. Проблемите со порастот на населението, ограниченоста на природните извори, загадувањето на околината и раширената сиромаштија веќе се присутни и под итно мораме да се справиме со нив“.
5. Каде можеме да најдеме доверливи информации во врска со она што ни претстои?
5 Можеби се прашуваш: ‚Со оглед на тоа што луѓето не можат да претскажат што донесува иднината, зарем не треба едноставно да ја игнорираме?‘ Одговорот е: „Не!“ Се разбира, луѓето не можат точно да претскажат што претстои, но не треба да мислиме дека никој не може. Тогаш, кој може, и зошто треба да бидеме оптимисти во врска со иднината? Задоволителни одговори можеш да најдеш во четири конкретни предвидувања. Тие се запишани во најпоседуваната и најчитаната книга, која е и најпогрешно разбрана и игнорирана — Библијата. Сеедно што мислиш за Библијата, и без разлика на тоа колку добро ја познаваш, си должиш себеси да ги разгледаш овие четири фундаментални стихови. Тие всушност претскажуваат една многу светла иднина. Освен тоа, овие четири клучни пророштва даваат краток преглед за тоа каква може да биде иднината за тебе и за твоите сакани.
6, 7. Кога пророкувал Исаија, и како неговите предвидувања имале зачудувачко исполнување?
6 Првото се наоѓа во Исаија, поглавје 65. Пред да го прочиташ, имај ја во мислите заднината — кога е напишан овој материјал и за која ситуација се работи. Божјиот пророк Исаија, кој ги запишал овие зборови, живеел повеќе од еден век пред да му дојде крајот на царството Јуда. Крајот дошол кога Јехова ја повлекол својата заштита од неверните Евреи и дозволил Вавилонците да го опустошат Ерусалим и да го одведат неговиот народ во изгнанство. Ова се случило после повеќе од сто години откако Исаија го предвидел (2. Летописи 36:15—21).
7 Што се однесува до историската заднина на исполнувањето, сети се дека со Божје водство Исаија го претскажал името на сѐ уште неродениот Персиец, Кир, кој конечно го поразил Вавилон (Исаија 45:1). Кир ја поставил сцената за враќањето на Евреите во нивната татковина, во 537 пр.н.е. Зачудува тоа што Исаија го претскажал тоа обновување, како што читаме во поглавје 65. Тој се сосредоточил на ситуацијата во која можеле да уживаат Израелците во својата татковина.
8. Каква среќна иднина претскажал Исаија, и кој израз е од особен интерес?
8 Во Исаија 65:17—19 читаме: „Оти, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов — за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе глас во него од плачење и глас од пискот“. Секако, Исаија опишал околности кои биле далеку подобри од оние во кои живееле Евреите во Вавилон. Тој претскажал радост и веселба. Сега, погледни го изразот „ново небо и нова земја“. Ова е првиот од четирите случаи кога оваа фраза се појавува во Библијата, и овие четири стихови можат да имаат директно влијание врз нашата иднина, дури и да ја претскажат.
9. Како древните Евреи биле вклучени во исполнувањето на Исаија 65:17—19?
9 Првото исполнување на Исаија 65:17—19 ги вклучувало древните Евреи кои, како што точно предвидел Исаија, се вратиле во својата татковина, каде што повторно го воспоставиле чистото обожавање (1. Ездра 1:1—4; 3:1—4). Секако, сфаќаш дека тие се вратиле во татковина на истата планета, а не на некое друго место во универзумот. Ова разбирање може да ни помогне да увидиме што мислел Исаија со ново небо и нова земја. Не мораме да шпекулираме, како што прават некои, во врска со нејасните пророштва на Нострадамус или на други човечки прогнозери. Самата Библија разјаснува што мислел Исаија.
10. Како треба да ја разбереме новата „земја“ која ја претскажал Исаија?
10 Во Библијата, „земја“ не се однесува секогаш на нашата Земјина топка. На пример, Псалм 95:1 дословно вели: „Запеј му на Господа, цела земјо!“ Знаеме дека нашата планета — копното и огромните океани — не можат да пеат. Луѓето пеат. Да, Псалм 95:1 укажува на луѓето на Земјата.a Но, Исаија 65:17 спомнува и „ново небо“. Ако ‚земјата‘ претставува едно ново општество луѓе во татковината на Евреите, што е тогаш ‚новото небо‘?
11. На што укажува фразата „ново небо“?
11 Cyclopædia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature, од Меклинток и Стронг, наведува: „Секаде каде што е поставена сцената на некоја пророчка визија, небото значи . . . цел збир од владејачки сили . . . кои се над поданиците и кои владеат со нив, како што природното небо стои горе и владее над Земјата“. Што се однесува до комбинираната фраза „небо и земја“, Cyclopædia објаснува дека ‚во пророчкиот јазик фразата ја означува политичката состојба на лицата од различни рангови. Небото е суверенитетот; Земјата се поданиците, луѓето над кои владеат горните‘.
12. Како древните Евреи ги доживеале ‚новото небо и новата земја‘?
12 Кога Евреите се вратиле во својата татковина, го добиле она што би можело да се нарече нов систем на ствари. Имало ново владејачко тело. Зоровавел, потомок на цар Давид, бил управител, а Исус, синот Јоседеков, бил првосвештеник (Агеј 1:1, 12; 2:21; Захарија 6:11). Тие го претставувале ‚новото небо‘. Над што? ‚Новото небо‘ било над ‚новата земја‘, очистеното општество од луѓе кои се вратиле во својата татковина за повторно да го изградат Ерусалим и неговиот храм за обожавање на Јехова. Затоа, во оваа вистинска смисла, имало ново небо и нова земја во исполнувањето кое ги вклучувало Евреите од тоа време.
13, 14. а) Кој друг пример треба да го разгледаме за фразата „ново небо и нова земја“? б) Зошто пророштвото на Петар е од особен интерес за нашево време?
13 Внимавај да не ја промашиш поентата. Ова не е ниту некоја вежба за толкување на Библијата ниту, пак, само поглед на древната историја. Ова ќе можеш да го согледаш ако се префрлиш на едно друго место каде што се појавува фразата „ново небо и нова земја“. Во 2. Петрово, поглавје 3, ќе го најдеш местото каде што се појавува таа и ќе видиш дека станува збор за нашата иднина.
14 Апостол Петар го напишал своето писмо после повеќе од 500 години откако Евреите се вратиле во својата татковина. Како еден од Исусовите апостоли, Петар им напишал на следбениците на Христос, спомнат како ‚Господ‘ во 2. Петрово 3:2. Во стих 4 Петар ја спомнува Исусовата „ветена присутност“ (NW), што е показател дека пророштвото се однесува на денешново време. Изобилните докази покажуваат дека од I светска војна Исус е присутен во таа смисла што има власт како Владетел во Божјето небесно Царство (Откровение 6:1—8; 11:15, 18). Ова поприма посебно значење со оглед на нешто друго што Петар го претскажал во ова поглавје.
15. Какво исполнување има пророштвото на Петар за ‚новото небо‘?
15 Во 2. Петрово 3:13 читаме: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“. Можеби веќе знаеш дека на небото Исус е клучниот Владетел во ‚новото небо‘ (Лука 1:32, 33). Сепак, други библиски стихови покажуваат дека тој не владее сам. Исус ветил дека апостолите и некои други како нив ќе имаат место на небото. Во книгата Евреите, апостол Павле ги опишал таквите како „учесници во небесното призвание“. А Исус рекол дека лицата од оваа група ќе седнат на престолите на небото со него (Евреите 3:1; Матеј 19:28; Лука 22:28—30; Јован 14:2, 3). Поентата е дека и други владеат со Исус како дел од новото небо. Тогаш, што мислел Петар со изразот „нова земја“?
16. Каква „нова земја“ веќе постои?
16 Како и со древното исполнување — враќањето на Евреите во нивната татковина — моменталното исполнување на 2. Петрово 3:13, ги вклучува луѓето кои се подложуваат на владетелството на новото небо. Денес можеш да најдеш милиони лица кои радосно се подложуваат на тоа владетелство. Тие извлекуваат корист од неговата образовна програма и настојуваат да ги следат неговите закони кои се наоѓаат во Библијата (Исаија 54:13). Тие го сочинуваат темелот на ‚новата земја‘ во таа смисла што формираат едно глобално општество од сите националности, јазици и раси, и работат заедно подложувајќи се на владеењето на Царот, Исус Христос. Значаен факт е тоа што и ти можеш да бидеш дел од него! (Михеј 4:1—4).
17, 18. Зошто зборовите од 2. Петрово 3:13 ни даваат причина со доверба да гледаме на иднината?
17 Немој да мислиш дека со ова завршува сѐ, дека немаме детален увид во иднината. Всушност, додека го испитуваш контекстот на 2. Петрово, поглавје 3, ќе најдеш показатели дека ни претстои една голема промена. Во стиховите 5 и 6, Петар пишува за Потопот од времето на Ное, поплавата која го окончала злобниот свет од тоа време. Во стих 7 (NW), Петар спомнува дека „сегашните небеса и земја“, и владетелствата и масите народ, се чуваат за „денот на судот и уништувањето на безбожните луѓе“. Ова потврдува дека фразата „сегашните небеса и земја“ не укажува на материјалниот универзум туку на луѓето и на нивните владетелства.
18 После тоа Петар објаснува дека претстојниот Јеховин ден ќе предизвика големо чистење, отворајќи го така патот за новото небо и новата земја спомнати во стих 13. Забележи го крајот на тој стих — „на кои ќе се настани правдата“. Зарем ова не укажува дека мора да се случат некои поголеми промени на подобро? Зарем не отвора изгледи за навистина нови работи, време кога луѓето во поголема мера ќе уживаат во животот отколку денес? Ако можеш да го сфатиш тоа, тогаш си стекнал увид во она што го претскажува Библијата, увид кој го имаат релативно мал број луѓе.
19. Во каква заднина книгата Откровение укажува на ‚новото небо и новата земја‘ кои допрва треба да дојдат?
19 Но, да одиме понатаму. Видовме како фразата „ново небо и нова земја“ се појавува во Исаија, поглавје 65, и уште еден пример во 2. Петрово, поглавје 3. Сега, да свртиме во Откровение, поглавје 21, каде овој израз уште еднаш се појавува во Библијата. Повторно, од помош ќе биде ако ја разбереме заднината. Две поглавја пред тоа, во Откровение поглавје 19, наоѓаме опис на една живописна симболична војна — но не војна меѓу непријателски нации. Од едната страна е ‚Словото Божјо‘. Веројатно препознаваш дека тоа е една титула на Исус Христос (Јован 1:1, 14). Тој е на небото, и оваа визија го прикажува со неговите небесни војски. Со кого се борат? Во поглавјето се спомнати „цареви“, „војводи“ и луѓе од различни сталежи, „мали и големи“. Оваа битка го вклучува претстојниот Јеховин ден, уништувањето на злобата (2. Солуњаните 1:6—10). Понатаму, Откровение, поглавје 20, започнува со описот за отстранувањето на „древната змија, која што е ѓаволот и сатаната“. Ова ја поставува сцената за разгледување на Откровение, поглавје 21.
20. На која значајна промена укажува Откровение 21:1?
20 Апостол Јован започнува со следниве возбудливи зборови: „И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе“. На темел на она што го видовме во Исаија, поглавје 65, и 2. Петрово, поглавје 3, можеме да бидеме сигурни дека ова не значи замена на дословното небо и на нашата планета со нејзините водни длабочини. Како што покажаа претходните поглавја, злобните луѓе и нивните владетелства, вклучувајќи го и невидливиот владетел Сатана, ќе бидат отстранети. Да, ветувањето овде е за еден нов систем на ствари кој ги вклучува луѓето на Земјата.
21, 22. Во кои благослови нѐ уверува Јован, и што значи бришењето на солзите?
21 Ние сме уверени во тоа додека навлегуваме во ова прекрасно пророштво. Крајот на стих 3 зборува за времето кога Бог ќе биде со човештвото, кога ќе им обрне добротворно внимание на луѓето кои ја вршат неговата волја (Језекиил 43:7). Во стихови 4 и 5, Јован продолжува: „,Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.‘ И Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам‘. И ми рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“. Какво само изградувачко пророштво!
22 Застани за момент и уживај во она што го претскажува Библијата. ‚Бог ќе ја избрише секоја солза од очите нивни‘. Ова не може да укажува на обични солзи кои ги мијат нашите осетливи очи ниту, пак, на солзите радосници. Не, солзите кои ќе ги избрише Бог се солзи предизвикани од страдања, жал, разочарување, болка и агонија. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? Па, ова извонредно Божје ветување го поврзува бришењето на солзите со тоа дека ‚повеќе нема да има смрт, плач, пискот и болка‘ (Јован 11:35).
23. На кои околности ќе им дојде крајот според она што е загарантирано во пророштвото на Јован?
23 Зарем ова не покажува дека ќе бидат отстранети ракот, мозочните удари, срцевите напади, па дури и смртта? Кој од нас не изгубил некој сакан поради болест, несреќен случај или катастрофа? Овде Бог ветува дека повеќе нема да има смрт, што укажува дека децата кои би можеле да се родат тогаш нема да мора да се соочуваат со изгледот да пораснат а потоа да остарат — и да завршат со смрт. Исто така, ова пророштво значи дека повеќе нема да има Алцхајмерова болест, остеопороза, фиброидни тумори, глауком, па дури и катаракти — кои се толку вообичаени во староста.
24. Како ‚новото небо и новата земја‘ ќе се покажат благослов, и што уште ќе разгледаме?
24 Несомнено, ќе се сложиш дека тагувањето и плачот ќе се намалат со отстранувањето на смртта, староста и болестите. Сепак, што е со нагризувачката сиромаштија, злоупотребата на деца и угнетувачката дискриминација која се темели на потеклото или бојата на кожата? Кога тие работи — кои денес се вообичаени — би продолжиле, тогаш не би се ослободиле од тагувањето и плачот. Значи, животот под ‚новото небо и новата земја‘ нема да биде нарушуван од сегашниве причини за тага. Колкава само промена! Но, досега разгледавме само три од четирите места во Библијата каде што се појавува фразата „ново небо и нова земја“. Постои уште едно место кое е поврзано со она што досега го испитувавме и кое подвлекува зошто имаме причина со нетрпение да гледаме на тоа кога и како Бог ќе го исполни своето ветување да ‚создаде сѐ ново‘. Следната статија се занимава со ова пророштво и што тоа може да значи за нашата среќа.
[Фуснота]
a The New English Bible Псалм 96(95):1 го преведува вака: „Пејте му на ГОСПОД, сите луѓе на земјата“. Преводот Д-р Лујо Бакотиќ вели: „Пејте му на Господ, сите кои сте на земјата!“ Ова е во склад со сфаќањето дека со „нова земја“ Исаија укажувал на Божјиот народ во нивната земја.
Дали се сеќаваш?
• Во кои три примери Библијата претскажува „ново небо и нова земја“?
• Како древните Евреи биле вклучени во исполнување на ‚новото небо и новата земја‘?
• Кои исполнувања сме ги разбрале за ‚новото небо и новата земја‘ кои ги спомнал Петар?
• Како Откровение, поглавје 21, укажува на една светла иднина?
[Слика на страница 10]
Токму како што претскажал Јехова, Кир ја поставил сцената за враќањето на Евреите во нивната татковина во 537 пр.н.е.