‚Смртта ќе биде уништена‘
„А најпоследниот враг за уништување е смртта“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 15:26).
1, 2. а) Каква надеж дал апостол Павле за мртвите? б) Со кое прашање за воскресението се зафатил Павле?
„ВЕРУВАМ во . . . воскресение на телото, и вечен живот.“ Така вели Апостолското верују. Католиците како и протестантите верно го рецитираат тоа, не сфаќајќи дека нивните верувања се посродни со грчката филозофија отколку со сѐ што некогаш верувале апостолите. Меѓутоа, апостол Павле ја отфрлил грчката филозофија и не верувал во бесмртна душа. Сепак, тој цврсто верувал во иден живот и под инспирација напишал: „А најпоследниот враг за уништување е смртта“ (1. Коринтјаните 15:26). Што точно значи тоа за човештвото кое умира?
2 За одговор, да се вратиме на Павловата дискусија за воскресението, запишана во 1. Коринтјаните, поглавје 15. Ќе се сетиш дека во воведните стихови Павле го востановил воскресението како витален дел од христијанската доктрина. Сега, тој се зафаќа со едно специфично прашање: „Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?“ (1. Коринтјаните 15:35).
Какво тело?
3. Зошто некои го отфрлале воскресението?
3 Покренувајќи го ова прашање, Павле најверојатно имал намера да дејствува спротивно на влијанието од Платоновата филозофија. Платон научувал дека човекот има бесмртна душа која ја преживува смртта на телото. За оние кои биле одгледани со таква идеја, христијанското учење несомнено изгледало непотребно. Доколку душата ја преживува смртта, тогаш која е поентата на воскресението? Понатаму, воскресението веројатно изгледало нелогично. Штом телото ќе се разложи во прав, како тогаш може да има воскресение? Библискиот коментатор Хајнрих Маер вели дека антагонизмот на некои коринтјани можеби се темелел „на филозофската основа дека обновувањето на материјата на телото е невозможна“.
4, 5. а) Зошто приговорите од неверните биле неразумни? б) Објасни ја Павловата илустрација за ‚голото зрно‘? в) Какви тела Бог им дава на воскреснатите помазаници?
4 Павле ја разоткрива бесмисленоста на нивното резонирање: „Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое; но Бог му дава тело, какво што сака, на секое семе негово сопствено тело“ (1. Коринтјаните 15:36—38). Бог не би ги подигал телата што ги имале луѓето додека биле на Земјата. Наместо тоа, би имало преобразување.
5 Павле го споредува воскресението со ’ртење на семе. Едно ситно семе од жито нема никаква сличност со растението кое ќе израсне од него. The World Book Encyclopedia вели: „Кога едно семе почнува да ’рти, тоа впива големи количини вода. Водата предизвикува многу хемиски промени внатре во семето. Исто така, тоа предизвикува внатрешните ткива на семето да набабрат и да се пробијат низ обвивката на семето“. Всушност, семето умира како семе и станува растение кое излегува на површина. „Бог му дава тело“ на тој начин што ги воспоставил научните закони кои управуваат со неговиот развој, па така секое семе добива тело според својот вид (1. Мојсеева 1:11). Слично на тоа, помазаните христијани првин умираат како луѓе. Потоа, во Божје одредено време, тој ги враќа во живот во потполно нови тела. Како што Павле им кажал на филипјаните, „Исус Христос . . . ќе го преобрази нашето понизено тело така, што тоа ќе стане подобно на Неговото славно тело“ (Филипјаните 3:20, 21; 2. Коринтјаните 5:1, 2). Тие воскреснуваат во духовни тела и живеат во духовното подрачје (1. Јованово 3:2).
6. Зошто е разумно да веруваме дека Бог може на воскреснатите да им обезбеди соодветни духовни тела?
6 Дали е претешко да се верува во ова? Не. Павле резонира дека животните имаат најразлични типови тела. Освен тоа, тој ги споредува небесните ангели со луѓето од крв и месо, велејќи: „Има тела небесни и тела земни“. Исто така, постои голема разновидност кај неживото создание. „Па и ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува“, рекол Павле долго пред науката да ги открие небесните тела како, на пример, сините ѕвезди, црвените џинови и белите џуџиња. Со оглед на ова, зарем не е разумно тоа што Бог може да обезбеди соодветни духовни тела за воскреснатите помазаници? (1. Коринтјаните 15:39—41).
7. Кое е значењето на нераспадливоста? на бесмртноста?
7 Потоа, Павле вели: „Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање“ (1. Коринтјаните 15:42). Едно човечко тело, дури и кога е совршено, е распадливо. Тоа може да биде убиено. На пример, Павле рекол дека воскреснатиот Исус ‚веќе не се враќа во распаѓање‘ (Дела 13:34). Тој никогаш не би се вратил во живот во распадливо, па макар и совршено, човечко тело. Телата кои им ги дава Бог на воскреснатите помазаници се нераспадливи — вон смрт или гниење. Павле продолжува: „Се сее во бесчест — воскреснува во слава; се сее во немоќ — воскреснува во сила; се сее тело душевно — воскреснува тело духовно“ (1. Коринтјаните 15:43, 44). Понатаму, Павле вели: „Смртното — да се облече во бесмртно“. Бесмртноста значи бескраен, неуништлив живот (1. Коринтјаните 15:53; Евреите 7:16, NW). На тој начин, воскреснатите го носат „образот на Небесниот“, Исус, кој го овозможил нивното воскресение (1. Коринтјаните 15:45—49).
8. а) Како знаеме дека воскреснатите се истите поединци кои биле додека биле живи на Земјата? б) Кои пророштва се исполнуваат кога се одигрува воскресението?
8 И покрај ова преобразување, воскреснатите сѐ уште се истите поединци што биле пред да умрат. Ќе бидат подигнати со истите сеќавања и со истите прекрасни христијански особини (Малахија 3:3; Откровение 21:10, 18). Во тој поглед, тие личат на Исус Христос. Тој се променил од духовен во човечки облик. Потоа, умрел и воскреснал како дух. Сепак, „Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки“ (Евреите 13:8). Каква само величествена предност имаат помазаниците! Павле вели: „А кога ова распадливото се облече во нераспадливост, и она смртното — во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: ‚Победата ја проголта смртта‘. ‚Смрт, каде ти е осилката? Пеколу [смрт, NW], каде ти е победата?‘“ (1. Коринтјаните 15:54, 55; Исаија 25:8; Осија 13:14).
Земно воскресение?
9, 10. а) Во контекст на 1. Коринтјаните 15:24, што е „крајот“, и кои настани се случуваат во поврзаност со него? б) Што мора да се случи за да биде уништена смртта?
9 Дали постои некаква иднина за милионите кои немаат надеж за бесмртен духовен живот на небото? Секако дека постои! Откако објаснува дека небесното воскресение се случува во текот на Христовата присутност, Павле ги изложува последователните настани, велејќи: „А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила“ (1. Коринтјаните 15:23, 24).
10 „Крајот“ е крајот на илјадагодишното владеење на Христос, кога Исус понизно и лојално му го предава Царството на својот Бог и Татко (Откровение 20:4). Ќе биде исполнета Божјата намера „да соедини сѐ небесно и земно под една глава — во Христа“ (Ефесјаните 1:9, 10). Но, прво Христос ќе го уништи „секое началство, секоја власт и сила“, кои се противат на Божјата врховна волја. Тоа вклучува повеќе отколку само уништувањето направено во Армагедон (Откровение 16:16; 19:11—21). Павле вели: „[Христос] треба да царува ‚додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.‘ А најпоследниот враг за уништување е смртта“ (1. Коринтјаните 15:25, 26). Да, сите траги од адамскиот грев и смртта ќе бидат отстранети. Според тоа, неизбежно е Бог да ги испразни „[спомен, NW] гробовите“, со тоа што ќе ги врати мртвите во живот (Јован 5:28).
11. а) Како знаеме дека Бог може повторно да ги создаде мртвите души? б) Какви тела ќе им бидат обезбедени на оние кои ќе воскреснат на Земјата?
11 Тоа значи повторно создавање на човечки души. Невозможно? Не, зашто Псалм 103:29, 30 нѐ уверува дека Бог може да го стори тоа: „Им го одземаш ли духот нивни — умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој — се создаваат“. Иако воскреснатите ќе бидат истите поединци кои биле пред нивната смрт, сепак тие нема да имаат потреба од истите тела. Како и оние кои ќе бидат подигнати на небото, Бог ќе им даде тело токму онака како што му е нему угодно. Без сомнение, нивните нови тела ќе бидат физички здрави и разумно слични на нивното првобитно тело за да бидат препознаени од страна на нивните љубени.
12. Кога се случува земното воскресение?
12 Кога ќе се случи земното воскресение? За својот мртов брат Лазар, Марта рекла: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“ (Јован 11:24). Како го знаела тоа? Воскресението било тема на контроверзија во нејзино време, бидејќи фарисеите верувале во него, а садукеите не верувале (Дела 23:8). Сепак, Марта мора да знаела од претхристијанските сведоци кои се надевале во воскресение (Евреите 11:35). Исто така, од Даниил 12:13 (NW) таа можела да проникне дека воскресението ќе се случи во последниот ден. Можеби тоа го научила дури и од самиот Исус (Јован 6:39). Тој ‚последен ден‘ се совпаѓа со Христовото илјадагодишно владеење (Откровение 20:6). Замисли си го возбудувањето во текот на тој „ден“ кога ќе започне овој величествен настан! (Спореди Лука 24:41.)
Кој ќе се врати?
13. Каква визија за воскресението е запишана во Откровение 20:12—14?
13 Во Откровение 20:12—14 е запишана Јовановата визија за земното воскресение: „Ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори — книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот [хадесот, NW] ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот [хадесот, NW] беа фрлени во огнено езеро. Тоа е втората смрт“.
14. Кој ќе биде меѓу воскреснатите?
14 Воскресението ќе ги опфати ‚малите и големите‘, како угледните така и неупадливите луѓе кои живееле и умреле. Па, дури и доенчиња ќе бидат вклучени во тој број! (Јеремија 31:15, 16). Во Дела 24:15, откриен е еден друг важен детаљ: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“. Истакнати меѓу „праведните“ ќе бидат верни мажи и жени од старина, како што се Авел, Енох, Ное, Авраам, Сара и Раав (Евреите 11:1—40). Замисли си да можеш да разговараш со такви лица и да добиеш детали од очевидци за библиските настани од дамнина! Во „праведните“ ќе спаѓаат и илјадници богобојазливи поединци кои умреле во понеодамнешни времиња и кои немале небесна надеж. Дали имаш некој член на семејството или некој љубен кој би можел да биде меѓу нив? Колку само е утешително да знаеш дека можеш повторно да ги видиш! Но, кои се „неправедните“ поединци кои исто така ќе се вратат? Тие вклучуваат милиони, а можеби и милијарди кои умреле без да имаат прилика да ја дознаат и да ја применуваат библиската вистина.
15. Што значи тоа дека оние кои се враќаат ќе бидат „судени според запишаното во книгите“?
15 Како оние кои се враќаат ќе бидат „судени според запишаното во книгите, според делата нивни“? Овие книги не се записот за нивните минати постапки; кога тие умреле, биле ослободени од гревовите што ги извршиле за време на нивниот животен век (Римјаните 6:7, 23). Меѓутоа, воскреснатите луѓе сѐ уште ќе бидат под адамскиот грев. Тогаш, овие книги сигурно ќе изложуваат божествени упатства кои сите мора да ги следат за да извлечат целосна корист од жртвата на Исус Христос. Како што ќе биде елиминирана и последната трага од адамскиот грев, ‚смртта ќе биде уништена‘ во најцелосна смисла. До крајот на илјадата години, Бог ќе им „биде сѐ на сите“ (1. Коринтјаните 15:28, NW). На човекот нема повеќе да му треба интервенцијата од Првосвештеник или Откупител. Сето човештво ќе биде обновено до совршената состојба која во почетокот ја уживал Адам.
Уредно воскресение
16. а) Зошто е разумно да се верува дека воскресението ќе биде еден уреден процес? б) Кој веројатно ќе биде меѓу првите кои ќе се вратат од мртвите?
16 Бидејќи небесното воскресение е уредно, „секој по својот ред“, очигледно е дека земното воскресение нема да создаде една хаотична експлозија на населението (1. Коринтјаните 15:23). Разбирливо е дека нововоскреснатите ќе треба да бидат згрижени. (Спореди Лука 8:55.) Ним ќе им треба физичка издршка и — што е уште поважно — духовна помош во стекнувањето на животодајното спознание за Јехова Бог и Исус Христос (Јован 17:3). Доколку сите бидат вратени во живот истовремено, тогаш би било невозможно да бидат адекватно згрижени. Разумно е да се претпостави дека воскресението ќе се одвива прогресивно. Верните христијани кои умреле кратко пред крајот на сатанскиот систем веројатно ќе бидат меѓу првите кои ќе бидат подигнати. Исто така, можеме да очекуваме рано воскресение на верните мажи од старина кои ќе служат како „кнезови“ (Псалм 44:16).
17. Кои се некои спорни прашања во поглед на воскресението за кои Библијата не зборува, и зошто христијаните не би требало да бидат претерано загрижени за тие работи?
17 Сепак, не би требало да бидеме догматични во врска со тие работи. За многу прашања Библијата не зборува. Таа не ги образложува деталите за тоа како, кога или на кои локации ќе се случува воскресението на поединци. Таа не ни кажува како ќе бидат сместени, нахранети и облечени оние кои ќе се вратат. Ниту, пак, можеме со сигурност да наведеме како Јехова ќе ги реши спорните прашања како што се одгледувањето и грижата за воскреснатите деца или како тој ќе се погрижи за извесни ситуации кои би можеле да ги вклучуваат нашите пријатели и љубени. Точно, нормално е да се прашуваме за такви работи; но не би било мудро да трошиме време обидувајќи се да одговориме на прашања кои во моментов не можат да се одговорат. Нашиот фокус мора да биде на верното служење на Јехова и на стекнувањето вечен живот. Помазаните христијани ја полагаат својата надеж во славното небесно воскресение (2. Петрово 1:10, 11). ‚Другите овци‘ се надеваат на вечно наследство на земното подрачје на Божјето Царство (Јован 10:16; Матеј 25:33, 34). Што се однесува до многуте непознати детали околу воскресението, ние едноставно имаме доверба во Јехова. Нашата идна среќа е сигурна во рацете на Оној кој може ‚да ја задоволи желбата на сѐ живо‘ (Псалм 145:16, NW; Јеремија 17:7).
18. а) Која победа ја истакнува Павле? б) Зошто со сигурност имаме доверба во надежта за воскресение?
18 Павле го заклучува својот аргумент извикнувајќи: „Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос“ (1. Коринтјаните 15:57). Да, преку откупната жртва на Исус Христос освоена е победа над адамската смрт, а во таа победа учествуваат и помазаниците и ‚другите овци‘. Се разбира, ‚другите овци‘ кои се денес живи, имаат надеж која е единствена за оваа генерација. Како дел од сѐ поголемото „големо мноштво“, тие можат да ја преживеат претстојната „голема неволја“ (NW) и никогаш да не доживеат физичка смрт! (Откровение 7:9, 14). Меѓутоа, дури и оние кои умираат поради „времето и непредвидениот настан“ (NW) или во рацете на сатанските застапници, можат да ја положат својата доверба во надежта за воскресение (Проповедник 9:11).
19. На кое силно поттикнување мораат денес да внимаваат сите христијани?
19 Затоа, желно го чекаме тој славен ден кога смртта ќе биде уништена. Нашата непоколеблива доверба во Јеховиното ветување за воскресението ни дава реалистично гледиште за работите. Што и да ни се случи во овој живот — дури и ако умреме — ништо не може да нѐ лиши од наградата која ја ветил Јехова. Затоа, Павловото последно силно поттикнување до коринтјаните е исто толку соодветно денес како што било и пред две илјади години: „И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати [изобилно вработени, NW] во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Коринтјаните 15:58).
Можеш ли да објасниш?
◻ Како одговорил Павле на прашањето за тоа какви тела ќе имаат помазаните кога ќе воскреснат?
◻ Како и кога смртта ќе биде конечно уништена?
◻ Кој ќе биде вклучен во земното воскресение?
◻ Каков би требало да биде нашиот став во поглед на работите за кои Библијата не зборува?
[Слика на страница 20]
Семето „умира“ со тоа што се подложува на драматична промена
[Слики на страница 23]
Верни мажи и жени од старина, како што се Ное, Авраам, Сара и Раав, ќе бидат меѓу оние кои ќе воскреснат
[Слика на страница 24]
Воскресението ќе биде време на голема радост!