Донесувај одлуки со кои ќе го славиш Бог
„Паметниот внимава на своите чекори“ (ИЗР. 14:15)
1, 2. а) Што треба да ни биде најважно кога донесуваме одлуки? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
СЕКОЈ ДЕН донесуваме повеќе одлуки. Многу од нив немаат далекосежни последици. Но, некои можат потполно да ни го сменат животот. Сеедно дали станува збор за големи или мали одлуки, најважно ни е со нив да го славиме Бог. (Прочитај 1. Коринќаните 10:31.)
2 Дали ти е лесно или тешко да носиш одлуки? Ако сакаме да бидеме зрели христијани, мора да научиме да разликуваме што е исправно а што погрешно, и потоа да донесуваме одлуки кои се темелат на нашето сопствено убедување а не само на она што ни го кажуваат другите (Рим. 12:1, 2; Евр. 5:14). Поради кои други важни причини треба да научиме да донесуваме добри одлуки? Зошто понекогаш ова е тешко? И кои чекори можат да ни помогнат да носиме одлуки со кои ќе го славиме Бог?
Зошто воопшто да донесуваме одлуки?
3. Што не треба да влијае врз нашите одлуки?
3 Ако сме неодлучни кога станува збор за библиските мерила, нашите соученици или колеги би можеле да заклучат дека не сме баш сигурни во она што го веруваме и дека има шанси да попуштиме ако нѐ стават под посилен притисок. Можеби тие лажат, мамат или крадат, а потоа се обидуваат да нѐ натераат и нас да ‚се поведеме по мнозинството‘ и да постапуваме како нив или барем да го криеме она што го прават (2. Мој. 23:2). Но, оној што знае да донесува одлуки кои го слават Бог нема да дозволи ниту стравот ниту желбата да биде прифатен од другите да го наведат да оди против својата совест која е изострена според Библијата (Рим. 13:5).
4. Зошто некој друг можеби ќе сака да донесува одлуки наместо нас?
4 Се разбира, некои со добра намера сакаат да донесуваат одлуки наместо нас. Таквите пријатели можеби ќе нѐ убедуваат да го послушаме нивниот совет. Дури и ако живееме далеку од дома, веројатно најблиските сепак се грижат за нашето добро и можеби сметаат дека треба и понатаму да ги слушаме нивните совети кога станува збор за некои важни одлуки што треба да ги донесеме. На пример, ако се работи за избор на лекување, Библијата јасно ја осудува злоупотребата на крв (Дела 15:28, 29). Но, во однос на други работи поврзани со лекувањето нема толку јасни упатства, и секој од нас мора лично да одлучи што ќе прифати, а што не.a Можеби нашите блиски имаат цврсти ставови во врска со овие прашања. Сепак, кога се работи за избор на лекување, секој крстен христијанин мора да си „го носи својот товар“ на одговорност (Гал. 6:4, 5). Нам ни е најважно да зачуваме чиста совест пред Бог, а не да им угодиме на луѓето (1. Тим. 1:5).
5. Што ќе ни помогне да не доживееме бродолом на верата?
5 Неодлучноста може да биде многу опасна. Ученикот Јаков напишал дека неодлучниот човек е „непостојан на сите свои патишта“ (Јак. 1:8). Таквиот ќе биде фрлан ваму-таму од променливите човечки мислења и ставови, исто како некој што плови со чамец без крма на разбранувано море. Колку е лесно таквиот човек да доживее бродолом на верата и потоа да ги обвинува другите што се нашол во тешка ситуација! (1. Тим. 1:19). Што да правиме за да не дојде до таков бродолом? Мора да ‚се утврдиме во верата‘. (Прочитај Колошаните 2:6, 7.) А за да го постигнеме тоа, мора да научиме да носиме одлуки со кои ќе покажеме дека имаме доверба во Божјата вдахновена Реч (2. Тим. 3:14-17). Но, што би можело да нѐ спречи да донесуваме добри одлуки?
Зошто понекогаш не е лесно да се носат одлуки
6. Како може стравот да влијае врз нас?
6 Стравот може да нѐ парализира. Можеби се плашиме дека ќе донесеме погрешна одлука, дека нема да го оствариме она што сме го наумиле или, пак, дека ќе испаднеме глупави во очите на другите. Ваквата загриженост е нормална. Никој не сака да донесе лоша одлука со која би си навлекол проблеми, па дури и срам. Сепак, љубовта кон Бог и кон Библијата може да ни помогне да го совладаме стравот. Како? Љубовта кон Бог ќе нѐ поттикне секогаш да бараме совет од неговата Реч и од библиските публикации пред да донесеме некоја важна одлука. Така имаме помалку шанси да згрешиме. Зошто? Бидејќи Библијата може „да им даде на неискусните остроумност, а на младиот човек знаење и способност за расудување“ (Изр. 1:4).
7. Што учиме од примерот на Давид?
7 Дали секогаш ќе донесуваме добри одлуки? Не. Сите правиме грешки (Рим. 3:23). Дури и цар Давид, кој бил мудар и верен човек, понекогаш донесувал лоши одлуки од кои трпеле последици и тој и други луѓе (2. Сам. 12:9-12). Сепак, не дозволил поради грешките да стане неодлучен и не допуштил тие да го спречат подоцна во животот да носи одлуки со кои го радувал Бог (1. Цар. 15:4, 5). Ако и ние, исто како Давид, имаме на ум дека Јехова е спремен да ги избрише нашите престапи и да ги прости нашите гревови, ќе можеме и понатаму да донесуваме добри одлуки и покрај грешките што сме ги правеле порано. Бог ќе продолжи да им помага на оние што го сакаат и што му се послушни (Пс. 51:1-4, 7-10).
8. Што учиме од она што го рекол апостол Павле за бракот?
8 Освен тоа, не смееме да заборавиме дека во некои ситуации не постои само една исправна одлука. Ова исто така може да ни помогне да не бидеме претерано загрижени кога одлучуваме за некоја работа. Да разгледаме, на пример, што рекол апостол Павле за бракот. Под водство на светиот дух, тој напишал: „Ако некој мисли дека не може да владее со своите полови нагони и дека за него е најдобро да стапи во брак, особено ако повеќе не е во цутот на младоста, нека прави што сака, не греши. Таквите нека стапат во брак. Но, ако некој во своето срце одлучил да ја зачува својата девственост и нема потреба да стапи во брак, туку има власт над себе и во срцето цврсто го одлучил тоа, добро прави“ (1. Кор. 7:36-38). Значи, иако Павле го препорачал самештвото како најдобар избор, тоа не било единствениот исправен избор.
9. Треба ли да ни биде важно што мислат другите за нашите одлуки? Објасни.
9 Треба ли да ни биде важно што мислат другите за нашите одлуки? Во некоја мера, да. Забележи што рекол Павле во врска со јадењето храна за која не се знаело дали им била жртвувана на идоли. Тој признал дека, иако можеби извесна одлука сама по себе не е погрешна, некој со послаба совест би можел да се спрепне. На што бил решен Павле? Тој напишал: „Ако храната го наведува мојот брат да се спрепне, никогаш повеќе нема да јадам месо, за да не се спрепне мојот брат поради мене“ (1. Кор. 8:4-13). И ние треба да размислуваме како нашите одлуки ќе влијаат врз совеста на другите. Се разбира, најважно од сѐ треба да ни биде како одредена одлука ќе влијае врз нашето пријателство со Јехова. (Прочитај Римјаните 14:1-4.) Кои библиски начела ќе ни помогнат да донесуваме одлуки со кои ќе го славиме Бог?
Шест чекори кои водат до добри одлуки
10, 11. а) Што ќе ни помогне да не си ги пречекоруваме границите во семејниот круг? б) Што треба да имаат на ум старешините кога носат одлуки кои влијаат врз собранието?
10 Не си ги пречекорувај границите. Пред да одлучиме нешто, добро е да се прашаме: ‚Дали треба јас да донесам одлука за оваа работа?‘ Цар Соломон напишал: „Со вообразеноста доаѓа и срамот, а мудроста е кај скромните“ (Изр. 11:2).
11 Иако понекогаш родителите можат да им дозволат на децата да одлучат за нешто, децата не треба да си мислат дека тие имаат право секогаш да носат одлуки (Кол. 3:20). Жените и мајките имаат одреден авторитет во семејството, но треба да го почитуваат поглаварството на својот сопруг (Изр. 1:8; 31:10-18; Еф. 5:23). Мажите, пак, треба да признаат дека и самите имаат ограничен авторитет и дека мора да му бидат подложни на Христос (1. Кор. 11:3). Старешините донесуваат одлуки што влијаат врз собранието. Сепак, внимаваат да ‚не одат преку она што е напишано‘ во Божјата Реч (1. Кор. 4:6). Освен тоа, тесно се држат за упатствата што ги добиваат од верниот роб (Мат. 24:45-47). Можеме да се поштедиме и себеси и другите од многу маки ако скромно донесуваме одлуки само кога имаме право на тоа.
12. а) Зошто треба да истражуваме пред да донесеме одлука? б) Објасни како некој би можел да истражува за одредена работа.
12 Истражувај. Соломон напишал: „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изр. 21:5). Дали можеби размислуваш да започнеш свој бизнис? Не дозволувај да те понесат чувствата. Собери ги сите потребни информации, побарај совет од некој што се разбира од таа работа и утврди кои библиски начела важат за неа (Изр. 20:18). За да имаш преглед како вистински стојат работите, би било добро да направиш два списока, при што на едниот ќе напишеш што би добил, а на другиот што би изгубил со таа зделка. Пред да ја донесеш одлуката, ‚пресметај го трошокот‘ (Лука 14:28). Размисли добро не само за тоа како таа одлука ќе влијае врз твојата финансиска состојба туку и врз твојот однос со Јехова. Точно, потребно е време и труд за да истражуваш. Но, ако го направиш тоа, помали се шансите да донесеш избрзана одлука која може непотребно да ти го искомплицира животот.
13. а) Во што нѐ уверува Јаков 1:5? б) Како може да ни помогне тоа што ќе се молиме за мудрост?
13 Моли се за мудрост. Ќе го славиме Бог со нашите одлуки само ако го молиме да ни помогне кога ги донесуваме. Ученикот Јаков напишал: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“ (Јак. 1:5). Не треба да ни биде срам да признаеме дека ни е потребна мудрост од Бог за да донесеме добри одлуки (Изр. 3:5, 6). Впрочем, ако се потпираме само на својот разум, лесно може да се излажеме. Кога се молиме за мудрост и ги истражуваме начелата кои се изнесени во Божјата Реч, му дозволуваме на светиот дух да ни открие од кој мотив, всушност, сакаме да направиме нешто (Евр. 4:12; прочитај Јаков 1:22-25).
14. Зошто не треба да ги одложуваме одлуките?
14 Донеси ја одлуката. Не избрзувај со овој чекор така што ќе ги скокнеш претходните два. Паметниот одвојува време да размислува и „внимава на своите чекори“ (Изр. 14:15). Но, немој ни да одолговлекуваш. Некои луѓе си изнаоѓаат најразлични изговори за да го одложат донесувањето на одлуката (Изр. 22:13). Како и да е, тие сепак донесуваат одлука — оставаат некој друг да го контролира нивниот живот.
15, 16. Што треба да правиме за да ја спроведеме одлуката?
15 Спроведи ја одлуката. Залудно ќе вложиме труд да донесеме добра одлука ако потоа решително не ја спроведеме во пракса. „Сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила“, напишал Соломон (Проп. 9:10). За да имаме корист од одлуките, мора да бидеме спремни да направиме сѐ што е потребно за да постапуваме во склад со нив. На пример, некој собраниски објавител можеби ќе реши да биде пионер. Дали ќе успее во тоа? Веројатно да, доколку не дозволи световната работа и разонодата да му ја исцедат силата и да му го украдат времето што му е потребно за служба.
16 Но, обично најдобрите одлуки најтешко се спроведуваат. Зошто? Затоа што „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јов. 5:19). Ние мора да се бориме против „светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Еф. 6:12). И апостол Павле и ученикот Јуда кажале дека оние што се решени да го слават Бог ќе мораат да се борат за верата (1. Тим. 6:12; Јуда 3).
17. Што очекува Јехова од нас во врска со одлуките што ги носиме?
17 Одвреме-навреме преиспитај ја одлуката и направи промени ако е потребно. За жал, работите не излегуваат секогаш онака како што сме планирале. „Времето и непредвидените настани“ го снаоѓаат секого од нас (Проп. 9:11). Сепак, Јехова очекува да постапуваме во склад со некои одлуки што сме ги донеле, иако понекогаш тоа нема да биде лесно. Во нив спаѓаат одлуката да му служиме и одлуката да стапиме во брак. Бог бара да се држиме за она што сме го одлучиле. (Прочитај Псалм 15:1, 2, 4.) Но, повеќето одлуки не се толку важни. Мудриот човек одвреме-навреме ќе размисли за нив и нема да дозволи гордоста или тврдоглавоста да го спречат да направи некоја измена, па дури и потполно да ги промени (Изр. 16:18). Најважно од сѐ му е со својот живот да продолжи да го слави Бог.
Поучи ги другите да донесуваат одлуки со кои ќе го слават Бог
18. Како можат родителите да ги поучат децата да донесуваат добри одлуки?
18 Родителите можат да ги научат децата да донесуваат одлуки со кои ќе го слават Бог. Се разбира, еден од најдобрите начини е да ги поучат со својот пример (Лука 6:40). Понекогаш родителите можат да им објаснат како тие донеле некоја одлука. Би можеле и да им дозволат на децата сами да одлучат за одредена работа, и да ги пофалат ако сѐ испадне добро. Меѓутоа, што ако детето донесе лоша одлука? Можеби прва реакција на родителот ќе биде да го заштити од последиците. Сепак, овој пристап не е секогаш најдобар. Да наведеме еден пример. Родителот може да му дозволи на синот да полага за кола. Но, што треба да направи ако тој прекрши некое сообраќајно правило и добие казна? Родителот би можел да ја плати казната. Меѓутоа, ако синот мора да плати од свој џеб, веројатно ќе научи да биде поодговорен за своите постапки (Рим. 13:4).
19. Што треба да ги научиме оние со кои ја проучуваме Библијата, и како можеме да го правиме тоа?
19 Исус им заповедал на своите следбеници да ги поучуваат другите (Мат. 28:20). Еден од најважните начини на кој можеме да им помогнеме на оние со кои ја проучуваме Библијата е да ги научиме да донесуваат добри одлуки. За да го постигнеме ова, не смееме да си дозволиме ние да им кажуваме како да постапуваат. Многу е подобро да ги поучиме да размислуваат за библиските начела за да можат самите да решат што ќе прават. Впрочем, „секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12). Затоа, сите ние имаме важна причина да донесуваме одлуки со кои ќе го славиме Бог.
[Фуснота]
a Повеќе информации за ова има во Нашата служба за Царството од ноември 2006, страници 3-6, во додатокот со наслов „Каков е мојот став кон крвните фракции и медицинските постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв?“
Како би одговорил?
• Зошто треба да научиме да донесуваме одлуки?
• Како може стравот да влијае врз нас, и како може да го совладаме?
• Кои шест чекори ќе ни помогнат да носиме одлуки со кои ќе го славиме Бог?
[Рамка/слика на страница 16]
Чекори што водат до добри одлуки
1 Не си ги пречекорувај границите
2 Истражувај
3 Моли се за мудрост
4 Донеси ја одлуката
5 Спроведи ја во пракса
6 Направи промени ако е потребно
[Слика на страница 15]
Неодлучниот човек е како некој што плови со чамец без крма на разбранувано море