Улогата на светиот дух во исполнувањето на Јеховината намера
„Мојата реч што излегува од мојата уста... ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (ИСА. 55:11)
1. Која е разликата помеѓу план и намера?
ЗАМИСЛИ СИ двајца мажи. Секој од нив се подготвува да тргне на пат со автомобил. Првиот до детали разработува конкретен пат по кој ќе стигне до своето одредиште. Другиот јасно знае кое му е одредиштето, но знае и многу други патишта по кои може да стигне до него. Подготвен е да тргне по друг пат доколку се појави некоја непредвидена ситуација. Во извесна смисла, различниот пристап на овие двајца мажи ја покажува разликата помеѓу план и намера. Планот може да се спореди со детално разработен пат, додека намерата може да значи дека ја имаме целта јасно на ум, но не и само еден конкретен начин за да ја оствариме.
2, 3. а) Што е вклучено во Јеховината намера, и што направил Јехова кога Адам и Ева згрешиле? б) Зошто треба внимателно да следиме како се исполнува Јеховината намера?
2 За да ја исполни својата волја, Јехова нема фиксен план, туку намера која ја остварува постапно (Еф. 3:11). Во оваа намера спаѓа она што го замислил за човештвото и за Земјата во почетокот — целата планета да биде претворена во рај во кој совршените луѓе засекогаш ќе живеат среќно и во мир (1. Мој. 1:28). Кога Адам и Ева згрешиле, Јехова веднаш реагирал и презел чекори за да ја оствари својата намера. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15.) Јехова одредил неговата симболична жена да роди „потомство“, односно Син, кој на крајот ќе го уништи Сатана и ќе ја поправи штетата што тој ја предизвикал (Евр. 2:14; 1. Јов. 3:8).
3 Нема сила ни на небото ни на Земјата што може да го спречи Бог да ја оствари својата намера (Иса. 46:9-11). Зошто го велиме ова? Затоа што е вклучен и Јеховиниот свет дух. Таа моќна сила гарантира дека Божјата намера „ќе се исполни“ (Иса. 55:10, 11). Треба внимателно да следиме како Бог ја остварува својата намера и да постапуваме во склад со тоа. Од исполнувањето на таа намера зависи нашата вечна иднина. Освен тоа, кога гледаме како Јехова го користи својот дух, ни се зајакнува верата. Затоа, да ја разгледаме улогата на светиот дух во исполнувањето на Јеховината намера во минатото, денес и во иднина.
Улогата на светиот дух во минатото
4. Како Јехова постепено ја разоткривал својата намера?
4 Во библиски времиња, Јехова ја разоткривал својата намера постепено. Во почетокот, не се знаело кој ќе биде ветеното Потомство. Тоа било ‚света тајна‘ (1. Кор. 2:7). Дури 2.000 години подоцна Јехова повторно зборувал за потомство. (Прочитај 1. Мојсеева 12:7; 22:15-18.) Со ветувањето што му го дал на Авраам, Јехова открил повеќе информации во врска со Потомството и благословите што ќе произлезат преку него. Зборовите „преку твоето потомство“ јасно покажувале дека Потомството ќе биде човек, потомок на Авраам. Можеме да бидеме сигурни дека Сатана со голем интерес слушал кога бил откриен овој детаљ. Несомнено овој Противник повеќе од сѐ друго сакал да ја уништи или да ја расипе семејната лоза на Авраам и со тоа да му ја осуети намерата на Бог. Но немал шанси, затоа што бил вклучен Божјиот невидлив дух. Како?
5, 6. Како Јехова го користел својот дух за да заштити поединци од семејната лоза од која требало да дојде Потомството?
5 Јехова го користел својот свет дух за да заштити поединци од семејната лоза од која требало да дојде Потомството. На Аврам (Авраам), Јехова му рекол: „Јас сум ти штит“ (1. Мој. 15:1). Тоа не биле само празни зборови. На пример, да размислиме за она што се случило околу 1919 год. пр.н.е., кога Авраам и Сара привремено се населиле во Герар. Незнаејќи дека Сара му е жена на Авраам, Авимелех, царот на Герар, ја зел со намера да се ожени со неа. Дали можеби Сатана вмешал прсти за да не може Сара да му роди потомок на Авраам? Библијата не дава одговор на ова. Но, кажува дека Јехова презел нешто во таа ситуација. Му дошол на Авимелех на сон и му рекол да не ја допира Сара (1. Мој. 20:1-18).
6 Ова не е единствен ваков пример. Јехова ги спасил Авраам и неговото семејство во многу прилики (1. Мој. 12:14-20; 14:13-20; 26:26-29). Затоа, во врска со Авраам и неговите потомци, псалмистот можел да каже: „[Јехова] на ниту еден човек не му дозволи да ги измами, туку поради нив укоруваше цареви, велејќи: ‚Не допирајте ги моите помазаници, не правете им зло на моите пророци!‘“ (Пс. 105:14, 15).
7. Како Јехова го штител Израел?
7 Со својот свет дух, Јехова го штител древниот Израел, народот од кој требало да дојде ветеното Потомство. Преку духот, Јехова му го дал на Израел својот Закон, кој го штител вистинското обожавање и ги чувал Евреите од духовна, морална и физичка валканост (2. Мој. 31:18; 2. Кор. 3:3). Во времето на судиите, Јеховиниот дух исполнил со сила некои мажи за да го избават Израел од непријателите (Суд. 3:9, 10). Во вековите пред да се роди Исус, главниот дел од потомството на Авраам, светиот дух сигурно бил вклучен во тоа да бидат заштитени Ерусалим, Витлеем и храмот — места кои одиграле важна улога во исполнувањето на пророштвата за Исус.
8. Што покажува дека светиот дух директно влијаел врз животот и службата на Божјиот Син?
8 Светиот дух директно влијаел врз животот и службата на Исус. Божјиот дух дејствувал врз матката на една девица, Марија, и постигнал нешто што ниту претходно се случило ниту повторно ќе се случи — предизвикал една несовршена жена да зачне и да роди совршен Син, кој не бил подложен на смрт (Лука 1:26-31, 34, 35). Подоцна духот го заштитил малиот Исус да не биде убиен (Мат. 2:7, 8, 12, 13). Кога Исус имал околу 30 години, Бог го помазал со свет дух, со што го назначил за наследник на Давидовиот престол и му дал налог да проповеда (Лука 1:32, 33; 4:16-21). Со помош на силата од светиот дух Исус правел чуда, како, на пример, лекувал, ги хранел мноштвата и воскреснувал мртви. Таквите моќни дела биле претслика за благословите што можеме да ги очекуваме за време на Христовото илјадагодишно владеење.
9, 10. а) По што се гледало дека светиот дух дејствувал врз учениците на Исус во првиот век? б) Во првиот век од н.е., која новина била разоткриена во врска со исполнувањето на Јеховината намера?
9 Почнувајќи од Педесетница 33 год. од н.е., Јехова го користел својот свет дух за да ги помаза членовите на споредниот дел од потомството на Авраам, а мнозина од нив воопшто не биле потомци на Авраам (Рим. 8:15-17; Гал. 3:29). Доказ дека светиот дух дејствувал врз учениците на Исус во првиот век била силата што духот им ја дал за да проповедаат со ревност и да прават чуда (Дела 1:8; 2:1-4; 1. Кор. 12:7-11). Тоа што ги добиле чудесните дарови на духот открило нешто ново во врска со исполнувањето на Јеховината намера. Тој повеќе не сакал луѓето да му служат на начинот што го воспоставил со векови пред тоа и во чие средиште бил храмот во Ерусалим. На Педесетница 33 год. од н.е., Јехова почнал да го користи новоформираното христијанско собрание. Оттогаш, за да ја исполни својата намера, го користи собранието од помазаници.
10 Заштита, давање сила, помазување — ова се само некои од начините на кои Јехова го користел светиот дух во библиски времиња за да се погрижи неговата намера да се исполни. Но, како е во нашево време? Како Јехова го користи својот дух сега за да ја оствари својата намера? Треба да го знаеме ова бидејќи сакаме да му дозволиме на светиот дух да нѐ води во животот. Затоа, да разгледаме четири начини на кои Јехова го користи својот дух во нашево време.
Улогата на светиот дух денес
11. Што покажува дека светиот дух му помага на Божјиот народ да биде чист? Како ќе покажеш дека во овој поглед му дозволуваш на духот да има силно влијание врз тебе?
11 Прво, светиот дух помага Божјиот народ да биде чист. Оние што му служат на Јехова и кои ќе ги почувствуваат благословите од исполнувањето на неговата намера, мораат да бидат морално чисти. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9-11.) Некои што стануваат христијани, во минатото живееле неморално, на пример, правеле блуд, прељуба и биле хомосексуалци. Желбите што раѓаат грешни постапки можат да бидат длабоко вкоренети (Јак. 1:14, 15). Сепак, таквите лица се „испрани“, што покажува дека го смениле својот начин на живот за да бидат прифатливи за Бог. Што му помага на оној што го сака Бог да му се спротивстави на поривот да си ги задоволи погрешните желби? „Духот на нашиот Бог“, вели 1. Коринќаните 6:11. Со тоа што се бориш да останеш морално чист, покажуваш дека му дозволуваш на тој дух да има силно влијание во твојот живот.
12. а) Според видението на Езекиел, како Јехова ја води својата организација? б) Како ќе покажеш дека му дозволуваш на светиот дух да те води во животот?
12 Второ, Јехова го користи својот дух за да ја води својата организација во правецот во којшто сака да се движи. Во видението на Езекиел, небесниот дел од Јеховината организација е претставен како небесна кочија што незапирливо се движи за да ја исполни Јеховината намера. Што ја тера кочијата да се движи во конкретна насока? Светиот дух (Езек. 1:20, 21). Да не заборавиме дека Јеховината организација се состои од два дела — еден на небото и еден на Земјата. Ако небесниот дел е управуван од светиот дух, тогаш истото мора да важи и за земниот дел. Кога си послушен и лојален на упатствата што ги добиваме од земниот дел на Божјата организација, покажуваш дека одиш во чекор со Јеховината небесна кочија и дека му дозволуваш на светиот дух да те води во животот (Евр. 13:17).
13, 14. а) Кој го сочинува „ова поколение“ што го спомнал Исус? б) Наведи пример кој покажува дека светиот дух дејствува во разјаснувањето на библиските вистини. (Види ја рамката „Дали си во тек со објаснувањата?“)
13 Трето, Јехова го користи светиот дух за да ни помогне да ја разбереме библиската вистина (Изр. 4:18). Веќе долго време, ова списание е главното средство што „верниот и разборит роб“ го користи за да ни го пренесе разјаснувањето на библиските вистини (Мат. 24:45). На пример, да го разгледаме објаснувањето за тоа кој го сочинува „ова поколение“ што го спомнал Исус. (Прочитај Матеј 24:32-34.) На кое поколение мислел Исус? Во статијата „Што значи за тебе Христовата присутност?“ беше објаснето дека Исус не мислел на злобните, туку на своите ученици, кои наскоро требало да бидат помазани со свет дух.a Помазаните следбеници на Исус, и во првиот век и денес, се оние кои не само што ќе го видат знакот туку и ќе разберат што значи тој — дека Исус „е близу, пред вратата“.
14 Какво значење има ова објаснување за нас? Иако не можеме точно да пресметаме колку долго ќе трае „ова поколение“, добро е да имаме на ум неколку работи во врска со зборот „поколение“. Во Библијата, овој збор обично се однесува на луѓе на различна возраст што живеат во ист период. Едно поколение не трае предолго и има крај (2. Мој. 1:6). Тогаш, како треба да ги разбереме Исусовите зборови за „ова поколение“? Тој по сѐ изгледа сакал да каже дека, кога ќе почне големата неволја, ќе има помазаници кои, макар извесен период, живееле во исто време со некои помазаници кои виделе како почнал да се исполнува знакот за последните денови во 1914 год. Тоа поколение има почеток, а ќе има и крај. Исполнувањето на различните обележја на знакот јасно покажува дека неволјата мора да е близу. Ако постојано имаш на ум во кое време живееме и ако бдееш во поглед на настаните, ќе покажеш дека си во тек со промените во нашето разбирање на библиските вистини и дека го следиш водството на светиот дух (Мар. 13:37).
15. Што покажува дека светиот дух е тој кој ни дава сила да ја објавуваме добрата вест?
15 Четврто, светиот дух ни дава сила да ја објавуваме добрата вест (Дела 1:8). Како инаку би го објасниле тоа што добрата вест се проповеда по целата Земја? Размисли малку за ова. Можеби и ти, поради претерана срамежливост или плашливост, си помислувал: ‚Јас никогаш не би можел да проповедам од куќа до куќа!‘ Но, сега ревносно го правиш тоа.b Многу верни Сведоци на Јехова продолжиле да проповедаат иако се соочиле со противење или прогонство. Само Божјиот свет дух може да ни даде сила да совладаме големи пречки и да правиме работи што со наша сопствена сила би биле невозможни (Мих. 3:8; Мат. 17:20). Ако имаш целосен удел во проповедањето, ќе покажеш дека му дозволуваш на тој дух да влијае врз тебе.
Улогата на светиот дух во иднина
16. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе го заштити својот народ во текот на големата неволја?
16 Во иднина, Јехова ќе го користи својот свет дух на исклучителни начини за да ја исполни својата намера. Најпрво да разгледаме како ќе го користи во поглед на заштитата. Како што видовме, Јехова го користел својот дух во минатото за да заштити поединци, но и израелскиот народ како целина. Според тоа, имаме добра причина да веруваме дека ќе го користи истиот тој моќен дух за да го заштити својот народ во текот на претстојната голема неволја. Нема потреба да нагаѓаме како точно ќе се погрижи Јехова за нас тогаш. Наместо тоа, оние што го сакаат може да гледаат на иднината со доверба, свесни дека ништо нема да ги скрие од неговиот поглед и дека ништо не може да го спречи Јехова да им помогне со својот свет дух (2. Лет. 16:9; Пс. 139:7-12).
17. Како Јехова ќе го користи својот дух во новиот свет?
17 Како Јехова ќе го користи својот свет дух во новиот свет? Божјиот дух ќе го води пишувањето на новите свитоци што тогаш ќе бидат отворени (Отк. 20:12). Што ќе има во тие свитоци? Најверојатно во нив ќе биде напишано што очекува Јехова од нас во текот на илјадата години. Дали со душа чекаш да ги проучиш тие свитоци? Желно го очекуваме новиот свет. Не можеме ни да замислиме каков ќе биде животот во тоа прекрасно време кога Јехова ќе го користи својот свет дух за да ја исполни својата намера со Земјата и со луѓето.
18. На што си цврсто решен?
18 Никогаш да не заборавиме дека Јеховината намера сигурно ќе се исполни зашто, за да ја оствари, Јехова го користи својот свет дух — најмоќната сила во вселената. Во оваа намера си вклучен и ти. Затоа, биди цврсто решен да го молиш Јехова да ти го дава својот дух и спремно следи го водството што го дава тој дух (Лука 11:13). Така ќе можеш да се надеваш да живееш онака како што Јехова имал намера да живеат луѓето — вечно во рајот на Земјата.
[Фусноти]
b Пример за личност што се изборила против претераната срамежливост и станала ревносна во службата можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 септември 1993, страница 19.
Се сеќаваш ли?
• Како Јехова го користел својот свет дух во библиски времиња за да се погрижи неговата намера да се оствари?
• Како Јехова го користи својот дух денес?
• Како Јехова ќе го користи својот дух во иднина за да ја оствари својата намера?
[Рамка на страница 10]
Дали си во тек со објаснувањата?
Јехова продолжува да му ги разјаснува библиските вистини на својот народ. Кои се некои појаснувања што беа објавени во Стражарска кула?
▪ Каква позитивна поука во врска со духовниот напредок е нагласена во споредбата на Исус за квасецот? (Мат. 13:33; 15 јули 2008, страници 19-20).
▪ Кога Бог престанува да ги повикува христијаните на кои им дава небесна надеж? (1 мај 2007, страници 30-31.)
▪ Што значи да се обожава Јехова „со дух“? (Јован 4:24; 15 јули 2002, страница 15).
▪ Во кој двор служи големото мноштво? (Отк. 7:15; 1 мај 2002, страници 30-31).
▪ Кога се случува одвојувањето на овците и јарците? (Мат. 25:31-33; 15 октомври 1995, страници 18-28).