Поглавје 23
Втората мака — војска од коњаници
1. Што се случило и покрај тоа што свештениците се обиделе да ги сотрат скакулците, и на што укажува доаѓањето на уште две маки?
ОД 1919 година наваму, симболичната наезда од скакулци врз христијанскиот свет му создаде големи непријатности на свештенството. Иако тоа се обиде да ги сотре скакулците, тие надоаѓаа во сѐ поголем број (Откровение 9:7). Но, ова не е сѐ! Јован пишува: „Едната мака помина. Гледај, по оваа доаѓаат уште две маки“ (Откровение 9:12). Христијанскиот свет го чекаат и други тешки неволји.
2. а) Што се случува кога шестиот ангел почнува да труби? б) Што претставува ‚гласот од роговите на златниот жртвеник‘? в) Зошто се спомнати четири ангели?
2 Од каде доаѓа втората мака? Јован пишува: „И шестиот ангел затруби. И чув некој глас од роговите на златниот жртвеник што е пред Бог како му вели на шестиот ангел, кој ја имаше трубата: ‚Одврзи ги четирите ангели кои се врзани на големата река Еуфрат!‘“ (Откровение 9:13, 14). Ангелите се пуштени на заповед на гласот што доаѓа од роговите на златниот жртвеник. Се работи за златниот кадилен жртвеник, а двапати досега со темјанот од златните садови од овој жртвеник беа претставени молитвите на светите (Откровение 5:8; 8:3, 4). Според тоа, овој глас ги претставува здружените молитви на светите на Земјата. Тие молат да бидат ослободени за да продолжат да служат со ревност како Јеховини „гласници“ — кое е и основното значење на грчкиот збор што овде е преведен со „ангели“. Зошто има четири ангели? Изгледа овој симболичен број укажува дека тие ќе бидат организирани на таков начин што ќе ја покријат целата Земја (Откровение 7:1; 20:8).
3. Како четирите ангели биле „врзани на големата река Еуфрат“?
3 Во која смисла овие четири ангели биле „врзани на големата река Еуфрат“? Во старо време, реката Еуфрат била североисточната граница на земјата што Јехова му ја ветил на Авраам (1. Мојсеева 15:18; 5. Мојсеева 11:24). Се чини дека на овие ангели не им било дозволено да ја преминат границата на земјата што им ја дал Бог, односно на земното подрачје каде што можеле да дејствуваат. Тие биле спречени да ја извршат во потполност службата што Јехова ја имал подготвено за нив. Реката Еуфрат е тесно поврзана со градот Вавилон каде што, по падот на Ерусалим во 607 год. пр.н.е., родените Израелци поминале 70 години во ропство, „врзани на големата река Еуфрат“ (Псалм 137:1). До 1919 година, духовните Израелци беа ограничени на сличен начин, беа несреќни и го молеа Јехова за водство.
4. Каква задача имале четирите ангели, и како ја извршиле?
4 За среќа, Јован може да каже: „И беа одврзани четирите ангели, подготвени за одредениот час и ден и месец и година, за да убијат третина од луѓето“ (Откровение 9:15). Јехова многу прецизно го контролира времето. Тој има свој распоред и се држи за него. Затоа овие гласници се ослободени токму навреме за да го направат она што се очекува од нив. Замисли си колку беа радосни кога излегоа од ропството во 1919 година, спремни за работа! Тие имаат задача не само да измачуваат туку на крајот и „да убијат третина од луѓето“. Ова е поврзано со неволјите што беа најавени со првите четири труби — неволји кои погодија една третина од земјата, од морето, од живите суштества во морето, од изворите на вода и од небесните извори на светлина (Откровение 8:7-12). Но, четирите ангели одат уште подалеку. Тие ‚убиваат‘ во таа смисла што, од 1922 година па сѐ до нашево време, потполно го разоткриваат духовното мртвило на христијанскиот свет и го разгласуваат насекаде како со трубен звук.
5. Како се разнел звукот на шестата труба во 1927 година во поврзаност со христијанскиот свет?
5 Сети се, небесниот ангел само што затруби во шестата труба. Како одговор на ова, во Торонто (Онтарио, Канада) се одржа шестиот од низата годишни меѓународни конгреси на Истражувачите на Библијата. Програмата на конгресот во неделата, на 24 јули 1927 година, ја пренесуваа 53 радиостаници — најголемиот број на радиостаници што дотогаш пренесувале некоја програма истовремено. Таа усна порака можеа да ја слушаат неколку милиони лица. Најпрво, со една силна резолуција, беше разоткриена духовно мртвата состојба на христијанскиот свет, а потоа беше упатена поканата: „Во ова време на недоумица, Јехова Бог ги повикува народите да го напуштат и засекогаш да го остават ‚христијанскиот свет‘, односно ‚организираното христијанство‘, и сосема да се откажат од него... [Нека] му бидат оддадени од срце само на Јехова Бог и нека се приврзат за него и за неговиот Цар и царство“. Потоа следеше јавно предавање со наслов „Слобода за народите“. Џ. Ф. Ратерфорд го изнесе на својот вообичаен енергичен начин што потсетуваше на „оганот и чадот и сулфурот“ кои Јован сега ги гледа во видението.
6. Како Јован ја опишува војската од коњаници што ја гледа во видението?
6 „Бројот на коњаниците во војската беше две миријади миријади — го чув нивниот број. А вака ги видов во видение коњите и оние што седеа на нив: на градите имаа оклопи црвени како пламен и сини како камен хијацинт и жолти како сулфур, а главите на коњите беа како лавји глави, и од устите им излегуваше оган и чад и сулфур. Од овие три неволји изгинаа третина од луѓето — од оганот и чадот и сулфурот што излегуваа од нивните усти“ (Откровение 9:16-18).
7, 8. а) Под чие водство јуришаат коњаниците? б) Во која смисла коњаниците се слични на скакулците кои им претходеа?
7 Очигледно, овие коњаници јуришаат под водство на четирите ангели. Каква страшна глетка! Замисли си што би правел ти кога самиот би бил мета на нивниот напад! Нивниот изглед би ти втерал страв во коски. Но, дали забележа колку се слични овие коњаници со скакулците што излегоа пред нив? Скакулците беа како коњи, а во оваа војска има коњи. Ова значи дека и скакулците и коњаниците учествуваат во теократска војна (Изреки 21:31). Скакулците имаа заби како на лав, а коњите од коњицата имаат глави како на лав. Значи, и едните и другите се поврзани со храбриот лав од Јудиното племе, Исус Христос, кој е нивниот Водач, Заповедник и Пример (Откровение 5:5; Изреки 28:1).
8 И скакулците и коњаниците учествуваат во Јеховиното дело на суд. Скакулците се појавија од чадот што навестуваше неволја и уништувачки оган за христијанскиот свет, а од устата на коњите излегуваат оган, чад и сулфур. Скакулците имаа железни оклопи, што значи дека срцата им се заштитени со цврст став за праведноста; а коњаниците носат оклопи со црвена, сина и жолта боја, што укажува на огнот, чадот и сулфурот на смртните пресуди што излегуваат од устата на коњите. (Спореди 1. Мојсеева 19:24, 28; Лука 17:29, 30.) Скакулците имаа опашки како скорпии за да ги мачат луѓето, а коњите имаат опашки како змии за да ги убиваат! По сѐ изгледа, коњаниците треба да го продолжат во уште поголема мера и да го завршат она што го започнаа скакулците.
9. Што симболизираат коњаниците?
9 Тогаш, што симболизираат коњаниците? Помазаната класа на Јован беше таа што започна да ги разгласува Јеховините осуди — неговата одмазда врз припадниците на христијанскиот свет. Освен тоа, на оваа класа ѝ беше дадена власт да ‚ги боде и да им нанесува болка‘. Затоа е логично да очекуваме истата група да биде употребена да ги ‚убие‘, односно да објави дека христијанскиот свет и неговите свештеници се потполно духовно мртви, отфрлени од Јехова и готови да бидат фрлени во ‚вжарената печка‘ на вечното уништување. Навистина, целиот Голем Вавилон мора да биде збришан (Откровение 9:5, 10; 18:2, 8; Матеј 13:41-43). Но, пред да биде уништен, класата на Јован го користи „мечот на духот, односно речта Божја“ за да го разоткрие мртвилото на христијанскиот свет. Четирите ангели и коњаниците предводат во ова симболично убивање на „третина од луѓето“ (Ефешаните 6:17; Откровение 9:15, 18). Ова покажува дека Господарот Исус Христос ги организира работите како што треба и ѝ дава теократско водство на оваа огромна група објавители на Царството додека тие јуришаат во битката.
Две миријади миријади
10. Во која смисла бројот на коњаниците изнесува две миријади миријади?
10 Како можат овие коњаници да бројат две миријади миријади? Една миријада дословно изнесува 10.000. Според тоа, две миријади миријади би биле 200 милиони.a Иако сме среќни што денес има милиони објавители на Царството, сепак нивниот број е далеку помал од стотици милиони! Но, сети се на зборовите што ги запишал Мојсеј во 4. Мојсеева 10:36: „Врати се, Јехова, кај неброените илјади Израелови!“ (Спореди и 1. Мојсеева 24:60.) Дословниот превод на зборот „неброените“ во изворниот хебрејски јазик е „миријади“. Тогаш ова би значело: ‚Врати се, кај десетиците милиони Израелови‘. Но, во времето на Мојсеј, Израел броел само два до три милиони луѓе. Тогаш, што сакал да каже Мојсеј? Несомнено, сакал да каже дека бројот на Израелците ќе биде огромен и неодреден „како ѕвездите на небото и како зрнцата песок на морскиот брег“ — тие нема да можат да се избројат (1. Мојсеева 22:17; 1. Летописи 27:23). Според тоа, тој го користел хебрејскиот збор за „миријади“ за да укаже на еден голем, но неодреден број. Ова е во согласност со втората дефиниција на зборот „миријада“ во грчките и хебрејските речници: „неброено мноштво“, „мноштво“ (The New Thayer’s Greek-English Lexicon of the New Testament; Гесениус: A Hebrew and English Lexicon of the Old Testament, преведен од Едвард Робинсон).
11. Што било потребно за класата на Јован да биде „миријади миријади“ дури и во симболична смисла?
11 Сепак, бројот на оние од класата на Јован што сѐ уште се на Земјата е помал од 10.000 — помалку од една дословна миријада. Тогаш, зошто се претставени со „миријади миријади“ коњаници? За да може да бидат миријади, макар и во симболична смисла, зар нема да им треба зајакнување? Да, тоа им било потребно, и токму тоа им го дал Јехова поради својата незаслужена доброта! Од каде дошло тоа зајакнување?
12, 13. Кои историски настани од 1918 до 1935 година покажаа од каде ќе дојде зајакнувањето?
12 Од 1918 до 1922 година, класата на Јован почна да им објавува на измачените луѓе дека постои прекрасна можност „милиони што живеат сега никогаш да не умрат“. Во 1923 година беше објавено и дека овците од Матеј 25:31-34 ќе можат да живеат на Земјата под Божјето Царство. За слична надеж се зборуваше и во брошурата Слобода за народите (Freedom for the Peoples), издадена на меѓународниот конгрес во 1927 година. Во почетокот на 1930-тите, беше покажано дека праведната класа на Јонадав и „луѓето што тажат и плачат“ поради жалната духовна состојба на христијанскиот свет се симболичните овци што имаат надеж да живеат на Земјата (Езекиел 9:4; 2. Царевите 10:15, 16). Стражарска кула од 15 август 1934 година (англиски) ги насочи овие лица кон современите „градови-прибежишта“ со следниве зборови: „Членовите на класата на Јонадав го слушнаа звукот на Божјата труба и го послушаа предупредувањето со тоа што побегнаа во Божјата организација и соработуваат со Божјиот народ, а таму мора и да останат“ (4. Мојсеева 35:6).
13 Во 1935 година, лицата од класата на Јонадав беа посебно поканети да присуствуваат на конгресот на Јеховините сведоци што се одржа во Вашингтон (Д.К., САД). Таму, во петок, на 31 мај, Џ. Ф. Ратерфорд го изнесе својот познат говор со наслов „Големото мноштво“, во кој јасно покажа дека оваа група од Откровение 7:9 е иста со овците од Матеј 25:33 — тоа се оддадени лица што имаат надеж да живеат на Земјата. На тој конгрес се крстија 840 нови Сведоци, а повеќето од нив беа од големото мноштво. Ова беше еден вид навестување за она што допрва требаше да следи.b
14. Дали големото мноштво имало удел во симболичниот јуриш на коњицата, и каква решителност била изразена во 1963 година?
14 Дали ова големо мноштво учествуваше во јуришот на коњаниците, кој започна во 1922 година и беше особено истакнат на конгресот во Торонто во 1927 година? Под водството на четирите ангели — помазаната класа на Јован — тоа мноштво навистина имаше голем удел! На собирот „Вечна добра вест“, одржан низ целиот свет во 1963 година, големото мноштво заедно со класата на Јован усвои една извонредна резолуција. Во неа стоеше дека на Земјата „ѝ претстојат досега невидени неволји што ќе го потресат целиот свет и ќе ги здробат на парчиња сите негови политички организации и неговиот современ религиозен Вавилон“. Истовремено беше изразена решеност „непристрасно да продолжиме да им ја објавуваме на сите народи ‚вечната добра вест‘ за Божјето месијанско Царство и за неговите осуди, кои ќе им донесат маки на неговите непријатели, но ќе бидат извршени за ослободување на сите што сакаат да му служат на Бог, Творецот, на прифатлив начин, со дух и со вистина“. Оваа резолуција со воодушевеност ја усвоија вкупно 454.977-те присутни на 24 собири што беа одржани низ целиот свет, а повеќе од 95 отсто од нив беа од големото мноштво.
15. а) Колкав е процентот на големото мноштво од слугите што Јехова ги користеше да проповедаат во 2005 година? б) Како молитвата на Исус во Јован 17:20, 21 го опишува единството што постои меѓу големото мноштво и класата на Јован?
15 Големото мноштво и понатаму продолжува да го покажува своето потполно единство со класата на Јован додека заедно му нанесуваат маки на христијанскиот свет. Во 2005 година ова големо мноштво сочинуваше повеќе од 99,8 отсто од слугите што Јехова ги користи да проповедаат. Неговите членови со цело срце се согласуваат со класата на Јован, за која Исус се молел во Јован 17:20, 21: „Не те молам само за нив, туку и за оние што ќе поверуваат во мене преку нивната реч, за да бидат сите едно, како што ти си, Татко, во единство со мене и јас во единство со тебе, и тие да бидат во единство со нас, за да верува светот дека ти ме испрати“. Водено од помазаната класа на Јован, која ја предводи Исус, ревносното големо мноштво учествува заедно со неа во најстрашниот јуриш на коњица во целата човечка историја!c
16. а) Како Јован ги опишува устите и опашките на симболичните коњи? б) Како устата на Јеховиниот народ била подготвена за служба? в) На што се однесува фактот што ‚нивните опашки се како змии‘?
16 На тие коњаници им треба бојна опрема. И на каков извонреден начин Јехова им ја обезбедува! Јован вели: „Зашто, моќта на овие коњи им е во устите и во опашките. Имено, опашките им се како змии и имаат глави со кои нанесуваат болка“ (Откровение 9:19). Јехова ги овластил своите оддадени, крстени слуги да ја вршат оваа служба. Преку Теократската школа за служба и другите собраниски состаноци и школи, тој ги учи како да ја проповедаат Речта за да можат да зборуваат со „учен јазик“, како лица зад чии зборови стои Бог. Тој ги става своите зборови во нивната уста и ги испраќа да ги објавуваат неговите пресуди „јавно и одејќи од куќа до куќа“ (2. Тимотеј 4:2; Исаија 50:4; 61:2; Еремија 1:9, 10; Дела 20:20). Класата на Јован и големото мноштво зад себе оставаат една остра порака, која одговара на „опашките“. Таа порака се наоѓа во милијардите Библии, книги, брошури и списанија раздадени низ годините. За нивните непријатели, кои се предупредени на ‚болката‘ што ќе им ја нанесе Јехова, оваа војска од коњаници навистина изгледа како две миријади миријади. (Спореди Јоил 2:4-6.)
17. Дали Јеховините сведоци учествуваат во јуришот на коњаниците во земјите каде што не можат да даваат литература затоа што делото е забрането? Објасни.
17 Најревносната чета од овие коњаници се состои од браќа кои служат во земји каде што делото на Јеховините сведоци е забрането. Како овци меѓу волци, тие мораат да бидат „претпазливи како змии, а безопасни како гулаби“. Од послушност кон Јехова, тие не можат да престанат да зборуваат за она што го виделе и чуле (Матеј 10:16; Дела 4:19, 20; 5:28, 29, 32). Но, дали мора да заклучиме дека, со оглед на тоа што имаат малку или воопшто немаат печатени публикации кои би можеле да им ги дадат на луѓето, овие браќа немаат никаков удел во јуришот на коњаниците? Во никој случај! Тие имаат уста, а имаат и овластување од Јехова да ја користат за да ја објават библиската вистина. Ова го прават неформално и уверливо, и започнуваат да ја проучуваат Библијата со луѓето, и така „доведуваат мнозина до праведност“ (Даниел 12:3). Иако можеби не бодат со своите опашки во таа смисла што би оставале литература која содржи остра и отворена порака, од нивната уста излегуваат симболичен оган, чад и сулфур додека тактично и внимателно сведочат за претстојниот Јеховин ден на одмазда.
18. На колку јазици и во колкав број ја разделиле коњаниците пораката на неволја во облик на печатени публикации?
18 На други места, публикациите што зборуваат за Царството и понатаму ги разоткриваат вавилонските учења и постапки на христијанскиот свет, и на тој начин симболично му нанесуваат заслужена болка. Користејќи современи методи за печатење, овие бројни коњаници успеаја во 68-те години пред 2005 да раздадат милијарди Библии, книги, списанија и брошури на 450 од јазиците што се зборуваат во светот. Овие опашки навистина предизвикаа остра болка!
19, 20. а) Иако посебна мета на тешките пораки е христијанскиот свет, како била прифатена пораката во некои земји каде што тој нема директно влијание? б) Како Јован ја опишува општата реакција на луѓето?
19 Јехова има намера од оваа тешка порака да ‚изгине третина од луѓето‘. Значи, особена мета на пораката е христијанскиот свет. Но, таа се пренесува и во земји кои се далеку од христијанскиот свет, а и во земји во кои неговото лицемерство е добро познато. Дали луѓето што живеат таму се зближиле со Јехова кога ги виделе последиците од неволјите што ѝ беа нанесени на оваа расипана религиозна организација? Мнозина го сторија тоа! Кротките и мили лица во земјите во кои христијанскиот свет нема директно влијание, спремно ја прифатија пораката. Сепак, што се однесува до луѓето воопшто, Јован ја опишува нивната реакција со следниве зборови: „А останатите луѓе, кои не изгинаа од овие неволји, не се покајаа за делата на своите раце — не престанаа да ги почитуваат демоните и идолите од злато, сребро, бакар, камен и дрво, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат. И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите гатања, ниту за својот блуд, ниту за своите кражби“ (Откровение 9:20, 21). Нема да дојде до масовно преобраќање на таквите непокајници. Сите оние што и понатаму постапуваат злобно ќе мора да се соочат со Јеховините осуди во големиот ден кога тој ќе биде оправдан. Но, „секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:32; Псалм 145:20; Дела 2:20, 21).
20 Она што досега го разгледавме е дел од втората мака. Ќе се случат уште многу работи пред таа да заврши, и ова ќе го видиме во следните поглавја.
[Фусноти]
a Во своите Коментари за Откровението (Commentary on Revelation), во врска со бројот „две миријади миријади“, Хенри Баркли Свит вели: „Ова се огромни бројки што не можат да бидат дословни, а описот што следи оди во прилог на овој заклучок“.
b Види ги страниците 119-126 од оваа книга, како и книгата Оправдување, том 3, страници 83, 84 (издадена на англиски во 1932 година од Јеховините сведоци).
c За разлика од скакулците, коњаниците во војската што ги видел Јован не носеле „нешто како златни круни“ (Откровение 9:7). Ова е во согласност со фактот дека големото мноштво, кое денес го сочинува поголемиот дел од коњаниците, не очекува да владее во Божјето небесно Царство.
[Слика на страница 149]
Огласувањето на шестата труба ја најавува втората мака
[Слики на страници 150 и 151]
Четирите ангели го предводат најголемиот напад на коњаници во историјата
[Слики на страница 153]
Безбројните коњаници разделија огромен број библиски публикации
[Слики на страница 154]
Останатите не се покајаа