Поглавје 31
Јеховините големи и чудесни дела
Видение 10 — Откровение 15:1—16:21
Тема: Јехова е во своето светилиште; седумте садови на гневот се излеани врз Земјата
Кога се исполнува: од 1919 година до Армагедон
1, 2. а) За каков трет знак известува Јован? б) Која улога на ангелите веќе долго време им е позната на Јеховините слуги?
ЕДНА жена раѓа машко дете! Еден голем змеј сака да го проголта тоа дете! Од овие два знака на небото, кои се прикажани толку живописно во 12. поглавје од книгата Откровение, се уверивме дека вековната борба меѓу потомството на Божјата жена од една страна и Сатана со неговото демонско потомство од друга страна го достигнува својот врв. Јован укажува на овие симболи со зборовите: „И се покажа голем знак на небото... И се покажа друг знак“ (Откровение 12:1, 3, 7-12). Сега Јован известува за уште еден, трет знак: „И видов на небото еден друг знак, голем и чудесен: седум ангели со седум неволји. Тие се последните, зашто со нив завршува Божјиот гнев“ (Откровение 15:1). Овој трет знак е од голема важност за Јеховините слуги.
2 Забележи дека ангелите повторно имаат многу важна улога во извршувањето на Божјата волја. Јеховините слуги одамна го знаат ова. Под вдахновение, псалмистот што живеел во дамнина дури и ги поттикнал ангелите со зборовите: „Благословувајте го Јехова, ангели негови, моќни во силата, кои ја извршувате неговата реч и ги слушате неговите заповеди!“ (Псалм 103:20). Сега, во оваа нова сцена, ангелите добиваат задача да ги излеат седумте последни неволји.
3. Што се седумте неволји, и што значи нивното излевање?
3 Што се овие неволји? Исто како седумте огласувања на трубите, тие се остри објави на суд со кои Јехова објавува како гледа на различните обележја на овој свет и дава предупредување за крајниот исход од неговите судски пресуди (Откровение 8:1 — 9:21). Излевањето на неволјите значи дека овие пресуди ќе бидат извршени кога Јехова, во денот на својот пламнат гнев, ќе ги уништи сите оние што ја предизвикале неговата јарост (Исаија 13:9-13; Откровение 6:16, 17). На тој начин, со овие пресуди „завршува Божјиот гнев“. Но, пред да ни опише како овие неволји биле излеани, Јован ни кажува дека некои луѓе нема да бидат погодени од нив. Овие верни лица, кои одбиле да го примат жигот на ѕверот, му пеат фалби на Јехова објавувајќи го неговиот ден на одмазда (Откровение 13:15-17).
Песната на Мојсеј и на Јагнето
4. Каква глетка се открива пред очите на Јован?
4 Сега пред очите на Јован се открива прекрасна глетка: „И видов нешто како стаклено море измешано со оган. Покрај тоа стаклено море, со Божји харфи во рацете, стоеја оние што го победија ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име“ (Откровение 15:2).
5. Што претставува ‚стакленото море измешано со оган‘?
5 ,Стакленото море‘ е истото море кое Јован веќе го виде пред Божјиот престол (Откровение 4:6). Слично е на ‚излеаното море‘ во храмот на Соломон, во кое се чувала вода од која свештениците земале за да се измијат (1. Царевите 7:23). Затоа ова „стаклено море“ е многу добар симбол за ‚капењето во вода‘, односно во речта Божја, со која Исус го чисти собранието составено од помазани христијански свештеници (Ефешаните 5:25, 26; Евреите 10:22). Ова стаклено море е „измешано со оган“, што покажува дека овие помазаници се пречистени и испитани дали ги задоволуваат високите мерила што се поставени за нив. Освен тоа, нѐ потсетува дека Божјата реч содржи и огнени осуди за неговите непријатели (5. Мојсеева 9:3; Софонија 3:8). Некои од овие осуди се дел од последните седум неволји што сега ќе бидат излеани.
6. а) Кои се пејачите што стојат пред небесното стаклено море, и од каде го знаеме ова? б) Во која смисла тие ‚победиле‘?
6 Тоа што излеаното море во храмот на Соломон го користеле свештениците покажува дека пејачите што стојат пред небесното стаклено море се исто така свештеници. Тие имаат „Божји харфи“, и со ова потсетуваат на 24-те старешини и на 144.000-те, бидејќи и овие групи пеат во придружба на харфи (Откровение 5:8; 14:2). Пејачите што ги гледа Јован ‚го победиле ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име‘. Затоа, тие мора да се оние од 144.000-те кои живеат на Земјата во последните денови. Како група, тие навистина се победници. Во речиси 90 години по 1919 година, тие одбиле да го примат жигот на ѕверот и одбиле да веруваат дека неговиот лик, односно кип, е единствена надеж за мир на човештвото. Многу од нив веќе останале верни до смрт и сега се на небото. Без сомнение, тие со посебна радост го следат пеењето на нивните браќа кои сѐ уште се на Земјата (Откровение 14:11-13).
7. Во кои пригоди се користела харфата во древниот Израел, и како треба да влијаат врз нас Божјите харфи од видението на Јован?
7 Овие лојални победници имаат Божји харфи во рацете. Значи, слични се на храмските левити од старо време, кои го обожавале Јехова пеејќи во придружба на харфи. Некои и пророкувале во придружба на харфа (1. Летописи 15:16; 25:1-3). Нежните звуци на харфата ја зголемувале милозвучноста на песните на Израелците и ги разубавувале фалбените и благодарните молитви кои му ги упатувале на Јехова (1. Летописи 13:8; Псалм 33:2; 43:4; 57:7, 8). Но, харфата не се слушала во време на жалост или ропство (Псалм 137:2). Тоа што во ова видение Јован гледа Божји харфи треба да нѐ подбуди со нетрпение да ја исчекуваме радосната, победничка песна на фалба и благодарност за нашиот Бог.a
8. Каква песна се пее, и кои се нејзините зборови?
8 Еве што вели Јован сега: „И ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот роб, и песната на Јагнето: ‚Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен! Праведни и сигурни се твоите патишта, Царе на вечноста! Кој нема да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име? Зашто, само ти си лојален. Сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред тебе, бидејќи се покажа праведноста на твоите одредби‘“ (Откровение 15:3, 4).
9. Зошто песната, меѓу другото, е наречена и „песната на Мојсеј“?
9 Овие победници ја пеат „песната на Мојсеј“, односно песна како онаа што ја пеел Мојсеј во слични околности. Откако Израелците ги виделе десетте неволји во Египет и виделе како биле уништени египетските војски во Црвеното Море, Мојсеј ги предводел во една слична песна на победничка фалба за Јехова, пеејќи: „Јехова ќе царува довека, во сета вечност“ (2. Мојсеева 15:1-19). Колку е соодветно тоа што и пејачите во видението на Јован, кои го победиле ѕверот и учествуваат во објавувањето на последните седум неволји, исто така му пеат на „Царот на вечноста“! (1. Тимотеј 1:17).
10. Која друга песна ја составил Мојсеј, и како последниот стих од неа се однесува на големото мноштво денес?
10 Во една друга песна, која била составена кога Израелците се подготвувале да го заземат Ханаан, остарениот Мојсеј му рекол на својот народ: „Ќе го објавувам Јеховиното име. Величајте го нашиот Бог!“ Последниот стих од оваа песна бил охрабрувачки и за не-Израелците, а вдахновените зборови на Мојсеј важат и за големото мноштво денес: „Веселете се, народи, со неговиот народ“. Зошто да се веселат? Бидејќи Јехова сега „ќе ја одмазди крвта на своите слуги, ќе изврши одмазда над своите противници“. Ова извршување на праведна одмазда ќе им донесе огромна радост на сите што се надеваат на Јехова (5. Мојсеева 32:3, 43; Римјаните 15:10-13; Откровение 7:9).
11. Како продолжува да се исполнува песната што ја слушнал Јован?
11 Колку ли ќе се радуваше Мојсеј да живееше сега, во денот на Господарот, и да пееше заедно со небесниот хор: „Сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред тебе“! Оваа возвишена песна продолжува да се исполнува денес кога гледаме — и тоа не во видение туку на јаве — како милиони лица од народите радосно се собираат во Јеховината земна организација.
12. Зошто песната на победниците е наречена и ‚песна на Јагнето‘?
12 Но, оваа песна не е само на Мојсеј туку и „на Јагнето“. Во која смисла? Мојсеј бил Јеховин пророк во Израел, но самиот прорекол дека во иднина Јехова ќе подигне друг пророк сличен на него. Се покажало дека тој пророк е Јагнето, Исус Христос. Мојсеј бил ‚Божји роб‘, но Исус е Божји Син, всушност — Поголемиот Мојсеј (5. Мојсеева 18:15-19; Дела 3:22, 23; Евреите 3:5, 6). Затоа може да се каже дека пејачите ја пеат и „песната на Јагнето“.
13. а) Во која смисла Исус е сличен на Мојсеј, иако е поголем од него? б) Како можеме да покажеме дека се согласуваме со пејачите?
13 Исто како Мојсеј, Исус јавно го славел Бог и ја прорекол Неговата победа над сите непријатели (Матеј 24:21, 22; 26:30; Лука 19:41-44). Исус желно го очекувал и времето кога народите ќе дојдат да го слават Јехова и, како самопожртвувано ‚Божје Јагне‘, тој го дал својот човечки живот за да го овозможи ова (Јован 1:29; Откровение 7:9; спореди Исаија 2:2-4; Захарија 8:23). Освен тоа, исто како што Мојсеј ја сфатил важноста на Божјето име, Јехова, и го славел, и Исус го објавувал Божјето име насекаде (2. Мојсеева 6:2, 3; Псалм 90:1, 17; Јован 17:6). Бидејќи Јехова е лојален, неговите величествени ветувања сигурно ќе се исполнат. Тогаш и ние, заедно со овие лојални пејачи, со Јагнето и со Мојсеј, сигурно се согласуваме со следниве зборови од оваа песна: „Кој нема да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име?“
Ангелите со садовите
14. Кого гледа Јован како излегува од светилиштето, и што им е дадено?
14 Сосема е на место тоа што ја слушаме песната на овие помазани победници. Зошто? Затоа што тие ги објавуваат на Земјата осудите што се наоѓаат во садовите кои се полни со Божјиот гнев. Но, во излевањето на овие садови не се вклучени само луѓето, како што сега ни покажува Јован: „Потоа видов како се отвори светилиштето во шаторот на сведоштвото на небото. И седумте ангели со седумте неволји излегоа од светилиштето. Беа облечени во чист и сјаен лен и околу градите беа опашани со златни појаси. И едно од четирите суштества им даде на седумте ангели седум златни садови полни со гневот на Бог, кој живее во сета вечност“ (Откровение 15:5-7).
15. Зошто не е за изненадување тоа што седумте ангели излегуваат од светилиштето?
15 Во храмот во Израел, во кој имало обележја што ги претставувале небесните работи, во Светињата над Светињите — овде наречена „светилиштето“ — можел да влезе само првосвештеникот (Евреите 9:3, 7). Таа го претставува местото каде што престојува Јехова на небото. Но, во самото небо, освен првосвештеникот Исус Христос, и ангелите имаат чест да застанат пред Јехова (Матеј 18:10; Евреите 9:24-26). Затоа не е за изненадување тоа што може да се види дека седумте ангели излегуваат од небесното светилиште. Тие добиле задача лично од Јехова Бог: Излејте ги садовите полни со Божјиот гнев! (Откровение 16:1).
16. а) Што покажува дека седумте ангели се добро подготвени за својата работа? б) Од што се гледа дека и други се вклучени во оваа важна задача на излевање на симболичните садови?
16 Овие ангели се добро подготвени за оваа работа. Облечени се во чист и сјаен лен, што покажува дека се духовно чисти и свети, праведни во Јеховини очи. Освен тоа, носат златни појаси. Појас обично опашувал оној што требало да заврши некоја работа (3. Мојсеева 8:7, 13; 1. Самоилова 2:18; Лука 12:37; Јован 13:4, 5). Значи, ангелите се опашани за да извршат некоја задача. Освен тоа, нивните појаси се златни. Во светиот шатор во старо време, златото ги претставувало Божјите, небесни работи (Евреите 9:4, 11, 12). Ова значи дека тие ангели треба да извршат еден многу важен службен налог што го добиле од Бог. И други се вклучени во оваа важна задача. Едно од четирите суштества им ги предава садовите. Нема сомнение дека тоа е првото суштество, кое личи на лав — соодветен симбол за смелоста и непоколебливата храброст кои се потребни за да се објават Јеховините осуди (Откровение 4:7).
Јехова е во своето светилиште
17. Што ни кажува Јован за светилиштето, и како нѐ потсетува тоа на светилиштето во древниот Израел?
17 На крајот, завршувајќи со раскажувањето на овој дел од видението, Јован ни кажува: „Светилиштето се исполни со чад од Божјата слава и од моќ, и никој не можеше да влезе во светилиштето додека не завршија седумте неволји на седумте ангели“ (Откровение 15:8). Имало прилики во историјата на Израел кога облак го прекривал вистинското светилиште, и овој показател за Јеховината слава ги спречувал свештениците да влезат таму (1. Царевите 8:10, 11; 2. Летописи 5:13, 14; спореди Исаија 6:4, 5). Ова се случувало во времето кога Јехова активно се вклучувал во настаните на Земјата.
18. Кога ќе се вратат седумте ангели за да му поднесат извештај на Јехова?
18 Јехова е многу заинтересиран и за она што денес се случува на Земјата. Тој сака седумте ангели да ја извршат својата задача. Сега е многу важно време на суд, како што е опишано во Псалм 11:4-6: „Јехова е во својот свет храм. Јехова — на небото е престолот негов. Неговите очи набљудуваат, неговиот поглед ги испитува синовите човечки. Јехова го испитува и праведниот и злиот, а душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството. Ќе им пушти на злите дожд од замки, од оган и сулфур, и жежок ветар, како чаша што ќе мораат да ја испијат“. Сѐ додека овие седум неволји не бидат излеани врз злобните, седумте ангели нема да се вратат во Јеховиното возвишено присуство.
19. а) Која заповед е дадена, и кој ја дава? б) Кога најверојатно почнало излевањето на симболичните садови?
19 Се слуша громогласна заповед: „И чув силен глас од светилиштето како им вели на седумте ангели: ‚Одете и излејте ги на земјата седумте садови на Божјиот гнев‘“ (Откровение 16:1). Кој ја дава оваа заповед? Мора да ја дава Јехова лично, бидејќи од сјајот на неговата слава и моќ никој не може да влезе во светилиштето. Јехова дошол да суди во својот духовен храм во 1918 година (Малахија 3:1-5). Значи, најверојатно кратко потоа била дадена заповедта да се излеат садовите на Божјиот гнев. Всушност, осудите што ги содржеле симболичните садови почнале засилено да се објавуваат во 1922 година. А тоа објавување денес се слуша погласно од кога и да било порано.
Садовите и огласувањето на трубите
20. Што откриваат и на што предупредуваат садовите на Јеховиниот гнев, и како се излеани?
20 Садовите на Божјиот гнев откриваат како Јехова гледа на светот и предупредуваат за осудите што тој ќе ги изврши. Ангелите ги излеваат садовите преку собранието од помазани христијани на Земјата, оние што ја пеат песната на Мојсеј и песната на Јагнето. Додека ја објавува добрата вест за Царството, класата на Јован храбро разоткрива што содржат овие садови на гнев (Матеј 24:14; Откровение 14:6, 7). На тој начин, нивната вест е од една страна мирољубива, бидејќи им навестува слобода на луѓето, но од друга страна најавува војна, затоа што предупредува на „денот на одмаздата на нашиот Бог“ (Исаија 61:1, 2).
21. Во која смисла целите на првите четири садови на Божјиот гнев се исти со целите на првите четири огласувања на трубите, но во што се разликуваат?
21 Целите на првите четири садови на Божјиот гнев се исти со целите на првите четири трубења, односно погодени се земјата, морето, реките и изворите на вода, како и небесните извори на светлина (Откровение 8:1-12). Но, огласувањето на трубите најави неволји за „третина“ од нив, додека садовите на Божјиот гнев се излеани целосно врз сите. Според тоа, иако во денот на Господарот вниманието најпрво е насочено на христијанскиот свет како „третина“, сепак ниту еден дел од Сатановиот свет нема да се спаси од Јеховините страшни вести на осуда и од тагата што ќе ја предизвикаат тие.
22. Како се разликуваат трите последни трубења, и како се поврзани со трите садови на Јеховиниот гнев?
22 Последните три трубења беа поинакви, бидејќи беа наречени маки (Откровение 8:13; 9:12). Првите две маки се однесуваа посебно на скакулците и на војските од коњаници, а третата го најави раѓањето на Јеховиното Царство (Откровение 9:1-21; 11:15-19). Како што ќе видиме, последните три садови на Божјиот гнев исто така опфаќаат некои од тие аспекти, но донекаде се разликуваат од овие три маки. Ајде сега внимателно да ги разгледаме возбудливите објави што се резултат на излевањето на садовите на Јеховиниот гнев.
[Фуснота]
a Интересно е што во 1921 година класата на Јован ја издаде книгата за проучување на Библијата со наслов Божја харфа (The Harp of God) на повеќе од 20 јазици, а нејзиниот тираж беше над пет милиони. Таа помогна да се соберат и други помазани пејачи.