Прашања од читателите
Бидејќи Исус води потекло и од Јесеј и од Давид, зошто е наречен „коренот“ на своите претци Јесеј и Давид?
Обично се смета дека коренот на едно дрво или растение доаѓа пред трупецот или гранките. Затоа би се мислело дека Јесеј (или син му Давид) е коренот од кој Исус на крајот израснал. Сепак, во Исаија 11:10 е проречено дека идниот Месија ќе биде „Јесеевиот корен“, а според Римјаните 15:12 тоа пророштво се однесува на Исус Христос. Подоцна, во Откровение 5:5 Исус е наречен „Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов“. Постојат причини за овие називи.
Библијата често користи растенија, како дрвото, за да опише нешто. Понекогаш тоа доаѓа оттаму што додека семето ’рти и расте, корењата се развиваат пред гранките, другите ластари или плодовите, а сите нив ги држат корењата. На пример, во Исаија 37:31 стои: „Преживеаните во домот Јудин, тие што ќе останат, пак ќе пуштат корен долу и ќе дадат плод горе“ (Јов 14:8, 9; Исаија 14:29).
Ако се оштети коренот, и останатиот дел од дрвото ги чувствува последиците. (Спореди Матеј 3:10; 13:6.) Во согласност со тоа, Малахија напишал: „Ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња“ (Малахија 4:1). Значењето е јасно — потполно отсечување. Родителите (корењата) ќе бидат отсечени, како и нивните потомци (гранките).a Тоа ја нагласува одговорноста на родителите спрема нивните мали деца; трајната иднина на малите деца може да биде одредена од положбата на родителите пред Бог (1. Коринтјаните 7:14).
Зборовите од Исаија 37:31 и Малахија 4:1 го наведуваат фактот дека животот на гранките (и плодот на секундарните ластари) произлегува од коренот. Тоа е клуч за да се разбере како Исус е „Јесеевиот корен“ и „Коренот Давидов“.
Во телесна смисла, Јесеј и Давид биле Исусови претци; тие биле корењата, а тој ластарот или гранката. Во Исаија 11:1, за Месијата кој требало да дојде се вели: „Ќе потера фиданка од Јесеевата пењушка, и стебло ќе израсне од нејзиниот корен“. Слично на тоа, во Откровение 22:16, Исус се нарекува себеси „род Давидов“. Но, се нарекува и ‚корен Давидов‘. Зошто?
Еден начин на кој Исус е „корен“ на Јесеј и на Давид е тоа што преку него останува жива нивната генеалошка линија. Ниеден човек денес не може да докаже дека тој е од племето на Левиј, Дан или на Јуда, но можеме да бидеме сигурни дека линијата на Јесеј и на Давид живее и понатаму затоа што Исус сега е жив на небото (Матеј 1:1-16; Римјаните 6:9).
Исус ја добил положбата и на небесен Цар (Лука 1:32, 33; 19:12, 15; 1. Коринтјаните 15:25). Тоа се одразува дури и на неговиот однос со неговите претци. Пророчки, Давид го нарекол Исуса свој Господ (Псалм 109:1; Дела 2:34-36).
На крајот, Исус Христос е овластен како Судија. Во текот на претстојниот Милениум, користите од Исусовата откупнина ќе се прошират и на Јесеј и на Давид. Нивниот живот на Земјата тогаш ќе зависи од Исус, кој ќе служи како ‚вечен Отец‘ (Исаија 9:6).
Според тоа, иако Исус дошол од линијата на Јесеј и на Давид, она што тој е, и што допрва ќе прави во иднина, го оспособува да биде наречен „Јесеевиот корен“ и „Коренот Давидов“.
[Фуснота]
a Еден древен феникиски погребен натпис употребил сличен јазик. За секој кој ќе го отворел погребното место пишувало: „Да немаат корен долу ниту плод горе!“ (Vetus Testamentum, април 1961).
[Извор на слика на страница 31]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.