Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Откровение — втор дел
ШТО ги чека оние што му служат на Јехова и оние што не му служат? Каква е иднината на Сатана и на неговите демони? Какви благослови ќе доживеат послушните луѓе во текот на Илјадагодишното владеење на Христос? Одговорите на овие и на други важни прашања ќе ги најдеме во Откровение 13:1 — 22:21.a Во овие поглавја се запишани последните 9 виденија од вкупно 16-те што ги добил апостол Јован при крајот на првиот век од н.е.
Јован вели: „Среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво и го држат она што е напишано во него“ (Отк. 1:3; 22:7). Кога читаме и го применуваме она што го учиме од библиската книга Откровение, тоа може да влијае врз нашето срце, да ни ја зајакне верата во Бог и во неговиот Син, Исус Христос, и да ни даде прекрасна надеж за иднинатаb (Евр. 4:12).
ИЗЛЕАНИ СЕ СЕДУМТЕ САДОВИ НА БОЖЈИОТ ГНЕВ
„Народите се разгневија“, пишува во Откровение 11:18, „и дојде [Божјиот] гнев и времето... да бидат уништени оние што ја уништуваат земјата.“ Осмото видение ни кажува која е причината за Божјиот гнев и во него е прикажана активноста на „еден ѕвер, со десет рогови и седум глави“ (Отк. 13:1).
Во деветтото видение, Јован гледа како „Јагнето стои на гората Сион“, а со него се и „сто четириесет и четири илјади“ лица, кои се „откупени од луѓето“ (Отк. 14:1, 4). Потоа следуваат објави од ангели. Во следното видение, Јован гледа „седум ангели со седум неволји“. Очигледно, лично Јехова им заповеда на овие ангели да ги излеат „седумте садови на Божјиот гнев“ врз различни делови од Сатановиот свет. Садовите содржат објави и предупредувања за осудите што ќе ги изврши Бог (Отк. 15:1; 16:1). Во овие две виденија се дадени детали и за други пресуди што ќе ги изврши Царството, а се поврзани со третата мака и со огласувањето на седмата труба (Отк. 11:14, 15).
Одговорени библиски прашања:
13:8 — Што е „свитокот на животот на Јагнето“? Во овој симболичен список се запишани само имињата на оние што владеат со Исус Христос во неговото небесно Царство. Тоа значи дека во него се и имињата на помазаните христијани што сѐ уште се на Земјата, кои имаат надеж дека ќе добијат живот на небото.
13:11-13 — Во која смисла дворогиот ѕвер се однесува како змеј и пушта оган од небото? Тоа што овој дворог ѕвер, кој ја претставува англо-американската светска сила, зборува како змеј покажува дека се служи со закани, притисок и насилство за да ги натера луѓето да го прифатат неговиот систем на владеење. Тоа што испушта оган од небото значи дека се претставува како пророк со тоа што тврди дека ги уништил силите на злото во двете светски војни во 20 век и дека извојувал победа над комунизмот.
16:17 — Што е „воздухот“ врз кој е излеан седмиот сад? „Воздухот“ го симболизира сатанското размислување, односно „духот [ставот] кој сега дејствува во непослушните синови“. Овој отровен воздух го дишат сите што се дел од Сатановиот злобен свет (Еф. 2:2).
Поуки за нас:
13:1-4, 18. „Ѕверот“ што ги симболизира човечките влади излегува „од морето“, односно од немирните мноштва луѓе (Иса. 17:12, 13; Дан. 7:2-8, 17). Овој ѕвер, кој е создаден и ја добива својата власт од Сатана, го носи бројот 666, кој нагласува колку несовршен е тој. Тоа што знаеме што претставува ѕверот ни помага да не му се восхитуваме, да не го следиме и да не го обожаваме, како што прават повеќето луѓе (Јован 12:31; 15:19).
13:16, 17. И покрај тешкотиите што можеби ги имаме кога извршуваме такви секојдневни работи како што се ‚купувањето и продавањето‘, да не попуштиме под притисокот и да не му дозволиме на ѕверот да владее со нашиот живот. Ние ќе го примиме ‚жигот на ѕверот на нашата рака или на челото‘ ако му дозволуваме да ни ги контролира постапките или да влијае врз нашето размислување.
14:6, 7. Оваа објава на ангелот нѐ учи дека треба итно да ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство кое веќе владее. Треба да им помогнеме на оние што ги поучуваме да стекнат страхопочит кон Бог и да му оддаваат слава.
14:14-20. Кога ќе заврши „земната жетва“, односно собирањето на оние што ќе бидат спасени, ангелот ќе ја фрли „земната лоза... заедно со грозјето“ „во големото гмечало на Божјиот гнев“. Тогаш лозата, односно Сатановиот расипан видлив владејачки поредок, со нејзините ‚гроздови‘, или лоши плодови, ќе биде уништена засекогаш. Да бидеме решени никогаш да не дозволиме „земната лоза“ да влијае врз нас.
16:13-16. ‚Нечистите вдахновени изјави‘ ја претставуваат демонската пропаганда чија цел е да не дозволи царевите на земјата да се поколебаат од излевањето на седумте садови на Божјиот гнев, туку да ги наведе да му се спротивстават на Јехова (Мат. 24:42, 44).
16:21. Пред самиот крај на овој свет, објавите за Јеховините осуди против Сатановиот злобен поредок може да вклучуваат и необично тешки, односно остри изјави кои веројатно ги претставуваат врнежите од град. И покрај тоа, повеќето луѓе ќе продолжат да хулат на Бог.
ПОБЕДНИЧКИОТ ЦАР ВЛАДЕЕ
„Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, е одвратен дел од злобниот свет на Сатана. Во 11. видение, тој е прикажан како ‚голема блудница‘, односно неморална жена, која „седи на црвен ѕвер“. Таа ќе биде потполно уништена од „десетте рогови“ на истиот тој ѕвер што го јава (Отк. 17:1, 3, 5, 16). Споредувајќи ја блудницата со „голем град“, во следното видение се објавува нејзиниот пад и се упатува итен повик до Божјиот народ да ‚излезе од неа‘. Мнозина жалат поради падот на големиот град. Но, на небото настанува радост поради „свадбата на Јагнето“ (Отк. 18:4, 9, 10, 15-19; 19:7). Во 13. видение, јавачот на „бел коњ“ тргнува во војна против народите. Тој ќе му стави крај на Сатановиот злобен свет (Отк. 19:11-16).
Што ќе се случи со „празмијата, [која] е Ѓавол и Сатана“? Кога ќе биде Ѓаволот „фрлен во езерото огнено“? Одговорот на овие прашања се наоѓа во 14. видение (Отк. 20:2, 10). Последните две виденија содржат некои детали за животот во текот на Илјадагодишното владеење. При крајот на ‚откровението‘, Јован гледа ‚река со вода на животот како тече среде главната градска улица‘ и слуша прекрасна покана што е упатена до „секој што е жеден“ (Отк. 1:1; 22:1, 2, 17).
Одговорени библиски прашања:
17:16; 18:9, 10 — Зошто „царевите на земјата“ жалат по Големиот Вавилон, кога самите тие го уништиле? Жалат од чисто себични причини. По уништувањето на Големиот Вавилон, царевите на Земјата очигледно сфаќаат колку голема корист имале од него. Со помош на религијата ги оправдувале своите тирански постапки. Големиот Вавилон им помогнал и да врбуваат млади луѓе што ќе одат на боиштата за нив. Освен тоа, религијата одиграла голема улога со тоа што ги држела луѓето покорни.
19:12 — Зошто само Исус го знае името што му е дадено, но не ни е кажано? Изгледа дека ова име се однесува на положбата и овластувањата, како оние што се наведени во Исаија 9:6, кои Исус ги има во денот на Господарот. Никој освен него не го знае ова име затоа што само тој ги има тие посебни права и повластици и само тој може да разбере што значи да се биде на една толку висока положба. Сепак, тој споделува некои од овие права и повластици со членовите на својата симболична невеста. Всушност тој ‚го пишува на нив своето ново име‘ (Отк. 3:12).
19:14 — Кој ќе јава заедно со Исус во Армагедон? Во „небесните војски“ што му се приклучуваат на Исус во Божјата војна ќе бидат ангелите, како и помазаните победници кои веќе ја добиле својата небесна награда (Мат. 25:31, 32; Отк. 2:26, 27).
20:11-15 — Чии имиња се запишани во „свитокот [или ‚книгата‘] на животот“? Ова е свиток во кој се содржани имињата на оние што ќе добијат вечен живот. Во нив спаѓаат: помазаните христијани, членовите на големото мноштво и верните слуги на Бог кои ќе го искусат ‚воскресението на праведните‘ (Дела 24:15; Отк. 2:10; 7:9). Имињата на оние што ќе оживеат при ‚воскресението на неправедните‘ ќе бидат запишани во „свитокот на животот“ само ако живеат во склад со „она што е напишано во свитоците“ со упатства, кои ќе бидат отворени во текот на илјадагодишното владеење. Но, имињата не се неизбришливи. Имињата на помазаниците трајно се запишуваат ако останат верни до смрт (Отк. 3:5). Оние, пак, што добиваат живот на Земјата ќе бидат неизбришливо запишани кога ќе го поминат последниот испит на крајот од илјадагодишното Царство (Отк. 20:7, 8).
Поуки за нас:
17:3, 5, 7, 16. „Мудроста одозгора“ ни помага да ја разбереме „тајната на жената и на ѕверот [со црвена боја]... кој ја носи [жената]“ (Јак. 3:17). Овој симболичен ѕвер почнал како Лигата на народите и подоцна бил оживеан како Обединетите нации. Зарем разрешувањето на оваа тајна не треба да нѐ поттикне ревносно да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство и да го објавуваме Јеховиниот ден на суд?
21:1-6. Можеме да бидеме потполно сигурни дека претскажаните благослови што ќе ги донесе Царството ќе станат реалност. Зошто? Затоа што, во врска со нив, пишува: „Се исполнија!“
22:1, 17. Оваа „река со вода на животот“ го претставува сето она што го прави Јехова за да ги спаси послушните луѓе од гревот и смртта. Извесна количина од водата е достапна и денес. Со благодарност да ја прифатиме поканата да дојдеме и ‚да земеме бесплатно од водата на животот‘, но и да направиме сѐ што можеме за да им ја понудиме на другите!
[Фусноти]
a Некои стихови од Откровение 1:1 — 12:17 беа обработени во „Јеховината реч е жива — избрани стихови од книгата Откровение — прв дел“, во Стражарска кула од 15 јануари 2009.
b Библиската книга Откровение е разработена стих по стих во книгата Откровение — близу е величествената завршница!
[Слика на страница 5]
Колку прекрасни благослови ќе доживеат послушните луѓе кога ќе владее Царството!