Поглавје 42
Ново небо и нова земја
1. Што опишува Јован кога ангелот го враќа на почетокот на илјадагодишното владеење?
ОВА величествено видение продолжува да тече додека ангелот повторно го враќа Јован на почетокот на илјадагодишното владеење. Што опишува тој? „И видов ново небо и нова земја, зашто поранешното небо и поранешната земја исчезнаа, и морето повеќе го немаше“ (Откровение 21:1). Се појавува глетка што навистина плени со својата убавина!
2. а) Како пророштвото на Исаија во врска со новите небеса и новата земја се исполнило на еврејските повратници во 537 год. пр.н.е.? б) Од каде знаеме дека ќе има уште едно исполнување на пророштвото на Исаија, и како ќе се исполни ова ветување?
2 Стотици години пред времето на Јован, Јехова му рекол на Исаија: „Зашто, еве, јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17; 66:22). Ова пророштво за првпат се исполнило во 537 год. пр. н.е. кога верните Евреи се вратиле во Ерусалим по своето 70-годишно изгнанство во Вавилон. Откако се вратиле, тие сочинувале едно чисто општество, „нова земја“, под нов владејачки поредок, односно „нови небеса“. Но, апостол Петар посочил на уште едно исполнување на ова пророштво велејќи: „Но според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Јован сега покажува дека ова пророштво се исполнува во Денот на Господарот. „Поранешното небо и поранешната земја“, односно Сатановиот организиран поредок со неговиот владејачки систем, кој е под влијание на Сатана и неговите демони, ќе исчезнат. Немирното „море“ од зли, бунтовни луѓе ќе го снема. Тие ќе бидат заменети со „ново небо и нова земја“ — ново човечко општество под нова влада, Божјето Царство. (Спореди Откровение 20:11.)
3. а) Што опишал Јован, и што е Новиот Ерусалим? б) Како Новиот Ерусалим „слегува од небото“?
3 Јован продолжува: „Го видов и светиот град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото од Бог, подготвен како невеста украсена за својот маж“ (Откровение 21:2). Новиот Ерусалим е Христовата невеста. Тој се состои од помазаните христијани кои остануваат верни до смрт и кои се воскреснати да бидат цареви и свештеници заедно со прославениот Исус (Откровение 3:12; 20:6). Исто како што земниот Ерусалим станал седиште на владата во древниот Израел, така и величествената невеста, Новиот Ерусалим, и нејзиниот Младоженец ја сочинуваат владата на новиот свет. Тие се новото небо. Невестата не „слегува од небото“ во дословна смисла, туку го свртува своето внимание кон Земјата. Оваа невеста ќе му биде верна помошничка на Јагнето и заедно ќе владеат праведно над целото човештво. Каков благослов за новата земја!
4. Какво ветување дава Бог кое е слично на она што му го дал на новооснованиот израелски народ?
4 Јован продолжува: „Тогаш чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив‘“ (Откровение 21:3). Кога Јехова го склучил Сојузот на Законот со тогашниот новооснован израелски народ, тој ветил: „Ќе го поставам својот свет шатор меѓу вас и нема да ѝ бидете одвратни на мојата душа. И ќе бидам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете мој народ“ (3. Мојсеева 26:11, 12). Сега Јехова им дава едно слично ветување на верните луѓе. Во текот на илјадагодишниот Суден ден, тие ќе му станат навистина посебен народ.
5. а) Во која смисла Бог ќе живее со луѓето во текот на илјадагодишното владеење? б) Во која смисла Бог ќе живее со луѓето по илјадагодишното владеење?
5 Во текот на илјадагодишното владеење, Јехова „ќе живее“ меѓу луѓето на тој начин што привремено ќе дејствува преку застапник — неговиот Син, Царот Исус Христос. Но, на крајот на илјадагодишното владеење, кога Исус ќе му го предаде Царството на својот Татко, нема да има потреба од никаков царски застапник или посредник. Во симболична смисла, Јехова ќе живее со „својот народ“ постојано и без посредници. (Спореди Јован 4:23, 24.) Каква огромна чест за обновеното човештво!
6, 7. а) Кои величествени ветувања ни ги открива Јован, и кој ќе се радува на благословите? б) Како Исаија го опишува духовниот и дословниот рај?
6 Јован продолжува: „И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4). Повторно сме потсетени на поранешните вдахновени ветувања. И Исаија со душа го чекал времето кога повеќе нема да има смрт и тага, и кога жалоста ќе биде заменета со радост и веселба (Исаија 25:8; 35:10; 51:11; 65:19). Јован сега потврдува дека овие ветувања ќе се исполнат на прекрасен начин за време на илјадагодишниот Суден ден. Најпрво на благословите ќе им се радува големото мноштво. „Јагнето, кое е среде престолот“ ќе продолжи да „ги пасе и ќе ги води на извори на води на животот. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи“ (Откровение 7:9, 17). Но, на крајот, и сите воскреснати што ќе имаат доверба во сето она што Јехова го прави ќе бидат таму со нив, и ќе се радуваат и на духовен и на вистински рај.
7 Исаија вели: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите“. Да, „тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:5, 6). Освен тоа, „ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род. Зашто, деновите на мојот народ ќе бидат како деновите на дрвото, и моите избраници ќе уживаат во плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22). Значи, тие нема да бидат искоренети од Земјата.
8. Што вели самиот Јехова во врска со веродостојноста на овие величествени ветувања?
8 Какви прекрасни слики ни надоаѓаат во мислите додека размислуваме за овие ветувања! Јехова со љубов подготвува чудесни работи за верните луѓе што ќе живеат под небесната влада. Дали овие ветувања се премногу добри за да бидат вистинити? Дали се само пусти желби на еден старец изгонет на островот Патмос? Самиот Јехова го дава одговорот: „И Оној што седи на престолот рече: ‚Гледај, правам сѐ ново!‘ Уште рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!‘ И ми рече: ‚Се исполнија! Јас сум алфа и омега, почетокот и крајот‘“ (Откровение 21:5, 6а).
9. Зошто е апсолутно сигурно дека овие идни благослови ќе се остварат?
9 Ова е исто како Јехова лично да им потпишал на верните луѓе една гаранција или потврда за овие идни благослови. Кој би се осмелил да се посомнева во неговата гаранција? Всушност, Јеховините ветувања се толку сигурни што тој зборува за нив како веќе да се исполниле: „Се исполнија!“ Зарем не е Јехова „алфа и омега... оној кој е и кој беше и кој доаѓа, Семоќниот“? (Откровение 1:8). Се разбира дека е! Самиот тој изјавува: „Јас сум првиот и последниот, освен мене нема Бог“ (Исаија 44:6). Како таков, тој може да даде пророштва и да ги исполни до најситен детаљ. Ова навистина ни ја зајакнува верата! Затоа тој ветува: „Гледај, правам сѐ ново!“ Наместо да се прашуваме дали овие чуда навистина ќе се случат, всушност, би требало да се прашаме: ‚Што треба јас да сторам за да ги доживеам тие благослови?‘
,Вода‘ за жедните
10. Каква ‚вода‘ нуди Јехова, и што претставува таа?
10 Самиот Јехова изјавува: „На секој што е жеден ќе му дадам бесплатно да пие од изворот на водата на животот“ (Откровение 21:6б). За да ја згасне таа жед, човек мора да настојува да ги задоволи своите духовни потреби со тоа што ќе биде спремен да ја прифати „водата“ што ја нуди Јехова (Исаија 55:1; Матеј 5:3). Каква е таа ‚вода‘? Самиот Исус го дал одговорот на ова прашање кога ѝ сведочел на една жена крај еден бунар во Самарија. Тој ѝ рекол: „Кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам јас ќе стане во него извор на вода, која донесува вечен живот“. Овој ‚извор на вода на животот‘ тече од Бог преку Христос и го претставува сето она што го прави Бог за да ги доведе луѓето до совршенство. Исто како таа Самарјанка, да бидеме и ние желни да пиеме од тој извор! И, исто како неа, да бидеме спремни да ги оставиме световните работи што нѐ интересираат и да им ја кажуваме добрата вест на другите! (Јован 4:14, 15, 28, 29).
Победниците
11. Какво ветување дава Јехова, и на кого првенствено се однесуваат овие зборови?
11 Оние што пијат од таа освежителна ‚вода‘, мора и да победат, како што вели Јехова понатаму: „Кој ќе победи, ќе ги наследи тие благослови. И јас нему ќе му бидам Бог, а тој мене ќе ми биде син“ (Откровение 21:7). Бидејќи ова ветување е слично на ветувањата дадени во пораките до седумте собранија, овие зборови мора првенствено да се однесуваат на помазаните ученици (Откровение 2:7, 11, 17, 26-28; 3:5, 12, 21). Низ вековите, Христовите помазани браќа желно очекувале да станат дел од Новиот Ерусалим. Ако победат како што победил и Исус, нивните надежи ќе се остварат (Јован 16:33).
12. Како ветувањето што го дал Јехова во Откровение 21:7 ќе се исполни на големото мноштво?
12 И големото мноштво од сите народи желно го очекува исполнувањето на ова ветување. И тие мора да победат, и верно да му служат на Бог сѐ додека не бидат избавени во големата неволја. Потоа ќе го добијат своето наследство на Земјата, односно ‚царството кое е подготвено за нив од настанувањето на светот‘ (Матеј 25:34). Овие, како и други од земните овци на Господарот кои ќе го поминат испитот на крајот на илјадата години, се наречени ‚свети‘ (Откровение 20:9). Тие ќе се радуваат на еден свет и синовски однос со својот Творец, Јехова Бог, како членови на неговата универзална организација (Исаија 66:22; Јован 20:31; Римјаните 8:21).
13, 14. Што не треба во никој случај да дозволиме ако сакаме да ги наследиме Божјите величествени ветувања, и зошто?
13 Имајќи ја на ум оваа прекрасна можност, многу е важно Јеховините сведоци денес да не дозволат Сатана да ги извалка со расипаните работи што ги нуди неговиот свет! Мора да бидеме цврсти, одлучни и решени никогаш да не му дозволиме на Ѓаволот да нѐ повлече во друштвото на оние што Јехова ги опишува со следниве зборови: „А страшливците, безверните, валканите, убијците, блудниците, гаталците, идолопоклониците и сите лажливци ќе завршат во езерото што гори со оган и сулфур. Тоа ја претставува втората смрт“ (Откровение 21:8). Да, секој што сака да ги доживее ветените благослови не смее да ги прави работите што го расипале овој стар поредок. Мора да победи со тоа што ќе остане верен и покрај сите притисоци и искушенија (Римјаните 8:35-39).
14 Иако тврди дека е Христова невеста, христијанскиот свет ги има сите одвратни обележја што овде ги опишува Јован. Затоа ќе биде засекогаш уништен заедно со остатокот од Големиот Вавилон (Откровение 18:8, 21). Слично на него, ако некои од помазаниците или од големото мноштво почнат да прават такви зли работи или да ги поддржуваат, ќе се соочат со вечно уништување. Доколку и понатаму продолжуваат со таквото постапување, тие нема да ги наследат ветувањата. А на новата земја, секој што ќе се обиде повторно да прави некоја од овие работи брзо ќе биде уништен — ќе заврши со втора смрт без надеж за воскресение (Исаија 65:20).
15. Кои се истакнати победници, и каква величествена завршница има Откровението?
15 Јагнето, Исус Христос, и неговата невеста, 144.000-те помазаници на Новиот Ерусалим, се истакнуваат како победници. Навистина е соодветно тоа што во величествената завршница од Откровението ни е даден ненадминлив опис на Новиот Ерусалим! Сега Јован ни го опишува последното видение.
[Слики на страница 302]
Во општеството на новата земја, сите ќе уживаат во работата и во меѓусебното дружење