Чудата на циркулациониот систем
ЗАМИСЛЕТЕ СИ еден дом со толку софистицирана водоводна инсталација што течноста која тече низ неа може безбедно да пренесува храна, вода, кислород и отпадни материи. Освен тоа, овие цевки можат самите да се поправаат и да се шират во зависност од променливите барања на домот. Какво брилијантно инженерство!
Сепак, „водоводот“ на Вашето тело прави нешто многу повеќе. Освен што помага да се регулира телесната температура, тој пренесува зашеметувачка низа од хормони, односно хемиски гласници, како и силни бранители против болести. Исто така, целата мрежа е мека и еластична, а тоа овозможува да се амортизираат ударите и таа да се приспособи на органите во телото. Ниеден инженер меѓу луѓето не би можел да конструира таков систем, но сепак, Творецот го направил ова кога ги обликувал вените, артериите и капиларите на човечкото тело.
Главните елементи на овој систем
Циркулациониот систем на човекот, всушност, се состои од два система што функционираат заедно. Едниот е кардиоваскуларниот систем, во кој спаѓаат срцето, крвта и сите крвни садови. Другиот е лимфниот систем — мрежа од садови што го пренесуваат вишокот течност, наречен лимфа, од телесните ткива назад во крвотокот. Ако крвните садови на само еден возрасен човек се наредат еден до друг, ќе се протегаат во должина од 100.000 километри и ќе можат да ја заобиколат Земјата два и пол пати! Овој опсежен систем носи до милијардите клетки животодајна крв — која сочинува околу 8 проценти од тежината на телото.
Електричната централа што стои зад кардиоваскуларниот систем, се разбира, е срцето. Со големина отприлика колку една тупаница, секојдневно испумпува најмалку 9.500 литри крв низ целото тело — што е приближно еднакво на подигање тег од еден тон на височина од 12,5 метри секои 24 часа!
Прошетка низ кардиоваскуларниот систем
Кој пат го минува крвта? Да почнеме со крвта сиромашна со кислород што пристигнува во срцето преку двете големи вени — горната и долната шуплива вена. (Видете го дијаграмот.) Овие вени се празнат во првата срцева празнина, десната преткомора. Потоа десната преткомора ја истиснува крвта во една помускулеста празнина, десната комора. Оттука крвта оди во белите дробови преку белодробното стебло и двете белодробни артерии — единствените артерии што носат крв сиромашна со кислород. Ова обично го прават вените.
Додека е во белите дробови, крвта ослободува јаглерод диоксид и прима кислород. Потоа дотекува во левата срцева преткомора преку четирите белодробни вени — единствените вени што носат крв богата со кислород. Левата преткомора се празни во најсилната срцева празнина, левата комора, која испумпува крв богата со кислород што преку аортата се разнесува низ целото тело. Прво се стегаат двете преткомори а потоа двете комори, и еден ваков циклус сочинува едно отчукување на срцето. Четири внатрешни залистоци овозможуваат крвта да тече низ срцето само во еден правец.
Бидејќи мора да пумпа крв и до најоддалечените делови на телото, помускулестата лева комора е околу шест пати посилна од десната комора. Настанатиот притисок лесно би можел да предизвика аневризми (испупчувања или проширувања на ѕидовите на артериите) па дури и потенцијално смртоносни мозочни удари доколку не постоеше еден генијален механизам за амортизирање на наглото зголемување на притисокот.
Еластични артерии
Најголемата артерија во телото, аортата, и нејзините главни гранки ги сочинуваат „еластичните артерии“. Нивната шупливост, односно внатрешен простор, е голема, што овозможува крвта лесно да тече. Исто така, тие имаат дебели, мускулни ѕидови обложени со мрежа од концентрични слоеви од еластин, еден протеин сличен на гума. Кога левата комора ќе испумпа крв во овие артерии, тие се шират или набрекнуваат, амортизирајќи го високиот притисок и туркајќи ја крвта кон следната група артерии, мускулните, односно спроводните артерии, во чии ѕидови исто така има еластин. Благодарение на ваквата извонредна конструкција, крвниот притисок е стабилен кога ќе дојде до нежните капилари.a
Спроводните артерии имаат дијаметар од околу 1 сантиметар до 0,3 милиметри. Ширејќи се или собирајќи се по наредба на специјални нервни влакна, овие садови помагаат да се регулира дотокот на крв, поради што циркулациониот систем е многу динамичен. На пример, во случај на повреда или вознемиреност, сензорите за притисок во внатрешните ѕидови на артериите му испраќаат сигнал на мозокот, кој им испраќа сигнал на соодветните артерии да го намалат дотокот на крв до помалку важните предели како што е кожата и да ја насочат кон виталните органи. Списанието New Scientist вели: „Артериите можат да ја ‚чувствуваат‘ крвта што тече и да реагираат“. Зарем е чудно што артериите се опишани како „паметни цевки“?
Кога крвта ќе ги напушти дури и најмалите артерии — артериоли — нејзиниот притисок е стабилен и изнесува околу 35 милиметри живин столб. Стабилниот, низок притисок е од пресудна важност овде бидејќи артериолите се спојуваат со најситните крвни садови што постојат, капиларите.
Црвени клетки во колона по еден
Со дијаметар од осум до десет микрони (милионити делови од метарот), капиларите се толку тесни што црвените крвни клетки минуваат низ нив една по една. Иако ѕидовите на капиларите се дебели само колку еден слој клетки, тие носат хранливи материи (што се пренесуваат преку плазмата, односно течниот дел на крвта) и кислород (што го транспортираат црвените клетки) до околните ткива. Истовремено, јаглерод диоксидот и другите отпадни материи се разнесуваат од ткивата назад во капиларите за да се отстранат. Со помош на еден мал тркалезен мускул наречен сфинктер, капиларите можат да го регулираат и дотокот на крв низ нив во зависност од потребите на околното ткиво.
Од венулите преку вените па сѐ до срцето
Кога крвта ќе излезе од капиларите, влегува во едни многу мали вени наречени венули. Со дијаметар од 8 до 100 микрони, венулите се соединуваат и формираат вени што ја враќаат крвта во срцето. Кога крвта ќе дојде до вените, го изгубила речиси целиот свој притисок и затоа ѕидовите на вените се потенки од ѕидовите на артериите. Исто така, тие имаат помалку еластин. Меѓутоа, тие се пошупливи и како резултат на тоа во вените се задржуваат цели 65 проценти од крвта на телото.
Како надоместување за нискиот крвен притисок во вените, тие имаат еден генијален начин да ја вратат крвта во срцето. Прво, опремени се со специјални залистоци во вид на чашки, кои спречуваат гравитацијата да ја повлече крвта од срцето. Второ, тие ги користат скелетните мускули на телото. Како? Кога мускулите ќе се свиткаат, да речеме мускулите во нозете додека одите, тие ги притискаат вените што се во нивна близина. Ова, пак, ја турка крвта низ еднонасочните залистоци кон срцето. Конечно, притисоците во абдоменот и во градната празнина, кои се менуваат заради дишењето, им помагаат на вените да се испразнат во десната преткомора на срцето.
Кардиоваскуларниот систем е толку ефикасен што дури и кога човек мирува, секоја минута враќа околу 5 литри крв до срцето! При пешачење ова количество се зголемува на околу 8 литри, а низ срцето на здравиот маратонец може да поминат 35 литри крв секоја минута — седум пати повеќе отколку во состојба на мирување!
Во некои случаи, залистоците на вените може да попуштат поради генетички предиспозиции или, пак, поради згоеност, бременост или долго стоење. Кога овие залистоци ќе попуштат, крвта формира „барички“ под нив и затоа вените попуштаат и стануваат она што е познато како проширени вени. На сличен начин, и силното напрегање, како на пример при породување или празнење на цревата, го зголемува притисокот врз стомачната празнина, а тоа го отежнува враќањето на крвта од вените на анусот и на дебелото црево. Кога ќе се случи ова, може да дојде до проширени вени наречени хемороиди.
Лимфен систем
Кога капиларите носат хранливи материи до ткивата и враќаат отпадни материи, тие земаат нешто помалку течност отколку што донеле. Во ткивата протекуваат важни крвни протеини. Затоа се јавува потребата од лимфен систем на телото. Тој ја собира сета течност што е вишок, наречена лимфа, и ја враќа во крвотокот преку една голема вена во основата на вратот и уште една таква вена во градниот кош.
Како што е случај со артериите и со вените, има неколку категории лимфни садови. Најмалите, лимфните капилари, се наоѓаат во лежиштата на крвните капилари. Бидејќи имаат висока пропустливост, овие ситни садови го впиваат вишокот течност и го спроведуваат до поголеми лимфни собирни садови што ја носат лимфата до лимфните стебла. Тие се спојуваат и формираат лимфни канали, кои, пак, се празнат во вените.
Лимфата се движи само во еден правец — кон срцето. Затоа, лимфните садови не прават круг како што е случај со кардиоваскуларниот систем. Слабата активност на мускулите во лимфните садови, потпомогната од пулсирањето на блиските артерии и движењето на екстремитетите, помага да се истурка лимфната течност низ системот. Секаква блокада на лимфните садови предизвикува течноста да се насобере во погодениот предел, создавајќи еден оток наречен едем.
Лимфните садови можат да послужат и како патишта за организмите што предизвикуваат болести. Затоа, нашиот Творец го снабдил лимфниот систем со моќни бранители, лимфните органи: лимфните жлезди — распоредени меѓу лимфните собирни садови — слезината, тимусот, крајниците, слепото црево, лимфните фоликули, кои се наоѓаат во тенкото црево. Овие органи помагаат да се создадат и да се складираат лимфоцитите, главни клетки на имунолошкиот систем. Затоа, здравиот лимфен систем придонесува за здраво тело.
Овде завршува нашето патување низ циркулациониот систем. Сепак, дури и оваа кратка обиколка ни откри едно инженерско чудо на зачудувачка сложеност и ефикасност. Освен тоа, тој си ги извршува своите бескрајни задачи тивко, без да бидеме свесни за тоа — освен кога ќе заболи. Затоа, грижете се за циркулациониот систем и тој ќе се грижи за Вас.
[Фуснота]
a Крвниот притисок се мери според растојанието, изразено во милиметри, на кое го подига живиниот столб. Високиот и нискиот притисок што настануваат при стегањето и опуштањето на срцето се наречени систолен и дијастолен притисок. Тие се различни кај секој човек во зависност од возраста, полот, умствениот и физичкиот стрес и заморот. Крвниот притисок обично е понизок кај жените отколку кај мажите, понизок е кај децата а повисок кај постарите. Иако има разлики во мислењата, еден здрав млад човек може да има од 100 до 140 милиметри живин столб за систолен, и од 60 до 90 милиметри за дијастолен притисок.
[Рамка/слики на страница 26]
Грижете се за своите артерии!
Артериосклерозата, или „стврднување на артериите“, е главна причина за смрт во многу земји. Највообичаен облик во кој се јавува е атеросклерозата, која настанува со таложење на масни наслаги во облик на овесни снегулки (атероми) од внатрешната страна на артериите. Овие наслаги ја намалуваат шуплината на артеријата, односно нејзиниот внатрешен простор, и затоа артеријата целосно се зачепува кога наслагата ќе достигне критична точка и ќе се распука. Исто така, целосно зачепување можат да предизвикаат и заталкани парчиња згрутчена крв или грчење на мускулот на артерискиот ѕид.
Особено опасна е состојбата кога ќе се наталожат наслаги на ѕидовите на коронарните артерии, кои го опслужуваат срцевиот мускул. Како резултат на тоа, самиот срцев мускул не добива доволно крв, а симптом за тоа е ангина — тапа болка што притиска во градите, која честопати настанува при физички напор. При целосно зачепување на некоја коронарна артерија може да дојде до срцев удар и оштетување на срцевиот мускул. Еден сериозен удар може да предизвика срцето сосема да престане да работи.
Некои фактори на ризик за атеросклероза се пушењето, емоционалниот стрес, дијабетесот, згоеноста, недоволното вежбање, високиот крвен притисок, исхраната богата со масти и генетските предиспозиции.
[Слики]
Здрава состојба
Наслаги во средна фаза
Зачепување во поодмината фаза
[Графикон]
(Види во публикацијата)
Коронарна артерија
[Графикон на страници 24 и 25]
(Види во публикацијата)
Кардиоваскуларен систем
БЕЛИ ДРОБОВИ
СРЦЕ
Лева комора
АРТЕРИИ
АРТЕРИОЛИ
КАПИЛАРИ
ВЕНУЛИ
ВЕНИ
СРЦЕ
Десна комора
Крв богата со кислород
Крв сиромашна со кислород
Од телото
ГОРНА ШУПЛИВА ВЕНА
ДЕСНА ПРЕТКОМОРА
ДОЛНА ШУПЛИВА ВЕНА
Од телото
ДЕСНА КОМОРА
залистоци
Кон белите дробови
БЕЛОДРОБНА АРТЕРИЈА
Од белите дробови
ЛЕВА ПРЕТКОМОРА
залистоци
ЛЕВА КОМОРА
АОРТА
Кон телото
[Графикон на страница 25]
(Види во публикацијата)
Како чука срцето
1. Опуштање
2. Стегање на преткоморите
3. Стегање на коморите
[Слика на страница 25]
Крвните клетки патуваат низ крвни садови долги 100.000 километри
[Слика на страница 26]
Фотографија на капилари со црвени крвни клетки во колона по еден
[Извор на слика]
Lennart Nilsson