Сѐ што прорекува Јехова се исполнува
„ЈАС СУМ Бог и... нема друг Бог, ниту некој што би ми бил сличен! Јас од почетокот го јавувам завршетокот, од дамнина го јавувам она што уште не било“ (Исаија 46:9, 10). Овие зборови ги кажал Јехова, Оној што може непогрешливо да ја претскаже иднината.
Општо признат факт е дека човек не може точно да ја прорече иднината. Затоа, бидејќи Библијата е пророчка книга, сите оние што ја бараат вистината би требало да бидат поттикнати да проверат дали навистина нејзин автор е Бог. Да разгледаме неколку библиски пророштва што веќе се исполниле.
Древни цивилизации
Бог прорекол дека Вавилон, Едом, Моав и Амон ќе бидат уништени засекогаш (Еремија 48:42; 49:17, 18; 51:24-26; Авдија 8, 18; Софонија 2:8, 9). Исчезнувањето на овие народи, кои повеќе не постојат како одделни национални групи, сведочи дека Божјата пророчка реч е точна.
Се разбира, некој може да рече дека воопшто не е тешко да се предвиди дека некој народ, колку и да е моќен, со текот на времето ќе престане да постои. Но, тој што тврди вакво нешто не го зема предвид важниот факт дека библиските пророштва содржат детали. На пример, Библијата навела поединости за тоа како ќе биде поразен Вавилон. Прорекла дека градот ќе биде освоен од Медијците, дека противничките војници ќе ги предводи Кир и дека реките што му служеле како одбрана на овој град ќе пресушат (Исаија 13:17-19; 44:27 — 45:1).
Библијата не прорекла дека секоја освоена земја или народ ќе исчезне. Напротив, кога прорекол дека Ерусалим ќе биде освоен од Вавилонците, Бог рекол и дека повторно ќе биде обновен, иако Вавилонците биле познати по тоа дека никогаш не ги ослободувале своите заробеници (Еремија 24:4-7; 29:10; 30:18, 19). Ова навистина се исполнило, и потомците на тие Евреи постојат како народ до денешен ден.
Исто така, Јехова прорекол дека Египет ќе биде поразен како светска сила, но дека потоа „пак ќе биде населен како во дамнешните денови“. Со текот на времето, оваа древна светска сила требало да стане „послабо царство“ (Еремија 46:25, 26; Езекиел 29:14, 15). И ова се обистинило. Освен тоа, Јехова прорекол дека Грција ќе биде поразена како светска сила, но никогаш не кажал дека овој народ ќе престане да постои. Што учиме од тоа што цивилизациите чиешто уништување Јехова го претскажал исчезнале, а другите, за кои не дал такво пророштво, сѐ уште постојат? Учиме дека Божјата реч содржи вистински и веродостојни пророштва.
Неверојатни детали
Како што веќе беше спомнато, Јехова дал многу детали во врска со падот на Вавилон. Слично, детали има и во пророштвото за освојувањето на Тир, кое е запишано во книгата на Езекиел. Во него стои дека камењата, дрвенаријата и правот на Тир ќе бидат фрлени „среде водата“ (Езекиел 26:4, 5, 12). Ова пророштво се исполнило во 332 год. пр.н.е., кога Александар Велики им заповедал на своите војници да ги употребат урнатините од копнениот дел на градот за да изградат насип до островскиот дел на Тир, кој подоцна го освоиле.
Пророштвото запишано во Даниел 8:5-8, 21, 22 и 11:3, 4 исто така содржи впечатливи детали во врска со необично славниот ‚цар на Грција‘. Било проречено дека овој цар ќе умре кога ќе биде на врвот на својата слава, и дека неговото царство ќе биде поделено на четири дела, но не меѓу неговите потомци. Повеќе од 200 години откако било запишано ова пророштво се покажало дека тој моќен цар е Александар Велики. Световната историја потврдува дека тој умрел млад и неговото царство на крајот било поделено меѓу четворица негови генерали, кои не биле негови потомци.
Некои критичари тврдат дека ова пророштво сигурно било запишано откако се случило сето ова. Но, погледни ги уште еднаш горенаведените стихови од книгата Даниел. Кога се гледаат како пророштво, може да се каже дека тие навистина содржат извонредни детали. Но, ако се гледаат како историски извештај кој само се крие зад маската на пророштво, зарем не паѓа во очи дека има многу малку детали? Ако некој измамник што живеел по Александар се обидел да ги импресионира читателите со некое свое наводно пророштво, зошто не навел дека веднаш по смртта на Александар двајца негови синови ќе се обидат да се зацарат, но ќе бидат убиени? Зошто не спомнал дека ќе поминат децении пред сите четворица генерали да завладеат со различни делови од царството на Александар? И најпосле, зошто не се сетил да ги спомне и имињата на славниот цар и на неговите четворица генерали?
Изјавата дека библиските пророштва биле пишувани откако веќе се случиле настаните е вообичаено, но недокажано тврдење на оние кои, пред да ги испитаат доказите, веќе донеле заклучок дека е невозможно да се претскаже иднината. Затоа што не ја сметаат Библијата за Божја реч, тие мора да објаснуваат сѐ од чисто човечка, материјалистичка гледна точка. Сепак, Бог мудро дал однапред да се запишат доволно детали за да потврди дека тој е авторот на библиските пророштва.a
Библиските пророштва можат да ја зајакнат твојата вера ако одвоиш време да размислуваш за некои од нив и за тоа како се исполниле. Зошто не проучиш некои библиски пророштва? Табелата на страница 200 од книгата Што навистина учи Библијата може да ти биде од голема помош во овој поглед.b Ако го прифатиш овој предлог, целта нека ти биде да ја зајакнеш својата вера. Немој да брзаш само да поминеш одреден материјал. Напротив, размислувај со ценење за фактот дека сѐ што ќе прорече Јехова, непогрешливо се исполнува.
[Фусноти]
a Повеќе информации во врска со погрешното тврдење дека библиските пророштва биле запишани откако се случиле настаните за кои зборуваат, можат да се најдат на страници 106-111 од книгата Постои ли Творец што се грижи за тебе?, издадена од Јеховините сведоци.
b Издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 24]
ЖИВОТНИ ПРИНЦИПИ
Еве уште нешто за размислување. Истиот Бог кој толку точно ги прорекол подемот и падот на светските сили, дал во Библијата и принципи што треба да нѐ водат во животот. Еве некои од нив:
Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее (Галатите 6:7).
Повеќе усреќува давањето отколку примањето (Дела 20:35).
Среќни се оние што ги задоволуваат своите духовни потреби (Матеј 5:3).
Ако живееш според овие принципи, можеш да бидеш сигурен дека ќе бидеш среќен и успешен.
[Слики на страница 22 и 23]
Божјата реч го прорекла исчезнувањето на овие цивилизации...
ЕДОМ
ВАВИЛОН
...но не и на овие
ГРЦИЈА
ЕГИПЕТ
[Извори на слики]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
Фотографија на СЗО од Edouard Boubat
[Слика на страница 23]
Александар Велики