Поглавје 14
Дали да ставам крај на сѐ?
„ПОДОБРО ми е да умрам отколку да живеам.“ Кој ги кажал овие зборови? Некој што не верувал во Бог? Некој што кренал раце од Бог? Некој од кого Бог кренал раце? Не. Ова го кажал Јона, еден верен, но многу вознемирен човек (Јона 4:3).
Библијата не вели дека Јона планирал да се самоубие. Но, неговата очајна молба открива една важна вистина — одвреме-навреме дури и Божјите слуги може да бидат длабоко потиштени (Псалм 34:19).
Некои млади запаѓаат во толкав очај што им се чини дека повеќе нема за што да живеат. Можеби се чувствуваат како Лора (16) која вели: „Веќе неколку години имам периоди кога паѓам во депресија. Често помислувам на самоубиство“. Што би можел да сториш ако познаваш некој што размислува да се самоубие или ако и самиот помислуваш на такво нешто? Да разгледаме подетално зошто воопшто се јавуваат такви мисли.
Што се крие зад очајот
Зошто некому би му дошла мисла да посегне по својот живот? Може да има повеќе причини. Една работа е што живееме во „особено тешки времиња“ поради што голем број тинејџери многу трагично ги доживуваат притисоците што ги носи животот (2. Тимотеј 3:1). Освен тоа, под влијание на несовршеноста, некои имаат претерано негативна слика за себе и за светот што ги опкружува (Римјаните 7:22-24). Причина за ваквиот став може да биде тоа што биле малтретирани или имаат некаков здравствен проблем. Интересно, се проценува дека, во една земја, менталните заболувања се причина за над 90 отсто од сите самоубиства.a
Нормално, секој жив човек има проблеми. Библијата вели дека „целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Тоа важи и за младите. Всушност, нив може многу да ги погодат некои лоши настани, како на пример:
● Смрт на некој роднина, пријател или милениче
● Неслога во семејството
● Лош успех на училиште
● Раскинување со дечкото/девојката
● Малтретирање (физичко, сексуално и сл.)
Порано или подоцна, речиси сите млади ќе се најдат во една или повеќе од овие ситуации. Зошто некои успеваат полесно да ги пребродат? Стручњаците велат дека младите што сакаат да се откажат од борбата се чувствуваат крајно беспомошно и безнадежно. Со други зборови, не гледаат никаков излез. Тие, всушност, не сакаат да умрат, туку да им стават крај на маките.
Не е сѐ толку црно
Можеби познаваш некого кој толку многу сака да им стави крај на маките што ти вели дека повеќе не му се живее. Што можеш да сториш во ваков случај?
Ако некој твој пријател е толку потиштен што повеќе не му се живее, убеди го да побара помош. Потоа, сеедно дали тој се согласува или не, разговарај со некој возрасен. Немој да се секираш дека ќе си го расипеш пријателството. Напротив, ако кажеш некому, може да му го спасиш животот на својот пријател!
Но, што ако и самиот размислуваш за самоубиство? Не ги чувај таквите мисли во себе. Разговарај со некого — со родител, со пријател или со некој кому му значиш и кој ќе сослуша што те мачи, некој што ќе те сфати сериозно. Нема што да изгубиш — можеш само да добиеш ако разговараш со некого за твоите проблеми.b
Се разбира, самиот разговор нема да ти ги отстрани проблемите. Но, поддршката што ќе ти ја даде некој во кого имаш доверба може да биде токму она што ти е потребно за да гледаш на работите пообјективно. Може да ти помогне дури и да изнајдеш некои решенија.
Работите се менуваат
Секогаш кога минуваш низ некој тежок период во животот, имај на ум дека, сеедно колку безнадежно изгледа една ситуација, по извесно време околностите ќе се сменат. Псалмистот Давид, кој добро знаел што значи да имаш проблеми, во молитва му рекол на Бог: „Ти ми ја претвори тагата во играње“ (Псалм 30:11).
Давид сигурно не очекувал играњето да трае вечно. Од лично искуство знаел дека проблемите доаѓаат и си одат. Дали и ти си го увидел тоа? Можеби ти се чини дека некои проблеми никако да си одат — барем засега. Но, биди стрплив. Работите се менуваат, честопати на подобро. Во некои случаи, проблемите може да се решат на некој неочекуван начин. Во други случаи, пак, можеби ќе успееш да го решиш проблемот на начин на кој не си ни помислувал. Поентата е дека проблемите не траат засекогаш (2. Коринќаните 4:17).
Многу е важно да се молиш
Молитвата е најважниот разговор. Би можел да се молиш како што се молел Давид: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!“ (Псалм 139:23, 24).
Молитвата не е само „апче“ против проблеми. Таа е вистински разговор со твојот небесен Татко, кој сака ‚да му го излеваш срцето‘ (Псалм 62:8). Еве неколку основни вистини за Бог:
● Тој добро знае зошто те мачат мрачни мисли (Псалм 103:14).
● Те познава подобро отколку што се познаваш ти самиот (1. Јованово 3:20).
● „Тој се грижи за [тебе]“ (1. Петрово 5:7).
● Во својот нов свет, Бог „ќе ја избрише секоја солза“ од твоите очи (Откровение 21:4).
Кога причината е здравствен проблем
Како што беше спомнато, честа причина за самоубиствениот нагон е некоја болест. Ако е тоа случај и со тебе, немој да се срамиш да побараш стручна помош. Исус признал дека на болните им треба лекар (Матеј 9:12). За среќа, многу болести можат да се лекуваат. А терапијата може да ти помогне да се чувствуваш многу подобро!c
Библијата дава едно многу утешно ветување — дека во Божјиот нов свет „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Бог вели дека тогаш ‚она што било порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето‘ (Исаија 65:17). Но, додека да дојде тоа време, прави сѐ што можеш за да се бориш со проблемите што ги носи животот и биди уверен дека во времето што го одредил Бог, депресијата ќе биде само минато (Откровение 21:1-4).
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 9
Родителите сакаат да знаат сѐ за твојот живот — дури и некои работи што ти би сакал да ги зачуваш само за себе. Можеш ли да се избориш за малку приватност?
[Фусноти]
a Меѓутоа, вреди да се спомне дека повеќето млади што страдаат од некакво ментално заболување не се самоубиваат.
b Потиштените христијани можат да добијат помош и од собраниските старешини (Јаков 5:14, 15).
c Нешто повеќе можеш да прочиташ во 13. поглавје од оваа книга.
КЛУЧЕН СТИХ
„Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7)
ПРЕДЛОГ
Кога си потиштен, прошетај малку. Тоа што ќе излезеш надвор и ќе се раздвижиш, може да ти помогне да се чувствуваш подобро и да бидеш смирен.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Жртви на самоубиство не се само оние што ќе си го одземат животот, туку и нивните блиски што страдаат поради самоубиството.
ПЛАН!
Ако имам чувство на безвредност и мислам дека никој не ме сака, ќе му се обратам на (напиши го името на лицето на кое можеш да му се довериш) ․․․․․
Една убава работа во мојот живот за која можам да размислувам и да бидам благодарен е ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Дури и најтешките проблеми се само привремени. Како може да ти помогне овој факт?
● Во која смисла тој што ќе се самоубие му ги префрла своите проблеми на друг?
[Истакната мисла на страница 104]
„Понекогаш бев во толку длабока депресија што посакував да умрам, но сега можам да водам нормален живот бидејќи редовно се молам и примам терапија“ (Хајди)
[Рамка на страница 100]
Ако мислиш дека не можеш повеќе
Дури и некои верни мажи и жени од Библијата одвреме-навреме мислеле дека не можат повеќе да се носат со животните проблеми. Да разгледаме неколку примери.
Ревека: „Ако е така, зошто сум жива?“ (1. Мојсеева 25:22).
Мојсеј: „Подобро убиј ме... за да не ја гледам повеќе својата неволја“ (4. Мојсеева 11:15).
Илија: „Јехова, земи ја сега мојата душа, зашто не сум подобар од своите прататковци“ (1. Царевите 19:4).
Јов: „О, да ме скриеше во гробот... да ми одредеше рок и потоа да се сетеше на мене!“ (Јов 14:13).
Во секој од овие случаи, работите по некое време се подобриле — и тоа на начин на кој тие не ни помислувале. Биди сигурен дека тоа може да ти се случи и тебе!
[Слика на страница 102]
Чувствата на очај се како буреносни облаци — по некое време ќе поминат