Поглавје 30
„Падна Големиот Вавилон!“
1. Што објавува вториот ангел, и кој е Големиот Вавилон?
ДОЈДЕН Е часот на Божјиот суд! Слушни ја сега пораката од Бог: „По него одеше уште еден ангел, втор ангел, велејќи: ‚Падна, падна Големиот Вавилон, блудницата која ги напои сите народи со виното на гневот, со виното на својот блуд!‘“ (Откровение 14:8). За првпат во Откровението — но не и за последен — вниманието ни е насочено кон Големиот Вавилон. Малку понатаму, во 17. поглавје, тој е опишан како развратна блудница. Која е таа блудница? Како што ќе видиме, таа е едно светско религиозно царство кое претставува имитација на вистинската религија, а Сатана го користи за да се бори против потомците на Божјата жена (Откровение 12:17). Големиот Вавилон е, всушност, целокупното светско царство на лажната религија. Во него спаѓаат сите религии кои ги задржале верските учења и обичаи на древниот Вавилон и кои го покажуваат неговиот дух.
2. а) На кој начин вавилонската религија се раширила во сите делови на Земјата? б) Кој е најважниот дел на Големиот Вавилон, и кога се појавил како моќна организација?
2 Пред повеќе од 4.000 години, токму во Вавилон, Јехова ги побркал јазиците на оние што сакале да ја изградат Вавилонската кула. Групите луѓе што зборувале различни јазици биле распрснати по целата Земја, а со себе ги понеле и отпадничките верувања и обичаи што до ден-денес лежат во основата на повеќето религии (1. Мојсеева 11:1-9). Големиот Вавилон е религиозниот дел на Сатановата организација. (Спореди Јован 8:43-47.) Денес негов најважен дел е отпадничкиот христијански свет, кој во четвртиот век по Христос се појавил како една моќна организација од беззаконици, која главно ги темели своите учења и обреди на вавилонската религија, а не на Библијата (2. Солуњаните 2:3-12).
3. Зошто може да се каже дека Големиот Вавилон паднал?
3 Можеби ќе прашаш: ‚Како може ангелот да објави дека Големиот Вавилон паднал кога религијата сѐ уште има големо влијание на Земјата?‘ Па, што се случило по 539 год. пр.н.е. кога паднал древниот Вавилон? Израел бил ослободен и можел да се врати во родната земја за да го обнови вистинското обожавање. Затоа може да се каже дека одличната духовна благосостојба во која се нашол обновениот духовен Израел во 1919 година — благосостојба која постои и се зголемува до ден-денес — е доказ дека таа година Големиот Вавилон паднал. Тој веќе нема моќ да го ограничува Божјиот народ. Напротив, има големи проблеми и во своите сопствени редови. Од 1919 година наваму, неговата расипаност, нечесност и неморал беа разоткриени насекаде. Во поголемиот дел од Европа, многу малку луѓе одат в црква. Посрамен во очите на сите што ја сакаат вистината од Божјата реч, Големиот Вавилон сега го чека извршувањето на својата смртна казна кога Јехова ќе ја изврши својата праведна осуда над него.
Срамниот пад на Вавилон
4-6. На кој начин ‚Големиот Вавилон ги напоил сите народи со виното на гневот, со виното на својот блуд‘?
4 Да разгледаме подробно во какви околности Големиот Вавилон доживеал срамен пад. Ангелот овде ни кажува дека ‚Големиот Вавилон ги напоил сите народи со виното на гневот, со виното на својот блуд‘. Што значи ова напојување? Тоа е поврзано со поробување. На пример, Јехова му рекол на Еремија: „Земи ја од мојата рака оваа чаша со вино на гневот и напој ги со него сите народи кај кои ќе те испратам! Тие ќе пијат и ќе почнат да се тетерават и да се однесуваат како безумни поради мечот што ќе го испратам меѓу нив“ (Еремија 25:15, 16). Во шестиот и седмиот век пр.н.е., Јехова го искористил древниот Вавилон за да им даде на многу народи да пијат од симболичната чаша на неволјата. Со оглед на тоа што меѓу нив била и отпадничката Јуда, дури и Божјиот народ бил одведен во ропство. Но, потоа и самиот Вавилон паднал затоа што неговиот цар се возвишил над Јехова, „Господарот на небесата“ (Даниел 5:23).
5 И Големиот Вавилон поробувал, но ова поробување главно било подмолно. Тој ги ‚напоил сите народи‘ служејќи се со итрините на една блудница и вршејќи духовен блуд со нив. Тој ги намамил политичките владетели да склучат сојузи и да се спријателат со него. Заведувајќи ги врз религиозна основа, тој смислувал како да ги угнетува луѓето во политички, трговски и економски поглед. Освен тоа, од чисто политички и финансиски причини, тој предизвикувал религиозно прогонство и верски војни и побуни, како и меѓународни војни. А потоа ги „осветувал“ овие војни под изговор дека тие се Божја волја.
6 Сите знаат дека религијата се мешаше во војните и во политиката во 20-тиот век — во шинтоистичката Јапонија, во хиндуистичката Индија, во будистичкиот Виетнам, во „христијанските“ Северна Ирска и Латинска Америка, како и во други земји. Не смееме да го превидиме ни тоа што во двете светски војни свештениците кои служеа во војските на обете завојувани страни ги поттикнуваа младите луѓе да се убиваат едни со други. Типичен пример за блудствувањето на Големиот Вавилон е уделот што го имаше во Шпанската граѓанска војна од 1936 до 1939 година, во која загинаа најмалку 600.000 луѓе. Ова крвопролевање го предизвикаа приврзаниците на католичкото свештенство и нивните сојузници, делумно затоа што шпанската влада ѝ се закани на Црквата дека ќе ѝ ги одземе богатството и положбата.
7. Кој му бил главна мета на Големиот Вавилон, и кои методи ги користел против него?
7 Бидејќи Големиот Вавилон е религиозниот дел од потомството на Сатана, секогаш главна мета му била Јеховината „жена“, „Горниот Ерусалим“. Во првиот век, станало јасно дека потомството на жената е собранието од помазани христијани (1. Мојсеева 3:15; Галатите 3:29; 4:26). Големиот Вавилон се трудел со сите сили да го пороби тоа чисто собрание намамувајќи го да врши духовен блуд. Апостолите Павле и Петар предупредиле дека мнозина ќе подлегнат на ова заведување и дека ќе се појави голем отпад (Дела 20:29, 30; 2. Петрово 2:1-3). Пораките што Исус им ги упатил на седумте собранија покажуваат дека кон крајот на животот на Јован, Големиот Вавилон постигнал извесен успех во своите настојувања да го расипе собранието (Откровение 2:6, 14, 15, 20-23). Но, Исус веќе покажал до каде ќе му биде допуштено да оди.
Пченицата и каколот
8, 9. а) На што укажувала Исусовата споредба за пченицата и каколот? б) Што се случило ‚додека луѓето спиеле‘?
8 Во својата споредба за пченицата и каколот, Исус зборувал за еден човек кој посеал добро семе на својата нива. Но, ‚додека луѓето спиеле‘, дошол непријател и меѓу пченицата посеал какол. Така пченицата повеќе не можела да се види од каколот. Исус ја објаснил оваа споредба со следниве зборови: „Сејачот на доброто семе е Синот човечки, нивата е светот, доброто семе се синовите на царството, каколот се синовите на Злобниот, а непријателот што го посеа е Ѓаволот“. Потоа покажал дека ќе биде дозволено пченицата и каколот да растат заедно сѐ до „свршетокот на овој поредок“ кога ангелите ќе го „соберат“ симболичниот какол (Матеј 13:24-30, 36-43).
9 Она на кое предупредиле Исус и апостолите Павле и Петар навистина се случило. ‚Додека луѓето спиеле‘ — или откако апостолите заспале со смртен сон или кога христијанските надгледници станале дремливи додека го чувале Божјето стадо — вавилонскиот отпад никнал во самото собрание (Дела 20:31). Наскоро имало многу повеќе какол отколку пченица, и таа веќе не можела да се види. Така со векови изгледало дека потомците на жената биле потполно покриени со широките скутови на Големиот Вавилон.
10. Што се случувало веќе во 1870-тите, и како реагирал Големиот Вавилон на ова?
10 Веќе од 1870-тите, помазаните христијани вложија големи напори да се одвојат од развратните постапки и обичаи на Големиот Вавилон. Тие расчистија со лажните учења што христијанскиот свет ги присвоил од паганството и храбро ја користеа Библијата за да проповедаат дека времињата на незнабошците ќе завршат во 1914 година. Главното средство на Големиот Вавилон, свештениците на христијанскиот свет, се спротивставија на овие обиди за обнова на вистинското обожавање. Во Првата светска војна, тие го искористија военото лудило и се обидоа да ја згазат таа мала група на верни христијани. Во 1918 година, кога дејностите на овие верни лица беа речиси потполно задушени, се чинеше дека Големиот Вавилон успеа да ги совлада. Изгледаше дека тој ги победи.
11. Каков бил резултатот од падот на древниот Вавилон?
11 Како што веќе видовме, во 539 год. пр.н.е. горделивиот град Вавилон претрпел катастрофален пад и ја изгубил својата моќ. Тогаш се слушнал повикот: „Падна! Падна Вавилон!“ Големата престолнина на таа светска сила била освоена од медо-персиските војски предводени од Кир Велики. Иако самиот град го преживеал освојувањето, тој навистина ја загубил својата моќ и, како резултат на тоа, еврејските заробеници биле ослободени. Тие се вратиле во Ерусалим за да го обноват чистото обожавање (Исаија 21:9; 2. Летописи 36:22, 23; Еремија 51:7, 8).
12. а) Во која смисла паднал Големиот Вавилон во нашево време? б) Што докажува дека Јехова целосно го отфрлил христијанскиот свет?
12 И во нашево време се слушна извикот дека Големиот Вавилон паднал! Привремениот успех што вавилонскиот христијански свет го постигна во 1918 година, пропадна во 1919 година кога остатокот од помазаници — класата на Јован — беа оживеани со духовно воскресение. Големиот Вавилон падна во таа смисла што веќе не можеше да го држи Божјиот народ во ропство. Како скакулци, Христовите помазани браќа излегоа од бездната, спремни да дејствуваат (Откровение 9:1-3; 11:11, 12). Тие беа современиот ‚верен и разборит роб‘, и Господарот ги постави над целиот свој имот на Земјата (Матеј 24:45-47). Тоа што беа употребени на ваков начин беше доказ дека Јехова целосно го отфрлил христијанскиот свет, и покрај тоа што тој тврдеше дека е Божји претставник на Земјата. Вистинското обожавање беше воспоставено и беше отворен патот да се заврши запечатувањето на остатокот од 144.000-те — преостанатиот дел од потомството на жената, вековен непријател на Големиот Вавилон. Сето ова го навести големиот пораз на таа сатанска религиозна организација.
Истрајност од светите
13. а) Што објавил третиот ангел? б) Како им пресудил Јехова на оние што го примиле жигот на ѕверот?
13 Сега зборува третиот ангел. Слушај! „По него одеше уште еден ангел, трет ангел, велејќи со силен глас: ‚Ако некој му се поклони на ѕверот и на неговиот кип и ако прими жиг на своето чело или на раката, тој, исто така, ќе пие од виното на Божјиот гнев, неразводнето, кое е сипано во чашата на неговата јарост‘“ (Откровение 14:9, 10а). Од Откровение 13:16, 17 дознавме дека оние што не го обожаваат кипот на ѕверот во денот на Господарот ќе страдаат, па дури и ќе бидат убиени. Сега гледаме дека Јехова одлучил да им суди на оние што ‚го имаат жигот — името на ѕверот или бројот на неговото име‘. Тие ќе бидат присилени да пијат од горчливата чаша на Јеховината јарост. Што ќе значи ова за нив? Во 607 год. пр.н.е., кога Јехова го натерал Ерусалим да пие од „чашата на неговиот гнев“, градот го снашле „пустошење и сотирање, глад и меч“ од рацете на Вавилонците (Исаија 51:17, 19). Слично на ова, и приврзаниците на светските политички сили и на нивниот кип — Обединетите нации — ќе ги снајде голема неволја кога ќе бидат принудени да пијат од чашата на Јеховиниот гнев (Еремија 25:17, 32, 33). Тие ќе бидат срамнети со земја.
14. Уште пред да бидат уништени, што мора да претрпат оние што го обожаваат ѕверот и неговиот кип, и како Јован го опишал ова?
14 Но, уште пред да се случи ова, оние што го имаат жигот на ѕверот ќе ги сносат страшните последици од Јеховината немилост. Зборувајќи за секој што го обожава ѕверот и неговиот кип, ангелот му вели на Јован: „И ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. И чадот од нивното мачење ќе се крева во сета вечност. Ни дење ни ноќе нема да имаат одмор оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот кип, и сите што го примија жигот на неговото име“ (Откровение 14:10б, 11).
15, 16. Какво е значењето на зборовите „оган и сулфур“ во Откровение 14:10?
15 Некои сметаат дека тоа што овде се спомнуваат оган и сулфур е доказ дека постои пекол. Но, краткиот осврт на едно слично пророштво ќе ни го открие вистинското значење на овие зборови во овој контекст. Уште во времето на Исаија, Јехова ги предупредил Едомците дека ќе бидат казнети затоа што постапувале непријателски со Израел. Тој рекол: „Потоците на Восор ќе се претворат во смола, неговиот прав во сулфур, а неговата земја ќе биде како запалена смола. Ни дење ни ноќе нема да се гаси, довека ќе се крева чад од неговото пепелиште. Од поколение во поколение ќе остане запален, никогаш повеќе никој нема да поминува низ него“ (Исаија 34:9, 10).
16 Дали Едом бил фрлен во некој митолошки пекол за да гори засекогаш? Се разбира дека не. Напротив, овој народ потполно исчезнал од светската сцена исто како да бил целосно изгорен со оган и сулфур. Крајниот резултат од казната не бил вечно мачење, туку ‚празнина... пустош... исчезнување‘ (Исаија 34:11, 12). Чадот што ‚довека се крева‘ уште повеќе го нагласува ова. Кога една куќа ќе изгори, чадот продолжува извесно време да се крева од пепелот, дури и откако огнот ќе стивне, а за набљудувачите тоа е доказ дека таму имало голем пожар. До ден-денес Божјиот народ се сеќава на поуката што требало да се извлече од уништувањето на Едом. Така, ‚чадот од неговото пепелиште‘ сѐ уште се крева на симболичен начин.
17, 18. а) Кој е исходот за оние што го примаат жигот на ѕверот? б) Во која смисла се мачени оние што го обожаваат ѕверот? в) На кој начин, „чадот од нивното мачење се крева во сета вечност“?
17 И оние што го имаат жигот на ѕверот ќе бидат уништени потполно, како со оган. Пророштвото понатаму ни открива дека нивните мртви тела ќе останат непогребани и ќе бидат изедени од животните и птиците (Откровение 19:17, 18). Значи, јасно е дека нема да бидат дословно мачени засекогаш! Тогаш, во која смисла ќе бидат ‚мачени со оган и сулфур‘? Така што со објавувањето на вистината се разоткриени и предупредени за Божјиот претстоен суд. Затоа тие ги оцрнуваат Божјите слуги и, кога е можно, лукаво го наведуваат политичкиот ѕвер да ги прогонува, па дури и да ги убива Јеховините сведоци. На крајот, овие противници ќе бидат уништени како со оган и сулфур. Тогаш „чадот од нивното мачење ќе се крева во сета вечност“ во таа смисла што Божјата осуда над нив ќе служи како преседан ако некогаш повторно биде доведено во прашање Јеховиното право да владее. Тоа прашање ќе биде решено за сета вечност.
18 Кој ја пренесува оваа мачна порака денес? Сети се, симболичните скакулци имаат власт да ги мачат луѓето што го немаат печатот на Бог на нивните чела (Откровение 9:5). Очигледно е дека тие се мачителите кои се предводени од ангели. Овие симболични скакулци се толку упорни што од нив ‚ни дење ни ноќе [немаат] одмор оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот кип, и сите што го примиле жигот на неговото име‘. На крајот, откако ќе бидат уништени, во сета вечност ќе се крева „чадот од нивното мачење“ како величествен доказ за оправдувањето на Јеховиното право да владее. Од класата на Јован се бара да истрае сѐ додека Јехова не биде потполно оправдан! Ангелот заклучува: „Тоа бара истрајност од светите, оние што ги држат Божјите заповеди и верата во Исус“ (Откровение 14:12).
19. Зошто од светите се бара истрајност, и кои зборови на Јован ги зајакнуваат?
19 Да, ‚истрајноста на светите‘ значи да го обожаваат само Јехова преку Исус Христос. Нивната порака не е омилена. Таа им носи противење, прогонство, па дури и мачеништво. Но, тие се зајакнати од она што сега го гледа Јован: „И чув глас од небото како вели: ‚Напиши: среќни се оние што отсега умираат во Господарот. Да, вели духот, нека се одморат од својот труд, зашто нивните дела одат по нив‘“ (Откровение 14:13).
20. а) Како ветувањето на Јован е во согласност со пророштвото за присутноста на Исус, кое го дал Павле? б) Каква посебна чест им е ветена на оние помазаници што умираат откако Сатана бил исфрлен од небото?
20 Ова ветување е во потполна согласност со пророштвото што го дал Павле во врска со присутноста на Исус: „Најпрво ќе станат оние што се мртви во единство со Христос. Потоа ние живите, кои ќе преостанеме [помазаниците кои се живи во денот на Господарот], заедно со нив ќе бидеме однесени во облаците за да се сретнеме со Господарот во воздухот“ (1. Солуњаните 4:15-17). Откако Сатана бил исфрлен од небото, оние што умреле во единство со Христос воскреснале први. (Спореди Откровение 6:9-11.) Потоа, на помазаниците што умираат во денот на Господарот им е ветена една посебна чест. Тие воскреснуваат како духовни суштества на небото веднаш, „за миг“ (1. Коринќаните 15:52). Ова навистина е нешто прекрасно! И, тие веднаш продолжуваат да ги вршат своите праведни дела на небото.
Земната жетва
21. Што ни кажува Јован за „земната жетва“?
21 И други извлекуваат корист од овој ден на суд, како што ни кажува и Јован: „И видов, и гледај — бел облак, а на облакот седеше некој како синот човечки, со златна круна на главата и со остар срп во раката. И еден друг ангел [четврти] излезе од храмското светилиште, викајќи му со силен глас на оној што седи на облакот: ‚Замавни со српот и жнеј, зашто дојде часот да се жнее, земната жетва е зрела!‘ И оној што седеше на облакот замавна со српот на земјата, и земјата беше пожнеана“ (Откровение 14:14-16).
22. а) Кој е тој што носи златна круна и седи на бел облак? б) Кога ќе заврши жетвата, и како?
22 Нема сомнение кој е оној што седи на белиот облак, а личи на синот човечки и има златна круна на главата. Јасно е дека тоа е Исус, месијанскиот Цар што Даниел го видел во видение (Даниел 7:13, 14; Марко 14:61, 62). Но, што е жетвата која е проречена овде? Кога бил на Земјата, Исус го споредил делото на поучување со жетва, а луѓето во целиот свет ги споредил со поле (Матеј 9:37, 38; Јован 4:35, 36). Жетвата е во полн ек во денот на Господарот, кога Исус е крунисан за Цар и кога ќе го изврши судот во името на својот Татко. Според тоа, времето во кое владее тој, од 1914 година наваму, е и време на радосно собирање на жетвата. (Спореди 5. Мојсеева 16:13-15.)
23. а) Од кого доаѓа заповедта да се започне со жетвата? б) Какво собирање уследило од 1919 година наваму?
23 Иако е Цар и Судија, Исус чека неговиот Бог Јехова да издаде заповед кога да почне да жнее. Заповедта излегува од „храмското светилиште“ и Јехова му ја праќа преку ангел. Исус веднаш послушно реагира. Најпрво, од 1919 година наваму, неговите ангели го завршуваат собирањето на 144.000-те (Матеј 13:39, 43; Јован 15:1, 5, 16). Потоа почнува собирањето на големото мноштво од други овци (Јован 10:16; Откровение 7:9). Историјата покажува дека меѓу 1931 и 1935 година се појавил прилично голем број други овци. Во 1935 година, Јехова ѝ помогнал на класата на Јован да разбере кое е, всушност, големото мноштво од Откровение 7:9-17. Оттогаш наваму, акцентот беше ставен на собирањето на ова мноштво. До 2005 година, неговиот број веќе беше поголем од шест милиони, и сѐ уште расте. Оној што е како синот човечки сигурно собрал обилна радосна жетва во ова време на крајот. (Спореди 2. Мојсеева 23:16; 34:22.)
Газење на земната лоза
24. Што имал во рацете петтиот ангел, и што извикал шестиот ангел?
24 Кога ќе заврши жетвата на оние што ќе се спасат, следи уште едно собирање. Јован кажува: „И уште еден ангел [петти] излезе од светилиштето на небесниот храм. И тој имаше остар срп. И уште еден ангел [шести] излезе од жртвеникот и имаше власт над огнот. И извика со силен глас по оној што го имаше остриот срп: ‚Замавни со својот остар срп и собери ги гроздовите од земната лоза, зашто нејзиното грозје узреало!‘“ (Откровение 14:17, 18). Додека ги одвојуваат добрите од лошите, мноштвата ангели навистина се зафатени со голема жетва во денот на Господарот!
25. а) Што покажува тоа што петтиот ангел излегол од храмското светилиште? б) Зошто е на место заповедта да започне собирањето да ја даде ангел што ‚излегува од жртвеникот‘?
25 Петтиот ангел излегува од храмското светилиште каде што се наоѓа самиот Јехова. Според тоа, и последното собирање е во согласност со Јеховината волја. На ангелот му е заповедано да започне со работа со една порака што му ја дава друг ангел кој ‚излегува од жртвеникот‘. Ова е многу важно, бидејќи верните души во подножјето на жртвеникот прашуваа: „До кога, Севишен Господару, свет и вистинит, нема да им судиш и нема да им се одмаздуваш за нашата крв на оние што живеат на земјата?“ (Откровение 6:9, 10). Со берењето на земната лоза, ќе биде одговорено на овој нивни повик за одмазда.
26. Што е „земната лоза“?
26 Но, што е „земната лоза“? Во Хебрејските списи, за еврејскиот народ се вели дека бил лоза на Јехова (Исаија 5:7; Еремија 2:21). Слично на тоа, и за Исус Христос и за оние што служат со него во Божјето Царство се вели дека се лоза (Јован 15:1-8). Во овој контекст, значајна карактеристика на лозата е тоа што дава плод, а вистинската христијанска лоза дала обилен плод на Јеховина фалба (Матеј 21:43). Според тоа, „земната лоза“ мора да е, не оваа вистинска лоза, туку Сатановата имитација на таа лоза, неговиот расипан видлив владејачки поредок над човештвото, со разните негови „гроздови“, односно демонски плодови што ги дал низ вековите. Големиот Вавилон, во кој отпадничкиот христијански свет зазема многу важно место, имал големо влијание врз оваа отровна лоза. (Спореди 5. Мојсеева 32:32-35.)
27. а) Што се случува кога ангелот со српот ја собира земната лоза? б) Кои пророштва во Хебрејските списи укажуваат на големината на бербата?
27 Осудата мора да биде извршена! „И ангелот замавна со српот на земјата и ја пресече земната лоза и заедно со грозјето ја фрли во големото гмечало на Божјиот гнев. И гмечалото беше газено надвор од градот и крв протече од гмечалото, подигнувајќи се дури до уздите на коњите, на оддалеченост од илјада и шестотини стадии“ (Откровение 14:19, 20). Јехова уште одамна објавил дека е огорчен на таа лоза (Софонија 3:8). Едно пророштво во книгата Исаија не остава простор да се сомневаме дека цели народи ќе бидат уништени кога ќе биде газена кацата, односно гмечалото (Исаија 63:3-6). И Јоил пророкувал дека големи „мноштва“, цели народи, ќе бидат згазени и уништени во „каците“ во „долината на одлуката“ (Јоил 3:12-14). Ова навистина е зачудувачки голема берба — таква нема да има никогаш повеќе! Според видението на Јован, не е обрано само грозјето туку целата симболична лоза е исечена и фрлена во гмечалото за да биде газена. Значи, земната лоза ќе биде згазена и веќе никогаш нема да порасне.
28. Кој ја гази земната лоза, и што значи тоа што гмечалото е „газено надвор од градот“?
28 Во видението, оваа лоза ја газат коњи, бидејќи крвта што протекува од лозата достигнува до „уздите на коњите“. Со оглед на тоа што зборот „коњи“ обично се однесува на воени дејства, ова мора да се случува во време на војна. За небесните војски што го следат Исус во неговата последна војна против Сатановиот поредок се вели дека го газат „гмечалото на гневната лутина на Семоќниот Бог“ (Откровение 19:11-16). Тие се очигледно истите оние што ја газат земната лоза. Гмечалото е „газено надвор од градот“, односно надвор од небесниот Сион. И навистина е на место земната лоза да биде газена на Земјата. Но, ќе биде ‚газена надвор од градот‘ и во таа смисла што нема да им се случи ништо лошо на преостанатите од потомството на жената, кои го застапуваат небесниот Сион на Земјата. Тие, заедно со големото мноштво, ќе бидат скриени на сигурно во Јеховината земна организација (Исаија 26:20, 21).
29. Колку е длабока крвта што потекува од гмечалото, колку далеку тече, и што значи сево ова?
29 Ова живописно видение има сличности со уништувањето на земните владетелства од страна на Царството претставено со каменот, кое е опишано во Даниел 2:34, 44. Ќе има истребување. Реката крв што потекува од гмечалото е многу длабока — достигнува до уздите на коњите, и тече во должина од 1.600 стадии.a Оваа огромна бројка, која се добива кога четири на квадрат ќе се помножи по десет на квадрат (4 x 4 x 10 x 10), нагласува дека по целата Земја ќе има докази за уништувањето (Исаија 66:15, 16). Уништувањето ќе биде целосно и неповратно. Никогаш, да, никогаш повеќе Сатановата земна лоза нема да фати корен! (Псалм 83:17, 18).
30. Какви плодови дава Сатановата лоза, и на што треба да бидеме решени ние?
30 Бидејќи живееме длабоко во времето на крајот, видението за овие две берби има длабоко значење за нас. Треба само да се свртиме околу нас и ќе ги видиме плодовите од Сатановата лоза. Насекаде има абортуси и други видови убиства; хомосексуалност, прељуба и други облици на неморал, како и нечесност и недостиг на љубов. Поради сите овие работи, овој свет му е одвратен на Јехова. Сатановата лоза дава „отровен плод и пелин“. Неговиот штетен, идолопоклонички начин на живот му носи срам на Големиот Творец на луѓето (5. Мојсеева 29:18; 32:5; Исаија 42:5, 8). Каква чест имаме ние што сме тесно поврзани со класата на Јован во бербата на добрите плодови кои Исус ги донесува на слава на Јехова! (Лука 10:2). Сите ние да бидеме решени да не дозволиме да нѐ затруе лозата на овој свет, и на тој начин да избегнеме да бидеме згазени заедно со земната лоза кога Јехова ќе ги изврши своите осуди.
[Фуснота]
a Илјада и шестотини стадии се околу 300 километри (Откровение 14:20, фуснота).
[Рамка на страница 208]
,Виното на нејзиниот блуд‘
Важен дел од Големиот Вавилон е Римокатоличката црква. На чело на Црквата се наоѓа папата во Рим, а таа тврди дека секој папа е наследник на апостол Петар. Следат некои објавени факти во врска со овие таканаречени наследници:
Формоз (891-896): „Девет месеци по неговата смрт, телото на Формоз било ископано од папската гробница и изведено на суд пред ‚мртовечкиот‘ собор, на кој претседавал Стефан [новиот папа]. Мртвиот папа бил обвинет дека бил претерано амбициозен во своите настојувања да седне на папската столица и сите негови одлуки биле прогласени за неважечки... На трупот му била соблечена папската одежда; прстите на десната рака му биле отсечени“ (New Catholic Encyclopedia).
Стефан VI (896/897): „По неколку месеци [од судењето на трупот на Формоз] насилно била прекината папската служба на Стефан; му биле одземени папските ознаки, бил затворен и задавен“ (New Catholic Encyclopedia).
Сергиј III (904-911): „Двајцата негови претходници... биле задавени в затвор... Тој ја имал поддршката од семејството на Теофилакт во Рим, со чија ќерка, Мароција, веројатно имал син (кој подоцна станал папата Јован XI)“ (New Catholic Encyclopedia).
Стефан VII (928-931): „Во последните години од својата папска служба, папата Јован X... си го навлекол гневот на Мароција, римската Дона сенатрикс, и бил затворен и убиен. Потоа Мароција му го дала папството на папата Лав VI, кој умрел откако бил во таа служба само шест и пол месеци. Го наследил Стефан VII, најверојатно под влијание на Мароција... Во текот на двете години во кои служел како папа, тој немал никаква власт бидејќи бил под контрола на Мароција“ (New Catholic Encyclopedia).
Јован XI (931-935): „По смртта на Стефан VII... Мароција, од домот на Теофилакт, успеала да ја придобие папската служба за својот син Јован, младич во своите рани 20-ти години... Додека бил папа, Јован бил под контрола на својата мајка“ (New Catholic Encyclopedia).
Јован XII (955-964): „Тој имал само 18 години, а записите од тоа време потврдуваат дека немал никаков интерес за духовните работи, бил оддаден на простачки уживања и на незауздан и развратен живот“ (The Oxford Dictionary of Popes).
Бенедикт IX (1032-1044; 1045; 1047/1048): „Тој бил познат по тоа што му го продал папството на својот кум, а потоа уште двапати се вратил во оваа служба“ (The New Encyclopædia Britannica).
Според тоа, наместо да го следат примерот на верниот Петар, овие и други папи имале злобно влијание. Тие дозволувале крвопролевање, како и духовен и дословен блуд. Освен тоа, дозволиле во нивната Црква да имаат влијание и да ја расипат жени слични на Језавела (Јаков 4:4). Во 1917 година, во книгата Тајната е разоткриена, издадена од Истражувачите на Библијата, беа изложени во детали многу од овие факти. Тоа беше еден од начините на кои Истражувачите на Библијата во тоа време ‚ја удрија земјата со секакви неволји‘ (Откровение 11:6; 14:8; 17:1, 2, 5).
[Слика на страница 206]
Устоличениот Христос ја извршува осудата со поддршка од ангелите
[Слика на страница 207]
Затворениците во Вавилон биле ослободени откако тој паднал во 539 год. пр.н.е.