Ослободување при откривањето на Исус Христос
„Радувајте се . . . кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите“ (1. ПЕТРОВО 4:13).
1. Како Јехова ги збогатил своите слуги?
ЈЕХОВА ги збогатил своите Сведоци со многу дарови. Како наш Величествен Учител, тој нѐ просветлил со полнота на спознание во поглед на неговата волја и намера. Преку неговиот свет дух, во нас ја изградил способноста да ја зрачиме светлината со храброст. Инспирираниот апостол Павле во 1. Коринтјаните 1:6, 7 ни вели: „Се утврди во вас Христовото сведоштво, така што да не се лишавате од никаков дар, вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос“.
2. Какви радосни изгледи произлегуваат од „откровението на нашиот Господ Исус Христос“?
2 „Откровението на нашиот Господ Исус Христос“ — што значи тоа? Тоа се однесува на времето кога Исус ќе се открие како славен Цар кој ќе дејствува да ги награди своите верни следбеници и да изврши одмазда над безбожните. Како што покажува 1. Петрово 4:13, тоа ќе биде време кога духовно помазаните христијани кои ја чуваат својата беспрекорност и нивните лојални придружници од ‚големото мноштво‘ ќе ‚се возрадуваат и развеселат‘, бидејќи тоа го означува крајот на Сатановиот систем на ствари.
3. Како мораме да останеме цврсти, како што биле нашите браќа во Солун?
3 Додека тоа време се приближува, Сатана во својот гнев го зголемува притисокот врз нас. Како лав што рика, тој се обидува да нѐ голтне. Мораме да останеме цврсти! (1. Петрово 5:8-10). Нашите браќа од древниот Солун кога биле нови во вистината, трпеле неволји слични на оние што ги поднесуваат многу Јеховини сведоци денес. Затоа зборовите на апостол Павле до нив се многу значајни и за нас. Тој напишал: „Праведно е од Божја страна да им плати со страдање на оние кои вам ви нанесуваат страдање, но на вас кои страдате, помош заедно со нас при откривањето на Господ Исус Христос од небото со неговите моќни ангели во пламен оган, кога ќе изврши одмазда врз оние кои не го познаваат Бог, и врз оние кои не ја слушаат добрата вест за нашиот Господ Исус Христос“ (2. Солунјаните 1:6-8, NW). Да, помошта сигурно ќе дојде!
4. Зошто свештенството ја заслужува осудата која ќе биде извршена при Исусовото откривање?
4 Во Павлово време поголемиот дел од неволјите ги предизвикале еврејските религиозни водачи. Слично и денес, противењето спрема мирољубивите Сведоци на Јехова често е подбуцнато од страна на свештенството на христијанството. Тие лажно тврдат дека го познаваат Бог, а го отфрлаат ‚едниот Јехова‘ од Библијата и го заменуваат со мистично Тројство (Марко 12:29, NW). Не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус, бараат помош од човечките влади и ја отфрлаат добрата вест за идното Христово Царство на праведност. Сите тие религиозни противници мора да загинат во времето на „откривањето на Господ Исус од небото“!
„Доаѓањето“ на Исус Христос
5. Како Исусовото откривање е живописно опишано во Матеј 24:29, 30?
5 Тоа откривање живописно го опишал Исус во Матеј 24:29, 30 (ДК). Опишувајќи ги различните карактеристики на знакот на неговата присутност и на завршетокот на системот на ствари, тој вели: „Ќе се помрачи сонцето, и месечината ќе ја изгуби својата светлина, и ѕвездите ќе паднат од небото, и силите небесни ќе се поместат“. Во тоа време, „ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки“. Народите на Земјата „ќе се расплачат . . . и ќе Го видат Синот Човечки [Божјиот Месијански Цар] како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“. Ова „доаѓање“ (на грчки: ерко́менон) се однесува на Исусовото појавување како Јеховин Оправдувач.
6, 7. Како ‚ќе го види секое око‘, и кој е вклучен во тоа?
6 И апостол Јован го опишува ова „доаѓање“ во Откровение 1:7, каде вели: „Ете, иде со облаците“. О, тие непријатели нема навистина да го видат Исус со нивните дословни очи бидејќи „облаците“ означуваат дека тој доаѓа невидливо за да изврши суд. Кога обичните луѓе би ја виделе неговата небесна слава со голо око, би ослепеле, исто како што ослепел Савле на патот за Дамаск кога му се јавил прославениот Исус во силна блескава светлина (Дела на св. апостоли 9:3-8; 22:6-11).
7 Извештајот од Откровението наведува дека „ќе Го види секое око, и оние, што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите земни племиња“. Тоа значи дека при уништувањето коешто Исус го донесува врз противниците на Земјата, тие ќе распознаат дека тој дошол со сила и голема слава како Јеховин Извршител. Зошто овие непријатели се опишани како „оние, што Го прободоа“? Тоа е затоа што нивниот став на огорченост спрема Јеховините слуги денес е ист како оној на Исусовите прогонители. Тие навистина „ќе се расплачат пред него“.
8. Какво предупредување дале и Исус и Павле во поглед на ненадејното уништување?
8 Како ќе дојде тој ден на Јеховината одмазда? Во пророштвото на Лука, 21. поглавје, Исус ги опишува катастрофалните настани кои служат како знак на неговата присутност од 1914. Потоа, во стих 34 и 35. Исус предупредува: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја“. Да, тој ден на Јеховината одмазда доаѓа одненадеж, веднаш! Апостолот Павле го потврдува тоа во 1. Солунјаните 5:2, 3 (NW), каде што вели: „[Јеховиниот] ден доаѓа како крадец во ноќта. Зашто, кога ќе речат: ‚Мир и безбедност!‘, тогаш ќе ги нападне ненадејна пропаст“. Уште сега народите зборуваат за мир и безбедност и предложуваат да ги зајакнат Обединетите нации за да ги средуваат проблематичните места со помош на воена сила.
9. За кого ‚светнала светлина‘ и зошто?
9 Во стиховите 4 и 5 апостолот понатаму ни кажува: „Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да ве затече како крадец. Бидејќи вие сте синови на светлината и синови на денот: ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината“. Ние се радуваме што сме синови на светлината — светлоносци пред другите кои копнеат по вистински мир и безбедност во Божјиот нов свет. Во Псалми 97:10, 11 (NW) читаме: „О вие кои го љубите Јехова, мразете го злото. Тој ги чува душите на своите лојални; од раката на злобните ги ослободува. Самата светлина светнала за праведниот, и радост за оние исправни во срцето“.
Редоследот на настаните
10. На која навремена забелешка треба да пазиме во врска со Божјиот ден на одмазда? (Откровение 16:15).
10 Каков ќе биде редоследот на настаните кога ќе удри големата неволја? Да свртиме во Откровение, поглавје 16. Забележи, како што е опишано во стиховите 13 до 16, дека нечисти, демонски духови ги собираат народите од целата Земја за Хар-Магедон, војната на големиот ден на Семоќниот Бог. Повторно е нагласено доаѓањето на денот на пресметка сличен на крадец, и предупредени сме да останеме будни — да ги задржиме духовните облеки кои нѐ обележуваат за спасение. Дошло времето да им се суди на народите на Земјата, на нациите и — на уште некој. Кој е тоа?
11. Како жената од Откровение 17:5 се идентифицирала самата себе?
11 Тоа е една симболична жена која навистина се трудела да биде „некоја“. Во Откровение 17:5 е опишана како „Тајна, Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии“. Но за Јеховините сведоци повеќе не е тајна. Таа јасно се разоткрила себеси како светско царство на лажната религија чиј поголем дел го сочинуваат сектите на т. н. христијанство. Во Јеховини очи е одвратно нејзиното мешање во политичките работи, нејзиното ‚опивање со кртва на светите‘ така што ги прогонувала вистинските христијани, и заради тоа што е одговорна за крвта „на сите што беа избиени на земјата“, вклучувајќи ги преку стоте милиони убиени само во овој XX век (Откровение 17:2, 6; 18:24).
12. Зошто се осудени сектите на христијанството?
12 Што е најлошо, сектите на христијанството му нанеле срам на името на Бог, за кого лицемерно тврдат дека го претставуваат. Тие научуваат вавилонски и грчки филозофии наместо чистата Божја Реч и придонеле за моралната деликвенција на цели нации со тоа што одобрувале слободен начин на живот кој ги исмејува библиските начела. Алчните измамници меѓу нив се осудени со зборовите на Јаков 5:1, 5: „Елате сега вие, богатите: плачете и ридајте за страшните маки, што идат на вас. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги потхранивте срцата ваши како за ден на клање“.
Долу Големиот Вавилон!
13. Како ќе настапи почетниот напад на големата неволја, и која итност се нагласува во Откровение 18:4, 5?
13 Почетниот напад на големата неволја доаѓа со извршување на Јеховиниот суд над Големиот Вавилон. Откровение 17:15-18 сликовито ја опишува Божјата ‚мисла‘ (NW) — како маневрира со „десетте рогови“, моќните сили на мултинационалниот „див ѕвер“ на ООН кои треба да го отстранат Големиот Вавилон. „А десетте рогови, што ги виде на ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат. Оти Бог им даде во срцата нивни да ја исполнат волјата [мислата, NW] Негова“. Не е чудо што еден небесен глас разгласува итно предупредување во Откровение 18:4, 5: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини“. И понатаму продолжува повикот: Прекини ги сите врски со лажната религија пред да биде доцна!
14. Кој ќе жали заради опустошувањето на големиот Вавилон, и зошто?
14 Како светот ќе гледа на уништувањето на Големиот Вавилон? Од далечина, корумпираните политичари — „царевите земни“ — тажат по неа затоа што привремено наоѓале обострано задоволство во нивниот духовен блуд. По неа плачат и тажат и алчните луѓе од трговијата, „трговците земни . . ., кои со тие стоки се збогатија од неа“. И тие се дистанцираат од неа и велат: „Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!“ Сиот раскош на црковната облека и величественоста на големите катедрали во светот засекогаш ќе исчезнат! (Откровение 18:9-17). Но дали сите ќе плачат по Големиот Вавилон?
15, 16. Каква причина за радост ќе има Божјиот народ?
15 Откровение 18:20, 21 одговара: „Весели се поради тоа, небо, и вие свети апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права [зашто Бог над неа изврши судска казна за вас, NW]!“ Како голем воденичен камен фрлен во морето, „со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!“
16 Каква причина за радост! Тоа го потврдува Откровение 19:1-8. Четирикратниот повик: „Фалете го Јах!“ се одгласува од небото. Првите три од тие Алелуја-спевови го фалат Јехова бидејќи извршил праведна осуда над срамната блудница, Големиот Вавилон. Светското царство на лажната религија повеќе го нема! Од Божјиот престол доаѓа глас и вели: „Фалете го нашиот Бог, сите вие негови робови, кои се плашите од него, мали и големи“. Колкава предност ќе имаме да учествуваме во таа песна!
Свадбата на Јагнето
17. Во кои два контекста почнува Јехова да владее како Цар, ако се споредат Откровение 11:17 и 19:6?
17 Четвртата алелуја воведува една друга тема: „Фалете го Јах, зашто Јехова, нашиот Бог, Семоќниот, почнал да владее како цар“ (NW). Но зарем не е сличен рефренот во Откровение 11:17? Таму читаме: „Ти благодариме, Јехова Боже, Семоќен, . . . зашто што си ја зел својата голема моќ и си почнал да владееш како цар“. Да. Меѓутоа, контекстот од Откровение 11:17 се однесува на Јеховиното донесување на Месијанското Царство во 1914 да „ги пасе сите народи со железен жезол“ (Откровение 12:5, NW). Откровение 19:6 е во контекстот на уништувањето на Големиот Вавилон. Со отстранувањето на религијата слична на блудница, Јеховиното Божество ќе биде оправдано. Неговото обожавање како Врховен Суверен и Цар сега ќе преовладува во сета вечност!
18. На чија триумфална објава ѝ се отвора патот по отстранувањето на Големиот Вавилон?
18 Затоа, може да се даде радосната објава: „Да се радуваме и да воскликнуваме, и да му ја дадеме [на Јах] славата, бидејќи дошла свадбата на Јагнето и неговата жена се приготвила. Да, дадено ѝ е да се облече во сјајно, чисто, фино платно, зашто убавото платно ги претставува праведните дела на светите“ (Откровение 19:7, 8, NW). Не е наведено точно кога помазаниците кои уште остануваат на Земјата ќе го добијат своето небесно воскресение. Но од контекстот овде уверени сме дека нивното учество во свадбата на Јагнето, Христос Исус, ќе биде радосно време, и тоа дотолку повеќе што тие директно ќе бидат сведоци на понижувањето на срамната блудница, Големиот Вавилон.
Сатановиот свет уништен
19. Кој друг настан е опишан во Откровение 19:11-21?
19 Белиот коњ спомнат прво во Откровение 6:2, сега повторно се појавува. Во Откровение 19:11 читаме: „Оној, Кој јаваше на него, се вика Верен и Вистинит, и Он праведно суди и војува“. Според тоа, „Царот над царевите“ и „Господарот над господарите“ јава напред за да ги удри народите и да ја гази кацата со вино на „јароста и гневот на Бога Седржителот“. Залудно се собираат „земните цареви и нивните војски“ да војуваат во војната на Армагедон. Јавачот на белиот коњ го завршува своето освојување. Ништо не останува од Сатановата земска организација (Откровение 19:12-21).
20. Што ќе му се случи на самиот Ѓавол?
20 Но што е со самиот Ѓавол? Во Откровение 20:1-6, Христос Исус е опишан како ангел кој слегува од небото, „кој што го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја“. Тој го фаќа змејот, првобитната Змија, која е Ѓаволот и Сатана, го врзува, го фрла во бездната и ја затвора и запечатува над него. Со тоа што Сатана ќе биде отстранет и онеспособен за повеќе да не ги заведува народите, се спроведува прославената Илјадагодишна Влада на Јагнето и на неговата невеста. Нема повеќе жалосни солзи! Нема повеќе Адамска смрт! Нема жалење, нема писок, нема болка! „Поранешното помина“ (Откровение 21:4).
21. На што треба да бидеме решени додека желно го очекуваме откривањето на Исус Христос?
21 Додека желно го очекуваме откривањето на нашиот Господ Исус Христос, ревно да им кажуваме на другите за Божјите љубезни ветувања за Царството. Ослободувањето е близу! Да одиме напред, само напред, како просветлени деца на Суверенот Господ Јехова!
За повторување
◻ Што покажува дека откривањето на Исус Христос е близу?
◻ Како ќе дојде денот на Јеховината одмазда?
◻ Како гледаат на сегашната светска ситуација ‚оние кои го љубат Јехова‘?
◻ Кој ќе биде редоследот на настаните кога ќе избувне големата неволја?
[Слика на страница 23]
Исус ‚доаѓа со облаците‘ — невидливо, за да изврши осуда
[Слика на страница 25]
Наскоро и лажната религија, и Сатановиот зол систем и самиот Сатана ќе отидат во пропаст