Поглавје девет
Силата на надежта во воскресение
1. Без надежта во воскресение, каков изглед би имале мртвите?
ДАЛИ ти умрел некој сакан? Без воскресение, не би имало надеж да го видиш повторно. Тој би останал во состојбата што ја опишува Библијата кога наведува: „Мртвите ништо не знаат . . . зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10, ПСП).
2. Каков прекрасен изглед е овозможен преку воскресението?
2 На еден милосрден начин, преку воскресението, Јехова ја отворил скапоцената прилика неброени множества луѓе што умреле да се вратат од мртвите и да се радуваат на вечен живот. Ова значи дека можеш да ја имаш надежта која го грее срцето дека еден ден, во Божјиот нов свет, повторно ќе бидеш заедно со саканите кои заспале во смрт (Марко 5:35, 41, 42; Дела 9:36—41).
3. а) На кои начини воскресението се покажало важно во исполнувањето на Јеховината намера? б) Особено кога надежта во воскресение е извор на сила за нас?
3 Поради тоа што има воскресение, не треба да имаме морбиден страв од смртта. Јехова може, без да биде нанесена трајна штета за неговите верни слуги, да му дозволи на Сатана да оди до крајност за да го докаже своето злобно обвинение дека „за животот свој човек ќе даде и сѐ што има“ (Јов 2:4, ПСП). Исус му бил верен на Бог дури до смрт и затоа Бог го воскреснал во небесен живот. На тој начин, Исус можел да ја принесе вредноста на својот совршен човечки живот пред небесниот престол на својот Татко, со животоспасувачка корист за нас. Преку воскресението, оние од ‚малото стадо‘, како сонаследници со Христос, ја имаат надежта да бидат обединети со него во небесното Царство (Лука 12:32). За други, постои надежта за воскресение во вечен живот на рајска Земја (Псалм 37:11, 29). За сите христијани, надежта во воскресение е извор на сила „која ја надминува нормалната“ кога поднесуваат испити при кои се доведени очи в очи со смртта (2. Коринќаните 4:7).
Зошто темелно за христијанската вера?
4. а) Во која смисла воскресението е ‚основна наука‘? б) Што им значи воскресението на луѓето, општо земено?
4 Како што е наведено во Евреите 6:1, 2, воскресението е ‚основна наука‘. Тоа е дел од темелот на верата без кој никогаш не би можеле да станеме зрели христијани (1. Коринќаните 15:16—19). Меѓутоа, библиското учење за воскресението, општо земено, е туѓо за размислувањето на светот. Поради тоа што им недостига духовност, сѐ повеќе и повеќе луѓе го сметаат само овој живот за реален. Затоа, живеат стремејќи се по задоволства. Потоа, тука се и оние приврзаници на традиционалните религии — и во и вон христијанскиот свет — кои мислат дека имаат бесмртна душа. Но, ова верување не може да биде во склад со библиското учење за воскресение, бидејќи воскресението не би било потребно доколку луѓето имаат бесмртна душа. Обидот да се спојат овие две сфаќања повеќе збунува отколку што влева надеж. Како можеме да им помогнеме на лицата со искрени срца коишто сакаат да ја знаат вистината?
5. а) Пред да може едно лице да го разбере воскресението, што треба да знае? б) Кои стихови би ги употребил за да објасниш што е душата? Кои стихови би ги употребил за состојбата на мртвите? в) Што би можело да се стори ако некој користи библиски превод кој се чини дека ја замаглува вистината?
5 Пред да можат таквите лица да разберат колку прекрасна подготовка е воскресението, треба да имаат исправно разбирање за душата и за состојбата на мртвите. Честопати, доволни се само неколку стихови за да му се објаснат овие работи на едно лице кое гладува за библиската вистина (Битие 2:7; Псалм 146:3, 4; Езекиел 18:4). Меѓутоа, некои модерни преводи и парафразирани изданија на Библијата ја замаглуваат вистината за душата. Затоа, можеби ќе биде потребно да се разгледаат изразите што се употребени во оригиналните јазици на Библијата.
6. Како би можел да му помогнеш на едно лице да разбере што е душа?
6 Особено драгоцен во овој поглед е Преводот Нов свет, бидејќи тој доследно ги преведува хебрејскиот термин нѐфеш и соодветниот грчки збор психѐ со „душа“. Во додатокот од овој превод се наведени многу стихови каде што се наоѓаат овие термини. Многу други верзии на Библијата не се доследни, туку истите оригинални зборови ги преведуваат не само со „душа“ туку и со „суштество“, „битие“, „лице“ и „живот“; „мојот нѐфеш“ би можело да се преведе со „јас“, а „твојот нѐфеш“ со „ти“. Споредувањето на другите преводи на Библијата со Преводот Нов свет ќе му помогне на еден искрен истражувач да разбере дека термините на оригиналниот јазик преведени со „душа“ се однесуваат и на луѓе и на животни. Но, овие термини никогаш не ја пренесуваат идејата дека душа е нешто невидливо, неопипливо, кое при смртта може да го напушти телото и да продолжи со своето свесно постоење на друго место.
7. Како на темел на Библијата би ја објаснил состојбата на оние во шеол, во хадес или во геена?
7 Преводот Нов свет е доследен и во употребата на зборот „шеол“ како транслитерација на хебрејскиот термин шео́л како и во употребата на „хадес“ за грчкиот термин ха́дес, и геена за грчкиот термин гѐена. „Шеол“ е еквивалентот на зборот „хадес“ (Псалм 16:10; Дела 2:27). Библијата објаснува дека и шеол и хадес се однесуваат на општиот гроб на човештвото и дека се поврзани со смрт а не со живот (Псалм 89:48; Откровение 20:13). Писмото исто така укажува и на изгледот за враќање од општиот гроб преку воскресение (Јов 14:13; Дела 2:31). За разлика од тоа, за оние што одат во геена, нема надеж за некаков иден живот, а за душата никогаш не се зборува дека свесно постои таму (Матеј 10:28).
8. Како може исправното разбирање на воскресението да влијае врз ставот и постапките на едно лице?
8 Кога овие работи ќе се објаснат, на едно лице може да му се помогне да сфати што би можело да значи воскресението за него. Може да почне да ја цени Јеховината љубов што овозможил една ваква прекрасна подготовка. Жалоста што ја чувствуваат оние на кои им умреле најмилите може да биде ублажена со радосното исчекување на повторна средба во Божјиот нов свет. Разбирањето на овие работи е клучот за да се разбере и значењето на Христовата смрт. Христијаните од првиот век сфатиле дека воскресението на Исус Христос е темелно за христијанската вера, бидејќи го отвора патот за воскресение на другите. Тие ревносно проповедале за Исусовото воскресение и за надежта што тоа ја дава. Според тоа, оние коишто денес го сфаќаат и го ценат воскресението се желни да ја споделуваат оваа скапоцена вистина со другите (Дела 5:30—32; 10:42, 43).
Употреба на ,клучот од Хадесот‘
9. На кој начин Исус најпрво ги употребува „клучевите од смртта и Хадесот“?
9 Сите оние што треба да бидат обединети со Христос во неговото небесно Царство, на крајот мораат да умрат. Но, тие добро го знаат ветувањето што го дал тој кога рекол: „Умрев, но гледај, живеам во сета вечност, и ги имам клучевите од смртта и Хадесот“ (Откровение 1:18). Што мислел со ова? Свртел внимание на неговото искуство. И тој умрел. Но, Бог не го оставил во хадес. На третиот ден, Јехова лично го воскреснал во духовен живот и му дал бесмртност (Дела 2:32, 33; 10:40). Освен тоа, Бог му ги дал „клучевите од смртта и Хадесот“ да ги употреби за да ослободи други од општиот гроб на човештвото и од последиците на адамскиот грев. Затоа што ги поседува овие клучеви, Исус е способен да ги подигне своите верни следбеници од мртвите. Најпрво ги воскреснува со дух помазаните членови на своето собрание, давајќи им го скапоцениот дар на бесмртен живот на небото, исто како што неговиот Татко му го дал нему (Римјаните 6:5; Филипјаните 3:20, 21).
10. Кога се случува воскресението на верните помазани христијани?
10 Кога ќе го доживеат верните помазани христијани тоа небесно воскресение? Библијата покажува дека тоа веќе почнало. Апостол Павле објаснил дека тие ќе бидат подигнати ‚во текот на Христовата присутност‘, која започнала во 1914 година (1. Коринќаните 15:23). Кога верните помазаници го завршуваат својот земен пат сега, во текот на неговата присутност, тие не мораат да чекаат во смрт сѐ до враќањето на нивниот Господар. Веднаш штом умрат, тие се подигнати во духот и ‚се изменуваат, во еден момент, за миг на окото‘. Колку само се среќни, бидејќи добрите дела што ги правеле ‚одат заедно со нив‘! (1. Коринќаните 15:51, 52; Откровение 14:13).
11. Какво воскресение ќе има за луѓето општо, и кога ќе започне тоа?
11 Меѓутоа, воскресението на наследниците на Царството во небесен живот не е единственото воскресение. Фактот што тоа во Откровение 20:6 е наречено ‚прво воскресение‘, покажува дека мора да следи и друго. Оние што ќе извлечат корист од ова друго воскресение, ќе имаат среќен изглед за вечен живот на рајска Земја. Кога ќе се случи тоа? Книгата Откровение покажува дека тоа ќе настапи откако ќе бидат отстранети „земјата и небото“ — сегашниот зол систем на работи со неговите владејачки авторитети. Крајот на стариот систем е многу близу. Потоа, во Божје одредено време, ќе започне земното воскресение (Откровение 20:11, 12).
12. Кој ќе биде вклучен меѓу верните што ќе бидат подигнати за живот на Земјата, и зошто тоа е возбудлив изглед?
12 Кој ќе биде вклучен во тоа земно воскресение? Меѓу нив ќе бидат верните слуги на Јехова од најрани времиња, мажи и жени кои поради својата цврста вера во воскресението, ‚не сакале да прифатат ослободување преку некаква откупнина‘. Тоа значи, не сакале да го искомпромитираат својот интегритет кон Бог за да избегнат насилна, предвремена смрт. Колкава само радост ќе биде да ги запознаеме лично и од нив да чуеме од прва рака за деталите во врска со настани за кои Библијата само накратко известува! Воскреснати за земен живот ќе бидат: Авел, првиот верен сведок на Јехова; Енох и Ное, бестрашни објавители на Божјата порака на предупредување пред Потопот; Авраам и Сара, кои нагостиле ангели; Мојсеј, преку кого бил даден Законот на гората Синај; храбри пророци како Еремија, кој го доживеал уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. и Јован Крстител, кој лично го чул Бог како го идентификува Исус како Негов Син. Освен тоа, ќе има и многу лојални мажи и жени што умреле во текот на овие последни денови од сегашниот зол систем на работи (Евреите 11:4—38; Матеј 11:11).
13, 14. а) Што ќе се случи со хадес и со мртвите во него? б) Кој ќе биде вклучен во воскресението, и зошто?
13 Со текот на времето, и други освен верните Божји слуги ќе бидат подигнати од мртвите, така што никој нема да биде оставен во општиот гроб на човештвото. До кој обем ќе биде испразнет тој гроб од мртвите може да се види од тоа што Исус ќе го употреби ‚клучот од Хадесот‘ во корист на човештвото. Ова е покажано во една визија дадена на апостол Јован, во која тој го видел хадесот ‚фрлен во огненото езеро‘ (Откровение 20:14). Што значи тоа? Дека хадесот, општиот гроб на човештвото, е сосема уништен. Исчезнува од постоење, потполно испразнет од своите мртви, бидејќи освен тоа што ќе ги воскресне сите верни обожаватели на Јехова, Исус милосрдно ќе врати назад дури и неправедни. Божјата реч ни гарантира: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15).
14 Никој од овие неправедни нема да биде подигнат само за да биде повторно осуден на смрт. Во праведната околина што под Божјето Царство ќе преовладува ширум Земјата, ќе им се помогне да ги ускладат своите животи со Јеховините патишта. Визијата покажала дека ќе биде отворен „свитокот на животот“. Така, ќе имаат прилика имињата да им бидат запишани во него. Тие ќе бидат „судени поединечно според своите дела“ што ги извршиле по своето воскресение (Откровение 20:12, 13). На тој начин, нивното воскресение, од гледна точка на конечниот исход, може да се покаже како „воскресение на живот“ и нема неизбежно да биде „воскресение на [казнен] суд“ (Јован 5:28, 29).
15. а) Кој нема да биде воскреснат? б) Како треба да влијае врз нас спознанието за вистината за воскресението?
15 Меѓутоа, нема да бидат воскреснати сите што некогаш живееле и умреле. Некои направиле гревови за кои не е можно простување. Таквите не се во хадес, туку во геена, каде што доживуваат вечно уништување. Во нив ќе спаѓаат и оние што ќе бидат погубени во ‚големата неволја‘ која сега е близу (Матеј 12:31, 32; 23:33; 24:21, 22; 25:41, 46; 2. Солуњаните 1:6—9). На тој начин, иако Јехова покажува вонредно милосрдие со тоа што ги ослободува мртвите од хадес, надежта во воскресение не дава основа да бидеме рамнодушни во однос на тоа како живееме сега. Не е можно никакво воскресение за оние што намерно се бунтуваат против Јеховината сувереност. Ова спознание треба да нѐ мотивира да покажеме дека длабоко ја цениме Божјата незаслужена љубезност со тоа што ќе водиме живот во склад со неговата волја.
Зајакнати со надежта во воскресение
16. Како може надежта во воскресение да биде извор на голема сила?
16 Оние од нас кои ја направиле надежта во воскресение своја сопственост се во можност да црпат голема сила од неа. Засега, кога се приближуваме кон крајот на својот живот, знаеме дека не можеме до недоглед да ја одложуваме смртта — без оглед на медицинските постапки што се применуваат (Проповедник 8:8). Ако лојално сме му служеле на Јехова со неговата организација, можеме да гледаме на иднината со полна доверба. Знаеме дека преку воскресението повторно ќе се радуваме на животот, во Божје одредено време. А каков само живот ќе биде тоа! „Вистинскиот живот“, како што го нарекол апостол Павле (1. Тимотеј 6:19; Евреите 6:10—12).
17. Што може да ни помогне да го задржиме интегритетот кон Јехова?
17 Тоа што знаеме дека ќе има воскресение и тоа што го познаваме Оној што е изворот на таа подготовка, ни овозможува да бидеме цврсти во верата. Ова нѐ зајакнува да му бидеме лојални на Бог дури и кога ни се заканува смрт од рацете на насилни прогонители. Сатана долго го користи стравот од предвремена смрт како средство со кое ги држи луѓето во ропство. Но, Исус немал таков страв. Тој му останал верен на Јехова до смрт. Преку својата откупна жртва, Исус го обезбедил средството за да ги ослободи другите од ваквиот страв (Евреите 2:14, 15).
18. Што им помогнало на Јеховините слуги да изградат такво истакнато досие на интегритет?
18 Како резултат на нивната вера и во подготовката на Христовата жртва и во воскресението, Јеховините слуги изградиле истакнато досие како чувари на интегритетот. Кога биле ставани под притисок, тие докажале дека ‚не ги љубат своите души‘ повеќе отколку Јехова (Откровение 12:11). На мудар начин, тие не ги отфрлаат христијанските начела обидувајќи се да го спасат својот сегашен живот (Лука 9:24, 25). Тие знаат дека ако го изгубат својот живот сега поради тоа што лојално ја поддржуваат Јеховината сувереност, тој ќе ги награди преку воскресение. Дали ти имаш таква вера? Ќе имаш ако вистински го љубиш Јехова и ако го земеш при срце она што навистина значи надежта во воскресението.
Дискусија за повторување
• Зошто едно лице треба да има разбирање во врска со душата и состојбата на мртвите за да може да го разбере воскресението?
• Кој ќе се врати од мртвите, и како треба ова спознание да влијае врз нас?
• Како нѐ зајакнува надежта во воскресение?
[Слики на страници 84 и 85]
Јехова ветува дека ќе има воскресение и на праведните и на неправедните