Поглавје 20
Како да најдам заеднички јазик со наставникот?
Напиши кој ти е омилен наставник. ․․․․․
Зошто го сакаш тој наставник? ․․․․․
Напиши со кој наставник ти оди најтешко. ․․․․․
ПРИЈАТЕЛИТЕ можеш да ги избереш, но не и наставниците. Можеби сите ти се допаѓаат. Дејвид (18) вели: „Никогаш не сум имал проблем со ниеден наставник. Сите ги почитував и сите ме сакаа“.
Од друга страна, можеби имаш наставник како оној што го опишува 11-годишната Сара. „Мојата наставничка е супер лоша. Освен тоа, ништо не ја разбирам кога зборува. Или не ја објаснува лекцијата или премногу објаснува.“ За да најдеш заеднички јазик со својот наставник, прво треба да утврдиш во што точно е проблемот. Откако ќе го откриеш тоа, ќе можеш полесно да го решиш. Обележи ги со ✔ соодветните квадратчиња или напиши своја причина.
□ Тешко ми е да го разберам наставникот
□ Сметам дека заслужувам подобри оценки
□ Мислам дека некои ученици му се миленици
□ Ме казнува повеќе од тоа што заслужувам
□ Сметам дека има предрасуди кон мене
□ Друго ․․․․․
Што ќе ти помогне да ја подобриш ситуацијата? Прво, држи се за советот на апостол Петар, кој напишал: „Сите бидете со еднакви мисли, сочувствителни“ (1. Петрово 3:8). Што би можело да те поттикне да бидеш сочувствителен кон некој „лош“ наставник? Да разгледаме некои работи за наставниците што може да ти помогнат.
Наставниците грешат. Како и секој друг, и наставниците си имаат свои чудни страни, свои проблеми, па дури и предрасуди. „Ако некој не греши во зборови“, напишал ученикот Јаков, „тој е совршен човек, способен да го заузда и целото тело“ (Јаков 3:2). Бријана (19) вели: „Наставничката по математика не беше многу стрплива и често викаше по нас. Затоа ни беше тешко да ја почитуваме“. Зошто наставничката се однесувала така? „Во класот секогаш беше хаос“, вели Бријана, „а децата се глупираа само за да ја изнервираат уште повеќе.“
Сигурно ти е мило кога некој наставник ќе ти прогледа низ прсти за грешките и слабостите, особено кога си под голем стрес. Би можел ли и ти да го сториш истото за твојот наставник? Напиши некој понов инцидент што се случил на училиште и што, според тебе, го испровоцирал твојот наставник.
․․․․․
Наставниците си имаат миленици. Размисли со што се соочуваат твоите наставници: Колку од учениците во твојот клас сакаат да се на час? Колку од оние што сакаат да се на час се спремни и можат да се концентрираат на една тема подолго од половина час? Колку ученици сакаат да си ги истурат лутината и гневот врз наставникот, кој не е ни крив ни должен? Сега, замисли си да треба ти да им држиш час на 20, 30, па дури и повеќе твои врсници и да им зборуваш за тема што речиси никого не го интересира. Зарем нема да им посветиш повеќе внимание на оние на кои се чини дека им е интересно она што го кажуваш?
Точно, можеби ти оди на живци кога ќе видиш апла пристрасност. За еден свој наставник, Наташа вели: „Одредуваше конкретен рок до кој требаше да завршиме некоја задача, но секогаш правеше исклучоци за оние што беа во училишниот спортски тим — ама не и за другите. Инаку, тој беше помошник-тренер во тимот“. Ако и тебе ти се случува нешто слично, размисли: ‚Дали страда моето образование поради тоа?‘ Ако не, тогаш зошто да се нервираш или да бидеш љубоморен?
Напиши на линиите што би можел да направиш за појасно да му покажеш на наставникот дека те интересира предметот што го предава.
․․․․․
Наставниците погрешно ги разбираат учениците. Понекогаш наставникот може да те фати на пик поради вашите различни карактери или поради некое недоразбирање. Ако поставуваш прашања, може да те смета за бунтовник, а твојата смисла за хумор може да ја протолкува како непочитување или несериозност.
Што можеш да сториш ако си погрешно разбран? Библијата вели: „Никому не враќајте зло за зло... Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:17, 18). Затоа, труди се да не се ’рчкаш со наставникот. Избегнувај непотребни закачки. Не му давај на наставникот оправдани причини за поплаки. Всушност, труди се да имаш пријателски однос со него. ‚Пријателски однос? Со него?‘ Да, покажи убави манири со тоа што учтиво ќе го поздравиш кога ќе го видиш. Со својата учтивост — па и некоја насмевка одвреме-навреме — може да му го смениш мислењето што го има за тебе (Римјаните 12:20, 21).
На пример, Кен имал наставници кои често погрешно го проценувале. „Јас сум многу срамежлив“, вели тој, „и никогаш не зборував со наставниците.“ Што сторил во врска со тој проблем? „Сфатив дека наставниците најчесто сакале да ми помогнат. Затоа си поставив цел лично да се запознаам со сите мои наставници. Кога го сторив тоа, многу си ги подобрив оценките.“
Сепак, со убави манири и разговор нема секогаш да ја стекнеш наклоноста на некој наставник. Но, биди стрплив. Цар Соломон напишал: „Со стрпливост можеш да наговориш и заповедник [или наставник], и благиот јазик коски крши“ (Изреки 25:15). Остани смирен и зборувај благо кога со тебе не се постапува фер. Можеби твојот наставник ќе го промени мислењето за тебе (Изреки 15:1).
Ако наставникот не те разбира исправно или не е фер со тебе, како обично реагираш?
․․․․․
Како е подобро да реагираш?
․․․․․
Да се решат конкретни проблеми
Тоа што ќе бидеш свесен дека и наставникот си има свои ограничувања е само почеток. Но, што можеш да направиш за да решиш некој конкретен проблем? На пример, што би можел да направиш во врска со следниве поплаки?
Заслужувам подобра оценка. „Секогаш добивав петки“, вели Катрина. „Но, една година, наставникот по физика ми стави единица. А, заслужував поголема оценка. Моите родители разговараа со директорот. Но, наставникот само ми ја поправи оценката на двојка. Многу бев лута!“ Ако и ти имаш сличен проблем, немој веднаш да почнеш да фрлаш обвиненија против наставникот. Наместо тоа, учи од Натан, лик од Библијата. Тој имал тешка задача да разоткрие една сериозна грешка на цар Давид. Натан не му се пуштил на Давид со груби обвиненија, туку му пристапил тактично (2. Самоилова 12:1-7).
Слично на тоа, и ти би можел понизно и смирено да му пристапиш на твојот наставник. Ако направиш сцена или почнеш да го обвинуваш дека е неспособен или уште полошо, тешко дека ќе го придобиеш на своја страна. Потруди се да постапиш позрело. Почни така што ќе го замолиш да ти објасни зошто си добил лоша оценка. Потоа имај го на ум она што го напишал Соломон: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“ (Изреки 18:13). Откако ќе сослушаш, можеби ќе можеш да му кажеш зошто сметаш дека заслужуваш подобра оценка. Дури и ако наставникот не ти ја поправи оценката, најверојатно твојата зрелост ќе му остави убав впечаток.
Наставникот има предрасуди кон мене. Размисли за она што ѝ се случило на Рејчел. Таа била одличен ученик, но кога дошла во повисоко одделение, работите почнале да се менуваат. „Еден наставник правеше сѐ за да ме бутне по неговиот предмет“, раскажува Рејчел. Во што бил проблемот? Наставникот јасно им ставил до знаење и нејзе и на нејзините родители дека не му се допаѓа нивната религија.
Што се случило? Рејчел вели: „Секојпат кога беше очигледно дека наставникот дозволува неговите предрасуди да влијаат врз мојата оценка, мајка ми доаѓаше да зборува со него. По некое време, престана да ме малтретира“. Ако и тебе ти се случува нешто слично, собери храброст и зборувај со своите родители за тоа. Тие сигурно ќе се потрудат да разговараат со наставникот, а можеби и со училишниот наставнички совет, за да се најде некое решение.
Гледај малку подалеку
Се разбира, нема сите проблеми да се завршат мазно. Понекогаш едноставно ќе мора да издржиш. „Еден наставник гледаше многу негативно на учениците“, вели Тања. „Често нѐ навредуваше и велеше дека сме глупави. Отпрвин тоа ме доведуваше до солзи, но научив да не ги сфаќам лично неговите навреди. Се концентрирав на учењето и гледав да сум зафатена на час. Како резултат на тоа, не ме гњавеше многу, и бев една од малкуте што добија добра оценка од него. По две години, тој наставник доби отказ.“
Ако научиш како да најдеш заеднички јазик со некој тежок наставник, ќе научиш една вредна вештина — вештина што ќе ти биде од помош ако еден ден имаш незгоден шеф. А ќе научиш и да ги цениш добрите наставници.
Ти се чини дека никогаш немаш доволно време? Научи како времето да работи за тебе, а не ти да трчаш по него.
КЛУЧЕН СТИХ
„Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12)
ПРЕДЛОГ
Ако мислиш дека твојот наставник е досаден, концентрирај се на темата, а не на личноста. Прави си белешки, со почит поставувај прашања и биди заинтересиран за темата. Тоа ќе влијае и на другите.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Твојот наставник веројатно ја предавал истата лекција десетици, па дури и стотици пати пред други класови. Значи, можеби не му е лесно да ја изнесе со истата одушевеност како и првиот пат.
ПЛАН!
За некој досаден час да ми биде поинтересен, ќе ․․․․․
Ако сметам дека наставникот не е фер со мене, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто е поважно да се концентрираш на темата отколку на наставникот?
● Како твојот став кон некоја тема може да влијае врз ставот на наставникот кон тебе?
[Истакната мисла на страница 146]
„Многу се трудев да бидам во добри односи со наставниците. Ги знам по име, а ако ги сретнам на улица, гледам да направам малку муабет со нив“ (Кармен)
[Слика на страница 145]
Наставниците се како камења во река — ќе ти помогнат да преминеш од незнаење до знаење, но сепак ти мораш да го изодиш патот