ПОГЛАВЈЕ 9
Како да ја победам осаменоста?
Времето е супер, а ти немаш никакви планови. Но, сите други имаат. Сите твои другари се излезени и се забавуваат. И повторно тебе не те викнаа! Самото тоа што нема да те викнат може навистина да боли, но уште повеќе боли кога ќе почнеш да размислуваш зошто не те викнале. ‚Можеби со мене нешто не е во ред‘, си велиш. ‚Зошто никој не сака да се дружи со мене?‘
МОЖЕБИ и ти повеќепати си се нашол во ваква ситуација. Можеби имаш чувство дека меѓу тебе и твоите врсници има голем јаз. Јазикот почнува да ти се плетка секојпат кога ќе пробаш да направиш муабет со нив. Кога ќе ти се укаже прилика да се дружите, се здрвуваш од срам. Зошто ти е толку тешко да направиш еден едноставен муабет?
Наместо да останеш заглавен на твојата страна од јазот, можеш да се потрудиш да изградиш некои мостови. Да видиме како.
● Јаз бр. 1: Негативно гледиште за себе. Некои млади безмилосно се потценуваат себеси. Убедени се дека никој не ги сака и дека немаат ништо интересно да кажат. Дали и ти имаш такво гледиште за себе? Ако така гледаш на работите, тоа само ќе го зголеми јазот што те одделува од другите.
Мост: Концентрирај се на твоите добри страни (2. Коринќаните 11:6). Прашај се: ‚Кои ми се добри страни?‘ Размисли какви таленти или убави особини имаш и запиши ги на празните линии.
․․․․․
Нормално дека имаш маани, и добро е да бидеш свесен за нив (1. Коринќаните 10:12). Но, имаш и многу што да дадеш. Ако сфатиш кои ти се добрите страни, ќе ја стекнеш самодовербата која ти е потребна за да го отфрлиш лошото мислење за себе.
● Јаз бр. 2: Срамежливост. Би сакал да почнеш муабет со некого, но кога ќе ти се укаже шанса за тоа, не можеш уста да отвориш. „Постојано се срамам“, тажно вели Елизабета (19). „Многу ми е тешко да им пристапам на луѓето кога одам на христијанските состаноци, и им се восхитувам на оние што го прават тоа!“ Ако си како Елизабета, можеби мислиш дека овој јаз е непремостлив.
Мост: Интересирај се за другите. Не грижи се — не мораш веднаш да почнеш да се дружиш со сите. За почеток, обрни внимание само на една личност. Младиот Хорхе вели: „Ако само ги прашаш другите како се или како им оди работата, ќе можеш да ги запознаеш подобро“.
Еве еден предлог: Немој да се дружиш само со врсници. Некои од најдобрите пријателства запишани во Библијата се меѓу луѓе кои ги делела доста голема разлика во годините. Такви се пријателствата меѓу Рут и Ноемина, меѓу Давид и Јонатан, како и меѓу Тимотеј и Павле (Рут 1:16, 17; 1. Самоилова 18:1; 1. Коринќаните 4:17). Не заборавај и дека разговорот е дијалог, а не монолог. Луѓето ценат кога некој знае да ги сослуша. Затоа, ако по природа си срамежлив, опушти се — не мора само ти да зборуваш!
Напиши ги имињата на двајца возрасни кои би сакал да ги запознаеш подобро.
․․․․․
Пробај да му пристапиш на еден од нив и да почнеш разговор со него. Колку повеќе се отвораш кон „сите браќа“, толку помалку осамен ќе бидеш (1. Петрово 2:17).
● Јаз бр. 3: Лошо однесување. Еден сезнајко секогаш на врв на јазик има навредлива, саркастична или понижувачка забелешка. Има и такви кои едноставно уживаат да се расправаат и да им го наметнуваат своето мислење на другите. Бидејќи се ‚преправедни‘, веднаш го осудуваат секој што не ги достигнува нивните лични мерила (Проповедник 7:16). Најверојатно не сакаш да си во друштво со такви луѓе! Но, можно ли е јазот да е резултат на тоа што ти се однесуваш така? Библијата вели: „Глупавиот кажува многу зборови“, а „многуте зборови не остануваат без грев“ (Проповедник 10:14; Изреки 10:19).
Мост: Биди ,сочувствителен‘ (1. Петрово 3:8). Дури и ако не се согласуваш со гледиштето на другиот, стрпливо остави го да се искаже. Задржи се на оние работи со кои се согласуваш. Ако сметаш дека треба да си го кажеш спротивното мислење за некоја тема, направи го тоа благо и тактично.
Зборувај со другите онака како што би сакал тие да зборуваат со тебе. Библијата нѐ советува ‚да правиме сѐ без негодување и препирање‘ (Филипјаните 2:14). Ако непотребно се расправаш со другите, ако ги исмејуваш, ако ги навредуваш или ако им создаваш чувство дека никогаш не се во право, само ги оттурнуваш од себе. Луѓето ќе те сакаат повеќе ако ‚твојот збор секогаш е пријатен‘ (Колошаните 4:6).
По секоја цена?
Откако вака ќе се преиспиташ, се надеваме дека ќе знаеш како да изградиш мост преку јазот што можеби се создал меѓу тебе и другите. Се разбира, мораш да бидеш реалистичен. Не можеш да очекуваш сите да те сакаат. Исус рекол дека некои дури и ќе ги мразат оние што постапуваат исправно (Јован 15:19). Затоа не се исплаќа да се трудиш да стекнеш пријатели по секоја цена.
Сепак, без да ги погазуваш своите библиски мерила, можеш да се потрудиш да им бидеш мил на другите. Самоил, за кого читаме во Библијата, бил цврсто решен да го прави она што го сака Бог. Кој бил резултатот од тоа? Како што растел ‚им станувал сѐ помил и на Јехова и на луѓето‘ (1. Самоилова 2:26). Со малку труд, и ти можеш да успееш во тоа!
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 8
Повеќе ќе дознаеш ако го гледаш DVD-то „Младите прашуваат — како можам да стекнам вистински пријатели?“ Ова DVD го има на преку 40 јазици.
Одеднаш твојот најдобар пријател почнува да се однесува како да ти е најлут непријател. Што да сториш?
КЛУЧЕН СТИХ
„Кој обилно ги напојува другите, и самиот ќе биде обилно напоен“ (Изреки 11:25)
ПРЕДЛОГ
Одржувај го разговорот. На пример, ако некој те праша дали си помина убаво за викенд, немој само да речеш ‚да‘. Објасни зошто ти било убаво. Потоа прашај го како тој си поминал.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Според она што го пишува во Библијата, Мојсеј, Еремија и Тимотеј веројатно се бореле со срамежливоста (2. Мојсеева 3:11, 13; 4:1, 10; Еремија 1:6-8; 1. Тимотеј 4:12; 2. Тимотеј 1:6-8).
ПЛАН!
За мене, најголемата пречка за да се спријателам со некого е ․․․․․
За да ја надминам таа пречка, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто некои христијани се осамени?
● Што може да ти помогне да не мислиш дека си изгубен случај, туку да имаш разумно гледиште за себе?
● Како би го утешил својот помал брат или сестра што се чувствува осамено?
[Истакната мисла на страница 88]
››Една сестра сакаше да се спријатели со мене, но јас некое време ја игнорирав. Кога конечно почнавме да се дружиме, се чувствував толку глупаво! Таа е една од најдобрите пријателки што некогаш сум ги имала, иако е 25 години постара од мене!‹‹ (Марија)
[Слика на страница 87]
Можеш да го премостиш јазот што те дели од другите