Поглавје 25
Двајцата сведоци се оживеани
1. Што побарал силниот ангел од Јован?
ПРЕД конечно да заврши втората мака, силниот ангел го повикува Јован да учествува во уште еден пророчки настан, кој овој пат е поврзан со храмот (Откровение 9:12; 10:1). Еве што вели Јован сега: „И ми беше дадена трска слична на стап и ми беше речено: ‚Стани и измери го светилиштето на Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него‘“ (Откровение 11:1).
Светилиштето на храмот
2. а) Кое храмско светилиште требало да постои сѐ до нашево време? б) Кој е првосвештеник во храмското светилиште, и што е Светињата над светињите?
2 Овде не може да станува збор за ниту еден од вистинските храмови во Ерусалим, бидејќи последниот од нив го уништиле Римјаните во 70 год. од н.е. Но, апостол Павле покажал дека, уште пред да биде уништен овој храм, започнало да постои едно друго храмско светилиште кое требало да остане до нашево време. Ова бил големиот духовен храм, кој бил пророчки претставен со светиот шатор и со подоцнежните храмови изградени во Ерусалим. Тоа е ‚вистинскиот шатор што го подигнал Јехова, а не човек‘, и првосвештеникот кој служи во него е Исус, за кого Павле вели дека веќе ‚седнал од десната страна на престолот на Величеството на небесата‘. Светињата над светињите на овој храм се наоѓа во самите небеса, каде што престојува Јехова (Евреите 8:1, 2; 9:11, 24).
3. Што претставувале во светиот шатор а) завесата што ја одделувала Светињата над светињите од Светињата? б) животинските жртви? в) големиот жртвеник?
3 Апостол Павле објаснил дека завесата во светиот шатор, која ја одделувала Светињата над светињите од Светињата, го претставувала Исусовото човечко тело. Кога Исус го жртвувал својот живот, оваа завеса се расцепила надве. Тоа било знак дека човечкото тело повеќе не го спречувало Исус да се појави пред Јехова на небесата. На темел на Исусовата жртва, со текот на времето, помазаните свештеници што ќе останат верни до смрт и самите ќе влезат во небесата (Матеј 27:50, 51; Евреите 9:3; 10:19, 20). Павле исто така истакнал дека постојаните животински жртви што се принесувале во светиот шатор укажувале на тоа дека Исус ќе го жртвува својот совршен човечки живот еднаш засекогаш. Жртвеникот во дворот, на кој се принесувале жртви, ја претставува Јеховината спремност да ја прифати Исусовата жртва дадена за „мнозина“ — прво за помазаниците, а подоцна и за другите овци, кои „желно го очекуваат [Исус] за да добијат спасение“ (Евреите 9:28; 10:9, 10; Јован 10:16).
4. Што било симболизирано со а) Светињата? б) дворот?
4 Од ова објаснување што е вдахновено од Бог, можеме да заклучиме дека Светињата во светиот шатор ја симболизира светоста што најпрво ја имал Христос, а ја имаат и помазаните 144.000 членови на царското свештенство додека сѐ уште се живи на Земјата, пред да влезат низ „завесата“ (Евреите 6:19, 20; 1. Петрово 2:9). Ова значи дека тие се посинети од Бог, односно стануваат негови духовни синови, исто како што Бог го прифатил и Исус како свој Син по неговото крштавање на реката Јордан во 29 год. од н.е. (Лука 3:22; Римјаните 8:15). А што претставува дворот — местото каде што се принесувале жртвите и единствениот дел од светиот шатор што можеле да го видат несвештеничките Израелци? Со него е претставена совршеноста на човекот Исус поради која тој можел да го даде својот живот за човештвото. Дворот ја претставува и праведноста на светите, која Јехова им ја припишува на темел на Исусовата жртва додека помазаните следбеници сѐ уште се на Земјатаa (Римјаните 1:7; 5:1).
Мерење на светилиштето
5. Што претставувало во пророштвата од Хебрејските списи а) мерењето на Ерусалим? б) мерењето на храмот од видението на Езекиел?
5 Јован добива заповед да ги „измери... светилиштето на Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него“. Што значи ова? Во пророштвата од Хебрејските списи, ваквото мерење било гаранција дека Јехова ќе спроведе правда во согласност со своите совршени мерила. Во времето на лошиот цар Манасија, пророчкото мерење на Ерусалим значело дека овој град бил неотповикливо осуден на уништување (2. Царевите 21:13; Плач Еремиин 2:8). Но, кога подоцна Еремија видел дека Ерусалим пак се мери, тоа било потврда дека градот повторно ќе биде изграден (Еремија 31:39; види и Захарија 2:2-8). Слично на ова, сеопфатното и детално мерење на храмот кој Езекиел го видел во видение им било гаранција на еврејските изгнаници во Вавилон дека вистинското обожавање ќе биде обновено во нивната родна земја. Освен тоа, служело и како потсетување дека, со оглед на поранешните грешки, во иднина Израел ќе мора да живее според Божјите свети мерила (Езекиел 40:3, 4; 43:10).
6. Објасни што значи тоа што Јован добива заповед да ги измери светилиштето на храмот и свештениците што служат во него.
6 Според тоа, кога Јован добива заповед да ги измери светилиштето на храмот и свештениците што служат во него, тоа е знак дека ништо не може да го спречи Јехова да ги исполни своите намери во врска со духовниот храм и со оние што се поврзани со него. Тоа е и знак дека наближува исполнувањето на тие намери. Сега, кога сѐ е ставено под нозете на силниот Јеховин ангел, време е „гората на Јеховиниот дом“ да „стои цврсто над планинските врвови“ (Исаија 2:2-4). По долги векови на отпадништво од страна на христијанскиот свет, чистото обожавање на Јехова мора да се возвиши. Освен тоа, време е сите верни браќа на Исус кои умреле да бидат воскреснати во „Светињата над светињите“ (Даниел 9:24; 1. Солуњаните 4:14-16; Откровение 6:11; 14:4). И последните ‚робови на нашиот Бог‘ на Земјата, кои се обележани со печат, мора да бидат измерени според Божјите мерила за да се види дали ги исполнуваат условите да заземат трајно место во духовниот храм како Божји синови родени со дух. Класата на Јован денес е потполно свесна за тие свети мерила и решена е да живее според нив (Откровение 7:1-3; Матеј 13:41, 42; Ефешаните 1:13, 14; спореди Римјаните 11:20).
Газење на дворот
7. а) Зошто на Јован му било заповедано да не го мери дворот? б) Во кој период бил светиот град газен 42 месеци? в) Како свештениците на христијанскиот свет не успеале да се држат за Јеховините праведни мерила во текот на 42-та месеци?
7 Зошто на Јован не му е дозволено да го измери дворот? Самиот тој ни кажува: „А дворот што е надвор од храмското светилиште, остави го и немој да го мериш, бидејќи им е даден на незнабошците. Тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеци“ (Откровение 11:2). Видовме дека дворот ја претставува праведноста на христијаните родени со дух додека тие се на Земјата. Ќе видиме и дека 42-та дословни месеци за кои станува збор овде се однесуваат на периодот од декември 1914 година до јуни 1918 година, кога сите оние што се изјаснуваа како христијани беа ставени на тежок испит. Дали успеаја да се држат за Јеховините праведни мерила во текот на тие воени години? Повеќето од нив не успеаја. Општо земено, за свештениците на христијанскиот свет беше поважен национализмот отколку послушноста на Божјиот закон. И на двете спротивставени страни во војната, која главно се водеше во христијанскиот свет, свештениците со своето проповедање ги наговараа младите мажи да одат во војна. Милиони беа убиени. Во 1918 година, кога започна судот од домот Божји, и Соединетите Држави веќе беа вклучени во крвопролевањето, а свештениците од целиот христијански свет беа одговорни за крв која сѐ уште повикува на Божја одмазда (1. Петрово 4:17). Тие беа отфрлени засекогаш, и оваа осуда беше неотповиклива (Исаија 59:1-3, 7, 8; Еремија 19:3, 4).
8. Што сфатиле многу Истражувачи на Библијата во Првата светска војна, но што не разбрале потполно?
8 Но, што се случи со малата група Истражувачи на Библијата? Дали требаше тие да бидат измерени веднаш во 1914 година врз основа на тоа колку се држеа за Божјите мерила? Не. Исто како оние од христијанскиот свет, кои тврдеа дека се христијани, и оваа група требаше да биде испитана. Тие беа ‚оставени и дадени на незнабошците‘, кои ги прогонуваа и ги ставија на тешки испити. Мнозина сфатија дека не треба да одат во војна и да ги убиваат своите ближни, но тогаш сѐ уште не разбираа потполно што, всушност, значи еден христијанин да биде неутрален (Михеј 4:3; Јован 17:14, 16; 1. Јованово 3:15). Под притисок од „незнабошците“, некои од нив попуштија.
9. Што бил светиот град кој го газеле незнабошците, и кого го претставува тој град на Земјата?
9 Но, во која смисла незнабошците го газеа светиот град? Јасно е дека ова не се однесува на градот Ерусалим, кој бил уништен 25 години пред да биде напишано Откровението. Напротив, светиот град е Новиот Ерусалим, кој е опишан малку подоцна во Откровението. Овој град денес на Земјата го претставуваат преостанатите помазани христијани што служат во внатрешниот двор на храмот. Со текот на времето, и тие ќе станат дел од светиот град. Затоа, кога незнабошците ги газат нив, исто како да го газат самиот град (Откровение 21:2, 9-21).
Двајцата сведоци
10. Што треба да прават Јеховините верни сведоци додека незнабошците ги газат?
10 Дури и кога се газени, овие лојални поединци не престануваат верно да сведочат за Јехова. Затоа, пророштвото продолжува: „,И ќе испратам двајца свои сведоци да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена облечени во козина‘. Тие се претставени со двете маслинови дрвја и со двата светилника. Тие стојат пред Господарот на земјата“ (Откровение 11:3, 4).
11. Што значело тоа што верните помазани христијани пророкувале „облечени во козина“?
11 На овие верни помазани христијани им беше потребна истрајност, бидејќи мораа да пророкуваат „облечени во козина“. Што значеше ова? Во библиски времиња козината честопати симболизирала тагување. Кога некој носел козина, тоа било знак дека е во жалост или во мака (1. Мојсеева 37:34; Јов 16:15, 16; Езекиел 27:31). Козината потсетувала и на силните пораки на пропаст или тага што морале да ги објавуваат Божјите пророци (Исаија 3:8, 24-26; Еремија 48:37; 49:3). Носењето на козина можело да означува и понижена состојба или каење поради некоја Божја опомена (Јона 3:5). Изгледа дека козината што ја носат двајцата сведоци укажува на тоа дека тие понизно истрајуваат во објавувањето на Јеховините осуди. Тие се сведоци што го објавуваат неговиот ден на одмазда, кој исто така ќе им донесе жалост на народите (5. Мојсеева 32:41-43).
12. Зошто се чини дека периодот во кој светиот град бил газен е дословен?
12 Класата на Јован мораше да ја проповеда оваа порака точно одредено време: 1.260 дена, или 42 месеци. Ова е исто толку време колку што светиот град требаше да биде газен. Се чини дека станува збор за дословен период бидејќи еднаш е изразен во месеци, а еднаш во денови. Освен тоа, во почетокот на денот на Господарот имаше одреден период од три и пол години кога Божјиот народ доживеа тешки искуства слични на оние што се проречени овде. Тие започнаа во декември 1914 година, и продолжија до јуни 1918 година (Откровение 1:10). Божјите слуги проповедаа порака „во козина“, која се однесуваше на Јеховините осуди над христијанскиот свет и над светот воопшто.
13. а) Што покажува тоа што помазаните христијани се симболизирани со двајца сведоци? б) На кое пророштво на Захарија нѐ потсетува тоа што Јован ги нарекува двајцата сведоци ‚две маслинови дрвја и два светилника‘?
13 Фактот што тие се симболизирани со двајца сведоци потврдува дека нивната порака е точна и проверена. (Спореди 5. Мојсеева 17:6; Јован 8:17, 18.) Јован вели дека „се претставени со двете маслинови дрвја и со двата светилника“ и дека „стојат пред Господарот на земјата“. Ова јасно посочува на пророштвото на Захарија, кој видел светилник со седум светилки и две маслинки. За маслинките се вели дека ги претставуваат „двајцата помазаници“, односно управителот Зоровавел и првосвештеникот Исус ‚што стоеле покрај Господарот на целата земја‘ (Захарија 4:1-3, 14).
14. а) На што укажувало видението на Захарија за двете маслинки и за светилникот? б) Што се случило со помазаните христијани во Првата светска војна?
14 Захарија живеел во времето на повторната изградба, и неговото видение за двете маслинки значело дека Зоровавел и Исус ќе бидат благословени со Јеховиниот дух за да ги зајакнат луѓето за работа. Видението за светилникот го потсетило Захарија да не ‚го презира денот на скромните почетоци‘ бидејќи Јеховините намери ќе се исполнат — „,не со воена сила, ниту со моќ, туку со мојот дух‘, вели Јехова над војските“ (Захарија 4:6, 10; 8:9). И малата група христијани, кои истрајно им го носеа светлото на вистината на луѓето во Првата светска војна, беа употребени на сличен начин да извршат едно дело на повторна изградба. Тие беа вистински извор на охрабрување и, без оглед на тоа што беа малку на број, научија да се потпираат на Јехова за сила и да не го презираат денот на скромните почетоци.
15. а) На што друго нѐ потсетува тоа што помазаните христијани биле претставени како двајца сведоци? Објасни. б) Какви знаци биле овластени да прават двајцата сведоци?
15 Тоа што биле претставени како двајца сведоци исто така нѐ потсетува и на преобразувањето. Во тоа видение, тројца од апостолите го виделе Исус во неговата слава на Царството во придружба на Мојсеј и на Илија. Ова било живописна претслика на устоличувањето на Исус во 1914 година, кога тој седнал како Цар на својот величествен престол за да изврши едно дело слично на она што го извршувале овие двајца пророци (Матеј 17:1-3). Во склад со ова, Јован гледа како сега овие двајца сведоци прават знаци што потсетуваат на знаците што ги правеле Мојсеј и Илија. На пример, за нив Јован вели: „Ако некој се обиде да им наштети, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги проголта нивните непријатели. Ако некој се обиде да им наштети, така ќе биде убиен. Тие имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во времето на нивното пророкување. И имаат власт да ги претворат водите во крв и да ја удрат земјата со секакви неволји, кога и да посакаат“ (Откровение 11:5, 6а).
16. а) Како знакот со огнот нѐ потсетува на времето кога во Израел бил доведен во прашање авторитетот на Мојсеј? б) Како свештениците на христијанскиот свет им се спротивставиле на Истражувачите на Библијата и им направиле проблеми во Првата светска војна, и како возвратиле Истражувачите?
16 Ова нѐ потсетува на времето кога авторитетот на Мојсеј бил доведен во прашање во Израел. Тогаш овој пророк изрекол зборови на огнена осуда, и Јехова ги уништил бунтовниците, при што 250 од нив ги изгорел со дословен оган од небото (4. Мојсеева 16:1-7, 28-35). На сличен начин, водачите на христијанскиот свет го оспорија авторитетот на Истражувачите на Библијата, тврдејќи дека не завршиле теолошки факултет. Но, Божјите сведоци имаа подобри „дипломи“ како слуги на Бог — тоа беа сите кротки лица што ја прифатија нивната порака од Библијата (2. Коринќаните 3:2, 3). Во 1917 година, Истражувачите на Библијата ја издадоа книгата Тајната е разоткриена, која содржеше многу јако објаснување на Откровението и на книгата Езекиел. Потоа беа раздадени околу 10.000.000 примероци од трактатот со четири страници Месечник на Истражувачите на Библијата (The Bible Students Monthly), чија главна статија носеше наслов: „Падот на Вавилон — зошто христијанскиот свет сега мора да страда — конечниот исход“. Разбеснетите свештеници во Соединетите Американски Држави го искористија военото лудило како изговор за да се забрани книгата. Во други земји, пак, книгата беше цензурирана. Сепак, Божјите слуги и понатаму возвраќаа со огнени зборови во трактатот со четири страници Вест за Царството (Kingdom News). Како што одминуваше денот на Господарот, духовното мртвило на христијанскиот свет беше јасно разоткриено и во други публикации. (Спореди Еремија 5:14.)
17. а) Кои настани во времето на Илија биле поврзани со суша и со оган? б) На кој начин излегол оган од устата на двајцата сведоци, и за каква суша станувало збор?
17 А каква врска има Илија? Во времето на израелските цареви, овој пророк објавил суша затоа што Јехова се разгневил на Израелците кои го обожавале Ваал. Оваа суша траела три и пол години (1. Царевите 17:1; 18:41-45; Лука 4:25; Јаков 5:17). Подоцна, кога неверниот цар Охозија испратил војници за да го натера Илија да дојде пред него во царската палата, пророкот повикал кон небото да слезе оган и да ги голтне војниците. Дури откако воениот заповедник покажал исправна почит кон неговата положба на пророк, Илија се согласил да појде со него кај царот (2. Царевите 1:5-16). На сличен начин, од 1914 до 1918 година, помазаниот остаток храбро укажуваше на духовната суша во христијанскиот свет и предупредуваше на огнената осуда која ќе уследи кога ќе „дојде големиот и застрашувачки Јеховин ден“ (Малахија 4:1, 5; Амос 8:11).
18. а) Каква власт им е дадена на двајцата сведоци, и во кој поглед е слична на власта што му била дадена на Мојсеј? б) На кој начин двајцата сведоци го разоткриле христијанскиот свет?
18 Во врска со двајцата сведоци, Јован понатаму вели: „И имаат власт да ги претворат водите во крв и да ја удрат земјата со секакви неволји, кога и да посакаат“ (Откровение 11:6б). Со цел да го натера фараонот да ги ослободи Израелците, Јехова го употребил Мојсеј за да му нанесе неволји на суровиот Египет. Во една од неволјите, водата била претворена во крв. Со векови подоцна, филистејските непријатели на Израел сѐ уште се сеќавале на она што му го направил Јехова на Египет, и тоа ги навело да повикаат: „Кој ќе нѐ избави од раката на тој моќен Бог? Тој Бог го удри Египет со секаков вид помор [секакви неволји, Д-р Душан Х. Константинов] во пустината“ (1. Самоилова 4:8; Псалм 105:29). Мојсеј го претставувал Исус, кој бил овластен да ги објави Божјите осуди над верските водачи во времето кога бил на Земјата (Матеј 23:13; 28:18; Дела 3:22). А во Првата светска војна, Христовите браќа — двајцата сведоци — беа тие што разоткрија дека „водите“ со кои христијанскиот свет ги пои своите стада се смртоносни.
Двајцата сведоци се убиени
19. Според она што е запишано во Откровение, што се случило кога двајцата сведоци завршиле со своето сведочење?
19 Оваа неволја беше толку тешка за христијанскиот свет што, откако двајцата сведоци пророкуваа 42 месеци во козина, тој го искористи своето световно влијание да ги ‚убие‘. Јован пишува: „А кога ќе завршат со своето сведочење, ѕверот кој излегува од бездната ќе завојува против нив, ќе ги победи и ќе ги убие. И нивните тела ќе лежат на главната улица од големиот град, кој во преносна смисла е наречен Содом и Египет, каде што и нивниот Господар беше прикован на столб. А луѓе од сите народи и племиња и јазици и народности ќе ги гледаат нивните тела три и пол дена, и нема да дозволат нивните тела да бидат положени во гроб. А оние што живеат на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат поради нивната смрт, и ќе си испраќаат дарови едни на други, бидејќи овие двајца пророци ги мачеа оние што живеат на земјата“ (Откровение 11:7-10).
20. Што е „ѕверот кој излегува од бездната“?
20 Ова е првиот од вкупно 37-те пати во Откровението каде што се спомнува ѕвер. Подоцна детално ќе ги разгледаме овој и другите ѕверови. Засега е доволно да кажеме дека „ѕверот кој излегува од бездната“ е творба на Сатана, жив политички поредок.b (Спореди Откровение 13:1; Даниел 7:2, 3, 17.)
21. а) Како верските непријатели на двајцата сведоци ја искористиле војната? б) На што укажува тоа што труповите на двајцата сведоци не биле погребани? в) Како треба да се гледа на периодот од три и пол дена? (Види ја фуснотата.)
21 Од 1914 до 1918 година, народите беа вклучени во Првата светска војна. Војната ги разгоре националистичките чувства кај луѓето и, во 1918 година, верските непријатели на двајцата сведоци ја искористија оваа ситуација. Тие лукаво се послужија со државниот судски систем и успеаја, на темел на лажни обвиненија за противдржавни дејности, да издејствуваат затворски казни за неколку одговорни претставници на Истражувачите на Библијата. Нивните верни соработници беа запрепастени. Делото на Царството речиси престана. Беше исто како проповедањето да умре. Во библиски времиња, било страшно понижување и срам мртвиот да не биде положен в гроб (Псалм 79:1-3; 1. Царевите 13:21, 22). Значи, и тоа што двајцата сведоци не се погребани е знак на голем срам. На жешката палестинска клима, еден труп оставен на улица силно ќе замириса по три и пол дословни дена.c (Спореди Јован 11:39.) Така овој детаљ од пророштвото укажува на срамот што морале да го претрпат двајцата сведоци. Кога поднесоа жалба за случајот, на затворените одговорни слуги не им беше одобрено и да се бранат од слобода во текот на судскиот процес. Тие беа доволно време пред очите на јавноста за да им станат одвратни на жителите на „големиот град“. Но, што е овој ‚голем град‘?
22. а) Што е големиот град? б) Како новинарите покажале дека се радуваат заедно со свештенството кога биле замолкнати двајцата сведоци? (Види ја рамката.)
22 Јован ни кажува неколку работи по кои можеме да одредиме за кој град станува збор. Тој вели дека Исус бил прикован таму. Веднаш ни паѓа на ум Ерусалим. Но, исто така Јован вели дека големиот град се вика Содом и Египет. Во една прилика дословниот Ерусалим бил наречен Содом поради гадостите што се вршеле во него (Исаија 1:8-10; спореди Езекиел 16:49, 53-58). А Египет, првата светска сила, понекогаш е симбол за сегашниов светски поредок (Исаија 19:1, 19; Јоил 3:19). Според тоа, овој голем град го претставува осквернетиот „Ерусалим“, кој тврди дека му служи на Бог, но кој е нечист и грешен — исто како Содом — и е дел од овој сатански светски поредок — исто како Египет. Тој го претставува христијанскиот свет, современиот еквивалент на неверниот Ерусалим, организација чии членови навистина имаа причина да се радуваат кога беше замолкнато проповедањето на двајцата сведоци.
Повторно стануваат!
23. а) Што се случило со двајцата сведоци по три и пол дена, и како влијаело тоа врз нивните непријатели? б) Кога се исполниле во нашево време Откровение 11:11, 12 и пророштвото на Езекиел за тоа дека Јехова ќе им вдахне здив на сувите коски во долината?
23 Новинарите им се придружија на свештениците во оцрнувањето на Божјиот народ. Во еден весник пишуваше: „Тајната е разоткриена — конечно ѝ дојде крајот“. Но, колку далеку беа од вистината! Двајцата сведоци не останаа мртви. Читаме: „Но по три и пол дена животниот дух од Бог влезе во нив, и тие станаа на своите нозе, па голем страв ги обзеде оние што ги гледаа. И слушнаа силен глас од небото како им вели: ‚Дојдете ваму горе!‘ И отидоа горе на небото во облакот, пред очите на своите непријатели“ (Откровение 11:11, 12). Така, тие доживеаја нешто слично на она што им се случило на сувите коски во долината во која се нашол Езекиел во едно видение. Јехова вдахнал здив во тие суви коски и тие оживеале. Ова било претслика за повторното раѓање на израелскиот народ по 70-годишното ропство во Вавилон (Езекиел 37:1-14). Овие две пророштва, во Езекиел и во Откровение, се исполнија на впечатлив начин во денешно време, односно во 1919 година, кога Јехова ги врати „мртвите“ сведоци во многу активен живот.
24. Како влијаело оживувањето на двајцата сведоци врз нивните верски прогонители?
24 Каков шок за овие прогонители! Труповите на двајцата сведоци наеднаш стануваат и тие повторно се активни. За свештениците ова навистина беше преголем залак, особено затоа што христијанските слуги, кои тие планираа да ги сместат в затвор, сега повторно беа на слобода, а подоцна беа и целосно ослободени од обвиненијата. Шокот за нив сигурно беше уште поголем кога во септември 1919 година, Истражувачите на Библијата одржаа конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД). Овде Џ. Ф. Ратерфорд, кој кратко пред тоа беше пуштен од затвор, ги охрабри присутните со својот говор „Објавувајте го Царството“, темелен на Откровение 15:2 и Исаија 52:7. Класата на Јован повторно почна да „пророкува“, односно јавно да проповеда. Тие стекнуваа сѐ поголема сила додека бестрашно го разоткриваа лицемерството на христијанскиот свет.
25. а) Кога им било кажано на двајцата сведоци „Дојдете ваму горе“, и како се случило тоа? б) Какви шокантни последици имало оживувањето на двајцата сведоци за големиот град?
25 Христијанскиот свет се обиде повторно да извојува победа слична на онаа од 1918 година. Се служеше со напади од толпи, со правни интриги, со затворање, па дури и со погубувања — но сѐ беше залудно! По 1919 година тие немаа никаков пристап во духовното подрачје на овие двајца сведоци. Таа година Јехова им рекол: „Дојдете ваму горе“, и тие се искачија на една возвишена духовна положба каде што нивните непријатели можеа да ги видат, но не можеа да ги допрат. Јован објаснува какво шокантно влијание имаше нивното оживување врз големиот град: „И во тој час, настана голем земјотрес, и падна една десетина од градот. И седум илјади луѓе загинаа од земјотресот, а останатите се исплашија и му оддадоа слава на небесниот Бог“ (Откровение 11:13). Настанаа навистина големи потреси, односно превирања во религиозниот свет. Кога овие оживеани христијани се зафатија со работа, се чинеше дека тлото им се затресе под нозете на водачите на установените цркви. Една десетина од нивниот град, симболични 7.000 лица, беа толку длабоко погодени што за нив се вели дека беа убиени.
26. Кого го претставуваат ‚десетината од градот‘ и ‚седумте илјади‘ од Откровение 11:13? Објасни.
26 Изразот „десетина од градот“ нѐ потсетува на пророштвото за древниот Ерусалим, кое го кажал Исаија. Тој рекол дека една десетина од неговите жители ќе го преживее уништувањето на градот и ќе биде свето семе (Исаија 6:13). Слично на ова, бројот 7.000 нѐ потсетува на времето кога Илија мислел дека само тој останал верен во Израел, но Јехова му кажал дека, всушност, имало уште седум илјади луѓе кои не ги свиткале колената пред Ваал (1. Царевите 19:14, 18). Во првиот век, апостол Павле рекол дека овие 7.000 луѓе го претставуваат остатокот Евреи кои ја прифатиле добрата вест за Христос (Римјаните 11:1-5). Овие стихови ни помагаат да разбереме дека ‚седумте илјади‘ и ‚десетината од градот‘ во Откровение 11:13 се оние што ги слушаат двајцата оживеани сведоци и го напуштаат грешниот голем град. Тие, на симболичен начин, се мртви за христијанскиот свет. Нивните имиња се избришани од нивните црковни регистри. За христијанскиот свет, тие повеќе не постојат.d
27, 28. а) Како ‚останатите му оддале слава на небесниот Бог‘? б) Што биле принудени да признаат свештениците на христијанскиот свет?
27 Но, како ‚останатите [од христијанскиот свет] му оддадоа слава на небесниот Бог‘? Сигурно не на тој начин што ја напуштија својата отпадничка религија и му станаа слуги на Бог. Напротив, смислата на ова е убаво објаснета во делото на Винсент Студија на зборови од Новиот завет (Word Studies in the New Testament), каде што е разработен изразот „му оддадоа слава на небесниот Бог“. Таму се вели: „Овој израз не означува преобраќање, ниту покајание, ниту благодарност, туку признавање, и во таа смисла обично и се користи во Библијата. Спореди Ис. Нав. vii. 19 (Септ[уагинта]), Јован ix. 24; Дела xii. 23; Рим. iv. 20“. За жал, христијанскиот свет мораше да признае дека Богот на Истражувачите на Библијата направи величествено дело со тоа што повторно ги врати вистинските христијани во својата служба.
28 Најверојатно свештениците си го признаа ова самите на себе. Сигурно е дека никој од нив не го призна јавно Богот на двајцата сведоци. Но, пророштвото што Јехова го дал преку Јован ни помага да сфатиме што имале во срцата и да разбереме какво страшно понижување доживеале во 1919 година. Од таа година наваму, кога ‚седумте илјади‘ излегоа од христијанскиот свет и покрај тоа што тој очајно се трудеше да ги задржи своите овци, свештениците беа присилени да признаат дека Богот на класата на Јован е посилен од нивниот бог. Во годините што следеа, ова им стануваше уште појасно додека сѐ поголем број лица од нивното стадо си заминуваа, кажувајќи нешто слично на она што го кажале луѓето кога Илија извојувал победа над Вааловите обожаватели на планината Кармил: „Јехова е вистинскиот Бог! Јехова е вистинскиот Бог!“ (1. Царевите 18:39).
29. Што вели Јован дека доаѓа брзо, и каков потрес го очекува христијанскиот свет?
29 Но, слушај! Јован ни кажува: „Втората мака помина. Гледај, третата мака доаѓа брзо“ (Откровение 11:14). Ако христијанскиот свет е потресен од она што се случи досега, што ќе прави кога ќе биде објавена третата мака, кога седмиот ангел ќе затруби во својата труба, и кога конечно ќе се доврши Божјата света тајна? (Откровение 10:7).
[Фусноти]
a Детално објаснување за овој голем духовен храм има во статијата „Јеховиниот голем духовен храм“, во Стражарска кула од 1 јули 1996 година.
b „Бездната“ (грчки а́висос; хебрејски техом) симболично означува место каде што нема никаква активност. (Види Откровение 9:2.) Но, во дословна смисла може да значи и големо море. Хебрејскиот збор честопати се преведува со „водна бездна“ (Псалм 71:20; 106:9; Јона 2:5). Затоа може да се каже дека „ѕверот кој излегува од бездната“ е ‚ѕверот кој излегува од морето‘ (Откровение 11:7; 13:1).
c Забележи дека во врска со она што го доживеа Божјиот народ во ова време, се чини дека, иако 42-та месеци се однесуваат на дословни три и пол години, три и полте дена не означуваат дословен период од 84 часа. Најверојатно ова конкретно време од три и пол дена се спомнува двапати (во стиховите 9 и 11) за да се истакне дека се работи за многу пократок период во однос на три и полте години на активност што му претходат.
d Спореди како се користени зборовите ‚мртов‘, „умре“ и ‚жив‘ во следниве стихови: Римјаните 6:2, 10, 11; 7:4, 6, 9; Галатите 2:19; Колошаните 2:20; 3:3.
[Рамка на страница 168]
Радоста спомната во Откровение 11:10
Во своето дело Свештениците искажуваат воена почест (Preachers Present Arms), издадено во 1933 година, Реј Х. Абрамс зборува за тоа како свештенството огорчено се спротивстави на книгата Тајната е разоткриена, која беше издадена од Истражувачите на Библијата. Тој дава осврт на настојувањето на свештениците да се ослободат од Истражувачите на Библијата и од нивното „неподносливо убедување“. Ова водеше до судски процес кој заврши така, што Џ. Ф. Ратерфорд и седум негови соработници беа осудени на долги години затвор. Д-р Абрамс додава: „Анализата на целиот случај води до заклучок дека црквите и свештенството беа тие кои стоеја зад настојувањата да се искоренат Раселовците. Во февруари 1918 година, во Канада, свештениците започнаа систематска кампања против нив и нивните публикации, а особено против книгата Тајната е разоткриена. Според весникот Tribune од Винипег... се смета дека зад забраната на нивната книга директно стоеле ‚претставници на свештенството‘“.
Д-р Абрамс продолжува: „Кога до издавачите на верски печат стигна веста за 20-годишните затворски казни, тие изразија радост во врска со тој настан практично во сите свои публикации, големи и мали. Не можев да пронајдам ниту еден збор на сочувство во кое и да било од тие ортодоксни верски списанија. ‚Нема сомнение‘, заклучи Аптон Синклер, дека ‚прогонството... беше делумно резултат на тоа што си ја навлекоа омразата на „ортодоксните“ верски заедници.‘ Се чини дека она што не успеаја да го постигнат црквите со своите заеднички напори, сега за нив го постигна владата“. Откако ги цитира понижувачките коментари што излегоа во повеќе верски публикации, писателот се осврнува на измената на одлуката, донесена од Апелациониот суд, и забележува: „Оваа пресуда наиде на молк од страна на црквите“.
[Слика на страница 163]
Јован го мери духовниот храм — помазаното свештенство мора да постапува според одредени мерила
[Слики на страница 165]
Повторната изградба предводена од Зоровавел и Исус укажувала дека, во денот на Господарот, по малите почетоци ќе следи голем пораст на Јеховините сведоци. За да се задоволат нивните потреби, мораа многу да се прошират објектите, како оние на горната слика во Бруклин (Њујорк)
[Слики на страница 166]
Пророчкото дело на Мојсеј и на Илија укажувало на огнените пораки на осуда што ги објавуваат двајцата сведоци
[Слики на страница 169]
Исто како сувите коски за кои се зборува во 37. поглавје од Езекиел, двајцата сведоци се оживеани за да го извршат денешното проповедничко дело