Поглавје 13
Зошто водењето побожен живот донесува среќа
1. Зошто можеме да речеме дека Јеховиниот пат донесува среќа?
ЈЕХОВА е „среќниот Бог“ и тој сака да му се радуваш на животот (1. Тимотеј 1:11, НС). Одејќи по неговиот пат, можеш да извлечеш корист и да доживееш мир кој е длабок и траен како непресушна река. Одењето по Божјиот пат исто така те поттикнува постојано да правиш праведни дела „како морски бранови“. Тоа носи вистинска среќа (Исаија 48:17, 18).
2. Како можат христијаните да бидат среќни и покрај тоа што понекогаш се малтретирани?
2 Некои може да приговорат: ‚Па, луѓето понекогаш страдаат баш поради тоа што го прават она што е исправно‘. Точно, а токму тоа им се случило и на Исусовите апостоли. Меѓутоа, иако биле прогонувани, тие се радувале и продолжиле „да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа“ (Дела 5:40-42). Од ова можеме да научиме важни поуки. Едната е дека водењето побожен живот не е гаранција дека секогаш ќе се постапува добро со нас. „Па и сите,“ — напишал апостол Павле — „што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3:12). Причината за ова е што Сатана и неговиот свет им се спротивставуваат на оние кои живеат побожно (Јован 15:18, 19; 1. Петрово 5:8). Но, вистинската среќа не зависи од надворешните фактори, туку од уверувањето дека го правиме она што е исправно и затоа имаме Божје одобрување (Матеј 5:10-12; Јаков 1:2, 3; 1. Петрово 4:13, 14).
3. Како треба обожавањето на Јехова да влијае врз животот на едно лице?
3 Некои мислат дека можат да ја придобијат Божјата милост со повремени побожни дела, а во другото време да Го заборават. Вистинското обожавање на Јехова Бог не е такво. Тоа влијае врз однесувањето на лицето преку целиот ден, од ден во ден, од година во година. Затоа е наречено и „патот“ (Дела 19:9; Исаија 30:21). Тоа е божествен начин на живот кој бара да зборуваме и да постапуваме во склад со Божјата Реч.
4. Зошто е корисно да се направат промени за да се живее според Божјите патишта?
4 Кога ќе увидат дека треба да направат некои промени за да му угодат на Јехова, лицата кои почнале да ја проучуваат Библијата би можеле да се прашаат: ‚Дали побожното живеење навистина се исплаќа?‘ Сосем сигурно — да. Зошто? Затоа што „Бог е љубов“ и сите негови патишта се за наша корист (1. Јованово 4:8). Тој е исто така мудар и знае што е најдобро за нас. Јехова е семоќен и затоа може да нѐ зајакне за да ја оствариме нашата желба да му угодиме така што ќе престанеме со некоја лоша навика (Филипјаните 4:13, НС). Да разгледаме некои начела кои се вклучени во побожното живеење и да видиме како нивната примена носи среќа.
ЧЕСНОСТА ВОДИ ДО СРЕЌА
5. Што вели Библијата за лажењето и крадењето?
5 Јехова е ‚Бог на вистината‘ (Псалм 30:5). Без сомнение, ти имаш желба да го следиш неговиот пример и да бидеш познат како вистинољубива личност. Чесноста води до самопочит и чувство на среќа. Меѓутоа, нечесноста е толку вообичаена во овој грешен свет поради што на христијаните им е потребен овој потсетник: „Кажувајте си ја вистината секој на својот ближен . . . Кој крадел, да не краде веќе; а подобро е да се труди, . . . за да има што да му подаде на оној, кој што има потреба“ (Ефесјаните 4:25, 28). Христијаните чесно ја извршуваат својата секојдневна работа. Без дозвола од работодавачот, тие не земаат негови работи. Било на работа, во училиште или дома, еден Јеховин обожавател мора да биде ‚чесен во сѐ‘ (Евреите 13:18, НС). Секој кој има обичај да лаже или краде, не може да има Божја милост (5. Мојсеева 5:19; Откровение 21:8).
6. Како би можела чесноста на едно побожно лице да му донесе слава на Јехова?
6 Чесноста носи многу благослови. Селина е сиромашна вдовица од Африка, која го сака Јехова Бог и неговите праведни мерила. Еден ден нашла чанта со штедна книшка и голема сума пари. Преку телефонскиот именик го пронашла сопственикот — еден дуќанџија кој бил опљачкан. Човекот не можел да им верува на своите очи кога Селина, иако болна, го посетила и му ја вратила сета содржина од чантата. „Таквата чесност мора да се награди“, рекол тој и ѝ дал одредена сума пари. Што е уште поважно, овој човек ја пофалил и религијата на Селина. Да, чесните дела ја украсуваат библиската наука, го слават Јехова Бог и им носат среќа на неговите чесни обожаватели (Тит 2:10; 1. Петрово 2:12).
ДАРЕЖЛИВОСТА ДОНЕСУВА СРЕЌА
7. Што има лошо во коцкањето?
7 Дарежливоста носи среќа, а лакомите нема да го „наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:10). Еден вообичаен облик на лакомост е коцкањето, кое претставува обид да се заработат пари на туѓа штета. Јехова не ги одобрува таквите кои се „лакоми за гнасна [нечесна, НС] печалба“ (1. Тимотеј 3:8). Дури и таму каде што коцкањето е легално и каде што човек може да се коцка заради забава, тој би можел да стане зависен и да поддржува навика која упропастила многу животи. Коцкањето честопати му носи проблеми на семејството на коцкарот, кое може да остане со малку пари за набавка на најнеопходното, како што е храна и облека (1. Тимотеј 6:10).
8. Како оставил Исус одличен пример за дарежливоста, и како можеме и ние да бидеме дарежливи?
8 Поради нивната љубезна дарежливост, христијаните наоѓаат радост во помагањето на другите, особено на сиромашните соверници (Јаков 2:15, 16). Пред да дојде на Земјата, Исус ја набљудувал Божјата дарежливост кон човештвото (Дела 14:16, 17). И самиот Исус го трошел времето, талентите, па дури и својот живот во корист на човештвото. Затоа, со право можел да рече: „Повеќе усреќува давањето, отколку примањето“ (Дела 20:35, НС). Исто така, Исус зборувал пофално за сиромашната вдовица која дарежливо пуштила две мали парички во храмската благајна, бидејќи ја дала „целата своја прехрана“ (Марко 12:41-44). Древните Израелци и христијаните од I век се примери за радосна дарежливост, материјално поддржувајќи го собранието и делото на Царството (1. Летописи 29:9; 2. Коринтјаните 9:11-14). Освен материјалните прилози за овие цели, денешните христијани радосно му принесуваат фалба на Бог, користејќи ги своите животи во неговата служба (Римјаните 12:1; Евреите 13:15). Јехова ги благословува затоа што го користат своето време, енергија, пари и други средства за поддршка на вистинското обожавање и за унапредување на светското дело на проповедање на добрата вест за Царството (Изреки 3:9, 10).
ДРУГИ ФАКТОРИ КОИ ЈА УНАПРЕДУВААТ СРЕЌАТА
9. Што има лошо во прекумерното пиење алкохолни пијалоци?
9 За да бидат среќни, христијаните мораат и ‚да ги чуваат своите мисловни способности‘ (Изреки 5:1, 2, НС). Тоа бара да ја читаат Божјата Реч и здравата библиска литература и да медитираат за неа. Но, има некои работи кои треба да се избегнуваат. На пример, со прекумерното пиење алкохолни пијалоци може да се изгуби контрола над размислувањето. Во таква ментална состојба, многумина се впуштаат во неморално и насилничко однесување, предизвикувајќи и смртни несреќи. Не е чудно што Библијата вели дека пијаниците нема да го наследат Божјето Царство! (1. Коринтјаните 6:10). Одлучни да останат „со здрави мисли“ (НС), вистинските христијани избегнуваат пијанство, а тоа помага да бидат посреќни (Тит 2:2-6).
10. а) Зошто христијаните не употребуваат тутун? б) Какви се користите ако се прекине со навиките на зависност?
10 Чистото тело исто така придонесува за среќа. Сепак, многумина се оддаваат на штетни супстанции. На пример, употребата на тутунот. Светската здравствена организација известува дека пушењето „секоја година убива три милиони луѓе“. Престанувањето со пушење може да биде тешко поради привремените симптоми на одвикнување. Од друга страна, многумина бивши пушачи увиделе дека имаат подобро здравје и повеќе пари за потребите на домаќинството. Да, совладувањето на навиката за пушење или на зависноста од други штетни супстанции ќе придонесе за чисто тело, мирна совест и вистинска среќа (2. Коринтјаните 7:1).
СРЕЌА ВО БРАКОТ
11. Што е неопходно за да се има законски и трајно чесен брак?
11 Оние кои живеат заедно како сопруг и сопруга, треба да се погрижат нивниот брак да биде исправно регистриран кај властите (Марко 12:17). Исто така, бракот треба да го сметаат за сериозна одговорност. Вистина, разделувањето би можело да биде неопходно во случаи кога намерно не се плаќа издршка, крајно малтретирање или потполна загрозеност на духовноста (1. Тимотеј 5:8; Галатјаните 5:19-21). Но, Павловите зборови во 1. Коринтјаните 7:10-17 ги охрабруваат брачните партнери да останат заедно. Се разбира, за да имаат вистинска среќа, мораат да бидат верни еден на друг. Павле напишал: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло — чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4). Изразот „брачното легло“ означува сексуален однос помеѓу маж и жена кои се законски венчани. Ниеден друг сексуален однос, како што е брак со повеќе од една сопруга, не може да се опише како ‚чесен‘. Освен тоа, Библијата ги осудува предбрачниот полов однос и хомосексуалноста (Римјаните 1:26, 27; 1. Коринтјаните 6:18).
12. Кои се некои од последиците на блудот?
12 Блудот може да донесе неколку моменти на телесно задоволство, но тоа не носи вистинска среќа. Тоа го лути Бог и може да остави белег на совеста на поединецот (1. Солунјаните 4:3-5). Последиците од незаконскиот секс можат да бидат СИДА-та и други сексуално преносливи болести. „Се проценува дека во целиот свет, над 250 милиони луѓе годишно се заразуваат од гонореја, а околу 50 милиони од сифилис“, наведува еден медицински извештај. Тука е и проблемот на несакана бременост. Меѓународната федерација за планирано родителство известува дека годишно во светот забременуваат преку 15 милиони девојки на возраст од 15 до 19 години, а една третина од нив вршат абортуси. Една студија покажала дека во една африканска земја, компликациите при абортусот предизвикуваат смрт на 72 отсто од сите смртни случаи кај тинејџерките. Некои блудници можеби ќе ги избегнат болестите и бременоста, но не и емоционалната штета. Многумина го губат самопочитувањето, па дури и се мразат себеси.
13. Какви додатни проблеми носи прељубата, и каква е иднината на оние кои и понатаму остануваат блудници и прељубници?
13 Иако прељубата може да биде простена, за недолжниот сопружник таа е оправдана библиска причина за развод (Матеј 5:32; спореди Осија 3:1-5). Кога таквиот неморал ќе доведе до слом на бракот, тоа може да остави длабоки емоционални лузни врз недолжниот сопружник и децата. За доброто на човечкото семејство, Божјата Реч истакнува дека непокајничките блудници и прељубници ќе доживеат Божји неповолен суд. Понатаму, таа јасно покажува дека оние кои практицираат сексуален неморал, „нема да го наследат царството Божјо“ (Галатјаните 5:19, 21).
,НЕ СЕ ДЕЛ ОД СВЕТОТ‘
14. а) Кои се некои облици на идолопоклонство што едно побожно лице ги избегнува? б) Какво водство е дадено во Јован 17:14 и Исаија 2:4?
14 Оние кои сакаат да му се допаднат на Јехова и да се радуваат на благословите на Царството, избегнуваат секакво идолопоклонство. Библијата покажува дека е неисправно да се прават и обожаваат ликови, вклучувајќи ги и оние на Христос или на Марија (2. Мојсеева 20:4, 5; 1. Јованово 5:21). Затоа, вистинските христијани не обожаваат икони, крстови и ликови. Исто така, избегнуваат и попрефинети облици на идолопоклонство како што се оддаденост на знамиња и пеење песни со кои се велича нацијата. Кога се под притисок да направат такво нешто, тие се сеќаваат на Исусовите зборови упатени до Сатана: „На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!“ (Матеј 4:8-10). Исус рекол дека неговите следбеници ‚не се [дел, НС] од светот‘ (Јован 17:14). Тоа значи да се биде неутрален во политичките работи и мирно да се живее во склад со Исаија 2:4, кој вели: „Ќе им суди Он [Јехова Бог] на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“.
15. Што е Големиот Вавилон, и што прават многумина нови кои ја проучуваат Библијата за да излезат од него?
15 Да не се биде ‚дел од светот‘ значи да се прекине секоја врска и со ‚големиот Вавилон‘, светското царство на лажната религија. Нечистото обожавање се ширело од древниот Вавилон сѐ додека не постигнало штетна духовна доминација над луѓето по целата Земја. „Вавилон големиот“ ги опфаќа сите религии чии доктрини и обичаи не се во склад со спознанието за Бог (Откровение 17:1, 5, 15). Ниеден верен обожавател на Јехова нема да се впушта во меѓуверски активности преку учество во обожавањето со разни религии или да има духовно заедништво со некој дел од Големиот Вавилон (4. Мојсеева 25:1-9; 2. Коринтјаните 6:14). Затоа, многумина нови кои ја проучуваат Библијата, испратиле писмо за истапување од религијата на која припаѓале. Тоа ги зближило со вистинскиот Бог, како што е и ветено: „,Излезете од нивната средина и одделете се!‘ Вели Господ, и ‚Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!‘“ (2. Коринтјаните 6:17; Откровение 18:4, 5). Зарем не го посакуваш желно таквото прифаќање од страна на нашиот небесен Татко?
ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ГОДИШНИТЕ СЛАВИ
16. Зошто вистинските христијани не слават Божиќ?
16 Побожниот живот нѐ ослободува од честопати тегобното славење на световните празници. На пример, Библијата не го кажува точниот ден на Исусовото раѓање. ‚Мислев дека Исус е роден на 25 декември!‘ — тврдат некои. Тоа не е можно бидејќи тој умрел во пролетта 33 година н. е., на возраст од 33 и пол години. Освен тоа, во времето на неговото раѓање, овчарите ‚живееле надвор на отворено и во ноќта чувале стража над своите стада‘ (Лука 2:8, НС). Кон крајот на декември, во Израел преовладува студена, дождлива сезона во која овците ноќе се чуваат затворени за да бидат заштитени од студот. Всушност, Римјаните го издвоиле 25 декември како роденден на нивниот бог-сонце. Со векови после Исус, отпадничките христијани го присвоиле овој датум за славење на Христовото раѓање. Затоа, вистинските христијани не го слават Божиќ или некој друг празник кој се темели на лажни религиозни верувања. Поради својата исклучителна оддаденост на Јехова, тие не слават ниту празници со кои се идолизираат грешни луѓе или нации.
17. Зошто побожните луѓе не слават родендени, и зошто христијанските деца се среќни и без тоа?
17 Библијата споменува само две роденденски слави во кои биле вклучени луѓе што не му служеле на Бог (1. Мојсеева 40:20-22; Матеј 14:6-11). Со оглед на тоа што Светото писмо не го открива датумот на раѓањето на совршениот човек Исус Христос, зошто треба да им обрнуваме посебно внимание на родендените на несовршени луѓе? (Проповедник 7:1). Се разбира, побожните родители не чекаат некаков посебен ден за да покажат љубов кон своите деца. Едно 13-годишно христијанско девојче забележало: „Моето семејство и јас често се забавуваме. . . . Многу сум блиска со родителите, и кога другите деца ме прашуваат зошто не славам празници, им велам дека јас славам секој ден“. Еден 17-годишен христијанин, рекол: „Во нашиот дом се подарува преку целата година“. Среќата е поголема кога подароците се даваат спонтано.
18. Која единствена прослава во годината им заповедал Исус на своите следбеници да ја одбележуваат, и на што нѐ потсетува таа?
18 За оние кои тежнеат по побожен живот, има еден ден кој треба посебно да се слави секоја година. Тоа е Господовата вечера, честопати наречена Спомен на Христовата смрт. Во врска со неа, Исус им заповедал на своите ученици: „Правете го ова за Мој спомен!“ (Лука 22:19, 20; 1. Коринтјаните 11:23-25). Кога ја воспоставил оваа вечера во ноќта на 14 низан 33 година н. е., Исус употребил бесквасен леб и црвено вино кои го претставуваат неговото безгрешно човечко тело и неговата совршена крв (Матеј 26:26-29). Од овие симболи земаат христијаните кои се помазани со Божјиот свет дух. Тие се примени во новиот сојуз и во сојузот за Царството и имаат небесна надеж (Лука 12:32; 22:20, 28-30; Римјаните 8:16, 17; Откровение 14:1-5). Меѓутоа, корист имаат и сите други присутни таа вечер која, според древниот еврејски календар, се паѓа на 14 низан. Тие се потсетени на љубовта што ја покажале Јехова Бог и Исус Христос со гревопомирбената откупна жртва која им овозможува вечен живот на оние кои имаат божествена милост (Матеј 20:28; Јован 3:16).
ВРАБОТУВАЊЕ И ЗАБАВА
19. Со каков предизвик се соочуваат христијаните при заработката за живеачка?
19 Вистинските христијани имаат обврска сериозно да работат и да се грижат за своите потреби. Тоа ќе им донесе чувство на задоволство на семејните поглавари (1. Солунјаните 4:11, 12). Се разбира, ако работата на еден христијанин е во конфликт со Библијата, тоа ќе го лиши од среќа. Сепак, на еден христијанин понекогаш му е тешко да најде работа која е во склад со библиските мерила. На пример, од некои вработени се бара да ги мамат муштериите. Од друга страна, многу работодавачи ќе направат отстапки за да се прилагодат на совеста на еден чесен работник затоа што не сакаат да изгубат доверлив човек. Сепак, можеш да бидеш сигурен дека Бог ќе ги благослови твоите напори да најдеш вработување кое ти дава мирна совест (2. Коринтјаните 4:2).
20. Зошто треба да бидеме избирливи при изборот на забава?
20 Бог сака неговите слуги да бидат среќни, па затоа треба да ја урамнотежиме напорната работа со освежувачки периоди на рекреација и одмор (Марко 6:31; Проповедник 3:12, 13). Сатановиот свет форсира безбожна забава. Но, за да му се допаднеме на Бог, мораме да бидеме избирливи во поглед на книгите, радиопрограмите и музиката, концертите, филмовите, театарските претстави, ТВ-програмите и видеофилмовите. Ако забавата што сме ја избирале во минатото е во конфликт со предупредувањата од стиховите како што се 5. Мојсеева 18:10-12, Псалм 11:5 (НС) и Ефесјаните 5:3-5, ќе му угодиме на Јехова и ќе бидеме посреќни доколку направиме прилагодувања.
ПОЧИТ КОН ЖИВОТОТ И КРВТА
21. Како треба почитта кон животот да влијае врз нашето гледиште за абортусот, како и врз нашите навики и однесувањето?
21 За да најдеме вистинска среќа, човечкиот живот треба да го сметаме за свет, како што го смета и Јехова. Неговата Реч ни забранува да убиваме (Матеј 19:16-18). Всушност, Божјиот Закон даден за Израел покажува дека тој го смета нероденото дете за скапоцен живот, а не за нешто што треба да се уништи (2. Мојсеева 21:22, 23). Според тоа, не смееме со животот да постапуваме како со нешто евтино, употребувајќи тутун, злоупотребувајќи го своето тело со дрога или алкохол, или преземајќи непотребни ризици. Не треба да се впуштаме ни во какви и да било тежнеења кои се опасни по животот ниту да ги игнорираме безбедносните мерки, што би можело да доведе до вина за крв (5. Мојсеева 22:8).
22. а) Какво е божественото гледиште за крвта и за нејзината употреба? б) Само чија крв вистински го спасува животот?
22 Јехова му рекол на Ное и на неговото семејство дека крвта ја претставува душата, односно животот. Затоа, Бог им забранил да јадат крв (1. Мојсеева 9:3, 4). А бидејќи сме нивни потомци, тој закон е задолжителен и за сите нас. Јехова им рекол на Израелците дека крвта треба да се истури на земјата и да не се користи за лична употреба (5. Мојсеева 12:15, 16). Божјиот закон за крвта бил повторен кога христијаните од I век биле поучени: „Да се воздржувате . . . од крв“ (Дела 15:28, 29). Од почит кон светоста на животот, побожните луѓе не прифаќаат трансфузија на крв, дури и ако другите тврдат дека таквата постапка ќе го спаси животот. Многу медицински алтернативи, прифатливи за Јеховините сведоци, се покажале многу делотворни и не го изложуваат лицето на ризиците од трансфузија на крв. Христијаните знаат дека само Исусовата пролеана крв вистински го спасува животот. Верата во неа донесува простување и изглед за вечен живот (Ефесјаните 1:7).
23. Кои се некои од наградите за побожниот начин на живот?
23 Јасно е дека водењето побожен живот бара напор. Членовите на семејството или познаниците може да те исмејуваат поради тоа (Матеј 10:32-39; 1. Петрово 4:4). Но, наградите од водењето таков живот се далеку повредни од сите искушенија. Водењето побожен живот донесува чиста совест и нуди здраво друштво со сообожавателите на Јехова (Матеј 19:27, 29). Замисли си да живееш засекогаш во Божјиот праведен нов свет (Исаија 65:17, 18). Каква е само радоста кога се држиме за библискиот совет и со тоа го радуваме Јеховиното срце! (Изреки 27:11). Не е никакво чудо што водењето побожен живот донесува среќа! (Псалм 127:1, 2).
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Кои се некои од причините зошто водењето побожен живот донесува среќа?
Какви промени може да изискува водењето побожен живот?
Зошто сакаш да водиш побожен живот?
[Слика на страници 124 и 125]
Духовните активности, урамнотежени со време за релаксација, придонесуваат за среќата на оние кои водат побожен живот