Вашите бубрези — филтер за живот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИРСКА
ЗЕМЈАТА и човечкото тело имаат нешто заедничко: За да го поддржуваат животот, и на обете им треба филтер. На Земјата ѝ е потребна заштита од постојаното бомбардирање на штетните зраци од Сонцето. Озонскиот слој од нашата атмосфера ги филтрира, дозволувајќи светлината која го поддржува животот да помине до Земјата. А што е со Вашето тело? Многу од хемиските процеси во Вашето тело ослободуваат токсични супстанции и отпад во Вашиот крвоток. Ако се дозволи да останат, ќе предизвикаат сериозни проблеми за Вас, дури и смрт. Мора постојано да се филтрираат и отстрануваат.
Тоа филтрирање е една од главните функции на Вашите бубрези. Но, како можат тие мали органи да ги идентификуваат, одвојуваат и отстрануваат штетните супстанции, а истовремено да се погрижат виталните елементи да останат да го хранат и негуваат Вашето тело? И како можете да им помогнете на Вашите бубрези да Ве одржат во здравје?
Што има внатре во Вашите бубрези?
Луѓето обично имаат два бубрега — по еден сместен на обете страни од ’рбетот во долниот дел од грбот. Секој е околу 10 сантиметри долг, 5 сантиметри широк и 2,5 сантиметри дебел, а тежи од 110 до 170 грама. Преполовувањето на бубрегот од горе до долу открива неколку добро утврдени карактеристики кои се гледаат на придружните дијаграми.
За да си претставите како работи еден бубрег, замислете еден стадион со илјадници гледачи кои доаѓаат за некој настан. Прво, толпата мора да се подели во бројни мали редици. Потоа, луѓето во секоја редица поминуваат еден по еден низ безбедносни порти каде што поединците без билети се ставаат настрана. Гледачите со билети поминуваат до нивните доделени седишта.
На сличен начин, сите елементи кои ја сочинуваат Вашата крв, а кои ги има многу, потребно е да циркулираат низ целото Ваше тело. Меѓутоа, додека го прават тоа мора постојано да поминуваат низ Вашите бубрези преку големи крвни садови, бубрежни артерии — по една на секој бубрег. (Видете ја илустрацијата на страница 24.) Откако ќе влезе во бубрегот, бубрежната артерија се раширува како ладало во помали садови во внатрешните и надворешните слоеви на бубрегот. На тој начин, разновидните елементи во Вашата крв се канализираат во помали „редици“ кои се и полесни за управување.
Конечно, крвта пристигнува до едни ситни клопчиња, од кои секое се состои од околу 40 цврсто изврзани, минијатурни крвни садови. Секое клопче, наречено гломерул, е опкружено со двослојна мембрана позната како Бауманова капслаa. Заедно, гломерулот и Баумановата капсла го сочинуваат првиот дел од ‚безбедносната порта‘ на Вашиот бубрег, нефрон — основната филтрациона единица на Вашиот бубрег. Во секој бубрег има преку еден милион нефрони. Но тие се толку мали што ќе Ви биде потребен микроскоп за да испитате еден! (Видете го дијаграмот на нефрон, кој е многу зголемен на страница 25.)
Двоетапно филтрирање на Вашата крв
Крвните клетки и протеините во Вашиот крвоток се нужни. Тие го обезбедуваат Вашето тело со витални услуги како што е залиха од кислород, одбрана и поправање на некаква штета. За да се спречи загубата на крвни клетки и протеини, првата етапа од филтрацијата ги одвојува нив од сите други елементи. Таа специјализирана задача се постигнува со Баумановите капсли. Но како?
Крвните садови кои влегуваат во гломерулот се делат на ситни капилари со многу тенки ѕидови. На тој начин, крвниот притисок може да присили дел од водата и други мали молекули да поминат низ нивните тенки мембрани, надвор од Вашиот крвоток во Баумановата капсла и свитканото цевче поврзано со неа. Тоа цевче е наречено искривена тубула. Поголемите протеински молекули и сите крвни клетки остануваат во крвотокот и продолжуваат да течат низ капиларите.
Сега филтрирањето станува поселективно. Бубрезите мора во потполност да се погрижат за тоа дека ништо што е од вредност за Вашето тело нема да побегне! Течноста која тече низ тубулата на овој степен е водеста смеса, која се состои од растворени корисни молекули заедно со отпадоци и несакани супстанции. Специјализираните клетки долж внатрешниот ѕид на тубулата ги препознаваат корисните молекули, како што е водата, солите, шеќерите, минералите, витамините, хормоните и аминокиселините. Тие успешно се извлекуваат така што се реапсорбираат во ѕидот на тубулата и се враќаат назад во околната мрежа со капилари за повторно да влезат во Вашиот крвоток. Капиларите повторно се спојуваат како мали вени кои потоа се здружуваат и стануваат крвен сад наречен бубрежна вена. Преку неа, Вашата крв, сега исфилтрирана и прочистена, го напушта бубрегот и продолжува да го поддржува животот во Вашето тело.
Отстранување на отпадните материи
Но, што е со течноста која останува во тубулата? Очигледно дека таа содржи супстанции кои твоето тело не ги сака. Додека течноста продолжува да тече по тубулата спрема поголемата собирна тубула или собирно цевче, другите клетки во ѕидот на тубулата ослободуваат додатни секрети во неа, вклучувајќи амонијак, калиум, уреа, урична киселина и вишок вода. Финалниот производ е урина.
Собирните каналчиња од разните нефрони се спојуваат и ослободуваат урина низ отворите од врвовите на пирамидите. Урината поминува во бубрежната карлица, а потоа заминува преку мочоводот, цевката која го поврзува бубрегот со мочниот меур. Урината се чува во мочниот меур пред да се отстрани од Вашето тело.
И покрај нивната микроскопска големина, преку два милиони нефрони во Вашите бубрези вршат доста импресивна работа. The New Encyclopædia Britannica наведува: „Нефроните . . . ја филтрираат целокупната петлитарска содржина на вода од крвта на секои 45 минути“. Додека разновидните супстанции се реапсорбираат и многуте процеси се завршуваат, едно нормално и здраво тело може да отстрани околу два литри отпад во вид на урина на секои 24 часа. Каков марлив и темелен филтрационен систем!
Грижете се за Вашите бубрези!
Вашите бубрези сами се прочистуваат и сами се одржуваат, способни да функционираат долго време. Меѓутоа, и Вие играте улога за да им помогнете да ја вршат нивната работа. Голем дел вода мора да помине низ Вашите бубрези за да остане телото здраво. Навистина, примањето доволно количество вода се смета како примарно средство за спречување на инфекции на бубрезите и против создавање камен на бубрезите.b Пиењето вода, исто така, му помага на Вашиот дигестивен и на кардиоваскуларниот систем, истакнува д-р С. Годек, претседавач на Уролошкото одделение на болницата при колеџот Лонг Ајленд, Њујорк.
Колку вода? Д-р Годек и многу други доктори препорачуваат, покрај примањето друга храна и пијалаци, секое лице треба да пие најмалку два литри вода дневно. „Повеќето луѓе се дехидрирани“, рекол д-р Годек за Разбудете се! Тој забележал дека сѐ додека Вашите бубрези или срцето не Ви се заболени, водата е добра за нив. „Но морате доволно да пиете“, рекол д-р Годек. „Повеќето луѓе не пијат доволно.“
На некои, водата им е повкусна со додавање малку вкус, како што е лимонот. На други повеќе им се допаѓа изворска вода или вода која е исфилтрирана низ активен јаглен. Во секој случај, обична вода или вода со многу малку додаден вкус е подобра за Вашите бубрези отколку кој и да било друг напиток. Всушност, шеќерот во овошните сокови и засладените пијалаци ја зголемува потребата на телото за вода. Пијалаци кои содржат алкохол или кофеин предизвикуваат телото да губи вода.
Да се стекне навика да се пијат два литри вода секој ден секако дека може да биде предизвик. Како прво, на многу луѓе им е незгодно или непријатно да се празнат почесто отколку обично. Но телото ќе Ви биде благодарно за додатниот напор. Освен што помага да се зачува Вашето здравје, пиењето доволно вода може да го подобри дури и Вашиот изглед. Докторите укажуваат на тоа дека добрата исхрана и големото количество внесени течности се поделотворни во одржувањето на Вашата кожа за да изгледа убаво отколку кои и да било надворешни препарати за кожа.
За жал, нашиот механизам за жед е несовршен и станува уште понеосетлив како што старееме. Според тоа, не можеме да се ослониме само на жедта да ни каже колку вода ни треба. Како можете да се уверите дека примате доволно? Некои го почнуваат денот со пиење две чаши вода, а потоа во редовни интервали пијат по една чаша. Други чуваат на видик и на дофат проѕирен сад со вода — потсетник да си пивнуваат периодично во текот на денот. Без разлика кој метод го користите, изобилното пиење чиста и неизвалкана вода е добар начин да покажете ценење за Вашите бубрези — прекрасниот филтер кој Ве одржува во живот.
[Фусноти]
a Во раните 1840-ти години, англискиот хирург и хистолог Вилијам Бауман ја опишал таа мала капсла и нејзината функција. Името го добила по него.
b Видете Разбудете се! од 8 декември 1993, страници 12—14 (срп.) и 8 март 1986, страница 18 (англ.).
[Рамка на страница 25]
Нефронот — основна филтрациона единица
ПОСТОЈАТ преку милион нефрони во секој бубрег. Цевкастиот систем кој се наоѓа во секој поединечен нефрон во просек има должина од околу 3 сантиметри и широчина од само 0,05 милиметри. Сепак, кога би било возможно да се одмотаат сите тубули на еден бубрег, би се протегале до околу 30 километри!
Баумановата капсла всушност е кривулестиот завршеток на искривената тубула на нефронот. Таа тубула е опкружена со мрежа од многу мали крвни садови, наречени капилари. Тубулата преминува во поголемо собирно каналче кое ги однесува отпадните и токсичните супстанции кои ги филтрира нефронот.
[Графикон на страници 24 и 25]
Бубрежната вена ја носи новофилтрираната крв во телото
Бубрежната артерија ја носи нефилтрираната крв до бубрегот
Бубрежните пирамиди се конусни структури кои ја доведуваат урината до бубрежната карлица
Кортексот го содржи гломерулот на секој нефрон
Бубрежната карлица е инка која ја собира урината и ја канализира во мочоводот
Мочоводот ја носи урината од бубрегот до мочниот меур
[Графикон на страница 25]
Нефроните, околу два милиони микроскопски цевкасти филтри, ја прочистуваат крвта
Бауманова капсла
Гломерул
Искривената тубула ја собира урината и потоа оди во мочниот меур
Капилари