Поглавје 28
Борба со два крволочни ѕвера
Видение 8 — Откровение 13:1-18
Тема: Ѕверот со седум глави, ѕверот со два рога и кипот на ѕверот
Кога се исполнува: Од времето на Нимрод до големата неволја
1, 2. а) Што рекол Јован во врска со змејот? б) Како Јован, со симболични зборови, ја опишал видливата организација што ја користи змејот?
ГОЛЕМИОТ змеј е исфрлен долу на Земјата! Нашето проучување на Откровението јасно покажува дека ниту на Змијата ниту на нејзините демонски следбеници никогаш повеќе нема да им биде дозволено да се вратат на небото. Но, сѐ уште не сме завршиле со оној „кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет“. Извештајот што следи открива уште повеќе детали за разните начини што ги користи Сатана за да се бори со ‚жената и со нејзините потомци‘ (Откровение 12:9, 17). Во врска со овој змеј сличен на змија, Јован вели: „И застана на морскиот песок“ (Откровение 13:1а). Да видиме сега на кои сѐ начини дејствува овој змеј.
2 Сатана и неговите демони повеќе немаат никакво влијание врз светите небеса. Овие зли духови се протерани од небото и сега се ограничени во близина на Земјата. Без сомнение, на ова се должи и огромната раширеност на спиритизмот во нашево време. Препредената Змија сѐ уште владее со една расипана духовна организација. Но, дали користи и видлива организација за да ги заведува луѓето? Јован ни кажува: „И видов како од морето излегува еден ѕвер, со десет рогови и седум глави. На неговите рогови имаше десет круни, а на неговите глави — богохулни имиња. Ѕверот што го видов беше како леопард, но нозете му беа како на мечка, а устата му беше како уста на лав. Змејот му ја даде на ѕверот неговата моќ и неговиот престол и голема власт“ (Откровение 13:1б, 2).
3. а) Какви крволочни ѕверови видел Даниел во видение? б) Што претставуваат големите ѕверови од Даниел 7. поглавје?
3 Кој е овој страшен ѕвер? Самата Библија ни го дава одговорот. Пред да падне Вавилон во 539 год. пр.н.е., еврејскиот пророк Даниел имал виденија за крволочни ѕверови. Во Даниел 7:2-8 тој дава опис на четири ѕвера кои излегуваат од морето. Првиот личи на лав, вториот на мечка, третиот на леопард и ‚ете, четвртиот ѕвер е страшен, ужасен и необично силен... и има десет рога‘. Овие ѕверови се неверојатно слични на ѕверот што го гледа Јован околу 96 год. од н.е. И овој ѕвер има карактеристики на лав, на мечка и на леопард, и има десет рога. Што претставуваат големите ѕверови кои ги видел Даниел? Тој ни кажува: „Оние... огромни ѕверови ги претставуваат четирите цареви што ќе се издигнат на земјата“ (Даниел 7:17). Да, овие ѕверови ги претставуваат ,царевите‘, односно политичките сили на Земјата.
4. а) Што претставуваат овенот и јарецот од Даниел 8. поглавје? б) Што значело тоа што големиот рог на јарецот бил скршен и заменет со четири рога?
4 Во едно друго видение, Даниел гледа овен со два рога кој е нападнат од јарец кој има еден голем рог. Ангелот Гавриел му објаснил на Даниел што значи ова: „Овенот... ги претставува царевите на Медија и Персија. Рунтавиот јарец го претставува царот на Грција“. Потоа Гавриел прорекува дека големиот рог на јарецот ќе биде скршен и дека на негово место ќе израснат четири рога. Ова навистина се случило по повеќе од 200 години кога Александар Велики умрел и неговото царство било поделено на четири царства со кои владееле четири негови генерали (Даниел 8:3-8, 20-25).a
5. а) Која смисла ја пренесува грчкиот збор што е преведен со „ѕвер“? б) Што претставува ѕверот со седумте глави од Откровение 13:1, 2?
5 Одовде јасно гледаме дека Авторот на вдахновената Библија ги смета политичките сили на Земјата за ѕверови. Какви ѕверови? Еден изучувач го нарекува ѕверот од Откровение 13:1, 2 „чудовиште“, и потоа додава: „Грчкиот збор за ‚ѕвер‘, тири́он, ги содржи сите овие значења, односно означува свиреп, крвожеден, страшен, граблив итн., монструм“.b Ова навистина е добар опис за крволочниот политички поредок кој Сатана го користи за да владее со човештвото! Седумте глави на овој ѕвер ги претставуваат шесте големи светски сили од библиската историја, сѐ до времето на Јован — Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим — како и седмата светска сила која, според пророштвото, требало да се појави подоцна. (Спореди Откровение 17:9, 10.)
6. а) Во што предводеле седумте глави на ѕверот? б) Како Јехова го искористил Рим за да ја изврши својата осуда над еврејскиот поредок, и што се случило со христијаните во Ерусалим?
6 Точно, покрај овие седум, постоеле и други светски сили во историјата — исто како што ѕверот кој го видел Јован имал и тело, а не само седум глави и десет рогови. Но, седумте глави ги претставуваат седумте големи сили кои, една по друга, предводеле во угнетувањето на Божјиот народ. Во 33 год. од н.е., кога Рим бил на власт, Сатана ја искористил таа глава на ѕверот за да го убие Божјиот Син. Во тоа време Бог кренал раце од неверниот еврејски поредок и подоцна, во 70 год. од н.е., му дозволил на Рим да ја изврши Неговата осуда над тој народ. За среќа, вистинскиот Израел Божји — собранието од помазани христијани — бил однапред предупреден, и оние што биле во Ерусалим и Јудеја побегнале на сигурно од другата страна на реката Јордан (Матеј 24:15, 16; Галатите 6:16).
7. а) Што требало да се случи при свршетокот на поредокот кога започнал денот на Господарот? б) Кој се покажал како седмата глава на ѕверот од Откровение 13:1, 2?
7 Меѓутоа, до крајот на првиот век од н.е., мнозина од ова прво собрание отпаднале од вистината, и вистинските христијани слични на пченица, односно „синовите на царството“, во голема мера биле задушени од каколот, односно од „синовите на Злобниот“. Но, при свршетокот на поредокот, помазаните христијани повторно се појавија како организирана група. Во денот на Господарот, праведниците требало да „светат како сонце“. Христијанското собрание беше организирано за работа (Матеј 13:24-30, 36-43). Римското Царство повеќе не постоеше. Огромната Британска Империја и моќните Соединети Американски Држави беа главните сили на светската сцена. Се покажа дека оваа двојна светска сила е седмата глава на ѕверот.
8. Зошто не треба да биде шокантно тоа што англо-американската двојна светска сила е претставена со ѕвер?
8 Зарем не е шокантно тоа што владејачките политички сили се споредени со ѕвер? Токму тоа го тврдеа некои противници во текот на Втората светска војна, кога статусот на Јеховините сведоци — и како организација и како поединци — беше оспоруван по судовите низ целиот свет. Но, застани и размисли. Зарем и самите народи не избираат ѕверови или диви животни за свои државни симболи? На пример, симбол на Британија е лавот, на Америка орелот, а на Кина змејот. Тогаш, зошто некој да се буни што и Бог, како Автор на Светото писмо, исто така ги споредува светските сили со ѕверови?
9. а) Зошто никој не треба да се буни што Библијата вели дека Сатана е тој што му ја дава големата власт на ѕверот? б) Како Сатана е опишан во Библијата, и како влијае тој врз владите?
9 Освен тоа, зошто некој да се буни што Библијата вели дека Сатана е тој што му дава голема власт на ѕверот? Бог ја дал таа изјава, а пред него ‚народите се како капка од ведро и колку правот на вага‘. Подобро би било овие народи да се потрудат да ја стекнат Божјата милост наместо да се чувствуваат навредени од начинот на кој се опишани во Неговата пророчка реч (Исаија 40:15, 17; Псалм 2:10-12). Сатана не е никакво митолошко суштество што ги мачи душите на умрените во огнен пекол. Такво место не постои. Напротив, Библијата го опишува Сатана како „ангел на светлината“ — мајстор на измамата, кој има силно влијание врз сите политички збиднувања (2. Коринќаните 11:3, 14, 15; Ефешаните 6:11-18).
10. а) Што покажува тоа што на секој од десетте рога има по една круна? б) Што претставуваат десетте рога и десетте круни?
10 Ѕверот има десет рога на своите седум глави. Веројатно на четири глави има по еден рог и на три глави по два. Освен тоа, тој има и десет круни на своите рогови. Во книгата на Даниел се опишани неколку страшни животни, и бројот на нивните рогови треба да се сфати дословно. На пример, двата рога на овенот претставуваат едно светско царство кое се состои од две сили, Медија и Персија, а четирите рога на јарецот ги претставуваат четирите царства кои произлегле од грчкото царство на Александар Велики и постоеле истовремено (Даниел 8:3, 8, 20-22). Но, се чини дека бројот десет, колку што се роговите на ѕверот кој го видел Јован, има симболично значење. (Спореди Даниел 7:24; Откровение 17:12.) Десетте рога ги означуваат сите самостојни држави од кои се состои целокупната политичка организација на Сатана. Сите рогови се насилни и агресивни, но тоа што ѕверот има седум глави укажува дека во одредено време предводи само една светска сила. На сличен начин, десетте круни покажуваат дека сите самостојни држави што постојат во даден период ќе имаат владејачка моќ во исто време со државата која ќе биде водечка светска сила во тој период.
11. Што значи тоа што ѕверот има „богохулни имиња“ на своите глави?
11 Ѕверот има и „богохулни имиња“ на своите глави, што значи дека за себе изнесува тврдења со кои покажува големо непочитување кон Јехова Бог и кон Исус Христос. Тој ги користи имињата на Бог и на Христос како параван за да ги исполни своите сопствени политички цели; а ѝ се умилкува и на лажната религија, па дури им дозволува на свештениците да имаат удел во политичките процеси. На пример, некои бискупи се членови на Горниот дом на парламентот во Англија. Католичките кардинали имале значајна улога во политиката на Франција и на Италија, а од неодамна свештеници вршат политички функции во Латинска Америка. Владите печатат верски слогани на своите банкноти како, на пример, „ВО БОГА ВЕРУВАМЕ“, а на нивните монети стојат изјави со кои тврдат дека Бог ги одобрува нивните владетели како, на пример, изјавата дека се поставени „со милоста Божја“. Сето ова е, всушност, богохулење, со кое настојуваат да го вовлечат Бог во валканата националистичка политичка арена.
12. а) Што значи тоа што ѕверот излегува од „морето“, и кога првпат се појавил? б) Што значи тоа што змејот му ја дава големата власт на симболичниот ѕвер?
12 Ѕверот излегува од „морето“, кое е соодветен симбол за немирните мноштва луѓе од кои произлегуваат човечките влади (Исаија 17:12, 13). Тој почнал да излегува од разбрануваното море на човештвото уште во времето на Нимрод (околу 21 век пр.н.е.), кога се појавил првиот поредок што му се спротивставил на Јехова по Потопот (1. Мојсеева 10:8-12; 11:1-9). Но, последната од неговите седум глави целосно излегува на површината дури во денот на Господарот. Забележи дека змејот е тој што му ‚ја дава на ѕверот неговата моќ и неговиот престол и голема власт‘. (Спореди Лука 4:6.) Значи, ѕверот е човечка политичка творба на Сатана. Сатана е вистинскиот ‚владетел на овој свет‘ (Јован 12:31).
Смртна рана
13. а) Каква несреќа го снашла ѕверот уште во почетокот на денот на Господарот? б) Во која смисла страдал целиот ѕвер кога една негова глава била ранета до смрт?
13 Уште во почетокот на денот на Господарот, ѕверот го снаоѓа голема несреќа. Јован кажува: „И видов дека една од главите му беше како ранета до смрт, но смртната рана заздраве. И целата земја со одушевување го следеше ѕверот“ (Откровение 13:3). Овој стих вели дека една од главите на ѕверот била ранета до смрт, но 12. стих кажува дека страдал целиот ѕвер. Зошто? Различните глави на ѕверот не владеат истовремено. Сите тие во свое време господареле со луѓето, а особено со Божјиот народ (Откровение 17:10). Затоа, кога почнува денот на Господарот, само една глава, седмата, дејствува како владејачка светска сила. Смртната рана на таа глава му предизвикува големо страдање на целиот ѕвер.
14. Кога била нанесена смртната рана, и како еден воен офицер го опишал нејзиниот ефект врз Сатановиот ѕвер?
14 Што била таа смртна рана? Нешто подоцна за неа се вели дека е рана од меч, а мечот е симбол на војна. Оваа рана од меч, која му била нанесена на ѕверот веднаш штом почнал денот на Господарот, мора да се однесува на Првата светска војна, која го опустоши и во потполност му ја одзеде силата на Сатановиот политички ѕвер (Откровение 6:4, 8; 13:14). Писателот Морис Женевоа, кој тогаш бил воен офицер, во врска со оваа војна го изјавил следново: „Секој ќе се сложи дека 2 август 1914 година е еден од најважните датуми во целата човечка историја. Најпрво Европа, а потоа и целото човештво се најде во вистински ужас. Мировните договори, спогодбите, моралните закони и сите темели на општеството беа разнишани; од ден на ден сѐ беше доведувано во прашање. Овој настан ги надмина и лошите претчувства и она што разумно можеше да се очекува. Беше толку страшен, толку хаотичен и ужасен, што сѐ уште ги трпиме последиците од него“ (Морис Женевоа, член на Француската академија — цитат од книгата Ветување за величина [Promise of Greatness], издадена во 1968 година).
15. На кој начин седмата глава на ѕверот била ранета до смрт?
15 Оваа војна претставуваше навистина голем удар за владејачката седма глава на ѕверот. Како и другите европски земји, и Британија изгуби огромен број млади луѓе. Само во една битка на реката Сома, во 1916 година, загинаа 420.000 Британци, како и 194.000 Французи и 440.000 Германци — сѐ на сѐ, повеќе од 1.000.000 жртви! Британија, како и цела Европа, беше упропастена и во економски поглед. Огромната Британска Империја се тетеравеше под овој удар, и до ден-денес потполно не закрепна. Навистина, од таа војна, во која учествуваа 28 водечки земји, пострада целиот свет — исто како да му беше нанесена смртна рана. На 4 август 1979 година, точно 65 години по избувнувањето на Првата светска војна, во лондонскиот весник The Economist излезе следнава изјава: „Во 1914 година светот ја изгуби стабилноста и никогаш повеќе не ја обнови“.
16. Како Соединетите Американски Држави покажаа дека се дел од двојната светска сила во Првата светска војна?
16 Истовремено, Големата војна, како што тогаш ја нарекуваа, им го отвори патот на Соединетите Американски Држави јасно да покажат дека се составен дел од англо-американската светска сила. Во првите години од војната, јавното мнение беше против тоа САД да влезат во таа војна. Но, како што пишува историчарот Есме Вингфилд-Стратфорд, „во оваа огромна криза беше многу важно дали Британија и Соединетите Држави ќе ги тргнат настрана своите недоразбирања во името на заемното единство, заедничките интереси и меѓусебната доверба“. Како што покажа времето, тие го сторија тоа. Во 1917 година, Соединетите Американски Држави им дадоа поддршка на ослабените Сојузници — и со војска и со материјални средства. На тој начин седмата глава, односно здружените Соединети Американски Држави и Британија, на крајот беа на победничката страна.
17. Што се случи со Сатановиот поредок на Земјата по војната?
17 Светот по војната беше сосема поинаков. Иако беше опустошен од смртната рана, Сатановиот поредок на Земјата повторно закрепна и стана посилен од кога и да било порано, а луѓето беа одушевени од тоа што успеа да оздрави.
18. Во која смисла може да се каже дека луѓето во целина ‚со одушевување го следеле ѕверот‘?
18 Историчарот Чарлс Л. Ми Помладиот пишува: „Падот на стариот поредок [што го предизвика Првата светска војна] беше нужен услов за појава на нови и независни држави, за создавање на нови народи и класи, за нова слобода и независност“. Во развојот на оваа повоена ера предводеше седмата глава на ѕверот, која сега беше излекувана, при што Соединетите Американски Држави полека стануваа надмоќни. Двојната светска сила беше таа што најмногу се залагаше и за Лигата на народите и за Обединетите нации. До 2005 година, со својата политичка моќ, САД ги предводеа развиените држави во создавањето на повисок животен стандард, во борбата против болестите и во напредокот на технологијата. Дури успеаја да испратат и дванаесет лица на Месечината. Затоа, не нѐ чуди тоа што луѓето во целина ‚со одушевување го следеа ѕверот‘.
19. а) Што друго прават луѓето освен што му се одушевуваат на ѕверот? б) Кој има безусловна власт над сите царства во светот, и од каде знаеме? в) Како Сатана му дава власт на ѕверот, и како влијае тоа врз повеќето луѓе?
19 Но, отидоа уште подалеку. Ова се гледа од следните зборови на Јован: „И му се поклонија на змејот, бидејќи тој му ја даде власта на ѕверот. Му се поклонија на ѕверот, велејќи: ‚Кој е како ѕверот, и кој може да се бори со него?‘“ (Откровение 13:4). Кога Исус бил на Земјата, Сатана тврдел дека има власт над сите царства во светот. Исус не го негирал ова; всушност, и самиот рекол дека Сатана е владетел на светот и одбил да се вклучи во политиката од своето време. Подоцна Јован го напишал следново во врска со вистинските христијани: „Знаеме дека потекнуваме од Бог, а целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19; Лука 4:5-8; Јован 6:15; 14:30). Сатана му дава власт на ѕверот, и тоа го прави на национална основа. Затоа, наместо да бидат обединети со врските на Божјата љубов, луѓето се поделени поради племенска, расна или национална гордост. Всушност, огромен број од нив го обожаваат оној дел од ѕверот што има власт во земјата каде што живеат. На тој начин, целиот ѕвер е предмет на восхит и обожавање.
20. а) Како луѓето го обожаваат ѕверот? б) Зошто христијаните кои му служат на Јехова Бог не го обожаваат ѕверот, и чиј пример го следат тие?
20 Како луѓето го обожаваат ѕверот? Така што ја сакаат татковината повеќе отколку што го сакаат Бог. Повеќето луѓе си ја сакаат својата родна земја. Како добри граѓани, и вистинските христијани ги почитуваат владетелите и симболите на земјата во која живеат, ги слушаат законите и се залагаат за општата благосостојба и за доброто на своите ближни (Римјаните 13:1-7; 1. Петрово 2:13-17). Но, не можат слепо да ѝ служат само на својата земја, а да бидат против сите други. „Мојата земја е секогаш во право“ не е христијанско учење. Затоа христијаните што го обожаваат Јехова Бог не можат гордо и патриотски да обожаваат кој и да било дел од ѕверот бидејќи ова би значело дека го обожаваат самиот змеј — оној што му ја дава власта на тој ѕвер. Тие не можат со восхит да кажат: „Кој е како ѕверот?“ Напротив, го следат примерот на Михаел — чие име значи „Кој е како Бог? — и со ова го поддржуваат Јеховиното неприкосновено право да владее. Во времето што го одредил Бог, Михаел, односно Исус Христос, ќе војува со ѕверот и ќе го победи, исто како што го победил и го исфрлил Сатана од небото (Откровение 12:7-9; 19:11, 19-21).
Војна против светите
21. Како Јован објаснил на кој начин Сатана го искористува ѕверот?
21 Лукавиот Сатана планирал да го искористи ѕверот за да ги оствари своите цели. Јован го објаснува ова: „И му беше дадена [на седмоглавиот ѕвер] уста која кажуваше големи зборови и богохулства, и му беше дадена власт да дејствува четириесет и два месеци. И ја отвори устата за да хули на Бог, да хули на неговото име и на неговото живеалиште — на оние што живеат на небото. И му беше дадено да војува со светите и да ги победи. И му беше дадена власт над секое племе и народ и јазик и народност. И ќе му се поклонат сите што живеат на земјата. Од настанувањето на светот името на ниту еден од нив не стои запишано во свитокот на животот на Јагнето, кое беше заклано“ (Откровение 13:5-8).
22. а) На кој период се однесуваат 42-та месеци? б) Како биле ‚победени‘ помазаните христијани во текот на тие 42 месеци?
22 Изгледа дека 42-та месеци што се спомнати овде се исти со три и полте години во кои еден рог на главата на едниот од ѕверовите во пророштвото на Даниел ќе ги угнетува светите (Даниел 7:23-25; види и Откровение 11:1-4). Така, од крајот на 1914 до 1918 година, додека завојуваните народи дословно се растргнуваа едни со други како да се ѕверови, жителите на тие држави беа ставени под притисок да го обожаваат ѕверот, да ѝ се предадат на религијата која се вика национализам, па дури и да бидат спремни да умрат за својата земја. Ваквиот притисок предизвика големо страдање за многу од помазаните, кои сметаа дека се должни во прв ред да им бидат послушни на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус Христос (Дела 5:29). Нивните искушенија беа најтешки во јуни 1918 година, кога беа ‚победени‘. Во Соединетите Американски Држави, угледни одговорни лица и други претставници на Watch Tower Society беа затворени под лажни обвиненија, и организираното проповедање на нивните христијански браќа беше многу отежнато. Со оглед на тоа што ѕверот имаше власт „над секое племе и народ и јазик и народност“, тој го закочи Божјето дело во целиот свет.
23. а) Што е „свитокот на животот на Јагнето“, и што се ближи кон својот крај од 1918 година наваму? б) Зошто секоја привидна победа на Сатановата видлива организација над „светите“ е залудна?
23 Се чинеше дека Сатана и неговата организација извојуваа победа. Но, оваа победа не можеше да им донесе долготрајна корист, бидејќи името на ниту еден член на Сатановата видлива организација не е запишано во „свитокот на животот на Јагнето“. Во симболична смисла, на овој свиток се запишани имињата на оние што ќе владеат со Исус во неговото небесно Царство. Првите имиња биле запишани во него на Педесетница 33 год. од н.е. А во годините што следеле потоа биле додавани сѐ повеќе имиња. Од 1918 година наваму, обележувањето со печат на 144.000-те наследници на Царството се ближи кон крајот. Наскоро сите нивни имиња ќе бидат неизбришливо запишани во свитокот на животот на Јагнето. Но, ниту еден од противниците кои го обожаваат ѕверот не е запишан во тој свиток. Затоа, секоја победа што тие можеби ја извојувале над „светите“ е залудна и само привремена.
24. Што ги повикува Јован разборитите да слушаат, и што значат за Божјиот народ зборовите што ќе ги чујат?
24 Јован сега ги повикува разборитите да слушаат многу внимателно: „Ако некој има уво, нека чуе!“ Потоа продолжува: „Ако некој е одреден за заробеништво, ќе отиде во заробеништво. Ако некој убие со меч, ќе биде убиен со меч. Тоа од светите бара истрајност и вера“ (Откровение 13:9, 10). Еремија запишал нешто многу слично во годините пред 607 год. пр.н.е. за да покаже дека ништо не може да го спречи Јехова да ја изврши својата осуда над неверниот град Ерусалим (Еремија 15:2; види и Еремија 43:11; Захарија 11:9). А во најтешките моменти од својот живот, Исус јасно им ставил до знаење на своите следбеници дека не смеат да попуштат под притисок и рекол: „Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:52). Слично и денес, во денот на Господарот, Божјиот народ мора цврсто да се држи за библиските начела. Нема бегање за непокајниците што го обожаваат ѕверот. А на сите нас ни е потребна истрајност и непоколеблива вера за да ги преживееме прогонствата и искушенијата што лежат пред нас (Евреите 10:36-39; 11:6).
Ѕвер со два рога
25. а) Каков опис дал Јован на уште еден симболичен ѕвер што се појавил на светската сцена? б) На што укажуваат двата рога на новиот ѕвер, и што значи тоа што излегува од земјата?
25 Но, сега на светската сцена се појавува уште еден ѕвер. Јован вели: „И видов еден друг ѕвер како излегува од земјата. Имаше два рога како јагне, но прозборе како змеј. И ја спроведе сета власт на првиот ѕвер пред негови очи. И ја натера земјата и оние што живеат на неа да му се поклонуваат на првиот ѕвер, чија смртна рана беше излечена. И правеше големи чуда, дури оган од небото пушташе на земјата пред очите на луѓето“ (Откровение 13:11-13). Овој ѕвер има два рога, што покажува дека се работи за две здружени политички сили. За него се вели дека излегува од земјата, а не од морето. Значи, излегува од Сатановиот веќе утврден поредок на Земјата. Мора да станува збор за постоечка светска сила која ќе одигра значајна улога во денот на Господарот.
26. а) Што претставува ѕверот со два рога, и во каква врска е со првиот ѕвер? б) Во која смисла двата рога на овој ѕвер се како на јагне, но зошто се вели дека зборува „како змеј“? в) Што обожаваат националистите денес, и со што може да се спореди национализмот? (Види ја фуснотата.)
26 Која би можела да биде таа? Англо-американската светска сила — истата онаа која е претставена со седмата глава на првиот ѕвер, но сега во посебна улога! Тоа што е издвоена во видението како друг ѕвер ни помага појасно да го сфатиме нејзиното независно дејствување на светската сцена. Овој симболичен ѕвер со два рога се состои од две независни политички сили, кои постојат во исто време и меѓусебно соработуваат. Со тоа што има два рога „како јагне“ тој остава впечаток на кротко и невино животно, односно има напреден облик на владеење што би требало да го прифати целиот свет. Но, зборува „како змеј“ на тој начин што се служи со притисок и закани, па и со отворено насилство секаде каде што не се прифаќа неговиот систем на владеење. Тој не ги поттикнува луѓето да му се подложат на Божјето Царство, со кое владее Јагнето Божје, туку, напротив, ги тера да му служат на Сатана, големиот змеј. Така предизвикува националистички поделби и омраза, односно обожавање на првиот ѕвер.c
27. а) Каков став покажува дворогиот ѕвер со тоа што пушта оган од небото? б) Што мислат мнозина за современиот двојник на ѕверот со двата рога?
27 Овој ѕвер со два рога прави големи чуда, па дури пушта и оган од небото. (Спореди Матеј 7:21-23.) Ова нѐ потсетува на Илија, Божји пророк од старо време кој се натпреварувал со пророците на Ваал. Кога успешно повикал оган од небото во Јеховино име, тоа било јасен доказ дека тој е вистински пророк и дека пророците на Ваал се лажни (1. Царевите 18:21-40). Исто како тие пророци на Ваал, и овој дворог ѕвер смета дека ги исполнува сите услови за пророк (Откровение 13:14, 15; 19:20). Тој дури тврди дека ги уништил силите на злото во двете светски војни, и дека го победил таканаречениот безбожен комунизам! Навистина, мнозина се убедени дека современиот двојник на ѕверот со двата рога е заштитник на слободата и извор на материјални добра.
Кипот на ѕверот
28. Како Јован покажува дека ѕверот со двата рога не е толку невин колку што можеби покажуваат неговите јагнешки рогови?
28 Дали овој ѕвер со два рога е навистина толку невин колку што можеби покажуваат неговите јагнешки рогови? Јован продолжува: „И ги заведуваше оние што живеат на земјата преку чудата што му беа дадени да ги прави пред очите на ѕверот, и на оние што живеат на земјата им велеше да направат кип на ѕверот кој ја имаше раната од меч, но преживеа. И му беше дадено да му вдахне живот на кипот на ѕверот, за да може кипот на ѕверот да зборува и да направи да бидат убиени сите оние што не му се поклонуваат на кипот на ѕверот“ (Откровение 13:14, 15).
29. а) Која е целта на кипот на ѕверот, и кога бил направен? б) Зошто кипот на ѕверот не е само безживотна статуа?
29 Што е овој „кип на ѕверот“, и која е неговата цел? Целта му е да ги натера луѓето да го обожаваат ѕверот со седум глави, чија копија е тој и така, всушност, да го овековечи ѕверот. Овој кип е направен откако седмоглавиот ѕвер закрепа од раната со меч, значи, откако заврши Првата светска војна. Но, не се работи за безживотна статуа, како онаа што ја подигнал Навуходоносор во рамницата Дура (Даниел 3:1). Ѕверот со двата рога му вдахнува живот на овој кип за да може кипот да живее и да одигра улога во светската историја.
30, 31. а) Според историските факти, што е овој кип? б) Дали некој бил убиен затоа што не го обожавал овој кип? Објасни.
30 Историските настани покажуваат дека овој кип е организацијата која ја предложија, ја застапуваа и ја поддржуваа Британија и Соединетите Американски Држави, и која во почетокот беше позната како Лига на народите. Подоцна, во Откровение 17. поглавје, таа е претставена со поинаков симбол — жив црвен ѕвер што дише и постои самостојно. Ова меѓународно тело ‚зборува‘ во таа смисла што се фали дека е единствената организација која ќе им донесе мир и сигурност на луѓето. Но, всушност, таа претставува место каде што нациите-членки меѓусебно се напаѓаат и се навредуваат, а на земјите или народите што не ѝ се клањаат на нејзината власт им се заканува со бојкот или со други мерки, кои за нив практично би значеле смрт. Всушност, Лигата на народите дури и ги исклучи земјите што не се согласуваа со нејзината идеологија. Во почетокот на големата неволја, воените „рогови“ на овој кип на ѕверот ќе одиграат разорна улога (Откровение 7:14; 17:8, 16).
31 Од Втората светска војна, кипот на ѕверот — кој сега постои под името Организација на обединетите нации — веќе убиваше во дословна смисла. На пример, во 1950 година, воени трупи на ОН учествуваа во војната меѓу Северна и Јужна Кореја. Војската на ОН, заедно со Јужнокорејците, уби околу 1.420.000 Севернокорејци и Кинези. Од 1960 до 1964 година, војските на Обединетите нации служеа и во Конго (Киншаса). Освен тоа, светските водачи, меѓу кои и папите Павле VI и Јован Павле II, упорно тврдеа дека овој кип е последната надеж за мир на човештвото и дека, доколку луѓето не му служат, човечкиот род ќе се истреби. На тој начин, тие симболично ги убиваат сите луѓе што одбиваат да соработуваат со кипот и да го обожаваат (5. Мојсеева 5:8, 9).
Жигот на ѕверот
32. Како Јован објаснил на кој начин Сатана вешто ги користи политичките делови од својата видлива организација за да им нанесе страдање на останатите потомци на Божјата жена?
32 Јован сега гледа како Сатана вешто ги користи политичките делови од својата видлива организација за да им нанесе што е можно поголемо страдање на останатите потомци на Божјата жена (1. Мојсеева 3:15). Тој се враќа на описот на ѕверот: „И ги присилуваше сите луѓе, малите и големите, богатите и сиромасите, слободните и робовите, да примат жиг на десната рака или на челото, и никој да не може ниту да купува ниту да продава, освен оној што го има жигот — името на ѕверот или бројот на неговото име. За ова е потребна мудрост: кој е разумен, нека го пресмета бројот на ѕверот, зашто тоа е број на човек, а неговиот број е шестотини шеесет и шест“ (Откровение 13:16-18).
33. а) Кое е името на ѕверот? б) Со што е поврзан бројот шест? Објасни.
33 Ѕверот има име, и ова име е број: 666. Бројот шест е поврзан со Јеховините непријатели. Еден Филистеец од Рефаимците имал „необично крупна става“ и „по шест прсти на секоја рака и на секоја нога“ (1. Летописи 20:6). Со цел да ги обедини своите државни службеници во обожавањето, цар Навуходоносор подигнал златен кип широк 6 лакти и висок 60 лакти. Кога Божјите слуги одбиле да го обожаваат овој златен кип, царот наредил да бидат фрлени во вжарена печка (Даниел 3:1-23). Бројот шест е за еден помал од бројот седум, кој означува потполност од Божја гледна точка. Затоа тројна шестка претставува потполна несовршеност.
34. а) Што значи тоа што бројот на ѕверот е „број на човек“? б) Зошто „666“ е соодветно име за светскиот политички поредок на Сатана?
34 Името обично означува некоја личност. Тогаш, како овој број го означува ѕверот? Јован вели дека бројот на ѕверот е „број на човек“, а не на духовна личност. На тој начин името потврдува дека ѕверот е нешто земно и ги симболизира човечките влади. Исто како што бројот шест не го достигнува бројот седум, така и бројот 666 — три шестки — е соодветно име за огромниот светски политички поредок кој ни оддалеку не ги достигнува Божјите мерила за совршеност. Политичкиот ѕвер, кој го носи името 666, има највиша власт во светот, а политиката, религијата и трговијата го одржуваат и му даваат сила да ги угнетува луѓето и да го прогонува Божјиот народ.
35. Што значи да се биде жигосан со името на ѕверот на челото или на десната рака?
35 Што значи да се биде жигосан со името на ѕверот на челото или на десната рака? Кога Јехова им го дал својот Закон на Израелците, тој им рекол: „Овие мои зборови всадете си ги во срцето и во душата, врзете си ги како знак на раката и нека ви бидат како лента на челото“ (5. Мојсеева 11:18). Ова значело дека Израелците мораат постојано да го имаат Законот пред себе, и тој да влијае врз сите нивни мисли и постапки. За 144.000-те помазаници се вели дека ги имаат напишано името на Таткото и името на Исус на своите чела. Со тоа се означени како лица кои им припаѓаат на Јехова Бог и на Исус Христос (Откровение 14:1). Сатана го користи демонскиот жиг на ѕверот на ист начин. Сите што се занимаваат со секојдневни работи, како што се купување и продавање, се ставени под притисок да ги прават работите како што ги прави ѕверот, на пример, да слават одредени празници. За да го добијат жигот на ѕверот, од нив се очекува да го обожаваат и да му дозволат тој да управува со нивниот живот.
36. Какви проблеми имаат оние што одбиваат да го прифатат жигот на ѕверот?
36 Оние што одбиваат да го прифатат жигот на ѕверот постојано имаат проблеми. На пример, почнувајќи од 1930-тите, тие мораа да водат многу судски спорови и беа жртви на насилни напади на толпи и на друго прогонство. Во тоталитарните држави, тие беа фрлани во концентрациони логори, каде што мнозина умреа. Од Втората светска војна, безброј млади луѓе мораа со години да лежат в затвор, а некои од нив беа мачени, па дури и убиени затоа што одбија да постапат спротивно на своите верувања и останаа неутрални како христијани. Во некои земји, христијаните дословно не можат ниту да продаваат ниту да купуваат; некои не смеат да поседуваат никаков имот; други се силувани, убивани или протерани од родната земја. Зошто? Затоа што сакаат да имаат чиста совест и одбиваат да купат партиска книшкаd (Јован 17:16).
37, 38. а) Зошто на оние што го немаат жигот на ѕверот не им е лесно да живеат во овој свет? б) Кои се тие што и понатаму остануваат верни, и што се решени да прават?
37 Во некои делови на Земјата, религијата е толку длабоко навлезена во секојдневниот живот што семејството и некогашните пријатели го отфрлаат секој што ја застапува библиската вистина. Потребна е силна вера за да се издржи (Матеј 10:36-38; 17:22). Во еден свет каде што повеќето го обожаваат материјалното богатство и каде што нечесноста ја има на секој чекор, вистинскиот христијанин честопати мора безусловно да се потпира на Јехова за Тој да му даде сила да постапува исправно и чесно (Псалм 11:7; Евреите 13:18). Во овој свет кој е преплавен со неморал, потребна е цврста решеност за да се остане морално чист. Христијаните кои ќе се разболат честопати се под притисок од лекарите и од медицинскиот персонал да го прекршат Божјиот закон за светоста на крвта, а понекогаш мора да се спротивстават и на судски одлуки кои се во судир со нивната вера (Дела 15:28, 29; 1. Петрово 4:3, 4). Освен тоа, во ова време на сѐ поголема невработеност, станува сѐ потешко вистинскиот христијанин да најде работа која нема да бара од него да се откаже од својата верност кон Бог (Михеј 4:3, 5).
38 Да, во овој свет не им е лесно на оние што го немаат жигот на ѕверот. Тоа што останатите потомци на жената, како и повеќе од шест милиони лица од големото мноштво, сѐ уште остануваат верни и покрај сите притисоци да ги прекршат Божјите закони е навистина извонреден показател за Јеховината моќ и благослов (Откровение 7:9). Да продолжиме сите обединето, низ целиот свет, и понатаму да го величаме Јехова и неговите праведни патишта, и да одбиеме да го примиме жигот на ѕверот (Псалм 34:1-3).
[Фусноти]
a Повеќе информации можеш да добиеш во книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, страници 165-179, издадена од Јеховините сведоци.
b Толкување на Откровението на св. Јован (The Interpretation of St. John’s Revelation) од Р. К. Х. Ленски, страници 390, 391.
c Изучувачите велат дека национализмот, всушност, е еден облик на религија. Затоа може да се каже дека лицата што се националистички настроени фактички го обожаваат оној дел од ѕверот што ја претставува земјата во која живеат. Во врска со национализмот во Соединетите Држави, читаме: „Национализмот, како еден облик на религија, има многу сличности со другите големи религии од минатото... Денешниот религиозен националист е свесен за својата зависност од националниот бог. Тој чувствува потреба од Неговата моќна помош. Во Него го гледа изворот на својата совршеност и среќа. Нему му се подложува, и тоа во строго религиозна смисла... Мисли дека неговиот сопствен народ е вечен, а смртта на неговите верни синови само придонесува за неговата бесмртна слава и величина“ (Карлтон Џ. Ф. Хајес, цитиран на 359. страница од книгата Што веруваат и како обожаваат Американците [What Americans Believe and How They Worship] од Џ. Пол Вилијамс).
d На пример, види го српското издание на Годишник на Јеховините сведоци за 1999, страници 171-176, 189, како и Стражарска кула од 1 септември 1996, страници 24-28; 15 март 1996, 7. страница; 15 јануари 1994, 5. страница; 1 април 2000, страници 26, 27.
[Слика на страница 195]
Му беше дадено да му вдахне живот на кипот на ѕверот